Интервју со Artillery

Интервју со Artillery

Artillery се треш метал од Данска, формирани во 1982 година. Пукаа до 1990 година, па направија пауза од девет години и се вратија со албумот “BACK” во 1999 година. Потоа, повторно паузираа до 2009-та и тогаш повторно се вратија со албумот “When death comes”. Во 2011-та го издадоа одличниот “My blood” и се надевам дека со таква енергија еден ден ќе се „пензионираат“.

Здраво „стари“ трешери! Што се случува?

Добро е! Имавме одличен концерт во Шпанија, само што се вративме.

Морам да признаам дека сум заразен со вашиот албум „By Inheritance” и затоа сакам да ве вратам малку на тоа време. Дали сметаш дека деведесетите се златните години за треш металот(како следствен процес на осумдесетите) и зошто?

Всушност, мислам дека златните години за треш металот беа осумдесетите, но во раните деведесети поддршката почна да ослабнува заради гранџ движењето. Тогаш треш металот беше големо нешто, затоа што фановите сакаа потешка музика од онаа што ја свиреа вообичаените хеви-рок бендови.

Зошто имавте паузи помеѓу “By inheritance” и “Back” и помеѓу “Back” и “When death comes”? Лични проблеми или недостаток на испирација? Што се случуваше со членовите на бендот во тие периоди?

Флеминг не сакаше да свири во живо и ја изгуби посветеноста кон бендот и стилот. Мортен и јас свиревме во Missing Link во почетокот, Карстен беше фудбалски тренер а Питер беше во Америка. Флеминг пееше во Rubberband(кавер бенд на Битлси).

Дали вашиот камбек почнува онаму каде што застанавте со “By Inheritance”? Можеби е само мој впечаток но двата албуми(“When death comes” и “My blood”) ги имаат оние карактеристични мелодии кои ги имавте во раните деведесети. Дали немавте ништо ново да понудите па затоа се вративте кон почетоците?

Го свириме она што го сакаме и нема да има поента да се промени стилот на Artillery во нешто што ниту ние, ниту фановите не го сакаат. Музиката доаѓа од срцето!

Сакам да ги прошириме вашите погледи за некои теми кои ги разработувате во вашите текстови. Можеш ли да го објасниш вашиот контра-религиски став? Дали целиот бенд стои зад пораките во вашите текстови?

Најголемиот дел од текстовите ги пишува Сорен, значи тоа се во основа негови идеи, но и останатите во бендот не мислат дека религијата направила нешто добро. Но, ние не сакаме да ги промениме погледите на луѓето во врска со тоа. Дали ќе и веруваат на религијата е нивна одлука.

Се сеќаваш ли на песната “Bombfood”(одлична песна, особено текстуално)? Кажи ни нешто повеќе за вашите анти-воени ставови и ставови за политиката? Дали припаѓаш на политичка опција? Лична филозофија или симпатии кон некои филозофски правци?

Да, се уште ја свириме таа песна, одвреме-навреме. Текстот е на Флеминг, но сите во бендот сме против војната. Не се сложуваме околу тоа кој е најдобар во одредена политика, но тоа никогаш не претставувало проблем во бендот. (Не верувам дека човеков го разбрал прашањето; заб. Алек)

Мислиш дека метал сцената се променила додека бевте отсутни? Позитивно и негативно?

Интернетот направи големи промени, се разбира. Го олесна целиот процес. Pro tools, Cubase итн., го олеснија снимањето албуми за разлика од порано. Но, сето тоа си има и позитивни и негативни страни. На новите бендови им овозможи да бидат слушнати, на пример.

Како беше дочекано вашето реоформување од страна на фановите? Ве прашувам затоа што дел од новата метал генерација има поинакви гледишта на металот. Денес со музичката индустрија доминираат new-school-modern-melodic-pop-distorted-croporation friendly бендови. Што мислиш за тоа?

Ние навистина не се занимаваме со тоа, се обидуваме да го свириме она што го сакаме и да се забавуваме. Ќе бидеме благодарни се додека имаме публика. Изгледа дека имаме се повеќе млади фанови, а тоа значи дека на пазарот има место за оваа музика.

Еден извадок од песна, од вашиот нов албум “My blood” вели: “A timebomb set to blow, destroy all that you know, The decadence of the western world”. Објасни ја позадината и пораката на оваа песна?

Текстот е од песната “The Great”. Ова е можеби најконтроверзниот текст. Генерално, текстот зборува за судирот помеѓу западната цивилизација и остатокот од светот. Јас доаѓам од западниот свет и го сакам сопствениот животен стил, без разлика дали тој e декадентен или не. Се обидов да ја напишам песната од перспектива на личност која не доаѓа од западниот свет и која мисли дека нашиот животен стил е декадентен. Некои од не-западните луѓе имаат одредени непријателски погледи кон нашиот животен стил и тоа е она што тие редови од текстот го опфаќаат. Сакав да ја именувам песната со насловот “The Great Satan” како што некои луѓе го нарекуваат западот(или уште попрецизно, Америка), но го сменив насловот затоа што мислев дека ќе биде метал клише, доколку го има зборот “Satan” во насловот. Нашиот животен стил е одличен, тоа е иронијата.
Борбата помеѓу различните култури и погледите на животот е нешто што многу ме интересира. Чудно е како по толку години цивилизација ние се уште размислуваме како да ги прифатиме размислувањата на другите луѓе и нивниот начин на живот.

Дали сте задоволни од соработката со “Metal Mind Productions”?

Во основа, задоволни сме со се што прават.

Дали постои можност да ги видиме Artillery во овој дел на Европа? Дали планирате да го посетите Балканот?

Доколку има можност, би сакале да ве посетиме. Сме свиреле во Грција, Србија и Словенија(поминавме низ Македонија). Се надевам дека ќе имаме уште една шанса!

Едно интересно прашање: Како се носите со концертите, имате ли проблеми со „физичката подготвеност“? Не сте млади повеќе.

Немаме проблеми. Доколку ги споредиме првите настапи(по реоформувањето), мислам дека на сцената има повеќе акција. Без разлика на тоа што сме постари, се уште имаме енергија на сцената. И она што е најважно, се забавуваме.

Последниот коментар е ваш.

Ви благодариме за поддршката и голем поздрав до најпосветените фанови на светот, „Трешерите“!

Интервјуирал: Алек