Интервју со Cenotaph

Интервју со Cenotaph

Како што верувам дека веќе сите знаете Cenotaph ќе ги гледаме на 25 август во Скопје. Ова е добра можност да се запознаете со бендот и да се подготвите за дружба и брутален третман.

1. Здраво момци, што се случува?

Здраво, неодамна го издадовме новиот албум ‘Perverse Dehumanized Dysfuctions’ и во август и септември одиме во Европа за да го промовираме. Правиме проби и се подготвуваме за турнејата.

2. Претставете го бендот на читателите?

Cenotaph е оформен 1994 година во Анкара, Турција за да го свири најлудиот брутален дет метал, издадовме 6 албуми и уште неколку други изданија на андерграунд сцената.

3. Присутни сте повеќе од 20 години, па дали може да ни кажете како е да се свири во метал бенд во конзервативна земја каква што е Турција? Какви се реакциите од околината?

Во Турција има жива екстремна и метал сцена, како и во секоја друга земја. Има многу бендови. Да, можеби сме конзервативна земја, онаква каква што ја гледате на ТВ и во весниците, но имаме адреграунд сцена во Анкара, Истанбул, Измир, Ескишехир, Бурса итн. Метал заедницата не ја боли кур за моменталната политичка ситуација во земјата, сите се гадат од тоа како и од притисокот што се врши врз слободоумните луѓе. Нашата музика не е за конзервативната страна на Турција, тоа е екстремна музика за екстремни луѓе.

4. Изгледа дека низ бендот поминале многу луѓе. Зошто?

Па, знаеш. Со такви проблеми се соочува секој бенд, многу е тешко да се свири ваква музика повеќе од 20 години и постојано, некои членови се откажуваат заради работа, војска, образование или заради приватни причини. Јас сум единствениот член од почетокот на бендот (1994) кој сè уште е присутен.

5. Ваше последно издание е ‘Perverse Dehumanized Dysfuctions’ кое излезе во јуни годинава. Ќе ни кажете нешто повеќе за албумот?

Осум нови песни, снимени во DTH studio во Москва, Русија. Песните се попрогресивни од претходните албуми, ново ниво за бендот, pure blasting brutal death metal.

6. Издавате за Hammer Müzik. Ќе ни кажете нешто повеќе за издавачот? Од каде се и какви се односите со нив?

Имаме 3 издавачки куќи, албумот е издаден во САД, Русија и Турција преку 3 издавачи, Sevared Records САД, Coyote Records Русија, Hammer Music Турција, на цд формат, но Hammer Music исто така печатат Винил за новиот албум. Hammer Music го издадоа нашиот прв албум, како и албумите од 1996 и 1999 година. Всушност, тие се метал шоп и издавачка куќа истовремено (во Истанбул) и исто така имаат издадено многу албуми од други локални бендови.

7. Кажете ни нешто повеќе за вашите текстови. Каква е генералната порака на вашиот текстуален израз?

Текстовите се за бруталност, научнофантастични теми и концепти за други димензии, болести, епидемии, мутации, бизарни креации, вируси итн, итн.

8. Како успеавте да договорите концерт во Скопје? Какви се врските?

Стапивме во контакт со Зоран од Formless Terror и се договоривме. Едвај чекаме да свириме, концертот во Скопје е првиот од европската турнеја.

9. Сте слушнале ли некои македонски бендови?

Не многу, љубопитни сме за вашата сцена.

10. Дали имате некакви очекувања за концертот во Скопје?

Се надеваме дека ќе видиме многу фанови на екстремна музика со кои ќе се сретнеме и ќе пиеме.

11. Првото нешто што ми падна на ум кога видов дека сте бенд од Турција беше да ве прашам каква е моменталната политичка ситуација кај вас?

Политичката ситуација е за никаде, Конзервативната партија на Ердоган има мнозинство во парламентот и медиумите или луѓето кои зборуваат или пишуваат лошо за нив имаат многу неволји, лесно завршуваат в затвор и никој не е среќен со ова што се случува. Медиумите се соочуваат со тотална цензура, а единствените вистински информации ги добиваме преку Интернет, но се обидуваат да цензурираат и преку интернетот, или ја намалуваат брзината или блокираат одредени страници кои не сакаат да ги посетите.

12. Изгледа дека режимот на Ердоган има многу диктаторски елементи. Ќе ни кажете нешто повеќе?

Во право си 100%. Притисоци и страв во општеството и врз сите оние кои се против него и неговата партија. Преку глава ни е да го гледаме 24/7 на ТВ, а сите канали мораат да ги прикажуваат неговите говори инаку ќе бидат затворени. Затоа не гледаме ТВ, но се случуваат и многу други срања.

13. Вашата турнеја започнува на 2 август и како што можам да видам ќе трае околу 2 месеци. Какви следните планови поврзани со промоцијата?

Од 2 до 6 август свириме во Одеса, Украина, на metal heads mission festival, а потоа има пауза па, пак почнуваме од 24 август до 17 септември. Најпосле имаме неколку локални концерти во Турција и можеби настапи на некои фестивали во Европа.

14. Дали планирате да снимате спот за албумов?

Работиме на тоа. Се надевам дека ќе го издадеме после турнејата.

15. Нешто за крај?

Благодариме за интервјуто и поддршката и слушнете го нашиот нов албум. Се гледаме на концертот во Скопје.

Stay Brutal!

Cenotaph on Facebook
Cenotaph on Bandcamp

Интервјуирал: Алек