Интервју со Dan Swano

Интервју со Dan Swano

Здраво Dan! Што се случува, инволвиран си во премногу проекти кои можат да се набројат? Изгледа дека го избегнав броењето како најтежок дел, извини.

Се преселив во Германија пред еден месец и се уште имам работи за кои треба да се погрижам. Моментално ги миксам снимките на Ancient Ascendant и Grand Supreme Bloodcourt, правам мастеринг на Decapitated Chrust и работам на моите албуми со Witherscape и Second Sky, кога ќе најдам дупка во распоредот. Исто така, ги подговтвувам и live снимките на Nightingale. Имаме неколку песни од порано за кои ќе направам нови аранжмани со цел тие да се вклопат во новите сетови за свирки и исто така ни треба бекап за нив, затоа што старите бекапи се загубени засекогаш. Па, да. Имам полна чинија.

Unisiound има импресивно портфолио, а ти се уште свириш, па прашањето се наметнува само по себе. Како успеваш да правиш толку многу работи? Дали живееш од твојата инволвираност на метал сцената?

Од 1993-1997 година мојата работа беше снимање и миксање на бендови во студио. И тогаш и сега имам јаз, но се уште ми требаат пари за да ја платам киријата. Затоа започнав толку многу проекти. Да заработам набрзина и да се спасувам. Но, во исто време тоа ми е забавно. На повеќето луѓе им треба екстра работа, но јас наместо тоа работев со Infestdeas и Odyssey. Од 1997-2005 година работев во музичка продавница а музиката ми беше хоби. Во студио работев многу малку, а повеќе работев со Nightingale и Bloodbath. Од 2005-2010 година, половина од времето го поминував во музичката продавница, а останатата половина во студио. Од 2010 година започнав со микс и мастеринг како фул тајм работа повторно и откако се преселив во Германија, конечно добивам слободно време кое го користам за да се видам со мојата девојка и нејзиниот син. Тоа е добро за мене, затоа што сум зависен од работата и можам да работам по 15 часови дневно, но моето тело не ја сака таа монотонија, па затоа се обидувам да работам по 8-9 часови во денот и да спијам подолго.


За време на снимањето на Crimson 2

Со оглед на тоа дека разменивме неколку мејлови, можам ли да добијам специјален попуст за микс и мастеринг на мојот бенд? Не, сериозно, ги видов цените на твојата веб страна, па во случај некој да е заинтересиран за соработка, би сакал да знае повеќе за тоа.

Ха, ха. Добар обид! Не давам попусти така лесно. Освен за бендови кои се подготвени да сработат нешто од досадната, валкана работа. Тоа би значело помалку работни часови за мене. Но, сите бендови немаат пристап до овој софтвер… Моите цени се ниски, со оглед на квалитетот кој го нудам и ја сакам идејата за втор миксер, кој би ми давал насока до најситен детал. Тоа не е случајот со многу луѓе кои ја работат оваа работа. Тие сакаат да го наметнат својот звук на бендот кој го миксаат. Јас сум за мотото “Unisound-Your sound” и ако бендот сака да звучи како Killswitch Engage, тоа можам да го сработам, но кога станува збор за свирењето, тогаш тоа е проблем на бендот. Албум од 45 минути заедно со трошоците за данокот чини околу 2000 евра. Мастерингот чини 10 евра по минута. За да ви го испратам мастерот по пошта плус уште 50 евра. Слободно пишете ми на dan@unisound.se

Ќе ни препорачаш ли некои од младите бендови со кои си работел во студиото?

Мислам дека Deserted Fear се проклето добри. Момците се на истата возраст кога јас ги пишував најдобрите песни на Edge of Sanity. Од 19-25 години. Одлична возраст!!! Мислам дека бендот на мојот син, Concubine е исто така одличен. Тие свират некаков пост-хардкор. Но, млади се, од 18-19 години. Следниот месец ќе го снимаат албумот во моето студио.

Можеш ли да изброиш на колку изданија се појавуваш(како музичар, а не како продуцент)?

Неколку пати се обидував и поголемиот дел од изданијата ги имам на ѕидот од моето студио, но од некои изданија немам ниту една копија. Приближно, бројката изнесува околу 30+ албуми/мини албуми/EP-ја итн. Но, ако ги сметаме и гостувањата, тогаш таа бројка ќе се зголеми двојно.

Албум со кој најмногу се гордееш?

Навистина многу ми се допаѓа “Nightfall Overture” од Nightingale. Албумите на The Second Sky и Whiterscape се ебено неверојатни(се уште не се готови) и следниот албум на Nightingale ќе биде крш. Потоа, албумот “A Collection of world II” на Unicorn на кој повторно ги преснимував вокалите(беше издаден на касета) е супер. Тој се уште не е издаден. Мислам дека “Dream II” од Pan Thy Monium е исто така супер, како и поголемиот дел од песните на колекцијата “When all is said” од Edge of Sanity.

Од прогресивен рок кон краст кон дет метал кон блек метал(дали пропуштив нешто?). Така ја гледам твојата музичка кариера. Дали тоа го отсликува твојот музички вкус? Каква музика слушаш, освен метал?

Слушам секаква музика, освен рап. Не слушам многу класична музика и блуз. Мислам дека доколку поголемиот дел од металците го видат мојот ајпод ќе повратат, исто така и „нормалните“ рокери. Слушам разни музички стилови и имам симпатии кон осумдесетите, бендови како A.O.R, F.M и Prophet, но исто така сакам и pomprock бендови како Kansas, Styx итн. Моите омилени бендови се Marillion и Rush. Многу малку слушам дет метал. Но, секогаш слушам класици и нови бендови. Последното што го слушав беше Cannibal Corpse и Massacre “From Beyond”, но не им посветив доволно внимание.

На некои изданија(како на пример Moontower) ти ги свириш сите инструменти. Кој е твојот омилен инструмент?

Па, мислам дека најдобро се изразувам на тапани. Но, не сум фан на свирење со метроном. Никогаш не „измислувам“ делови кои не можам да ги отсвирам. Подобро е да снимам 12 часови и да направам нешто добро, да ми биде филм и потоа да средувам некакви ситни проблеми кои само јас можам да ги слушнам. На тој начин песните имаат подобар вајб. Дури и луѓето од седумдесетите би го правеле тоа, кога би ја имале оваа технологија! Верувај ми!!!

Претпоставувам дека ова ќе ти биде најдосадното прашање, но зошто престанавте со Edge of Sanity? Постои ли можност за некакво издание со нов материјал?

Никогаш не се откажав. Сакав останатите да ме остават да го реоформам бендот и да го насочам кон посветла иднина. Тие немаа интерес за бендот и музиката која ја правеа не беше таква како што нашите фанови очекуваа(слушни го Cryptic и ќе се увериш). Но, на крајот морав да се оддалечам од бендот. Издавачот се исплаши и продолжи со нив, а јас направив соло албум. Научив дека никогаш не треба да велам никогаш. Многу бендови се повторно заедно, откако се распаднале пред 15-20 години. Се надевам дека такво нешто е можно, но не сум сигурен дека ќе можам да свирам во живо повторно. А за да биде само за во студио… Не… Нема поента. На крајот се сведува на… Мислам дека би можеле, но зошто???

Имаш постар брат со кој заедно свириш во Nightingale. Дали тој беше причината за твојата инволвираност на музичката сцена? И кога сме веќе тука, имате ли планови за нов албум

Дефинитивно Даг е една од најголемите причини за тоа каде сум денес. Се сомневам дека мојот интерес за музиката ќе процветаше ако тој не беше до мене. Но, мислам дека можам многу малку да му заблагодарам за мојата дет метал кариера. Тој отсекогаш беше против таквата музика. Беше неверојатно кога тој дојде во Nightingale. Проектот требаше да престане по првиот албум, но продолжи да се развива. Нов албум ќе има наскоро. Тапаните ќе ги снимиме во ноември и мојата желба е тој да биде готов пред летните фестивали.

Што ќе ни кажеш за твоите политички убедувања, религиозните или нерелигиозни ставови?

Религијата и политиката се неверојатно досадни и неинтересни за мене. Верувам во себе си и верувам дека сите политичари се серковци со оглед на моќта што ја имаат.

Што мислиш за денешната андерграунд сцена?

Почнува да се стабилизира. Тешко е за бендовите кои мораат самите да си ги плаќаат трошоците. Но, гледам дека “Century Media” постојано издава некои бендови, па затоа верувам дека вербата за подобро утре постои. Продажбата на винили, па дури и касети се зголемува, па можеби бендовите изнаоѓаат начини за да си ги повратат вложените пари. Музички мислам дека сцената е кул. Има милиони бендови и тоа е добро за мене, затоа што јас ќе привлечам само 0,00001% од нив, но тоа е доволно за да заработам за пристоен живот и затоа нема да се жалам.


Dan во неговото студио Unisound, 2006

Стигнавме до крајот пријателе, ти благодарам за отворената врата. Последен коментар?

Ти благодарам за интервјуто. Сега ќе направам Gusto Cofee, ќе ја испразнам машината за перење, ќе ја вшмукам спалната со смукалка, а потоа ќе скокнам под туш и ќе возам(брзо!!! Германските закони за брзо возење владеат) до студиото за да работам на финалните миксови на одличниот мини-албум на Ancient Ascendant и ќе снимам клавијатури за Witherscape!!!

Интервјуирал: Алек