Интервју со Karma Violens

Интервју со Karma Violens

1. Здраво Стивен, што се случува?

Почнува да станува топло овде во Атина, па така идејата за летото се приближува со секој ден. Паралелно работиме на нашиот нов албум, правејќи рифови и комплетирајќи ги новите песни.

2. Запознај нè со твојот бенд Karma Violens.

Бендот постои од 2002 година, беше оформен од Џорџ и Ник (тапанарот) и по неколку месеци и јас се придружив во бендот. Со текот на годините имаше членови кои доаѓаа и си одеа и конечно во 2007 година добивме постојана постава. Во 2007 го издадовме нашето EP “Katara”, кое беше избрано за „демо на месецот“ во англиското списание Metal Hammer. Потоа го издадовме првиот албум “Dormancy”, кој беше снимен во студиото Devasoundz со продуцентите Fotis Bernando(Septic Flesh) и George Emmanuel(Rotting Christ), миксан и мастеризиран во студиото Lambesis(As I Lay Dying). Во тој период направивме многу концерти со странски бендови како поддршка за албумот. Некои од концертите: Judas Priest, Fear Factory, Arch Enemy, Amon Amarth, Black Dahlia Murder итн.

3. Кажи ни нешто за членовите на бендот, некакви активности надвор од бендот(можеби поинаква вклученост во сцената?) или можеби свират и во други бендови?

Нашиот нов тапанар Аиад свири во бендот Humayrah, а гитаристот Костас свиреше во Double Square со Фотис (Septic Flesh). Останатите од нас не се ангажирани во други бендови, имаме секојдневни работи и обврски.

4. Како ја оценуваш грчката сцена, можеш ли да ни препорачаш некои бендови?

Грчката метал сцена има многу квалитетни бендови кои треба да се споменат. Тука нема да ги вклучам оние најпознатите како Rotting Christ, Septic Flesh или Firewind, затоа што веќе ги знаете. Некои од бендовите кои би ги препорачал се Mortal Torment, Ravencult, Inveracity, Planet of Zeus, Poem, Released Anger, HeadCleaner, Sarabante, Tardive Dyskinisia, Endsight, Dreamlongdead и уште многу други на кои не можам да се сетам во моментов. Многу бендови се подобруваат, сè повеќе и повеќе, особено во последните 5 години.

5. Пред “Dormancy” имате едно демо и E.P. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за овие две изданија?

E.P-то “Katara” беше издадено во 2007 година и беше избрано за „демо на месецот“ од страна на британското списание Metal Hammer. Тоа беше снимано и миксано во студиото Unreal (во Атина). Мастерингот на песните беше направен во студиото Hertz (Полска). Пред ова издание имавме демо со снимен материјал во живо кое беше доста сурово, но можеше да се добие слика за звукот на бендот.

6. “Dormancy” е вашиот последен и единствен албум, зошто немате издавач?

Не знам, прашај ги издавачките куќи… Постоеше некаков интерес , но на крајот не стигнавме до договор. Некои од издавачите сакаа да им платиме за да го издадат нашиот албум, а тоа беше чудно, затоа што, прво, сумите што ги бараа не беа мали и второ, не можевме да им веруваме дали навистина ќе се потрудат околу промовирањето на албумот.

7. Што опишува албумот? Освен музиката, дали албумот има некаква генерална порака? Кажи ни нешто повеќе за концептот на албумот.

Па, албумот нема главна концептуална идеја зад себе. Тој опишува некои лични чувства, политички и религиозни размислувања. Некои песни ја опишуваат темната страна на човекот и реакциите на некои луѓе кога се повредени до екстремни параметри.

8. Кон кого посочувате со стихот “Fooled generation trying to resist”?

Се работи за генерацијата која нема критичка мисла. Сакаат да се бунтуваат и прават револуции против сè, но не помислуваат дека нивните акции се претходно испланирани и им одговараат на владите. Во повеќето од случаите тие се изманипулирани, иако мислат дека го прават спротивното.

9. Твоето мислење за моменталната економска и политичка ситуација во Грција. Како гледаш ти на ситуацијата (а не како што ја претставуваат медиумите)?

Работите стануваат тешки! Нема доволно пари на пазарот. Многу средни бизниси се затворени и многу луѓе ја достигнуваат линијата на сиромаштијата. Вообичаено, медиумите ја претставуваат ситуацијата полошо отколку што е. Не им верувајте. Вестите најдобро продаваат кога ќе додадеш малку повеќе драма на сето тоа. Во моментов, сите мораме да живееме со помалку, за разлика од изминатите години. Работата е во тоа што некои лобисти прават многу пари на грбот на просечниот грчки граѓанин, кој плаќа даноци. Најлошо е што тоа не се случува само во Грција, туку и во Италија, Кипар, Шпанија, Португалија… Дури и САД имаат голем финансиски проблем.

10. Колку сте активни кога станува збор за концерти? Дали сте свиреле надвор од Грција?

Многу сме активни. Само што завршивме мини турнеја во Грција и направивме многу концерти во Атина, без разлика дали беа хедлајнерски или како поддршка за странски бендови. За жал, не сме свиреле надвор од Грција и тоа е нашата главна цел по нашиот следен албум. Се надевам дека можеме да свириме и кај вас.

11. Твоите размислувања за религијата?

Религијата е лична работа и така треба да остане. Јас немам проблем со луѓето кои веруваат во богови, се додека тоа го чуваат за себе. Имам проблем со луѓето што ја претставуваат религијата, свештеници, папи итн., кои постојано се обидуваат да ги осудат оние кои се различни од нив. Овие луѓе манипулираат со поголемиот дел од верниците и многу пати ги свртуваат луѓето против луѓето. Тоа е тажната страна на религијата и вистината во поголемиот дел од случаите. Исто така, мразам кога религијата има влијание во политиката. Овде во Грција црквата сè уште игра улога во внатрешните работи на земјата, а тоа е глупаво и бескорисно.

12. Твоето гледиште за андерграундот?

Сите ја гледаат андерграунд сцената различно. Некои сакаат да го поврзат андерграундот со политиката, други со социјалните движења итн. Нема правила за тоа како треба да изгледа андерграундот. Единственото нешто што го знаеме е тоа дека секој треба да твори за себеси. Се обидувам да не размислувам дали ќе бидам андерграунд или комерцијален. Со мојот бенд правиме музика во која сите уживаме. Овој стил на метал што го свириме не е комерцијален, сигурно. Нашата музика секогаш ќе биде андерграунд, освен ако почнеме да свириме како Лејди Гага. На оние кои сакаат да свират метал или поинаков музички жанр ќе им кажам само едно: останете верни на својата уметност и не се обидувајте да бидете нешто што не сте или да копирате стилови затоа што тоа може да биде успешно! За мене, андерграундот е да ги изразиш своите внатрешни чувства без компромис.

13. Какви други стилови на музика слушате?

Слушаме секаков вид на музика, од панк, психоделичен рок до електро, фанк итн. Сакаме секаква музика.

14. Дали знаеш нешто за метал сцената во Македонија, дали си слушнал некаква музика од овде или пак од останатите соседни земји?

Па, ти ме запозна со Mindfist и Nihilist, одлични се. Исто така, ги знам Last Hope од Бугарија.

15. Идните планови на Karma Violens, турнеи надвор од Грција, спотови, изданија?

Планот е да го завршиме вториот албум и да свириме секаде со цел да го промовираме истиот. Сигурно дека ќе снимаме спот. Се надевам дека албумот ќе излезе пред 2014 година.

16. Стивен, тоа е се, ти посакувам се најдобро и тебе и на бендот. Последните зборови се твои!

Ти благодарам за ова прекрасно интервју. Многу би сакале да дојдеме и да свириме во твојот град! Тоа би било одлично.
Можете да не контактирате и да ја слушнете нашата музика на следниве адреси:

www.karmaviolens.com
www.facebook.com/karmaviolens
www.myspace.com/karmaviolens
info@karmaviolens.com

Поздрав до сите!!!

Интервјуирал: Алек