Интервју со Hardfaced

Интервју со Hardfaced

1. Што се случува со Hardfaced во последнава година?

Изминатите шест месеци активно работевме на третиот албум. Крајот на летото треба да го снимаме и здравје на есен албумот да биде издаден.

2. Каква е „бендовската“ ситуација во Охрид, што има ново, а што живее од старото?

За жал многу слаба. Бендовите се бројат на прстите на една рака, активно не свири скоро никој. Талентирани музичари има многу, бендови и авторска музика слабо.

3. Во 2012 имавте турнеја, кој, како, со кого и зошто? Какви се впечатоците?

Во октомври имавме голема Балканска турнеја низ 6 држави, 14 концерти со ред. Турнејата помина одлично, се промовиравме максимално, запознавме нови пријатели, ги посетивме старите. Беше едно големо искуство. Осетивме што значи за еден бенд да биде на турнеја. Само на таков начин може да се види колку си дел од тимот наречен бенд.

4. Зад Hardfaced има два албуми, во 2007 и 2011, каде се снимени, како се издадени?

More than hate го снимивме во Кречо Sound studio во Охрид и го издадовме сами. Потоа беше реиздаден во Бугарија преку Years Of Pain Records. Show them what they fear исто го снимавме во Охрид и го издадовме сами.

5. Од неодамна соработувате со Diehard Records, што (ќе) опфаќа оваа соработка?

Diehard records & booking е тим создаден од членови на Hardfaced и Smut.
Се што сме превеле низ годините, сме го правеле сами. Издавење албуми, букирање турнеи, организирање концерти… Во почетокот на 2012-та го именувавме како Diehard records & booking и се што во иднина ќе правиме ќе биде под тоа име. Во март месец го имавме првото издание, деби албумот на Furion. Кој ќе биде вториот бенд кој ќе го издадеме ќе дознаете во месец Јуни а нивното издание веќе го спремаме за Септември. Летово повторно правиме фест во Охрид и уште неколку интересни настани до крајот на годината.

6. Снимањето на новиот албум го најавивте со песната Unstoppable. Каде ќе се движи новиот албум, музички и текстуално?

Unstoppable беше првиот сингл од новиот албум. Песната ја снимавме за компилација која излегува во месец Јуни, на која ќе се најдат бендови од целиот Балкан. Новиот албум повторно ќе звучи како Hardfaced. Овој пат доста работевме на аранжманите и на текстовите. Можеби ќе звучи како клише, ама песните што ги направивме за овој албум се најдоброто нешто што сме го направиле до сега. Немаме трпение да влеземе во студио и да ги снимаме. Веќе 2-3 песни од новите ни се редовни во сет листата и ќе можете да ги чуете на следните концерти.

7. Вашето мислење, што ни недостасува како сцена, како андерграунд? Каква е вашата перцепција за андерграундот?

На прво место клубови. Местата каде што може да се направи концерт ги има се помалце. Второ, поддршката, особено на помладите бендови. Бенд не се поддржува на фејсбук или на јутјуб туку на концерт.

8. Се движат ли Hardfaced идеолошки, филозофски, политички некаде? Има ли некаков генерален став зад кој стои бендот?

Никогаш не сме се движеле конкретно кон некоја филозофија или политичка страна. Hardfaced стојат против секаков облик на фашизам, национализам, расизам, опресија, неправда и слично.

9. Што мислите за национализмот на сцената?

Како што спомнавме во претходното прашање, никаде нема место за национализам, фашизам, расизам и слични движења, особено не во музичката сцена. Добро е што кај нас скоро и да го нема.

10. Каква музика слушаат членовите на бендот, настрана хардкор, метал и други дисторзирани звуци?

Буквално секаква! По нашите плеери може да се чуе џез, блуз, рок, мелодичен панк и рап…Многу често и другите музички правци можат да бидат добра инспирација и да ги поттикнат идеите.

11. Дали ни недостасуваат медиуми (без разлика на формата)?

Ни недостасуваат и тоа многу. Од веб портали до печатени списанија кои ќе даваат поддршка на целата сцена, без разлика дали е метал, хардкор, панк и слично.

12. Каде се сместуваат Hardfaced, метал или хардкор? Треба ли да постои линија помеѓу различните андерграунд жанрови или тие треба да бидат обединети околу некаков контракултурен пристап?

Ние започнавме како хардкор бенд и доаѓаме од хардкор сцената. Секогаш сме се воделе од хардкор етиката, начинот на живот и направи сам културата. Низ годините стилот се движеше повеќе накај металот. Едноставно ја свириме музиката која ја сакаме и дали сме етикетирани како хардкор, метал, метакор, не е воопшто важно. Строга линија помеѓу жанровите е непотребна. Ние лично обожаваме да свириме и да делиме сцена со стилски различни бендови и публика.

13. Има ли нешто што ве фасцинира од домашната сцена? А кога сме веќе тука, што ве „вади од такт“?

Не фасцинираат бендови што свират добро во живо. Има еден куп квалитетни бендови кај нас. Од такт не вади рокстар однесување на истата сцена. Сцената ни е премногу мала и сите се познаваме помеѓу себе. Нема место за глумење рок звезди!

14. Мислам дека локалните сцени патат од два недостатоци, независна дистрибутивна мрежа и соодветни и посветени андерграунд медуми. (Не го исклучувам Facebook како алатка за информирање, туку посочувам на тоа дека мора да постои простор каде ќе доминираат локалните настани.) Дали патиме од пасивност и шупливост?

Дефинитивно од пасивност. Многу од бендовите седат со скрстени раце и чекаат некој да им организира или потајно се надеваат дека ќе потпишат за некој издавач од страна и ќе направат чудо. Независно дали си дел од бенд, промотер, дел од медиум, ако не дадеш 100% од себе и не ги превземеш работите во свои раце, никој нема да го направи тоа за тебе.

15. Освен најавата за нов албум летово, што друго може да се очекува од вас?

Имаме неколку датуми, мини турнеја во Септември. Се надеваме дека работите ќе течат според планот и албумот да излезе есенва. Почетокот на 2014-та славиме десет години постоење и планираме неколку интересни настани за да се одбележи јубилејот. Нека остане мала тајна, ќе ве известиме навремено за се.

16. Коментар, прашање…? Ај, па конечно да частите некое пиво!

Фала на сите што издвоивте неколку минути да го прочитате интервјуто. Фала на мкметал за поддршката. Продолжете да посетувате концерти и да купувате изданија на Македонски бендови. Само на тој начин ќе имаме посилна сцена! Наздравје!

Интервјуирал: Алек