Интервју со Aeon Arcanum

Интервју со Aeon Arcanum

Здраво Александар. Најпрвин, што ве натера да направите корекција на името на бендот, од Arcanum во Aeon Arcanum? Дали тоа суштински менува нешто во името и изразот на бендот?

Здраво Алек и најпрво би ти се заблагодарил за оддвоените минути за ова интервју! Па да почнеме со одговорите… Корекција на името од едно во друго направивме поради тоа што веќе постоеше бенд со име Arcanum за кој дознавме многу подоцна од самото формирање на бендот (во меѓувреме фати тоа ерата на интернетот ), а во суштина ништо не менува, само надополнува.

Каде го снимавте албумот, како сте задоволни со звукот, кој го работеше омотот и каква визуелна порака треба да ни пренесе?

Сминањето на албумот е едно големо патешествие што траеше две години, на милион места низ Скопје и Гевгелија. Најпрво беше снимен целиот албум, па поради нашите мегаломански потреби и поради тоа што сакаме да го добиеме тоа што ни тежи у глава, решивме да го преснимаме целиот албум и така испадна финалниот продукт за кој тотално е одговрен Ристо Алчинов кој ни го направи звукот на албумот топтан и ние така детски, бликнавме од радост. ☺ А што се однесува до омотот, го работев јас, а го досредуваше Даниел Јанев и визулено треба да претставува исто што и низ целиот албум се збори, односно за градбите и институциите кои стојат како вечни “споменици” над нас и не гмечат и не јадат и ни кажуваат што да правиме и како да се однесуваме, а се друго околу нас се руши, умира, а времето си тече и не гази, а ние сепак нигде не одиме.

Каква приказна ни раскажува вашиот албум “Monuments”? Каква е позадината и пораката на вашите текстови?

Па дел од прашањето ти го одговорив погоре, но како и да е, “Monuments” е едно парче музика кое е компонирано како една целина и секогаш ме радува кога некој ќе каже дека го ислушал од почеток до крај во еден здив. Инаку, за позадината на албумот, претпосавувам дека стојат годините поминати во оваа наша чудесна земја, транзицијата, технологијата, религијата, целата таа смеса на различни култури и музики, целата таа “не, ова не е твое, мое е” историја итн. Тоа мислам дека може да се забележи и во музиката во целиот албум.

Албумот е издаден од страна на Alatir Promotions. Добро е да имаме барем мали издавачи кои ќе ја возат оваа андерграунд приказна. Каква е соработката со нив и дали сте задоволни од досегашната продажба на албумот? Мислиш ли дека може да се вратите на позитивна нула?

Што е најчудно и јас слушнав дека албумот ни бил издаден од страна на Alatir Promotions, а и јас не сум знаел за тоа. ☺ Сами го издаденовме албумот со помош на многу луѓе на кои сме им благодарни, но сепак албумот не е под закрила на Alatir. А што се однесува до продажбата на албумот, од многу скоро почнавме да го продаваме албумот и засега оди добро сметајки на тоа дека албумот е бесплатен за симнување од нашиот официјален сајт, што значи само оние што навистина сакаат да го имаат и ќе го купат.

Дали домашната сцена се вклопува во твојата замисла за андерграунд сцената?

Најмногу! Имаме вкупно пет бендови кои излегле надвор од Македонија. Колку поандерграунд може да биде од тоа?

Наши бендови кои ги респектираш?

Ако одговорам на ова прашање ќе звучи дипломатски, односно лицемерно, така да ќе го кажам ова: живела Шведска, живела Англија! Толку многу ни влијаат што заборавивме дека има и друга музика, односно наша, македонска, балканска, медитеранска итн итн. Почнавме да свириме и да живееме друга култура. Ништо против таа музика, али со сигурност нема да ја свириме подобро од нив! Со секоја чест кон исклучоците и оние кои експериментираат.

„Рецензија“ за домашната сцена? Каде стоиме лошо и што би можело да се подобри? Нормално, во рамките на можностите, затоа што не можеме да очекуваме дека ќе имаме 10 000 луѓе како публика на концерти или пак издавач кој ќе продава огромни тиражи.

Ние со домашната сцена не ни стоиме. Лазиме и не газат. Смешни сме. Иновативност, тикви. Клубови уште потикви. Простории за пробање, гаражи конзерви. Може да се подобрат сите горенаведени работи, а постоење на “сцена” е фиктивна работа.

Мислиш ли дека социјалните мрежи имаат негативен ефект врз домашната сцена?

Единствено добро гледам во социјалните мрежи. Јас лично дојдов во допир со многу нови бендови, уметност, информации и секако пријатели преку овој тип на комуникација. И секако, до пред некое време албумот ни беше само во дигитална форма, што значи социјалните мрежи одиграа главен дел во ширењето на нашата музика.

Дали ни недостигаат андерграунд медиуми? Не мислам само на метал медиум и не мислам само на веб страници туку и фанзини и слични гласила?

Мислам дека немаме некоја потреба од тие работи, туку имаме потреба луѓето да бидат малку поавантуристи и да бараат нова и нова и нова музика и самите да пронаоѓаат нешто ново. Не за друго, го крева андреналинот кога сам ќе најдеш нешто што навистина ти се допаѓа. И најважно од се… не живееме во темна доба каде што ќе бидеш камшикувам и запален на клада зошто си локалниот врач што користел интернет.

Колку те интересира филозофско-политичката страна кај еден метал бенд? На што посветуваш поголемо внимание, музиката, визуелниот концепт или филозофско-политичката позадина на ставовите кои бендот ги изразува преку своите текстови?

Кога ќе заслушам некој бенд ме интересира се околу него. Сите од горенаведените работи придонесуваат да се направи една целосна слика за бендот. Но сепак секогаш музиката е на прво место.

Твојот однос кон религијата?

Религијата ти е како Дедо Мраз. Се е супер се додека не ти побара пари за да се сликаш со него.

Кажи ми топ 5 албуми за последниве 2 години(2011-2012) од светската сцена.

Ulver – Wars Of The Roses ; Луѓево се мајстори во секој поглед, прават една симбиоза од амбиент, електронска музика, акустични инструменти и една опасна атмосфера која вози низ целиот албум. Луѓето се од Норвешка. Изгледа им е ладно па седат по дома и прават музика по цели денови.
Steven Wilson – Grace For Drowning ; Човекот кој има позади себе има над 50 албуми и продолжува да прави извонредна музика.
The Mars Volta – Nocturniquet ; Ако има таква дефиниција за ретардиран, а најдобар сигурно ќе биде со илустрација од овие двајца шизофреници. Омар и Седрик. Најнеортодокесен албум кој го имам слушано во последно време. Всушност што и да направат овие е неортодоксно. Алал вера!
The Kilimanjaro Darkjazz Ensemble – From The Stairwell ; Ова е генијална, тивка и мрачна музика која доаѓа од дубините на Холандија.
Dead Can Dance – Anastasis ; Претпоставувам најлесно би го објаснил албумот како една модерна етничка фузија.
Една напомена: сите овие албуми заслужуваат голем број пати преслушување од почеток до крај, а не една-две реченици со едностано објаснување за нив. Ги препорачувам како лектира.

Кога може да се очекува нов албум од вас, во каква насока би се движел материјалот и дали Alatir повторно ќе бидат задолжени за издавањето?

Ние почнавме да спремаме нов материјал уште пред завршувањето на “Monuments” така да веќе сме навлезени и да ти кажам најискрено навистина незнаеме во која насока се движиме, зошто секој ден ни текнуваат нови идеи, менуваме аранжмани, менуваме цели песни. Планот е да има многу луѓе вклучено во овој албум, многу гости што свират најразлични инструменти. Во едно сум сигурурен… музиката ќе биде уште послоевита и поразлична од првиот албум.

Каква музика слушаш освен метал и колкаво влијание има тоа на твојот музички израз?

Воопшто неможам да ја делам музиката по правци, бидејќи одсекогаш сум слушал секаков тип на музика, а луѓето се повеќе еспериментираат со се и сешто и се ствараат најопасни фузии и се кршат тие граници како “ова метал и од овде почнува, а тоа не е…неможе да биде…види го какво е”. Инаку секако дека ми влијае новата и различната музика врз моето музички изразување. Овде се многу мал дел од работите во кои уживам во последно време: Ömer Faruk Tekbile, Djivan Gasparyan, Niyaz, Dead Can Dance, Current 93, Hexvessel, Vanja Lazarova, Bioscopia, Mizar, Nicolas Jaar, Shackleton, Nik Bärtsch, Ihsahn, Devin Townsend, Modeselektor, Burial, Code9, Shpongle, Juno Reaktor, Yudhisthira, Braincell, Sigh, Sergei Rachmaninoff, Richard Wagner, Laurie Andreson, John Zorn, Jaga Jazzist, The Ocean, Messugah, Clint Mansell, John Williams, Pero Defformero, Ayreon, Opeth, а ги има уште многу многу други кои прават еден музички каталог кој се проширува секојдневно.

За крај… Имам барање. Следниот пат кога ќе се видиме, сакам троа кочанска ракија(исклучиво сливова), за да видам какви се тие течности(или гасови) што му го сушат мозокот на Оцетот. Поздрави и честитки(може и честички)???

Честитки најмногу. Штета што немам роднини во странсво инаку би го искористил иселенчкиот џубокс во овој момент. Инаку, ти благодарам за интервјуто и јавно ти се извинувам за оддолговлекувањето и се надевам дека ќе ни наминеш накај Кочани па и ние да си ги исушиме мозоците со тие мистични течности, а не само некои да бидат превилигирани во тоа. :) Поздрав!

Интервјуирал: Алек