Интервју со Anguish Sublime

Интервју со Anguish Sublime

Anguish Sublime се бенд кој пред околу една деценија го среќавав само во фанзини, и тоа само како име. Пред извесно време ни испратија press release за нивното ново ЕР издание „Thornwinged“ кое излезе минатиот месец. Одлично андерграунд дело, исто како и неговиот претходник. Со Александар (гитаристот) имавме една подолга дискусија и решив да направиме интервју бидејќи ми се допадна како човек, а и бев импресиониран од нивниот последен материјал. На прашањата одговараа единствените активни членови од бендот, Александар (гитара, клавијатури) и Арпад (вокал).

1. Здраво момци! Бендот Anguish Sublime е оформен 1998 година, но првото демо „Among the Raven Skies“ доаѓа дури 2004 година. Зошто чекавте толку долго за да го претставите својот бенд со прва снимка?

Александар: Поздрав до тебе, твојата екипа и сите читатели на МкМетал! За да одговорам на ова прашање морам да се вратам на самиот почеток, што значи дека одговорот ќе биде долг. Всушност, сè почна така што Арпад и јас одлучивме со заеднички сили, нашите поединечни идеи, неговите текстови и мојата музика, да ги споиме во еден заеднички потфат и сето тоа, на одреден начин, да го подигнеме за едно скалило повисоко – така се создаде проектот, тогаш без име, но, можам да кажам, со јасна заедничка визија. Бидејќи јас и Арпад слушавме и сакавме слични бендови и имавме многу заеднички интереси, работата на тој музички проект брзо почна да дава резултати на креативен план. Многу брзо се создадоа солиден број песни, и се создаде идеја да се обидеме да собереме екипа и проектот да го претвориме во бенд, но излезе дека тоа не е толку лесен потфат. Релативно брзо најдовме гитарист, меѓутоа се покажа дека е многу потешко да се најде тапанар. Сега, зошто чекавме со работата на демото или какво било издание и зошто фокусот го префрливме на оформувањето бенд – тоа е прашање на кое навистина немам конкретен одговор. Веројатно мислевме дека оформувањето бенд на некој начин ќе придонесе и ќе го подобри креативниот процес, но и ќе го олесни самото снимање на материјалот, на начин на кој сакавме, па, едноставно, фокусот беше префрлен на таа страна, иако дотогаш веќе имаше песни за еден подолг албум, ако не и повеќе. Дури 2003 година успеавме да собереме комплетна постава, па тогаш, покрај вежбањето на песните за настапи, почна и конкретната работа на демото, за кое избравме 5 песни (дополнети со интро и аутро нумери) од кои некои беа направени на самиот почеток, 1998 година, а некои 2003 година, со намера да направиме еден пресек на она што ние сакавме да биде Anguish Sublime.

2. Кажете ни повеќе за името на бендот, зошто го избравте токму Anguish Sublime?

Арпад: Пред сè, сакавме да избереме назив кој звучи впечатливо но и уникатно, а бидејќи бендот/проектот се создаде под големо влијание на тогашната doom/death сцена од деведесеттите, сакавме назив кој во себе содржи некаква поетска меланхолија, да ја истакне атмосферата што ја всадивме во нашите песни, и од сите потенцијални имиња се сложивме дека Anguish Sublime најидеално ја опишува комплетната филозофија на бендот.

Александар: Набрзо потоа, Арпад го нацрта и првото лого на бендот, кое имавме намера да го користиме, кое можеше да се види во буклетот на ЕР изданието „Unveiling the Origin“, но малку подоцна го нацрта и логото за кое најпосле се определивме, и кое и денес го користиме.

3. По првото демо, поминаа 10 години за бендот да го издаде ЕР-то „Unveiling the Origin“. Зошто толку долга пауза?

Александар: Првата и најголема причина за десетгодишната дискографска пауза беше проблемот со поставата, но покрај тоа се провлекуваа и некои други причини, како неможноста да го снимиме материјалот онака како што сакаме, така и приватните причини…

Арпад: … а бидејќи квалитетот секогаш ни беше поважен од квантитетот, одлучивме да го почекаме моменетот кога ќе се создадат услови за снимање кои се најблиски до она кон што веќе долго тежнеевме – да направиме снимка со која навистина ќе бидеме задоволни.

Александар: Додуша, да бидеме сосема искрени, по разидувањето на старата постава, ентузијазмот во остатокот од бендот почна да слабее, но и голема енергија се трошеше на бројни обиди бендот, каков таков, повторно да се оспособи. Во неколку наврати, тоа нè доведе да престанеме со работа, но некако таа желба, која ја имавме јас и Арпад, она што сакаме да го кажеме преку музиката што ја создаваме, да не останат само „фајлови на компјутер“, туку и да ја споделиме со публиката, како онаа што нè поддржуваше сите тие години, така и со некоја нова, која можеби ќе се пронајде во она што го создаваме.

4. Тогаш, една година подоцна, доаѓа одличното ЕР „Thornwinged“ кое сега е актуелно и за кое најавивте тврди копии. Кажете ни нешто повеќе за последното ЕР издание, каде е снимено и зошто повторно е самоиздание?

Александар: Бидејќи олучивме на „сцената“ да се вратиме така што ќе објавиме ЕР издание, сметавме дека, со оглед на должината, не е особено смислено со тоа да се оди кај издавач, па одлучивме „Unveiling The Origin“ сами да го издадеме. Во понатамошната работа падна одлуката следното издание повторно да биде ЕР, и повторно, според истата логика, одлучивме повторно да го направиме истото. Паралелно со ЕР-то „Thronwinged“, почнавме со работа и на албум, така што за него имаме намера да контактираме некои издавачки куќи, па да видиме каде ќе нè одведе сето тоа. Инаку, изданијата ги снимавме во домашни услови, во „студиото“ кое од милост го нарекуваме „Ravenmoon studio“, со користење на релативно квалитетна опрема во која вложувавме со текот на годините.

Арпад: Моменталната ситуација во таканаречениот музички бизнис е таква каква што е, живееме во ера на дигитални изданија, а тоа, со доволно количество снаодливост, можеме и самите да го пласираме на „пазарот“, а и физичкиот формат на овие ЕР изданија е мошне ограничен, така што оваа варијанта ни беше побезболна, отколку да бркаме издавач. Но, кога станува збор за албум, ќе се обидеме да најдеме некој што е заинтересиран за соработка и издавање на истиот.

5. Логичо е да ве прашам, како тоа бенд кој постои 17 години да нема албум?

Александар: Тоа се прашуваме и ние самите, ха ха! Се шегувам, но ситуацијата на некој начин е интересна, бидејќи Anguish Sublime во текот на сите овие години создаде голем број песни, во моментов повеќе од 50, а притоа издадовме само 17. Постоеја разни планови, особено поврзани со издавање албум, но тоа некако секогаш се изјаловуваше. Или фокусот беше насочуван кон настапите, или турбуленциите во поставата нè попречуваа, или некои други причини… За нас е важно што 2013 година, на некој начин пресековме и одлучивме да продолжиме со работа на сите тие песни, при што се создадоа и некои нови, и да се фокусираме материјалот да ја здогледа „светлината на денот“ или барем „интернетот“. И, како што може да се види, тој план се спроведува на дело. Нашата намера е, да речеме, за една година да завршиме со работа на албумот првенец, кој, како што веќе реков, е започнат и мошне извлечен. Исто така, почнаа да се кристализираат идеи за некои идни изданија, но за тоа можеме да зборуваме во некоја друга прилика.

6. Како што можев да видам, членовите од бендот биле активни и во други бендови, но претпоставувам дека тоа било претходно. Како стојат нештата сега, дали сте активни во други бендови или можеби во некои други проекти?

Арпад: Јас и понатаму сум член на новосадскиот goth/doom/death бенд Tales of Dark… и тоа е се од моите активности надвор од Anguish Sublime. Во овие два бендови имам сосема доволно простор за креативност, а за некои други проекти во моментов немам ни време ни енергија. Изгледа дека и мене ме стигнаа годините.

Александар: Во последните 13 години јас всушност не ни свирев/работев во ниту еден друг бенд. Постоеја некои симфониски/оркестарски потфати, но во последно време не го правам ниту тоа. Кога станува збор за металците, некако чувствувам дека Anguish Sublime, засега, има доволна ширина за да ја задоволи мојата креативна жед, така што не работам а и немам некаква потреба да правам нешто надвор од тие рамки, за кои исто така сметам дека се мошне широки, но за тоа во следното прашање/одговор.

7. Кажете им на нашите читатели за вашиот музички правец? Како се развиваше бендот во текот на годините и што се случи во таа долга десетгодишна пауза? Што ве натера повторно да се активирате?

Арпад: Бидејќи од самиот почеток се определивме да создаваме музика која не е строго врзана за ниту еден од поджанровите на металот, мошне тешко е да се најде етикета која може да се залепи за името на бендот. Навистина има разни влијанија, кога станува збор за екстремната музика, корените ни се некаде во death/doom/black металот од деведесеттите, па дури и осумдесеттите, но и тоа како имаме влијанија и од класичната музика, филмската музика, па дури и поп музиката. Мислам дека atmospheric death metal е најприближната дефиниција за Agnuish Sublime, иако ни таа не открива ништо конкретно, што всушност и не е толку лошо.

Александар: Секогаш имавме проблем и самите да се класификуваме во некои од поджанровите на металот. Другите имаа навика да нè класифицираат во melodic death, што всушност не е точно. Како што објасни Арпад, се трудиме жанрот да не нè ограничува на некој начин, да не бидеме робови на одреден правец. Така, во песните на Anguish Sublime можат да се слушнат елементи од многу правци, како метал, така и други музички жанрови. Мислам дека и со демото покажавме дека се стремиме кон тоа да создаваме разновидна музика, испреплетена со разни елементи, неограничена во правците, но така што крајниот резултат секогаш носи еден своевиден печат и атмосфера. Исто така, би сакал да се осврнам на нашето претходно издание, ЕР-то „Unveiling The Origin“. Нумерите на тоа издание ги изведувавме во периодот додека бевме концертно активни, заедно со 6 песни од демото „Among The Raven Skies“, со што бројот песни со средно-брзо и брзо темпо преовладуваше во однос на побавните нумери, и мислам дека тоа е причината заради која не класифицираа во melodic death metal. Во неколку рецензии за претходното ЕР исто така бевме класифицирани во тој поджанр на металот, што, врз основа на самото тоа издание, можеби и би можело да се каже дека е точно. Меѓутоа, ако се набљудува демото, или пак некаква унија на овие две ЕР изданија „Unveiling The Origin“ и „Thornwinged“ како една целина, се добива целосната слика на она што всушност претставува Anguish Sublime. На вториот дел од прашањето одговоривме во некој од претходните одговори.

8. Дали сте концертно активни и дали сте свиреле надвор од Србија?

Александар: Во моментов не сме концертно активни. Постои намера да се направи барем еден концерт во Нови Сад, меѓутоа, кога? – тоа прашање останува сè уште неодговорено. Бидејќи во бендот моментално има само двајца активни членови, и еден помошен, така да се изразам, може да се каже дека тој факт донекаде ја намалува шансата реализацијата на тој концерт да се забрза. Можеби, доколку бендот е во полн состав, би постоела посилна намера и елан музиката на Anguish Sublime да се изнесе и преку живи настапи. Вака, целиот ангажман околу бендот е на грбот на двајца луѓе. Бидејќи, покрај креативната работа, се грижиме и околу продукцијата, веб присуството, маркетингот и промоцијата, графиката и подготовката на изданијата, практично сите елементи, кои кај многу бендови ги работи армија луѓе, сето тоа бара огромна енергија и на некој начин нè консумира така што недостасува енергија за дополнителен ангажман, како што е работата околу настапите во живо. Кога станува збор за настапи во странство, не сме настапувале никаде надвор од границите на Србија. Не дека сме немале намера, но едноставно не се укажала вистинска можност за тоа во оној период во кој бевме концертно активни (2004-2007).

9. Дали можеби планирате некаков спот за некоја песна од „Thornwinged“?

Арпад: Спот е во план, но сè уште се двоумиме за која песна конкретно.

10. Каква е позадината на вашите текстови? За што најмногу пишувате и какви се вашите теми? Дали текстовите ги претставуваат ставовите на членовите на бендот?

Арпад: Тематиката на текстовите варира од песна до песна. Секогаш се обидувам да пронајдам соодветна атмосфера која ги поврзува зборовите и музиката во една целина, бидејќи на тој начин се добива комплетна слика за она што всушност претставува Anguish Sublime. Некои од текстовите се занимаваат со односот на човекот со природата, и сеопштиот декадентен начин на живот кој го води човекот од модерното доба, не размислувајќи за генерациите кои ја наследуваат оваа планета од нас. Од друга страна, постојат текстови кои се занимаваат со некои лични внатрешни битки и емоции. Но, да речеме насловната песна на новото ЕР е со митолошки карактер, и се занимава со древното отелотворување на хаосот, каде повторно на некој начин се повлекува паралела со планетарниот хаос што нè опкружува.

11. Каква е во моментов метал сцената во Нови Сад, што се случува таму, освен што градот е популарен по Exit?

Александар: Хм. Ако зборуваме за андерграунд, не се случува многу. Мислам, Нови Сад и околината секогаш изобилуваа со мноштво бендови, некои навистина отскокнуваа со квалитет, но можам да кажам дека секогаш фалело тоа нешто, некое единство на сцената, такво што сцената навистина би постоела во вистинската смисла на зборот. Искрено се надеваме дека сето тоа во некој нареден период ќе се поправи и дека сцената ќе се разбуди и ќе зајакне, како новосадската, српската, така и регионалната, балканската. Но, освен тоа, еве, жештина. Има по некој концерт во клубовите, одвреме навреме, но и нема многу публика… Ќе биде подобро, веројатно…

12. Мое мислење е дека српската метал сцена е неколку чекори понапред, односно дека имате многу бендови кои имаат изданија, концерти надвор од Србија, имаат дури и странски и домашни издавачи и тоа е добро. Имавте дури и различни жанровски бранови, како што е треш металот сега. Како го коментирате сето тоа и каде е Anguish Sublime во целата таа приказна?

Арпад: Искрено, никогаш на таа „мапа“ на домашната метал сцена не успеавме особено да се одомаќиниме, најмногу заради причината што не сме концертно активни веќе долга низа години, како и заради тоа што не сме биле конкретно дел ниту од death, black, thrash метал сцената каде остекогаш владеат некои непишани правила како бендот треба да звучи, како да изгледа итн., а ние секогаш се водевме од сопствените визии и инстинкти. Дали тоа е добро или не – не знам, но се чувствуваме далеку послободни заради тоа.

Александар: Па, во принцип, кога станува збор за Anguish Sublime, кога почнавме со концерти, можам да кажам дека бевме многу добро прифатени и дека релативно брзо стекнавме одредена популарност. И, истата се одржуваше сè додека бевме активни во живо. Меѓутоа, долгата студиска тишина и концертната неактивност дефинитивно влијаеше. Светската сцена еволуираше, трендовите донекаде се променија, а тоа донекаде влијаеше и на домашната сцена. На некој начин, ние останавме таму каде што бевме и каде што го започнавме сето ова, без намери да пловиме во некакви трендовски води, едноставно со намера да работиме и да твориме онака како што сакаме. Исто така, исчезна и дел од таа публика, која можеби беше „загрижена“ за тоа што сме и што правиме и понатаму. Заради тоа, можеби е и проблем да се стекне поголем публицитет и популарност. Но, и покрај тоа, ние ќе продолжиме да работиме онака како што мислиме дека треба, со намера да останеме верни на себеси и на идејата што ја пренесуваме, со надеж дека во сето тоа ќе се пронајдат и некои други луѓе и дека ќе уживаат во тоа.

13. Имајќи го предвид претходното прашање, како вие ја оценувате српската метал сцена и дали сметате дека таа доживеа напредок? Дали нештата тргнаа кон подобро во последните 5 или можеби 10 години?

Александар: Мислам дека делумно веќе одговоривме на ова прашање. Не би рекол дека напредува, туку дека стагнира. Во нешто ќе се поправат работите, а во друго ќе се влошат…

Арпад: Некои работи тргнаа кон подобро, но менталитетот на луѓето е таков каков што е, така што без оглед на тоа што можеби околностите се поповолни, целата приказна не се развива во насока на некакво подобрување и зајакнување на сцената, туку сè тоне во некаков летаргичен амбис. Се разбира, свесни сме за фактот дека општата беспарица многу придонесува за тоа концертите да не се посетуваат во голем број, но се надеваме на некакво општо подобрување.

14. Препорачајте ни некои ваши бендови за кои сметате дека се вредни.

Арпад: Јас од домашните бендови (да речеме блек метал бендови) најмногу ги слушам и ценам The Stone, Kozeljnik и May Result кои навистина знаеја во текот на сите овие години да свират музика која секогаш претставуваше квалитет и која е рамо до рамо со странските бендови. Од death металот можам да ги препорачам Ashen Epitaph, кои со својот бескомпромисен old school пристап важат за еден од најенергичните бендови во живо на сцената. Од поновите бендови ми се допаѓаат The Father of Serpents, кои со својот doom ориентиран звук успеаја да го привлечат моето внимание. Има уште многу бендови (и метал, и неметал) кои свират навистина добра музика, но има премалку место сите поединечно да ги „изрецензирам“.

Александар: Арпад веќе спомена едни од моите „фаворити“, Ashen Epitaph. Покрај веќе споменатите, колку ова и да звучи како полу-само-промоција, тоа никако не е – отсекогаш сметав дека Tales of Dark… се еден од поквалитетните бендови од Србија, и еден вистински предводник на домашниот doom метал. Штета е што дотичните исто така слабо настапуваат.

15. Дали можеби сте слушнале некои македонски бендови и колку ја познавате нашата сцена?

Арпад: За жал, јас не можам да се пофалам со своето детално познавање на македонската метал сцена. Единствените бендови од вашата земја што ги познавам се Embriotomy, бенд со кој јас (како пејач на Tales of Dark) делев бина во неколку наврати, пред десетина години, и треш ветераните Санаториум, на нив се сеќавам уште од почетокот на деведесеттите, кога свиреа на легендарниот Hard Metal фестивал.

Александар: Ќе се сложам со Арпад околу одговорот на ова прашање. Покрај Санаториум и Мизар, слабо ја познавам македонската сцена.

16. Сега, кога „Thornwinged“ ја доживеа светлината на денот, како стојат нештата со медиумите (сајтови, фанзини, итн)? Има ли некаков позитивен фидбек?

Александар: Всушност, има. Добивме неколку многу позитивни рецензии, од САД, Унгарија, на разни метал портали и фанзини. Следејќи ги статистиките, „Thornwinged“ веќе постигна солиден број симнувања и прегледи. Сè на сè, не е лошо, задоволни сме. Се потрудивме, како и за претходното издание, на медиумите да им доставиме што покомплетен дигитален пакет – издание + прес кит + слики, со намера бендот да го претставиме во што попрофесионално светло. Но, како што често се случува, заради големиот прилив материјали кои им пристигнуваат на истите, се случува да помине одредено време пред медиумите да му посветат време на „мал“ бенд. Се надеваме дека наскоро ќе има уште рецензии, особено во домашните медиуми, кои овојпат доцнат.

Арпад: Само да се надоврзам – главно, позитивни се реакциите од странство, како што вели Александар, но заради некои причини домашните медиуми не се одѕиваат премногу. Се надевам дека и по тоа прашање ќе се случат некакви промени кон подобро.

17. Ако зборуваме глобално, тогаш, кажете ни, кои бендови и албуми ве изненадија позитивно, па и негативно, и зошто?

Александар: Ќе издвојам два албуми на кои во последно време им посветив многу време, бидејќи кај мене оставија многу позитивен впечаток. Првиот е најновиот албум на Paradise Lost, „The Plague Within“, кој според мене е многу импресивно продолжение на она што Paradise Lost го пружија во досегашната кариера, со него заокружија една повеќедецениска слика што ја создаваа. Вториот албум е „The Congregation“ од Leprous, кој од прва баш и не го „сварив“, но со текот на времето некако ми прирасна.

Арпад: Ух, има навистина многу изданија кои – дури не би рекол дека пријатно ме изненадија, туку ми ги оправдаа очекувањата. Последните изданија на бендовите како што се Dodheimsgard, Mayhem, Bloodbath, Bethelem, Empyrium, Paradise Lost, Forefather, Slaughterday, Bolzer, итн., се навистина одлични. На врвот на листата очекувани и изданија, во моментов ми се новиот албум на феноменалните Ghost, новото ЕР на норвешкиот бенд Wallachia, а со огромна желна го очекувам и новиот албум на My Dying Bride. Исто така, ужасно ме интересира што ќе успеат да направат Morbid Angel со новата постава. Изданијата што ме разочараа навистина не би ги споменувал, не е фер да зборувам нешто само затоа што не е според мојот вкус.

18. Тоа е сè, барем засега. Ви посакувам наскоро да го издадете првиот албум, па повторно да поразговараме!

Александар и Арпад: Ти благодариме многу за интервјуто и поддршката, се надевам дека наскоро ќе имаме можност да поразговараме и по повод нашиот прв албум, а дотогаш ти посакуваме сè најдобро и да продолжиш со квалитетната работа! Cheerz!

19. Заврши го интервјуто!

Александар и Арпад: Поздрав до тебе и твоите читатели! Horns Up!

Интервјуирал: Алек