Интервју со At The Gates

Интервју со At The Gates

На 4 декември ќе имаме уште една можност да ги видиме At The Gates во Скопје. По тој повод, со заеднички напор (заедно со Terrorvoid) успеавме да направиме интервју со At The Gates, за кои не треба апсолутно никаква најава.

1. Здраво момци, што се случува?

Здраво! На половина сме од американско-канадската турнеја со Behemoth и Wolves in the Thorne Room. Добар пакет, добри луѓе.

2. Помина многу време од вашиот камбек на сцената, многу концерти и два албуми. Но, да се вратиме во 2007 година. Кои беа причините зад одлуката да се вратите и да продолжите онаму каде што застанавте?

Мислам дека сите почувствуваме дека во нас сè уште имаше музика за At The Gates. За нештата да профункционираат беа потребни неколку години. А, потоа уште неколку години за да сфатиме дека треба да се направи нов материјал.

3. Како ги споредувате „At War With Reality“ и „To Drink From The Night Itself“ со албумите кои ги направија At The Gates тоа што се? Дали тоа е приказна која испишува поврзани поглавја или сосема нов почеток?

Дефинитивно не е нов почеток. Сè уште сме истиот бенд, иако постари, што значи дека имаме уште 20 години влијанија од културата и животот, воопшто. „At War…“ е наследник на „Slaughter…“, за добро и лошо, претпоставувам. Мислам дека е директен наследник на структурата. Задоволни сме, но со „To Drink…“ малку отстапивме. Би рекол дека е мешавина од сите периоди на At The Gates и во исто време поглед напред, нови идеи.

4. Кажете ни за приемот кај луѓето, откако најавивте камбек? Како реагираа луѓето?

Ако добро се сеќавам мислам дека повеќето луѓе беа возбудени. Барем концертите беа прекрасни.

5. Со оглед на тоа што сте присутни уште од раните деведесетти, каква беше метал сцената тогаш и каква е денес? Дали сметате дека At The Gates ја задржаа монументалната улога во светската метал сцена?

Сцената денес е навистина интересна со тони добри бендови од секаде. Беше мошне мизерно неколку години кон средината на деведесеттите и мислам дека многу бендови не го сфаќаа концептот – што е метал. Веројатно најголемата разлика од сега и осумдесеттите и деведесеттите е тоа што тогаш повеќето бендови беа добри. Сега има толку многу бендови што мораш да нуркаш низ плевелот за да најдеш некое зрно. Присутни се и ги има многу. Немам мислење за нашето место на сцената. Мислам дека е бесмислено да размислуваме за себеси на тој начин.

6. Дали мислите дека денешната метал музика го задржа бунтовниот звук од осумдесеттите и деведесеттите? Мислите дека бендовите денес посветуваат повеќе внимание на техничката страна на музиката отколку на идеите, текстовите, филозофијата?

Посакувам да имав повеќе време за да одговорам. Ова е интересна тема. Мислам дека бунтовниот дух на металот од осумдесеттите на многу начини беше детинест за тоа време и дека многу луѓе денес чувствуваат носталгија за нешто за кое биле премногу млади за да бидат дел од тоа. Тогаш металот беше многу помаргинализиран отколку што е денес и поголемиот дел од тој бунтовнички дух мислам дека доаѓаше од сето она што требаше да се издржи и доживее за да се биде металец. Досадно ми е кога луѓето сакаат да бидат контраверзни само заради контраверзноста. Сигурен сум дека треба огромна храброст да се свири метал во некои фундаментално религиски земји и слично, но не повеќе од тоа. И, да, многу бендови дефинитивно се премногу фокусирани на површинските нешта наместо на суштината.

7. Со оглед на тоа што во 1996 година заедно со Napalm Death бевте во Скопје, дали се сеќавате на нешто од тој настан? Нешто интересно?

Се сеќаваме на нешто, собиралиштето и бекстејџот. Имаше и река надвор во бетонот. Не се сеќаваме на многу детали за жал, но сигурен сум дека сеќавањата ќе се вратат кога ќе дојдеме.

8. Повторно, со оглед на вашето долгогодишно присуство на сцената, дали има некаква разлика кај публиката за време на концертите? Поминаа 28 години откако е оформен бендот, претпоставувам дека сте виделе многу нешта?

Не, мислам дека нема голема разлика. Металците се речиси исти, без разлика на времето и просторот.

9. Да ги чепнеме егзистенцијалистичките текстови на бендот од раните години. Мислам дека тоа е мошне позитивно со оглед на времето во кое се напишани. Што се смени во светот од тогаш до денес? Дали гледате светлина во темнината? Дали егзистенцијализмот сè уште е основа на вашите текстови?

Во моментов сум фрустриран и од луѓето и од светот. Информациите и знаењето никогаш не биле подостапни, а поголем дел од популацијата едноставно не е заинтересирана.

10. А во однос на новите албуми? Кои аспекти од денешното општество се содржани во „At War With Reality“? Каков е концептот зад текстовите на албумот?

Жалам, но ова навистина е прашање за Томпа (Томас Линдберг, заб. прев.), а тој не е тука во моментов. Но, албумот е под големо влијание на писателите од реализмот, претежно од Латинска Америка. Борхес, Сабато итн.

11. Сакав да прашам што значи насловот „To Drink From The Night Itself“, но дозволете да се обидам да погодам. Дали тоа значи „To Drink From The Art Itself“?

Знаејќи го Томпа, сигурен сум дека тоа е отворено за неколку интерпретации, но уметноста дефинитивно е една од нив.

12. Вашиот последен албум излезе во мај годинава, но дали можеби имате нови песни, нови идеи зад завесите?

Планираме да почнеме со пишување нов материјал додека сме на турнеја и веќе имаме неколку нови идеи. Но, нема да брзаме. Кога ќе имаме нов материјал за кој ќе сметаме дека е добар за албум ќе знаете.

13. Вашето последно видео издание („Purgatory Unleashed“) е од 2011 година, а оттогаш имавте многу концерти. Логично, дали имате планови за ДВД издание?

Засега нема таков план, но можеби во иднина.

14. Членовите на At The Gates се познати и од други бендови и проекти. Како сето тоа се совпаѓа со животот на At The Gates и обратно?

Функционираме според принципот „што ќе дојде прво“. Тоа е единствениот начин. Оној бенд што ќе букира прв, ќе тргне прв.

15. Можеби е чудно, но отсекогаш сакав да го прашам Томас што се случува со The Great Deceiver. Дали има шанси за ново издание или толку од бендот?

Изгледа дека е толку. Иако, никогаш не се знае. Види ги At The Gates!

16. Знам дека Томас исто така слуша не-метал музика, па дали може да ни препорачате некој таков бенд?

Неколку: Uran (од Гетеборг), Gnod, White Hills, Endless Boogie, Sleaford Mods, Mica Levi.

At The Gates во Скопје! 04.12.2018-Mкц

null

17. Дали имате омилени места кои ги посетувате за време на концертите? Каде публиката е најзапалива на At The Gates?

Јас сум љубопитна личност и се чувствувам привилегирано што имам шанса да го видам светот. Немаме многу време за да посетуваме места додека сме на турнеја, но кога има време за тоа, тогаш тоа е голем бонус. Вообичаено едвај чекам да ги посетам местата на кои не сум бил. А, што се однесува во метал публиката, секаде е прекрасна.

18. Се приближуваме до вашата втора посета на Скопје, уште нешто да дофрлите на огнот?

Едвај чекаме да се вратиме. 22 години се премногу!

19. На концертот ќе има луѓе кои ве гледаа и во 1996 година и претпоставувам дека ќе сакаат да разговараат со вас. Дали сте отворени за дружење?

Вообичаено, да. Само што понекогаш заради лоши прилики (недоволно спиење, лошо патување итн.) мора да се грижиме за себеси.

20. Пријатели, тоа е сè засега? Последни зборови?

Огромна благодарност за твоето време и за поддршката! Едвај чекам да се вратиме во Македонија. Како што реков, помина многу време.

Интервјуирал: Алек