Интервју со Cattle Decapitation

Интервју со Cattle Decapitation

Понекогаш не чувствувам потреба да напишам некаков вовед за некој бенд. Исто е и со Cattle Decapitation, но тоа не значи дека бендот не го бидува, туку дека е приказна сам по себе. Иако не се музички уникатни, сметам дека се умствено уникатни и конзистентни, бенд што држи до своето. По „Monolith of Inhumanity“ во 2012 година, се враќаат со нов албум во август годинава „The Anthropocene Extinction“. На прашањата одговараше нивниот вокал Тревис Рајан, кој беше експедитивен кога станува збор за контактот и интервјуто.

1. Здраво момци. Дали може накратко да им го претставите вашиот бенд на нашите читатели?

Ние сме американскиот бенд Cattle Decapitation. Постоиме од 1996 година, а од 2002 година патуваме низ светот ширејќи го gore-от.

2. Што прави бендот во моментов? Го најавивте „Anthropocene Extinction“ за август оваа година. Што ново ќе им донесе на слушателите?

Се подготвуваме за турнеја и за новиот албум. Тоа е многу досадно, но се надевам дека ќе се исплати на крајот! Новиот албум ќе биде добредојден за фановите на нашиот претходен албум „Monolith of Inhumanity“. Ова го кажувам затоа што извлековме големо влијание од позитивните реакции на фановите за тој албум и мислиме дека ќе бидат среќни со она што го направивме. Гостуваат Phil Anselmo, Authoir & Punisher и басистот на семоќниот дарк метал бенд Bethlehem, Jurgen Bartsch. Исто така, има многу други елементи, многу „подеми и падови“, повеќе амбиентални и атмосферски премини кои помагаат да се раскаже приказната за светот уништен од луѓето.

3. Се сеќавам дека во едно ваше интервју кое го читав одамна, рековте дека сите имате секојдневни работи и дека не можете да живеете од дет металот. Дали тоа е сменето?

Тоа не е сменето и изгледа дека никогаш нема да се смени, да бидам искрен. Овој вид музика доаѓа од срцето, не копнееме за платена кариера. Од ова не може да се направат многу пари. Добро поминуваме кога сме на турнеја, но тоа е неопходно. Јас имам 40 години и не можам да го правам ова ако не ги платам сметките додека сме на турнеја. Кога не сме на турнеја, сите мораме да работиме и секогаш ќе биде така, тоа не ни пречи затоа што знаевме дека ќе биде така.

4. Речиси 13 години соработувате со Metal Blade Records и тоа е мошне голем период, а нема многу бендови кои ги задржуваат издавачите толку долго. Дали може накратко да ни кажеш нешто повеќе за таа „врска“ помеѓу бендот и издавачот? Тоа мора да е интересна приказна.

Имаме одличен однос со нив и изгледа дека станува уште подобар. Имаше и лоши моменти но секогаш е така во секој вид врска. Тие повеќе се грижат за бендот и во САД и во ЕУ од порано и тоа е добро.

5. Уште едно интересно нешто за Cattle Decapitation e вегетаријанството. Со оглед на тоа дека е веќе познато нешто за вашиот бенд (но е мошне ретко на метал сцената), нема да ве прашувам за движењата за ослободување на животните кои се поврзани со тоа… Но, какво е вашето мислење, како ги третираме животните, и луѓето исто така, како ја уништуваме човечката природа?

Josh и јас сме единствените вегетаријанци во бендот – успешно го одржувавме бендот во оваа насока 12 години, но беше прашање на време кога нема да бидеме во можност да го најдеме вистинскиот музичар кој исто така ќе биде вегетаријанец. Сè додека луѓето се на планетата Земја, животните во светот секогаш ќе бидат прогонувани, третирани и уништувани заради многу причини, повеќето од причините немаат никаква врска со храна или опстанок. Сето тоа за неважни причини. Најмногу сме загрижени од американската месна индустрија, а не за осамените ловци во дивината кои мораат да убиваат за да опстанат.

6. Дали сте помислиле за ДВД издание?

Да, но не сум сигурен дека можеме да си го дозволиме од финансиски аспект. Трошокот за албум и ДВД издание е речиси ист, но со интернет симнувањето, не гледам никаква корист за издавачот или кој и да го финансира таквото издание. Ќе ни треба професионална работа со камера, снимање и миксање исто така, совршена публика за да се реализира сето тоа. Па, заради овие причини, секогаш им велам на луѓето да не очекуваат такво нешто од нас. Иако, би било кул.

7. Кога станува збор за вашите спотови, колку се трудите да ја имплементирате пораката која стои зад текстот од конкретната песна? Дали тоа ви е важно?

Ова е чудно. Кога треба да снимиме спот, практично немам идеи, па се обидувам да ја префрлам топката кај режисерот. Потоа, работам со него со цел неговите и визиите на бендот да се совпаднат. Тоа може да биде проблем на следниот албум затоа што во моментов немаме некој што може да го направи тоа што го сакаме. Бараме опции, но мора да биде направено на вистински начин. На нашиот последен албум беше многу полесно – спотот за песната Forced Gender Reassignment беше повеќе експеримент – што ќе се случеше ако го изложевме текстот во спотот? Добивме фанови, но исто така и ги загубивме. Многу луѓе беа (и сè уште се) разлутени заради спотот. Претпоставувам дека луѓето веќе не ги читаат текстовите затоа што текстот одеше на екранот паралелно со песната, но никому не му беше грижа какви текстови пишувам. Кога ќе им го принесеш тоа на луѓето со лажица, одлепуваат. Беше забавно, но не сум голем фан на такви нешта.

8. Претпоставувам дека е природно да прашам дали во бендот постои некаков социјален активизам, претпоставувам не целиот бенд, но некои членови? Што мислиш за членовите од метал бендови кои се активни во разни социјални области, бидејќи има многу бендови кои сакаат да кажат нешто повеќе од „gore, death, hate“ итн.?

Cattle Decapitation е еден вид мој личен вентил за таквите нешта. Сакам кога луѓето повеќе дејствуваат локално, а кога ќе дојде до „општественото“, тогаш, за мене тоа имплицира благосостојба на луѓето, а има многу луѓе кои се загрижени токму за тоа. Јас повеќе се интересирам за нештата кои ги уништија животните и околината.

9. Колку си активен на концерти и дали преферирате поголеми настани (фестивали, хедлајнерски концерти) или клубски свирки и „помали“ настани?

Активен? Мислиш на бина? Се трудам да правам мајмунски работи на бина заради нервите, настапот и интензитетот и се трудам да рикам колку што можам, ха ха. Лично, преферирам помали, спакувани настани отколку голема фестивалска публика, иако ми се допаѓа и тоа затоа што поретко се случува. Но, НИШТО не е подобро од клуб со убиствена бина и добар саунд систем. Се хранам од публиката, па затоа тие околности секогаш се подобри.

10. Каква не-метал музика се слуша во бендот? И, дали мислиш дека Cattle Decapitation се менуваат (во смисла на прогресирање) музички од албум до албум?

Дефинитивно прогресираме. Сите ние сме од драстично различни музички жанрови. Дејв слуша модерен прогресивен метал, додека Дерек е повеќе по buzzsawing black metal, а исто така и Џош, но тој многу е навлезен во Bluegrass и (non-mainstream) Country. Јас, јас сум малку комплициран и екстремен, НАСИЛНО биполарен во мојот музички вкус. Работев во музичка продавница многу години и бев изложен на премногу жанрови и бендови за да можам и да почнам да одговарам на ова прашање. Слушав сè и сешто освен Ска, мејнстрим кантри и мексиканска маријачи/ранчеро музика. Ги мразам тие срања но сакам речиси сè останато. Освен deathcore и metalcore и повеќето од модерниот метал. Тоа срање може да ми го бакне газот.

11. Што мислиш за многуте реоформувања на некои метал бендови? Дали мислиш дека тоа е искрено или можеби зад тоа има некакви други причини? Да ги земеме, на пример, Carcass?

Зборував лично со Џеф Вокер за ова кога свиревме со Brujeria пред неколку години. Тој ми рече дека постои можност но сè мора да се направи вистински и на ниво, и навистина го направија тоа. Спомена сè, од сценска продукција до начинот на кој музиката треба да биде создадена, и направија сè што поставија како цел. Мислам дека тоа е одлично. Видов дека се споменува „грабањето пари“ како мотив, но не мислам дека тоа била нивната мотивација. Се разбира дека и тоа треба да се разгледа кога се донесува одлука што го менува животот, но не мислам дека се вратија само заради пари. Не. И не сметам дека многу бендови размислуваат на тој начин. Едноставно, нема многу пари во целата приказна за да се жртвува толку многу, како што тоа го прават/правиме бендовите кои одат на турнеи!

12. За мене, еден од вашите најдобри текстови се наоѓа на вашиот нов албум, а тоа е песната „Manufactured Extinct“. На одреден начин го сумира сето тоа што го пишувавте во текстовите низ годините. Но, тоа е само мое мислење. Па, дали мислиш дека може да се направи нешто за да се смени светот? Бидејќи, во мојата глава „manufactured extinct“ отвора гледиште дека ние (како човечки вид) изградивме толку многу (под)системи и механизми за да се уништиме себеси (капитализмот е еден од нив, сигурно).

Не, мислам дека не може да се направи многу. Јас сум комплетен песимист. Дали моите текстови изнесуваат толку важни теми, навистина, немам одговор за тоа. Моите текстови се полни со лутина и, едноставно, мојата егзистенција оди против нив. Сè што можам да кажам е, трудете се да не бидете гомна и користете помалку, користете повторно, колку што е можно повеќе.

13. Имајќи го на ум претходното прашање, ќе цитирам дел од вашата песна „Kingdom of Tyrants“: Once we are freed, we’ll starve again – instinctive mutation. Дали мислиш дека можеме да се подобриме? Или повторно ќе ги негуваме деструктивните навики?

Раса или вид? Ха ха ха… внесуваш многу сериозност пријателе! Сигурен сум дека мислиш на човечкиот вид и мислам дека е очигледно дека сме животна форма чија желба за удобност го урива секое рационално размислување и секоја акција која би го направила светот подобар.

14. Кажи ни кои метал албуми ти ја одбележаа 2014 година, на кој било начин, музички, текстуално, уметнички…?

Веројатно е дека јас сум погрешна личност за ова прашање. Не ми е грижа за модерниот метал. НО, новиот албум на Bethlehem е ебано СТРАШЕН! Го сакам тој бенд. Поминаа низ неколку стилови, но секогаш можете да кажете дека се тие. Има нешто во песните кое е карактеристично за нив. Дефинитивно, го ставам на пиедестал нивниот последен албум. Особено верзијата со два диска.

15. Кажи ни нешто повеќе за артворкот на изданијата на Cattle Decapitation. Чие дело е?

Артворкот на сите албуми е дело на Вес Бенскотер. Тоа е човекот! На почетокот кога потпишавме со Metal Blade сакав да имаме сопствен „Винсент Лок“, уметникот на Cannibal Corpse. Верувам во „брендирањето“ но не од конзумерска гледна точка, туку повеќе како механизам за стилско препознавање. Тоа ми се допаѓа кај Cannibal Corpse. Додека Лок е ексклузивен за Cannibal Corpse, Бенскотер не е ексклузивен за нас. Тој работи артворк за разни бендови но неговото фотореалистично дело е нешто што го баравме постојано. Сакав нашиот артворк да биде колку што е можно пореален, иако станува збор за фотошоп, тој користи реални елементи. Уметникот на нашите први два албуми, Нелсон Гаридо, имаше специфичен стил и тоа беше нешто што мислам дека го користевме како основа за првите изданија со Вес, изгледа дека само небото е лимит за него.

16. Со оглед на тоа што доаѓате од Сан Диего, дали можеш да ни препорачаш некои локални бендови? Дали успеваш да одвоиш слободно време за да ја следиш твојата локална андерграунд сцена?

Да! Lurid Memory (ex-Memory) е одличен и интересен бенд во стилот на Death. Исто така, Eukaryst се многу добар треш метал бенд, заедно со бендот Temblad кој мислам дека ќе достигне големи нешта – мислам дека одлично ќе бидат прифатени на пазарот, но исто така се уникатни.

17. Па, настрана концерти, дали би дошле во нашата земја на скара и на многу пиво?

Пфффффф… Се разбира! Сè додека станува збор за вегетаријанска скара.

18. Те оставам да ни кажеш нешто повеќе за вашиот нов албум. Август е далеку, кога ќе бидеме во можност да слушнеме како звучи?

Само што ја издадовме првата песна од него, „Manufactured Extinct“ и наскоро ќе има уште една песна заедно со студио репорт како документарец и тоа е многу кул затоа што објаснува елементи од зад сцената за тоа како се работеше албумот. Мислам дека албумот е одличен и дека фановите на „Monolith…….“ ќе бидат задоволни затоа што веќе се прашуваат „како ли ќе го надминат Monolith…“, а мојот одговор на тоа е „Ха! Monolith… SHMONOLITH!“

19. Секогаш им го оставам крајот на интервјуата на оние кои биле причина за нив. Заврши го интервјуто. Сè најдобро!

Благодарам, можеби ќе се видиме еден ден и stay gore!!!

Интервјуирал: Алек