Интервју со Марас

Интервју со Марас

Здраво Андреј! Што ти се случува на приватен план?

Здраво Алек, на приватен план ништо особено. Посветен сум на исфрлање на влијанијата што ми сметаат во креативниот прогрес. :)

Што се случува со Марас, последниот албум беше во 2009-та. Каде е сниман, како помина снимањето, миксот, мастерингот и како оди продажбата?

Да те поправам, 2008-ма. Иако не утна многу, сепак го издадовме во Декември. Инаку го снимавме по разно-разни простории низ Гевгелија, а за миксот и мастерингот се погрижија Влатко Хаџи-Николов и Ристо Алчинов. Што се однесува до продажбата, веќе престанавме да водиме секаква евиденција, на крајот на краиштата профитот не ни е најбитен. Битно, доста цедиња се расфрлија наваму-натаму и сеуште се расфрла по некое…

Каде сте свиреле надвор од државава? Кога и каде свиревте за последен пат и кои се твоите критериуми за добар концерт?

Досега имаме свирено во Србија, Романија и Бугарија. И токму во Софија свиревме последен пат, а тој концерт мислам дека буквално би го ставил на пиедастал од чиста причина што во The Box се случуваше прекрасна енергија помеѓу публиката и бендовите, а за звукот да не прајме муабет…

Каква музика, освен метал слушаат членовите на Марас?

Смирувачка, напната, агресивна, комплицирана, проста, педерска, моронска, имбецилна, сериозна, несериозна, екстремна, сељачка, синтетичка, природна, досадна, геј (не е исто со педерска), никаква, ебачка, античка, футуристичка, мароканска, налудничава, фрустрирачка, мазохистичка, ментално-ретардирана, неисфилтрирана…

Очигледно е дека на домашен план, се повеќе бендови имаат изданија кои се достојни како производ. За разлика од порано можеме да слушнеме добри снимки на домашни бендови. Мислиш ли дека е тоа доволно за да се каже дека домашната сцена има некакво ниво?

Нивото за кое што луѓето љубат да говорат, според мене е некаква бесцелна фикција, нешто непостоечко. „Нивото“ тесно се граничи со стремежот на повеќето бендови да бидат „како некои други“, односно да се поистоветуваат со веќе доволно прочуени и реално, одамна здосадени странски, да не речам, „светски“ бендови, оти зборот „светски“ е исто онолку фиктивен и самоограничувачки како и „нивото“. Ние имаме некаква сцена на која егзистираат бендови со добри и лоши изданија и бендови што или свират или дркаат. Повеќето ми се смачени оти гледам дека се срамат од тоа што се: сјебани Балканци без педигре, смрдежи во душата, а глумат некаква „западњачка софистицираност“. Преку кур од тоа лицемерие. Мешуга не се добри затоа што се обидуваат да имитираат комбинација од 2-3 кретенски различни бенда, туку затоа што своите сопствени мадиња знаат да ти ги плеснат в сурат. Затоа Мешуга се едни и единствени и се што личи на нив е обично гомно. Проблемот колку што важи за начинот на кој што се поставуваат домашните бендови, толку важи и за добрата снимка, она што го нарекуваме „добра продукција“, повторно фиктивен поим. Повеќето изданија не ми се допаѓа како звучат. Да се разбереме, тука ги ставам и изданијата на Марас. Мора сите, сите, сите да преминеме преку глупавиот комплекс наречен „наши услови“ и да сфатиме дека се додека се надеваме во способноста на некакви квази-продуценти и не ги превземеме работите во сопствени раце – ништо нема да пркне. Денес ни се достапни толку многу информации чиј бенефит не знаеме да го искористиме. Седиме, дремеме и чекаме Валентино Скендеровски да се потпише на нашето издание, иако најголемото слушачко метал достигнување во неговиот живот се Металика и „п“ за него може да биде само „пичка“ или „плагијатор“, но не и „продуцент“. Луѓето треба да ја видат разликата помеѓу „тон-мајстор“ и „продуцент“ и да не дозволуваат да бидат излажани. Не постои „добра продукција“. Срањето или звучи или не звучи. Почнете да станувате самите одговорни за тоа како ќе звучите и престанете да се задоволувате со просек, а најбитно од се – бидете тоа што сте. Не сте Американци, ниту Скандинавци, ниту Германци, ниту Кинези… ебени Македонци сте. Face it!

Од друга страна пак, мислам дека напредуваме само на тоа поле, се множат изданија, но нивната продажба и дистрибуција стои лошо. Дали постои некакво решение? Ни треба ли голем издавач или сценава може да ја оживеат и неколку мали, независни издавачки куќи?

Секако дека ни треба голем издавач, доколку сакаме музиката да си ја претвориме во генерично клише и корпоративен хемороид. Како што гледам, според патот што го фаќаат бендовиве, најубаво би ни дошло тоа. А тоа што најголемите европски издавачи вадат ужасно лоши, досадни, повторувачки и ултра-ретардирани бендови нема врска, нели?
Искрено и јас и многу други имаме правено некакви обиди да го најдеме коренот на овој проблем, но досега, барем според мене, било безуспешно. Единствено нешто што мислам дека би успеало е единство на сцената на балканско ниво, оти кај нас нема услови за да се создаде пазар. Повеќето од соседните држави го имаат истиот проблем, иако ние мислиме дека им е розево. Само така би успеале малите издавачки куќи да се развијат и да изградат сопствени стандарди.

Со оглед на бројната состојба на андерграунд популацијата, мислиш ли дека имаме премногу концерти(без разлика на тоа дали станува збор за метал, хардкор или панк бендови)? Како што можев да забележам ни се случува и да имаме 10-тина концерти за еден месец, дали е тоа премногу?

Не би можел да кажам дали е премногу или недоволно, но според мене, премногу се повторуваат бендовите. Ретко има настани за кои добивам желба и ќеиф да ги посетам, па можеби и затоа немам конкретна претстава за тоа колку често се случуваат концерти кај нас. А фактот што одвреме навреме имаме 10тина концерти за еден месец е одлична прилика за оние што постојано се жалат за недостигот на концерти да се разубедат. Самите себеси, нормално.

Дали ни недостасуваат метал медиуми и што подразбираш под метал медиум? Каква улога треба да има еден таков медиум?

Метал медиум… мислам дека најдобар метал медиум е самиот „металец“. Никој нема да ти пренесе поубаво и поверодостојно метал новост од твојот другар металец. А уште ако твојот другар металец се занимава со ажурирање на метал портал, блогирање, водење радио-емисии, фанзини, пишување рецензии, правење интервјуа – веќе имаме полна капа. Еве, конкретно, во радиото кај што работам имаме две емисии што третираат агресивна и мрачна музика, конкретно од панк преку хард-кор до се она што е и што излегува од металот. Ако на луѓето им недостасува тоа – едноставно не слушаат. Во нив е проблемот. Имаме два метал портали на интернет што цело време ни нудат информации од метал случувањата во светот. Ако на луѓето им недостасува тоа – едноставно не читаат. Што ќе ни се тв-емисии, да гледаме спотови на долгокоси металци и да дркаме на нивните стопати зашилени гитари? За тоа го имаме youtube… Затоа велам дека најдобриот метал медиум е твојот другар металец. Во денешно време е залудно да трагаш по медиумот кога тој е секаде околу тебе.

Каде се движат Марас политички? Само немој да ми кажеш дека политиката не ве интересира, затоа што последниве интервјуа кои ги правев, очигледно покажуваат дека некои луѓе политичките погледи и ставови ги поистоветуваат со партиските.

Во политичка и воопшто, социо-антрополошка смисла Марас е братство и култ чија приказна ја создаваат сите оние што биле, се и ќе бидат дел од него, како и неговите пријатели и непријатели. Ние не сме само обичен бенд и не сме само обични свирачи, текстописци, композитори или аранжери. Ние пред се сме големи браќа, сестри, другари и другарки и гаиме почит кон секој што сака да остави било каков траг, прекрасен или одвратен, во нашата историја што допрва ќе се пишува.

За каков раскол станува збор во вашиот истоимениот албум? Какви теми обработувате и од каде инспирација за нив?

Марас почна со тенденција за заживување на паганството. Раскол се случи помеѓу вистината и лагата – она што треба да се проповеда и она што ни е проповедано.

Патем, кој е брадестиот „чичко“ на насловната од вашиот албум и каква порака тој треба да ни пренесе?

Брадестиот чичко е „Старецот“, ремек дело на рускиот сликар Константин Васиљев. Пораката што тој чичко треба да ни ја пренесе се наоѓа во неговиот поглед. :)

Дали андерграундот треба да биде (а)политичен ентитет? Како и да одговориш ќе се наметне зборот, зошто?

И треба и не треба да биде. Оти ако е само едно – се губи суштината на неговото постоење. Затоа што е подземје.

Кои наши бендови ги слушаш и почитуваш?

Ремнантс и Шок Труперс.

Во колку богови веруваш и колку жртви им имаш принесено досега?

За ова прашање ќе треба да искористам помош од некоја фејсбук апликација, нели? Тоа сакаш да ме натераш, а?

Кога може да се очекува ново издание од Марас и каде би се движело тоа и музички и текстуално?

Наскоро. Нека биде изненадување. :)

Сполај ти за одговорите, ми секнаа прашањата. Дополни ги празнините на ова интервју!

Сполај ти Алек за прашањата, задоволство ми беше. Остани ми жив и здрав, па те чекам на ракија и салата. :)

Интервјуирал: Алек