Интервју со Black Pestilence

Интервју со Black Pestilence

Се сеќавате на Mortality од Прилеп? Виктор беше гитарист во бендот пред да замине во Канада. Таму оформи нов бенд, наречен Mark of Cain, со кој издаде два албуми, дури имаше и план за балканска турнеја и посета на Скопје, но за жал бендот престана да постои пред 2-3 години. Од тогаш Виктор работи со два нови бенда, Okazaki Fragments и Black Pestilence. Вториве недоамна го издадоа албумот наречен „Outsiders” и имаат убави планови за во блиска иднина. Повеќе за тоа во интервјуто со Виктор и Валакс. (Благодарност до Виктор кој ги преведе одговорите на Валакс од англиски)

1. Здраво Виктор, што се случува во твојот метал живот?

Здраво! Па во последно време нема многу, од страна на активност со бендови. Во моментов, времето е користено за планирање воглавно. А во меѓувреме, доста нови и добри изданија зачекувам, од кои некои се најдуваат на месечните патологии на мкметал.

2. Со оглед на тоа дека си од Македонија, кажи ни ја целата приказна. Живееше овде, замина таму, свириш метал.

Виктор: Кон крајот на 90-те се заинтересирав во екстремните стилови на музика. Запознав неколку луѓе во Прилеп кои се моја генерација, што евентуално почнавме бенд заедно – Mortality. Заедно се дружевме, најдувавме музика, работевме на бендот… Во почетокот на 2004 заминав од Македонија. Моментално сеу ште живеам во Канада. Па од кога се преселив во Канада, животот не запре – продолжив со средно образование, продолжив да “копам” нова музика, па и запознав нови фаци со кои исто оформив нов бенд – Mark of Cain. Малку беше потешко во тие години во Калгари (градот во кој што сум), поради тоа што метал сцената беше малку “тивка”. Панк сцената беше доста активна, но откако почнавме со Mark of Cain, така и метал сцената полека почна да се дига: почнаа нови промотери да изникнуваат, повеќе концерти да се одржуваат, повеќе странски бендови да се носат… И така натаму. Еден од тие промотери е Scarab Productions, кој околу 7-8 години го организираше локалниот метал фестивал, Noctis Valkyries. Scarab Productions ни има доста помогнато додека Mark of Cain постоеше, а исто, доста ја дигна и метал сцената во провинцијата Алберта. Паралелно од сето тоа, се уште ја пратев Македонската метал сцена во тие години, па и сега до некој степен. Во тоа време имаше IRC на кој имаше мкметал канал, мкметал форум, порталот почна да се гради, нарачував Вампирзин додека се издаваше… Доста нови бендови ми текнува во еден период почнаа да се појавуваат во Македонија. Бев задоволен со што имав како да останам во контакт со луѓе од Македонија и во глобала со метал сцената, па исто и до ден денес.

3. Ова интервју е за твојот бенд Black Pestilence, па кажи ни малку повеќе за бендот.

Виктор: Се придружив во бендот во Март 2013. Валакс е главниот член кој го почна бендот. Прво како “one-man-band”, а потоа почна и со луѓе да соработува. Тој можи да ви одговори по конкретно…

Валакс: Black Pestilence го почнав како соло проект во 2008 година. Оригиналниот звук беше груб и бучен black metal со минимални punk елементи. Во текот на 2010 година, собрав луѓе за да ми помогнат со живи настапи. Како што поминуваше времето, бендот адаптира повеќе punk и електронски влијанија со кој звукот доволно се измени. Веќе 7 години активно работам на бендов, имаме четири full length изданија, два официјални видео-спотови и во моментов е со потполна постава.

4. Black Pestilence има три изданија помеѓу 2009 и 2013 година. Дали оттогаш има нешто ново?

Валакс: Да, има. Во 2014 го издадовме првиот 12" Split Vinyl албум, Cyber Disarray, а на почетокот од оваа година го издадовме нашиот четврт full length албум, Outsiders.

5. Не можев да видам дали албумите се self release или преку издавач. Како и да е, кажи ни ја приказната зад тоа.

Валакс: Во суштина, сите албуми се само-издадени. Единствени албуми кои беа издадени под издавачка куќа се Tradition is Obsolete (2011) и In Defiance (2013). Беа издадени под Fungi Entertainment. Ова беше моја мала издавачка куќа и дистрибуциска компанија која постоеше околу три години. Во моментов не постои повеќе, а и немам планови за рестарт во иднина.

6. Бендот комбинира блек метал и панк музика и тоа звучи одлично. Кои се музичките влијанија на бендот?

Валакс: Малку ми е комплицирано да ги набројам сите бендови и музичари кои влијаат на звукот од Black Pestilence. Во глобала слушам многу различни жанрови на музика, од секакви врсти на metal, до punk-rock, па и до електроника. Користам уникатни елементи од сите различни жанрови и ги спојувам во еден дефиниран звук. Резултатот од тоа е звукот на Black Pestilence.

7. Следствено, дали Black Pestilence е метал или панк бенд? Опиши ја врската помеѓу тие два жанрови.

Валакс: Black Pestilence го опишувам како black metal бенд со влијание на punk и noise, но во текот на времето, звукот полека се смени, и punk-rock жанрот повеќе доминира. Punk-rock и metal одсекогаш делеле заедништво, така да, кога компонирам, се придржувам до структурата на punk песни (доловливи рефрени/строфи, банда-вокали, брзи темпа, итн.), а во меѓувреме, користам уникатни елементи и инструментација од metal (рапави вокали, double kicks, привремени бластови, итн.). Без разлика колку punk елемнти користам, се уште гледам кон Black Pestilence како metal бенд.

8. Кажете ни нешто повеќе за вашите интересни спотови. Колку тие ја носат текстуалната порака на бендот?

Валакс: Отсекогаш пробував да ги држам текстовите во директна конекција со визуелноста на видеата. Спотот на In Defiance содржи слики на немири и востанија. Овој спот директно се поврзува со текстовите на песната, бидејќи содржи спротивставување на социјалните неправди и конструкциите на општеството. Содржината на спотот на Unseen Force е “предавство”. На крајот од видеото, предавникот е убиен од личност, кој самиот предавник немал директни намери да влијаат кон таа личност со нивните активности. Поради ова песната се вика Unseen Force.

9. Што е со маските кои ги носите? Дали тоа е само естетски момент или има некакво значење и порака?

Валакс: Тоа почна како визуелен изглед. Но, сега еволуира во свое значење, како Black Pestilence симбол. Ништо повеќе, и ништо помалку.

10. Кажете ни повеќе за позадината на вашите текстови. Изгледаат директни и in your face.

Валакс: Текстовите што ги пишувам се поврзани со моите секојдневни искуства и идеологии. Многу од текстовите рефлектираат специфични социјални проблеми кои сигурно се случуваат и ден денес. Други текстови како Horns for the Devil се ништо повеќе од “party song” фалејќи го LaVayan Satanic начин на живот.

11. Забележав анархистичка врска помеѓу текстовите, но исто така и во вашите спотови. Дали тоа е вистина или е само моја интерпретација?

Валакс: Не би рекол дека текстовите се поврзани со анархија. Повеќе се врзани кон рушење на социјалната структура која го регулира начинот на кој ние размислуваме. Постои нов начин на социјални реформи, како и израз меѓу поединци, каде што не треба да се срамат од своите уникатни и оригинални идеи.

12. Тогаш, ајде малку подлабоко да навлеземе во текстовите. Кажете ни нешто повеќе за песната “Voiceless Generation”. Повеќе од она што го зборува текстот. Зошто избравте да ја наречете безгласна?

Валакс: Технологијата доста го има сменето начинот на кој се изразуваме и како комуницираме помеѓу себе. Денес овозможено ни е да комуницираме и без изговор доколку сакаме. Во исто време, технологијата ги довела некои луѓе и до овој степен. Изговорот е она што не дели како луѓе од другите видови суштества. Технологијата го измени ова дозволоувајќи им на луѓето да се кријат позади компјутери или да не одговараат на нивните телефони. Оваа песна се фокусира на тоа како луѓето се изменети како резултат на истото. До некој степен, некој би се согласил дека го губиме човештвото во нас.

13.” I see past your dogma and your stupid games, A worthless politician, your work is in vain, The truth is apparent and the deal has been done, Now you’ve been exposed, it’s time to fucking run”. Ќе се сложам дека политичарите треба да си заминат, но, ве прашувам, дали некој друг треба да го заземе нивното место?

Валакс: Апсолутно дека некој друг треба да дојде на нивно место. Нас ни треба социјална и политичка промена. Сепак, анархија не е реална опција кога би сакале да се одржи кохезија меѓу џиновска популација.

14. Виктор, дали сè уште ја следиш македонската метал сцена? Кои се твоите омилени македонски метал бендови?

Виктор: Па ја пратам колку што можам. Се што дознавам за македонски метал бендови е преку mkmetal.mk воглавно. Навистина ми е мило да видам еден светски познат портал metal-archives.com се поднаполни со документација на македонски метал бендови. Знам дека пред 7-8 години беше далеку по сиромав. Денесе се бројат над 90 бендови. Иако се уште делува сиромаво, е далеку подобро од она што беше. Во последно време го плешам албумот на Ambroz, Into the Endless Void. Пред некој месец, другар ми Горјан од Прилеп ми го подари дискот, па од кога ми е достапен албумот, доста често го слушам. Може да се речи дека во моментов Ambroz ми е омилен македонски бенд.

15. Mortality беше еден од твоите први бендови, дали би размислил за реоформување или можеби за довршување на материјалот на кој работевте тоа време?

Виктор: Па не го гледам како нереално, но само не планирано.

16. Колку Black Pestilence се концертно активни?

Валакс: Па пробуваме да свириме на концерти колку што е возможно. Во последно време, малку паузираме, поради тоа што ја планираме нашата Европска турнеја. Сигурен сум дека до наредната година ќе свириме почесто на концерти.

17. Кажете ни за вашите омилени концерти, каде, со кого и зошто?

Валакс: Едни од најдобрите концерти се со Албертанскиот бенд, Villainizer. Имаме свирено со нив на многу концерти, и во Калгари (нашиот град) и во Едмонтон (нивниот град). Отекогаш биле одлични концерти бидејќи музиката ни е доста слична, но сепак многу различна во порака и содржина. Публиката секогаш била хулиганска во позитивна смисла, што секогаш завршувало со одлична и забавна вечер.

Виктор: Би се согласил со Валакс. Незаборавни концерти се со Villainizer. Сепак, ќе спомнам дека лично за мене, незаборавна, а и “омилена” вечер е во Летбриџ (градче во јужна Алберта). Во тој период боледував од специфична болест… како и да е, да не должам… дента пред да заминам за Летбриџ, имав многу големи болки. Во текот на денот/вечерта, испив 7-8 oxycontin апчиња за да ми помогни со болките. Тоа е ненормална количина за да се конзумира во еден ден, но сепак, некако го преживеав денот и успеав да отсвирам со Black Pestilence таа вечер.

18. Дали има некаква шанса да ги видиме Black Pestilence во Македонија?

Виктор: Се надеваме! Планираме да идиме накај балканот, па ако испадне како што планираме, Македонија е обавезно во рутата.

19. Идни планови? Нов албум, нови спотови?

Валакс: Во моментов ја планираме нашата прва европска турнеја. За нов албум, се надевам наредната година, но за сега немаме никакви планови за тоа.

20. Виктор, дали можеш да ни кажеш нешто повеќе за твојот бенд Okazaki Fragments?

Виктор: Бендот траеше скоро две години, но, некои од луѓето одлучија да го прекиниме бендот поради непознати причини. Имаме само едно издание, Abandoned, и е достапно бесплатно на bandcamp и www.okazakifragments.com.

21. Што се случи со Mark of Cain?

Виктор: Тапанарот одлучи да се пресели во Ванкувер поради факултет. Од тогаш тројцата (јас, Шон и Тајлер) одлучивме дека е најубаво да му ставиме крај на бендот, него да бараме нов тапанар. Поминавме долги години заедно и конечно, за жал, кон крајот на бендот, најдовме една перфектна хемија помеѓу тројцата, и новиот материјал доста брзо и ефикасно се зацелуваше. Одкако го издадовме последниот албум End of Men, го отсвиривме само еднаш во жив настап, и тоа ни беше последен концерт. До пред некое време, со Шон работевме заедно и на Okazaki Fragments.

22. Тоа е сè, ви оставам да го завршите интервјуто.

Виктор: Благодарам за интервјуто, и се надевам ќе се видиме во Македонија!

Интервјуирале: Алек, Пецо