Интервју со Formless Terror

Интервју со Formless Terror

По повод најавата за новиот албум на Formless Terror, решивме да направиме мини интервју во кое ќе дознаеме малку повеќе детали. Се надевам дека следната година повторно ќе направиме малку поопширно интервју.

1. Неодамна најавивте нов албум, кажи ни нешто повеќе.

Да Алек, албумот е готов, најден е издавач и единствено чекаме дата кога и официјално ќе биде пуштен во продажба. Дисковите се пратени на штампање и се надеваме дека ќе ги имаме пред нова година.

2. Објасни го името на насловот „A Pax of Heretical Evolution“.

Насловот у глобала претставува моќ. Единствена и сеприсутна.

3. Каде го снимавте албумот и каков е звукот во однос на неговиот претходник, односно дали сте задоволни со финалниот звук?

Бевме задоволни од звукот на првиот албум и од соработката која ја имавме со Гени Каревски, и се одлучивме и овој албум да го снимаме кај него. Од мастерот сме супер задоволни, музиката е доволнно чиста а сепак звукот нема изгубено на бруталност.

4. Дали има некакви жанровски промени или можеби некакви нови елементи во звукот на Formless Terror, кои се наоѓаат на новиот албум?

Жанровски промени на албумов нема. Тоа е тоа. Брутален дет метал каков што сакаме да слушаме по дома :). Едноставно и мрсно и безкомпромисно.

5. Кажи ни нешто повеќе за текстуалната тематика која е застапена на „A Pax of Heretical Evolution“.

Текстуалниот концепт на албумот е мракот. Сеприсутноста на хаосот, немоќта на разумот да надвладее над лудилото. Исконска примитивна бруталност која не познава граници ни од месо ни од дух ни од простор.

6. Колку што можев да видам на Metal-Archives, со новиот албум доаѓа и соработка со нов издавач. Кажи ни нешто повеќе за тоа?

Новиот албум ке го издаде NICE TO EAT YOU RECORDS од Чешка. Се одлучивме за европски лабел затоа што мислиме дека ке може повеќе да ни помогне околу свирење надвор од земјата и турнеи, отколку лабел од америка како што беше случај со првиот албум. Имавме издавач али сами си бркавме за свирки. Се надеваме дека сега тоа до некаде барем ке се смени и ќе успееме да стигнеме и до некој европски фестивал.

7. Што се случуваше на концертно ниво од првиот албум, па до денес? Свиревте и надвор од државава.

Од првиот албум до сега се случуваа многу работи. Од свирење надвор од земјава до губење 2 години заради немање бубњар. Тоа е и главна причина зашто помина толку време од првиот албум до сега. Иначе свириме максимално колку што ни дозволуваат условите во земјава а да не станеме премногу досадни на публиката. Свиревме и неколку пати во Романија периодов вo Букурешт и со Defeated Sanity во Cluj Napoca(Клуж Напока). Последно искачање надвор ни беше во Тирана со Sinister.

8. Дали и каква промоција ќе организирате?

Кога ке ни стигнат дисковите прво ке направиме промоција само на цдто, а после ке правиме и концертна промоција. Се уште немаме повеќе детали околу тоа.

9. Можеби планирате спот?

Размислуваме за спот, да. Се надеваме дека во 2016 ќе имаме можност да снимиме за некоја од новите песни.

10. Дали има некаква промена во поставата?

Моментално сме тројца во бендот. Јас и Слободан Стојчев сме останати од поставата на првиот албум. Сега имаме нов бубњар( Стефан Миладиновски) и на бас ни помага како session член Дејан Јовановиќ(Зеко) од Born for Slaughter.

11. Тоа е се засега, па се надевам дека поопширно ќе се расприкажеме по промоцијата на албумот. Честитам!

Фала Алек на поддршката, се гледаме на промоција. Поздрав

Интервјуирал: Алек