Интервју со Born For Slaughter

Интервју со Born For Slaughter

Born For Slaughter е домашна крастерска машинерија (една од ретките од својот вид) со скромна дискографија и богато концертно портфолио. За три дена ќе имаме можност да ги видиме во живо заедно со Турците Cenotaph. Еве што имаа да кажат пред концертот.

1. Здраво дечки, што се случува?

Здраво Алек, во моментов се подготвуваме за нашата европска турнеја, правиме проби го подготвуваме мерчот.

2. Дали може краток историјат за бендот?

Born For Slaughter е бенд од Скопје/Струга формиран во 2010 од страна на Дејан Јовановиќ-Зеко и Ергин Мамудоски. Членови од првата постава се Милан Попоски – гитара и Ивица Мицевски – вокал, а сегашни членови освен Зеко – гитара, вокал и Ергин – бубањ се и Фиxа како вокал и Александра Јовановик Солти – бас гитара. Во 2011 почнавме со снимање на првото издание, во 2013 ја имавме нашата прва европска турнеја. Во периодот помеѓу 2013-2014 работевме на нов материјал, а пролетта 2014 направивме уште една европска турнеја.

3. Колкаво е дискографското „портфолио“ на Born For Slaughter?

Досега, Born For Slaughter има 3 изданија: првото издание е сплитот ЛП со Silence Means Death од Белгија издадено 2013 год, второто издание во 2015 год е сплитот ЕП 7’ со Muteri од Шведска и третото самостојно ЛП 12’ one sided излезе оваа година.

4. Каде се движите музички?

Како и да е темелите секогаш ќе останат вкоренети во DIY сцената. Потекнуваме од панк школата и нејзината филозофија на тој начин сме едуцирани и созреани како личности, меѓутоа врз нашата музика имаат извршено влијание многу повеке жанрови така што не сме ограничени музички, но, сепак основата на која твориме е metal/crust.

5. Бидејќи сте концертно многу активни (претежно надвор од државава) дали може да ни кажете какви се следните планови во врска со тоа? А, кога сме веќе тука, кои земји досега сте ги посетиле?

Следува септемвриската 18 дневна европска турнеја на која ќе свириме во земјиве од Балканов и главно Западна Европа. Инаку еве неколку од земјите кои ги имаме посетено: Германија, Швајцарија, Австрија, Холандија, Белгија, Франција, Италија, Ческа, Словенија, Полска, Хрватска, Романија, Србија, Бугарија, Унгарија.

6. Од она што досега имам слушнато од вас можам да кажам дека имате одличен звук на изданијата. Следствено, ме интересира, каде и како снимате?

Изданијата се снимени на различни локации поточно во различни студија. Првото издание т.е сплитот со Silence Means Death е снимено во Бла Бла студио кај Идриз Амети со полусолидна опрема и материјалот е снимен без метроном, секој посебно. Другите две изданија ги снимивме во студио Мечкаров, Кисела Вода во многу подобри услови од предходно, почнувајки од опремата до самото студио каде снимавме секој посебно, но со метроном. Најзаслужен за звукот на сите изданија е продуцентот Ристо Алчинов-Марас.

7. Кое е вашето последно издание и нешто повеќе околу тоа?

Како што веке спомнавме нашето последно издание е самостојното ЛП 12’ one sided Born For Slaughter кое излезе оваа година и плочите ги очекуваме да пристигнат во секој момент. Изданието се состои од 5 песни на едната страна, додека на другата страна од плочата се наоѓа изгравиран артворк.

8. Каде се движите текстуално? Што опфаќаат вашите текстови? Каква е генералната порака што се крие зад нив?

Текстовите ги пишуваме сите и придонесуваме како индивидуалци да се оформи лириката. Некои од нив се политчки, а некои попесимистични и мрачни. Најмогу зборуваме за секојдневната апатија, депресија, антипатија кон човештвото и неговите креации, со еден збор ги критикуваме сите конвенционални идеали во општеството од кои сите страдаме. Генерално во позадина секако ја носиме таа анархо филозофија.

9. Born From Pain и анархизам. За каков анархизам станува збор, зашто знаеме колку струи се изродија и се испреплетуваат.

Пред сè, на оваа тема има многу да се зборува, но најкратко што можеме: појаснување на самото име на бендот Born For Slaughter (роден/и за касапење/колење) но, не во буквална смисла туку симболички роден/и за уништување на поединечната свест, роден/и за да станеме дел од политичката и општествената хиерархија. Моментот на самото раѓање на поединецот и неговото апстрактно вметнување во одреден систем или класа, со цел негово полесно контролирање од страна на државниот систем. Немање сопствен избор со што се искористува самиот зачеток на животот и моментот на несвесност за тоа каде и кои сме, несвесност за самиот јас и притоа одредување на националноста, верата и добивање на број, автоматски стануваме вметнати во системот. Оттука освестувањето на поединецот и неговото одделување од толпата секако води кон анархизмот како една филозофија, целина составена од ставови која се стреми кон отфрлање на сите наметнати вредности, групирања, мислења и прифакање на различностите. Дефинитвно анархо-синдикализмот за нас претставува една од најважните струи на анархизмот и е нешто кон што се стремиме, самоорганизација, напуштање на наметнатиот систем и преземање директна акција како работничка класа и дел од движечката сила во општеството.

10. На 25 август ќе свирите со турските бруталци Cenotaph. Како дојде до тоа? Брутален дет метал бенд со анархо-краст?

Идејата секако е на организаторот Зиле од Formless Teror, бевме поканети од негова страна. Што се однесува до различноста на бендовите, кај нас нема доволно свирки, па и активни metal/crust бендови за да може да направиме само таков тип на свирка.

11. Спотче? Наскоро? Или не сте по такви работи?

Спот од свирки ако се важи за спот.

12. Ме интересира, какво е вашето мислење во врска со домашната сцена?

Доколку го споредиме минатото со сегашноста, работите не одат баш добро да бидеме искрени. Генерално гледано во Македонија произлегле бендови што навистина извршиле огромно влијание на сцената, меѓутоа заинтересираноста станува сè помала и помала. Покрај тоа недостасуваат и многу други работи за да имаме некаква сцена, односно освен поддршката, тука се и фестивалите, свирките, фанзините, различните гледишта итн. Се наоѓаме во стагнација.

13. Последните зборови се ваши.

Фала на поканата за интервју.

Интервјуирал: Алек