Интервју со Master

Интервју со Master

Во 1985 е снимен првиот албум на Master, кој заради внатрешни конфликти помеѓу членовите останува необјавен. Одредено време, Пол членува и во треш метал бендот Abomination. По период поминат надвор од радарот, се враќа со нови сили но овојпат од стариот континент. Израснат на хардкор панк, неговите текстови експлицитно се занимаваат со мизеријата на модерното доба, особено со манипулациите преку религијата и политиката.

Како еден од бендовите иноватори, Master е често пати споменуван како главно влијание дури и во раното андерграунд дет метал и грајндкор движење. Тој факт носи несомнен кредибилитет, па земајки го тоа в предвид, какво е твоето мислење во врска со еволуцијата на екстремните жанрови и денешната глобална сцена?

Па, за овој одговор не е потребно премногу размислување бидејки Metallica, Slayer, Venom како и Exodus создаваа некои убиствени нови звуци во раните ‘80ти, секако откако креаторите на металот Black Sabbath го трасираа патот. Потоа дојдоа сите глупави поджанрови и така натаму. Possessed го свиреа нивниот thrash метал како што тоа го прават и денес. Deathstrike/Master како и Mantas/Death беа оние коишто одново донесоа сопствен стил. Но, за жал Master никогаш не го потпиша договорот што Combat ни го понудија, пред да го направат тоа со Possessed и Death. Тоа беше голема грешка, но од друга страна истото веројатно ни ги спаси животите, бидејки сите ние бевме стигнале далеку со употребата на кокаин. Пропаѓањето на тој договор и привремениот престанок со работа на бендот веројатно ми го спасија животот. Гледано во ретроспектива нема никакви нејаснотии околу тоа и животот продолжува понатаму. Среќен сум што Master до ден денешен се уште редовно настапува насекаде низ планетава.

Кои се бендовите од ‘80те кои и денес се уште ги почитуваш? Има ли некои од твојата генерација или пак понови кои го задржале твоето внимание?

Слушав heavy метал од типот на Twisted Sister и Iron Maiden кои растураа во раните осумдесети. Имав среќа да гледам бендови како Metallica и Slayer на нивните први турнеи, кога се уште беа гладни за музика и се возеа во комби од еден до друг настап. Тоа беа вистинските денови. Секако, музиката се промени кај сите овие бендови, но сеуште имам почит кон било кој што успеал да ги одржи работите во живот толку долго. Денес има толку многу клонови на оригиналните бендови така што е тешко да се остане на површината. Почитта е клучниот збор наменет за сите бендови кои успеале да издржат над две декади без да се откажат или пак да се реоформат само за пари!

Каква музика слушаш, освен метал?

Слушам рокенрол најголем дел од времето. Ги сакам старите бендови како Deep Purple, Rainbow, Jimi Hendrix, старите Scorpions од 70-те, Thin Lizzy… листата не завршува тука. Исто така слушам бендови како ELP, Yes и Rush. И тие во некои аспекти се иноватори на хеви металот, барем според мојата замисла. Слушам и The Animals, The Who, Rolling Stones, итн. Кога се работи за креативноста сакам да имам отворен ум, па така слушам многу различни стилови и сметам дека учам по нешто ново од сите нив. Frank Sinatra, B.B. King и Johnny Cash исто така го наоѓаат патот до мојот свет, бидејки понекогаш уживам во различна музика. Тоа дава свежа перспектива на создавањето сопствена музика.

Раниот период во твоето творење е доста шаренолик. Бендовите Warcry, Deathstrike, Abomination… дури и првите неколку Master албуми се разликуваат еден од друг. Дали се уште ги истражувавте можностите? Можеш ли да избереш едно од првите изданија кое го обележало тој период во твојата кариера?

Се уште ги истражувам можностите, како што добро забележа, дури и денес. Секогаш се обидувам одново да го осмислам бендот на секој нов албум. Не е особено тешко, бидејки сме дефинитивно на друго место и време, сега во 2012. Светот е во целосен хаос додека владите на овие таканаречени организирани општества воведуваат сé повеќе и повеќе начини да ја контролираат нашата иднина. Слободата е категорија на минатото. Кога бев помлад, во ’70-те, луѓето имаа слобода на говор и изнесување на идеи. Денес владата се обидува да заземе целосна контрола над луѓето и за жал слободната мисла може да го донесе во опасност индивидуалецот! Време е да се исправиме и да ја вратиме контролата над нашите сопствени судбини, да се побуниме против овие корумпираните будали кои ја поседуваат моќта. Мораме повторно да бидеме вистински слободни. “On The Seventh Day…” е најуспешниот албум во мојата кариера, но последните неколку албуми ми се омилени. И покрај сите имитатори кои создаваат беспомошна конкуренција, поновите изданија се уште чекаат да бидат слушнати од фановите како и од колегите врсници. “Slaves To Society” и “The Human Machine” се одлични албуми, секако.

Сегашната постава на Master континуирано работи речиси една деценија. Испорачувате и истражувате типичен звук којшто својата целосна форма ја зазема на албумите “Slaves To Society” и “The Human Machine”. Колкав е придонесот на Алекс и Зденек, останатите членови на бендот?

Во последно време, впрочем како и отсекогаш, јас сум автор на поголемиот дел од материјалот, но Алекс пишува по неколку убиствени песни на секој албум и неговиот придонес е секогаш одличен. Вообичаено ги создавам моите песни на гитара и на проба им ги покажувам на момците. Зденек ми покажува различни можности на кои може да ги отсвири тапаните. Заедно ги аранжираме песните па така Алекс и Зденек се доста значајни за творечкиот процес а и бидејки се помлади од мене имаат различни гледишта што ни овозможува со време да создаваме убиствени песни.

Што ќе им донесе на слушателите претстојниот албум под наслов “The New Elite”?

Па, се разбира уште едно агресивно дело кое се занимава со светот во кој денес живееме. Човештвото се бори за опстанок и овој албум се занимава со проблемите со кои се соочуваме секој ден на оваа проклета планета. Музиката е груба и стимулативна. Секако, тоа ќе биде класичен Master албум освен што како и секогаш ќе има нови заплети и свртувања. Подобрена е продукцијата како и студиото Shaark во ‘Бженец, Република Чешка, кое постојано се надоградува. Студиото оди напред, во чекор со технологијата.

Ги напушти САД и пронајде посоодветно опкружување во Чешка, каде религиската наклонетост е во пад и се повеќе луѓе се декларираат како агностици. Но, тоа не е случај низ цела Европа. Бидејки си живеел и си патувал низ разни градови по американскиот и европскиот континент, можеш ли да ни кажеш дали постои извесна поврзаност помеѓу локалната социјална структура на населението и субверзивната музичка сцена?

Луѓето во сите животни ситуации имаат потреба да им биде кажано како да постапат и социјалната структура е она што им треба. Тие се исплашени да бидат онакви какви што навистина се, па така, слепиот ги води слепите низ целиот свет! Народот би дозволил да го одведат право во кланица отколку сам да размислува, пријателе. Музичката сцена во Европа носи посебна субкултура којашто ми се допаѓа и кон која сум наклонет, секако. Тоа уште на самиот почеток беше голема причина да се преселам тука.

Ако можеби пред 20-30 години се форимираа бендови и се разви контракултура на светско ниво со цел да се постигне општествена промена, мислам дека денес таа е доста резервирана, а мнозинството од самопрогласената андерграунд популација ја искористува сцената како почетна станица на патот по кој би се прославиле и би заработиле. Деновиве е доволно да се погледне MTV и да се добие претстава за тоа. Исто така социјалните движења се претворија во невладини организации со цел да го постигнат истото. Дали мислиш дека развојот на музичката индустрија и таканареченото “цивилно општество” ја збришаа субверзивната и про-активната страна на андерграундот?

Да, на некој начин претпоставувам дека си во право, јас лично никогаш не стекнав материјални добра од овој стил на музика и тоа веројатно ме задржа во андерграундот каде дишам и живеам. Претпоставувам дека некои од андерграунд составите се богати и славни, но повеќе не се на вистинската сцена, во наводници, но од друга страна на сите ни требаат средства за да преживееме. Седумдесетите носеа општествени промени, нешто што денес непостои бидејќи луѓето ги следат организираните општества, одат во црква и плаќаат сметки за политичарите да можат под дејство на алкохол со автомобилите да газат луѓе и потоа воопшто да не одговараат. Денес политичарите создаваат сопствени правила, барем овде во Чешка. Понекогаш ми доаѓа да се насмеам. Музичката индустрија создава еден куп посрани бендови кои влијаат на стилот на облекувањето и однесувањето на цели генерации на нивни обожаватели.

Каков вид на литература чита Пол Спекман и која е последната книга којашто си ја прочитал?

Читам сé и сешто: новели, трилери, детективски приказни, научна фантастика, итн. Последни наслови кои сум ги прочитал беа “Spider Bones” на Kathy Reichs и “Edge” на Jefferey Deaver.

Што мислиш за социјалните мрежи на интернет? Дали луѓето се алиенирани заради иновации како Facebook, Twitter или некои слични?

Не сум имал искуство со Twitter, но преку Facebook правам договори за свирки и фестивалски настапи и продавам еден куп дискови и маици што поинаку не би успеал. Но од друга страна проаѓам премногу време на интернет обидувајки се да продадам нешто, но така преживувам.

Мислиш ли дека човештвото има создадено финансиски автоматон, самоуправувачки глобален механизам кој не може да биде контролиран или запрен? Гледаш ли некој опонент кој би можел да му се спротивстави на таквото чудовиште, гледаш ли излез?

Еден ден тој ќе се сруши и луѓето ќе мораат одново да ги користат природните ресурси за да преживеат и одново ќе учат како и пештерските луѓе од минатото! Човекот го создаде Бог. Ова е тешка тема, но мислам дека сигурно си во право. Богатите стануваат уште побогати а банките се најбогатите институции и ги контролираат пазарите и финансискиот свет. Се движиме кон пропаста која ќе се случи некој ден! Се надевам дека нема да бидам наоколу за да го посведочам тој колапс, пријателе.

Што мислиш за денешниот глобален демократски систем? Дали либералната демократија е највисокиот дострел на човештвото?

Тешко е да се согледа што претставува демократијата денес, бидејки механизмите на владината контрола и полицијата се навлезени во сите аспекти од живеењето. САД се најголемиот диктатор кој ја наметнува неговата таканаречена демократија на останатиот дел од светот. Корпорациските гиганти, McDonalds, KFC и Burger King го прехрануваат целиот свет. Се насмевнувам кога разговарам со таткото на мојата сопруга, кој ми раскажува како овде во Чешка за време на социјализмот не постоеле бездомници и сите имале храна. Сите имале отворени можности за вработување. Секако, со ова не застанувам позади тогашното уредување, но ете, сепак е интересно да се спомене. Сега во Чешка како и во останатите делови од светот има премногу бездомници. Додека САД испраќаат војници на Блискиот Исток во нивниот поход кон светска доминација и обезбедување што повеќе нафта. Зошто не се погрижат за сопствениот народ кој им умира во нивниот двор? Цените на горивата се покачуваат, како резултат на диктатот на владините мнонополи. Овде во Чешка цените на греењето и електричната енергија растат во континуитет додека политичарите си дозволуваат нови автомобили и станови. Тоа ли е демократија?!

Може ли политичкиот систем да биде директно срушен, или тоа може да се постигне само одвнатре, преку станување дел од неговата машинерија? Деструкција или реформација?

Политиката ни најмалку не ме интересира. Апсолутно ги мразам сите политичари, па дури и денес политиката фигурира на музичката сцена. Заради тоа Master никогаш не биле повикани да свират на фестивали како Wacken или With Full Force. Истите бендови од година во година свират на истите фестивали. Одбивам да се поклонам пред кој и да е, никогаш тоа не сум го правел и никогаш нема да го направам!

Дали стихот “Remove the master and slave, no longer someone to obey” го отсликува филозофскиот светоглед на Пол Спекман?

На сите луѓе треба да им се пристапи еднакво според заслугите. Песната чијшто дел е стихот е всушност антивоена, за луѓето кои ги губат своите животи во име на големата американска кауза.

Твоите ставови за религијата?

Верувам во еден Бог, Себеси! Народот ѝ дава пари на црквата за да може Папата да се вози наоколу во својот блиндиран автомобил проповедајки бесмислици. Луѓето мораат да научат да веруваат во себеси за светот да биде подобро место. Америка е полна со лековерни христијани кои се смешни да се гледаат на телевизија. Но Tammy Faye и Jim Bakker направија богатство лажејки ги тие идиоти.

Како би реагирал доколку се случи да делиш сцена со бенд кој има расистичка или нацистичка позадина?

Тоа не се случило а и никогаш нема да се случи! Расизмот нема свое место во светот. Луѓето мораат да научат да живеат едни со други. Хитлер е одамна мртов!

Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за твојата пасија за собирање печурки? Некаде прочитав дека исто така и рибариш, дали е тоа вистина?

Сакам да одам на прошетка низ шума со мојата сопруга и кучињата, во потрага по печурки кои се јадат. Тоа е релаксирачки начин да се избега од светот и проблемите кои ги носи. Одлично за ослободување од стрес. Истото важи и за риболовот, затоа сакам и да рибарам.

Последни зборови?

Ги ценам провокативните прашања и се надевам дека дадов задоволителни одговори. “The New Elite” ќе биде издаден летоска преку Pulverized Records, додека винилното издание ограничено во 500 примероци ќе се појави под етикетата на Doomentia Records во мај. Исто така, демото на Warcry, “Trilogy Of Terror”, ќе биде реиздадено наскоро на 7-инчен винил.

Интервјуирале: Алек и Бојан (BANANAMAN)