Интервју со Anacrusis

Интервју со Anacrusis

Anacrusis беа интересен бенд од доцните осумдесети и раните деведесети. Јас се заразив со нивниот албум “Screams and Whispers” од 1993-та година и токму тогаш се распаднаа. Кога дознав дека се реоформени решив да направам интервју.

Здраво Кен, што се случува?

Во Anacrusis кампот не се случуваат многу работи. Имавме неколку концерти по реоформувањето на бендот, па засега се е по старо.

Зошто се реоформивте повторно? Поминаа 19 години од вашиот последен masterpiece албум, “Screams and Whispers”.

Не поканија да свириме на Keep it true XIII фестивалот во Германија, но ние ионака сакавме повторно да свириме и покрај тивкиот распад на бендот во 1993-та кој помина без збогување. Бевме возбудени затоа што луѓето сакаа да не видат и слушнат повторно, по толку поминати години.

Имате ли материјал за нов албум? Во која музичка и текстуална насока би се движел?

Нашиот басист Џон, тапанарот Мајк и јас се занимававме со нов материјал за време на пробите во периодот од 2009-2011 година, но изгледа дека нема да има нов албум на Anacrusis наскоро. Имав напишано неколку песни дури и пред да почнеме да свириме повторно, но иако тие беа потешки, сепак звучеа многу мелодично. Се надевав дека ќе го комбинирам тој материјал со оној кој го свиревме заедно и дека ќе креираме нешто многу различно и посебно. Вежбавме една нова песна со наслов “The killer in my house”, која ја снимив на една проба на која тројцата импровизиравме. Џон свиреше некаква бас линија со Мајк, а јас нафрлував чудни гитарски делови. Подоцна, кога ја слушнав снимката, овие делови ми се допаднаа. Додадов неколку делови, го напишав текстот, ги снимив вокалите и додадов соло. Кога им ја пуштив песната на момците, тие не се сеќаваа на неа. Мислам дека стилот на песната беше некаде на средината од новиот материјал кој го работевме. Некои песни беа помелодични, некои беа поцврсти и дури имавме и thrash елементи кои наликуваа на нашите први албуми. Се надевав дека ќе снимам двојно ЦД со новиот материјал. Имавме околу 25-30 готови(или речиси готови) песни, кои јас ги напишав. Но, никој од нас нема време да се ангажира околу таков проект. Исто така, мислам дека ниту на останатите од бендот(па дури и фановите) нема да им се допаѓа музичката насока во која сакам да се насочам. Кога станува збор за креативноста(како пишувањето музика) јас сум против компромиси затоа што низ годините бев навикнат сето тоа да го правам самиот. По 20 години ние веќе не сме на истата фреквенција, па тоа може да ги направи работите тешки и непродуктивни. Имам јасна визија за тоа што сакам да го правам музички, но во основа и останатите би требало да се движат во таа насока. Некогаш го прават тоа, а некогаш не. Правењето и снимањето музика е хоби кое бара многу време, особено кога не си музичар постојано и знам дека има само неколку луѓе на земјава кои се заинтересирани да слушнат нешто ново од нас. Ако чувствувам дека тоа не е сосема во ред, тогаш не сум заинтересиран да правам нешто такво. Додека правевме проби(по реоформувањето) и свиревме концерти, мислам дека сите полека се заморивме од тоа. Недостасуваше искрата која ја имавме кога се реоформивме. Кога не напушти нашиот гитарист Кевин, отсвиревме уште неколку концерти без него. Како и со се останато, почнаа да се појавуваат старите проблеми, па затоа решивме да престанеме повторно, по фестивалот во Белгија, каде свиревме минатиот август. Можеби ќе снимам некои од новите песни во иднина.
Искрено, мислам дека се што издадовме со Anacrusis ќе избледне со годините затоа што ние се променивме, нашите фанови се променија и мислам дека е невозможно да се задоволат сите страни по толку големо отсуство. Го гледам тоа кај бендовите кои се обидуваат да прават нов материјал по долги паузи. Или се повторуваш, а тоа е досадно или се обидуваш да ги прошириш погледите, па тогаш сите велат дека многу си се променил.

Како беше да се биде прогресивен метал бенд пред 20 години, споредено со денешната прогресив сцена?

Не можам да зборувам многу за сцената денес. Долго време сум надвор од приказната и не ги следам денешните поагресивни бендови. Слушнав навистина одлични музики во текот на годините, но во поголемиот дел мелодијата беше сосема исчезната во корист на техниката на свирењето и агресивноста. Навистина е штета што многу малку бендови разбираат дека можеш да ги имаш сите овие работи на едно место. Јас сум мелодичен тип. Јас морам да имам мелодија. Ја ценам техниката во свирењето, но ако нема мелодија тогаш тоа воопшто не ме допира.
Што се однесува до „прогресивниот“ метал, јас никогаш не бев сигурен зошто нас не ставаа во таа група. За мене, прогресивен метал се бендови како Death, Cynic, Dream Theater. Тоа се бендови кои имаат музички виртуози. Претпоставувам дека некои од нашите аранжмани и идеи беа прогресивни во тоа време. Или можеби тоа беше резултат на комбинирањето различни стилови на пеење, мелодии, лични текстови и сето тоа со super-low tunning и heavy&soft музика заедно. Отсекогаш сметав дека прогресивните бендови треба да бидат на ниво блиску до Genesis, Rush или King Crimson. Но, што е тоа прогресивен метал ќе биде вечна дискусија. Јас го сметав Anacrusis за мелодичен треш бенд или бенд близок до old-school power бендовите како Metal Church или Savatage.

Што мислиш за споделувањето на музиката? Дали е тоа „криминал“?

Светот во кој денес живееме е различен од оној пред 15-20 години. Во 80-те и 90-те некој ќе купеше плоча или диск и потоа ќе ги преснимеше на касета на своите пријатели и претпоставувам дека тоа е истата работа. Крадењето музика стана толку лесно што изгледа дека е лудо да се плаќа за музиката доколку имаш некакво знаење со торенти итн. Имам купено музика вредна илјадници долари, но не можам да кажам дека не сум симнал милиони ем пе тројки. Тешко дека сум можел сите да ги преслушам, па дали тоа се смета како олеснителна околност, ха ха ха?
Јас го платив снимањето и печатењето на нашето издание „Hindsight: Suffering Hour & Reason Revisited“ и знаев дека за една недела откако ќе биде издаден, ќе се најде на секој сајт на интернет(и така беше). Во овој случај, сакав да направам нешто кое луѓето ќе можат да го држат во нивните раце, како нешто вистинско, но навистина е фрустрирачки кога ќе го видиш сопствениот труд како се растура наоколу, особено ако си навикнат да правиш милиони долари од него. Но, јас отсекогаш сум бил заинтересиран за бутлег и ретки изданија. Порано давав купишта пари за оние ретки студиски снимки на Битлси и лајв албумите на Пинк Флојд. Исто така, во деведесетите трошев и стотици долари на изданијата на Kiss кои ги наоѓав на старо, но со добар квалитет. За официјалните изданија е поинаку, особено ако парите се грабаат директно од нечии раце. Мислам дека постои тенка линија помеѓу „споделувањето“ и „крадењето“, но се разбира дека ако не си платил за тоа, си го украл. Сепак морам да признаам дека заради различни причини, имам многу малку симпатии за издавачките куќи. Можеби постои некој вид ривалство помеѓу бендовите и издавачите, но веќе со години издавачите ги диктираат нештата и многу пати ги злоупотребуваат бендовите или музичарите кои се очајни да ги издадат своите дела. Музичката сцена ќе биде подобра кога тие ќе исчезнат, а не гледам причина зошто и не би исчезнале. Луѓето сами ќе снимаат и издаваат и ќе ја шират својата музика без да бидат во ситуација да ги убедуваат тренди-издавачите да ја слушнат нивната музика. Чудно е тоа што поголемиот дел од комерцијалната „уметност“, без разлика дали е тоа музика или филм, ја избираат луѓе со многу пари и речиси нула познавања од уметноста. Се надевам дека тоа ќе се промени и се повеќе луѓе ќе имаат пристап во повеќе области со креативен аутпут.

Доколку снимите нов албум, дали ќе влезете во музичката индустрија за да го издадете или ќе одберете некаков алтернативен пристап? Дали ви е поважно да го издадете материјалот и да ја пренесете својата порака или можеби ќе „бркате“ издавач?

Мислам дека се надминав себе си во претходниот одговор, но да речеме дека веќе немам никаква потреба од издавач. Јас никогаш не се збогатив од свирење и со оглед на тоа што веќе не одиме на турнеи, не ми треба финансиска помош за тоа. Немам проблем доколку некој сака чесно да заработи некој долар. Доколку некој сака дозвола од мене за да продолжи да го промовира она што сум го напишал тогаш и со тоа немам проблем, но доколку имаме нов материјал, самите ќе го издадеме или ќе го ставиме онлајн. Сите оние кои се заинтересирани за тоа, ќе го најдат без потреба од промоција од некаков издавач.

Планирате ли неколку турнеи или пак се реоформивте за да свирите само локални свирки?

Само заради локалните свирки и оние настапи на фестивалите во 2010 и 2011 година. Не можам да кажам дека никогаш нема да свириме доколку добиеме интересна понуда, но засега немаме планови. Последен пат свиревме на Alcatraz Metal Festival, минатиот август. Не би можел да замислам дека повторно би одел на турнеја, но неколку off свирки би биле во ред, затоа што на досегашниве неколку потполно уживавме. Се видовме со старите пријатели, запознавме нови фанови и висевме со сите. Би го направиле тоа повторно.

Од што живеат членовите на Anacrusis?

Мајк Овен и јас сме во IT бизнисот. Тој е на networking страната, а јас сум програмер. Џон работи во music repair продавница, а Кевин беше сопственик на бар и се уште свири во кавер бенд кој обработува музика од седумдесетите и осумдесетите.

Каква литература чита Кен Нарди?

Јас сум христијанин, па се разбира дека ја читам и студирам бибилијата, како и други книги од теолошка/спиритуална природа. Ја сакам античката историја и отсекогаш сум бил заинтересиран за мистериозните нешта на овој свет. Исто така сакам книги кои обработуваат теории на заговор и исто така книги за тајните друштва. Се обидувам да учам нови нешта кога имам време за читање. Читам постојано, па така секогаш сум со десетина книги во исто време.

Знам дека ова е копање по твоето минато, но дали се уште стоиш зад пораките во твоите текстови од деведесетите?

Се разбира. Се што напишав во тоа време беше од срце. Можеби не ги гледам нештата како тогаш во целост, но текстовите се искрени и потполно ги опишуваат моите чувства и тоа што сум бил во тоа време. Повеќето од „пораките“ беа универзални. Пишував за љубовта, тагата, фрустрациите, депресијата, гневот итн. Овие работи не се менуваат со годините и покрај тоа што некои мои поконкретни верувања се променија, мојот поглед на светот остана ист. Отсекогаш сум бил конзервативен, кога станува збор за моите гледишта. Отсекогаш сум бил ваков, без разлика дали станува збор за мојот личен живот или политичките ставови. Отсекогаш сум бил поблизок до стрејт еџот. Никогаш не пиев претерано и не користев дроги. Секогаш сум сакал сериозни врски, па така за мене не постоеја групните забави. Бев поконзервативен од останатите луѓе кои ги среќавав на музичката сцена.

Зошто се распаднавте во 1993-та? Имавте одличен албум (Screams and Whispers) со кој можевте да направите голема кариера на метал сцената, доколку продолжевте да работите.

Едноставно, пораснавме и не сакавме да се занимаваме со музичката индустрија. Никогаш немавме некаква поддршка од нашиот тогашен издавач. Исто така имавме и проблеми во бендот(како и секој друг бенд), но мирно се разделивме и останавме пријатели. По последната турнеја која ја имавме, јас се разведував и тоа беше многу вознемирувачки за мене. Музиката беше последното нешто во моите мисли во тоа време, затоа што се обидував да си го средам животот. Работите се променети, особено кога ќе погледнам кон периодот кога ги издававме првите албуми и кога бевме во средно училиште. Тоа беше период кога требаше да се соочиме со „реалниот“ свет и период во кој свирењето ни беше прескапо хоби. Ние дури и не бевме свесни дека се разделуваме, но како поминуваше времето сето тоа ни дојде како олеснување од стресовите и фрустрациите кои беа дел од нас.

Дали песната “Too many prophets” ги отсликува твоите анти-религиозни погледи?

Песната не е анти-религиска. Или можеби е подобро да речам, не е само анти-религиска? Песната се однесува на оние кои постојано не предупредуваат за крајот на човечката раса, планетата земја и се останато. Сега, во 2012 година, песната е уште порелевантна. Мислам дека овие луѓе се само-деструктивни и со самото тоа сакаат да се случат такви работи. Песната се занимава со овој тип на проповедници, без разлика дали тие се религиозни, нихилисти или некој друг вид на луѓе кои ги извртуваат работите. Можеби следниот стих тоа најдобро го објаснува, “Wish, this wish…bent on ceasing to exist“.

“Answer me honestly, No more false transparencies” why should we “sound the alarm”?(ги оставам ова и следното прашање на англиски за да има поента со поврзаноста на дел од текстот со насловот на конкретната песна и сето тоа да има прашална форма. Морав да објаснам :D)

Оваа песна е слична како и “Too many prophets” и се занимава со тревогата која постоеше во доцните осумдесети и раните деведесети. Тоа беа времиња кога сите мораа да бидат закачени за нешто, со цел да изгледаат социјално свесни. Во шеесетите постоеше став дека ако не маршираш наоколу со некаков знак во рацете и ако не се бунтуваш против некого, тогаш си неинформиран и отсечен од општеството и големите светски неправди. Се сеќавам на едно шоу каде се доделуваа награди и секогаш кога R.E.M ќе освоеа награда, Michael Stipe доаѓаше на сцената со различна маица. Секоја маица имаше некаква порака однапред и изгледаше како да провоцира за да се види кој е социјално „најсвесен“. Немам ништо против човекот затоа што сум убеден оти тој беше инволвиран во многу области, но многу од луѓето тоа го земаа „здраво за готово“. „Погледни ме, јас учествувам во нешто“. Вообичаено не беше важно што е тоа, туку само колку да се види дека некој припаѓа некаде и е информиран. Идејата која ја вметнавме во спотот, каде луѓето држат празни знаци го претставуваше токму тоа. Ја напишав песната како „протест“ против таа хипокризија. Јас го „вклучував алармот“ за да посочам кон тоа. За жал, работите станаа полоши. Без разлика дали е тоа војната во Ирак, Авганистан, „окупирај го Волстрит“ или некоја друга појава, на секој загрижен индивидуалец доаѓаат илјадници бескорисни идиоти кои само сакаат да бидат дел од нешто. Претпоставувам дека еден на сто(или можеби илјада) има поим што се случува со овие движења. Кој ги финансира, какви цели имаат и каков импакт ќе има сето тоа на нивните животи.

What are the “tools of separation”?

Текстот за оваа песна го напиша Џон, нашиот басист, па затоа е тешко да зборувам во негово име. Од она што јас го контам, песната се занимава со предрасудите во нашето општество кои креираат бариери помеѓу различни групи на луѓе. Понекогаш тоа се богатите против сиромашните, понекогаш тоа е расистички проблем или конфликт поради различни убедувања. Ние сме родени без овие предрасуди, но како што растеме, учиме да се мразиме еден со друг заради разни причини. Треба да се обидеме да се вратиме кон детскиот начин на прифаќање на другиот.

Како ќе го завршиш ова интервју?

На тој начин што ќе ти се заблагодарам тебе и на сите фанови на Anacrusis кои ни дадоа можност повторно да свириме за нив. Последните неколку години беа посебни за нас и благодарни сме за овие нови искуства. Сега знаеме дека нашата музика може да живее дури и кога ќе го нема бендот.

Интервјуирал Алек