Интервју со Hardfaced

Интервју со Hardfaced

Оваа година Hardfaced слават 15 јубилеј. Тоа беше доволен повод да поразговараме со Диме за нивниот нов албум, понатамошните планови итн. Интервјуто е кратко, но содржајно. И не заборавајте, 16 февруари, МКЦ.

1. Здраво, Диме, што има ново?

Здраво Алек. Доста работи се случуваа последно време. Со Hardfaced конечно го подготвивме новиот албум и наскоро ќе влеземе во студио. Месецов прославуваме петнаесет години концертна активност. Со Diehard ја подготвувам првата плоча и уште неколку концерти годинава. 2019-та ќе биде опасна година на музички план.

2. Од последниот албум „Dying Lake“ поминаа четири години, а еве петтата се ниже. Што се случува на тоа поле?

Да точно, влегуваме во петтата година и редно време е за нов албум. Со “Dying Lake” се изнасвиревме во живо. Направивме неколку Европски турнеи и после тоа се случија неколку промени во бендот, како и на приватен план кај сите нас.

3. Дали добро ме држи сеќавањето дека спотот за „Двете зла“ беше последното нешто од Hardfaced? Зошто не снимивте уште некој спот, па да ја разбиеме маглата околу домашната „спотовска“ ситуација, еден или ниеден спот за албум?

Всушност снимивме уште еден спот после Двете Зла, за песната Antagonist Of The Truth.

4. Претпоставувам дека работите на нов материјал, па затоа ќе те прашам, овојпат немузички, какви теми ќе обработува новиот материјал? Прашањето не е случајно, со текстот за „Двете зла“ изразивте моќен став, па, следствено, и сопствен „стандард“ околу тоа што имате да кажете? И, да го дозбогатиме прашањето, дали „Двете зла“ е аполитичен или антиполитичен израз?0

Двете зла е дефинитивно антиполитичка песна. А реалноста е дека сѐ повеќе сме аполитични. Претпоставувам дека тоа беше и нивната цел. Да ја убијат секоја надеж за подобар живот на овие простори. За жал им успева.
На новиот албум ќе читате мошне различни текстови. Изгубени соништа и младост, нехумано општество, религиски тероризам, моќта на стравот, празна надеж итн.

5. Бидејќи излеговте и надвор од државава, каде сѐ бевте и како поминавте? Немаме некоја силна традиција на излегување одовде (зборам генерално за домашните бендови), па како реагираат „рестото“ луѓе кога треба да дојдат на концерт на бенд од Македонија?

Отсвиревме околу стотина концерти надвор од државава, главно на Балканите и централна Европа. Имаше и мали концерти, имаше и одлично посетени со добра атмосфера во публика. Главно реакциите беа супер и многу позитивни.

6. Неминовно е да те прашам и што се случува (а, се случува) со Diehard? Што направивте последниве години и што да се очекува следно?

Diehard си работи со стандардното темпо, колку што дозволува ситуацијата на домашната сцена и времето. Моментално се подготвува новиот албум на Shock Troopers. Подоцна годинава ќе излезе и албумот на Hardfaced, а можеби и уште еден албум до крајот на годината. Ќе има два концерти во март и април (наскоро инфо), летен фест во Охрид и Востание за крајот на годината. Тоа е планот засега.

7. Петнаесетгодишниот јубилеј на Hardfaced се ближи… Што постигна и достигна бендот во овој период, според вас?

Искрено ние и не тргнавме со цел да постигнеме некоја цел. Единствено сакавме да свириме. И еве нѐ после петнаесет години уште во играта. Снимаме, свириме, живи сме и не планираме да запреме.

8. Јубилејот и не е јубилеј ако притоа со себе не повлекува и други прашања и „мненија“. Што се случува со домашната сцена (на сите полиња) во последниве 15 години, откако сте активни како бенд, па и преку Diehard како издавач/промотер?

Сцената е таква каква што е. За некого е добра, за други е слаба. Таква е каква што ја правиме ние. Бендовите кои свират и тие што доаѓаат на концерти. Или пак воопшто не доаѓаат и после се жалат дека немало ништо. Се изнаслушавме приказни цело време. Сега се и други интернет времиња. Едно е јасно. Сцена не се прави на социјалните мрежи. Сцена е да одиш на концерт и да платиш карта. Да купиш издание. Да поддржиш локален бенд.
Бендови има. Можеби не премногу ама квалитет има. Дефинитивно недостасуваат клубови. Недостасуваат и медиуми.

9. Три албуми за петнаесет години. Можеби за светски рамки и стандарди е малку, но за нашиов локален контекст тоа е повеќе од скромно? Што мислиш ти за тоа? Можевте повеќе или задоволни сте и со тој исход?

Со оглед на тоа што бендот не ни е примарна работа, мислам дека е сосема доволно. На пат е четрвтиот албум во петнесеттата година. Просекот од 3,5/4 години и не е така лош.

10. Дали, и како, Hardfaced се менуваат со текот на годините, и музички и текстуално и концептуално?

Дефинитивно да, и музички и текстуално. Природно е да созрееш како бенд. Цело време учиш од грешките. Експериментираш со звукот. Ние никогаш не сме се ограничувале во тоа каде ќе оди звукот. Новиот албум е во сосема друга насока од “Dying Lake”. Можам и слободно да речам еден нов Hardfaced.

11. Јубилејниот настан ќе се случи на 16-ти февруари во Мкц. Што да очекуваме?

Сет од саат време, песни од трите албуми и 100% енергија. И еден многу специјален гостин повторно на сцена со нас. Едвај чекаме!

12. Ме интересира и изборот на бендови кои ќе настапат на концертот. Зошто токму Last Hope, Trendkill, Unending Fury и Conspiracy?

Last Hope ни се другари речиси 15 години и еден од бендовите со кои највеќе соработуваме, дури и направивме заедничка турнеја пред две години. Исто и Trendkill, супер бенд и многу блиски другари. Дамјан свирел и неколку концерти со нас. Unending Fury се бенд со супер албум кој излезе преку Diehard минатата година и редно време беше да го отсвират во живо. Conspiracy е свежа млада крв која доста ветува.

13. Кога можеме да го очекуваме новиот албум на Hardfaced? Годинава?

После концертиве влегуваме во студио. Не сакам да си задаваме рокови ама ако сѐ е според планот албумот ќе излезе доцна летоска – рано наесен 2019.

14. Тоа е сѐ засега, ви посакувам уште многу албуми и концерти. Последните зборови се твои!

Фала ти на интервјуто. Огромно ФАЛА на сите што неуморно доаѓате на концерти и ги поддржувате не само Hardfaced туку и целата Македонска сцена. Дојдете да нѐ гледате повторно како шесторка и заедно да прославиме петнаесет години Hardfaced на следните концерти: 8-ми февруари сме во Охрид на домашен терен, 9-ти февруари во Битола, 15-ти февруари во Софија и финалето е на 16-ти февруари во МКЦ Скопје. Се гледаме на концерт!

Интервјуирал: Алек