Интервју со Pessimist

Интервју со Pessimist

Pessimist ги запознав сосема случајно, иако Пецо ги знаел цело време. Можеби и ми ги сугерирал, но не се сеќавам. Во 2014 сме биле „блиску“ за да ги видиме во Скопје, но и тоа не се реализира. Денес имаат нов албум, одличен албум, што беше повод да направам интервју со дечките. Никако не го прескокнувајте „Holdout“. Нема да се покаете.

1. Здраво момци, претставете се.

Здраво! Ние сме Pessimist, треш метал бенд од југозападна Германија, свириме од 2006 година. Годинава го издадовме нашиот трет албум. Свириме брз и агресивен треш, измешан со солидна количина мелодии и понекогаш со комплексни структури. На интервјуто одговара Ерик Тобијан, гитарист на бендот од 2012 година.

2. Доаѓате од Германија, колевката на треш металот уште од раните денови на жанрот. Дали за вас беше „природно“ да свирите треш?

Слушаме различни метал стилови, но ја споделуваме љубовта за треш металот, па некако беше природно да свириме треш.

3. Дали сакате да бидете носачи на старошколскиот германски треш звук или приказната се крие на друго место?

Секако сме фанови на германскиот треш, но веројатно повеќе звучиме како американски треш метал бенд. Сакаме да останеме искрени кон музиката, но не сакаме постојано да бидеме насочени кон старата школа. Сакаме покомплексни песни кои звучат посвежо и помодерно.

4. Кон што е насочен вашиот песимизам?

Минатото, иднината, светот во кој живееме.

5. Во јуни го издадовте вашиот трет студиски албум „Holdout“. Морам да кажам дека за мене албумот звучи речиси совршено во секој аспект. Може ли малку да ја проширите приказната зад сето тоа?

Благодариме за комплиментите! „Holdout“ за нас има две значења: прво, тоа е приказна за јапонските војници кои продолжијледа се борат дури и по завршувањето на Втората светска војна. Се бореле заради идеолошки причини и не знаеле дека војната е завршена. Некои живееле сами во џунглите во мали пештери цели 20 години пред најпосле да се вратат дома. Второ, изминативе седум години се боревме за да го снимиме овој албум. Имавме четири промени во поставата и ситуации во кои речиси ќе се распадневме. Но, издржавме и најпосле го завршивме албумот со кој сме повеќе од среќни.

6. „Holdout“ се истакнува како ваш најдобар албум досега. Се чувствува дека е повеќе од класичен треш, има многу повеќе мелодии, стегнат е, продукциски звучи широко итн. Не дека не ми се допаѓаат вашите претходни албуми, но „Holdout“ звучи како природна еволуција во вашата дискографија. Ова е ваш втор албум кој излегува преку издавачката куќа MDD и се прашувам, како не успеавте да најдете поголем издавач со ваков албум?

Фала уште еднаш! За нас беше јасно дека пак сакаме да соработуваме со MDD, зашто тие чекаа да го снимиме албумов. Можеа да не откачат, но нѐ чекаа. Големите издавачи се супер ако сакаш да имаш многу турнеи, но по цена на другите нешта во животот. Секој наш член има работа и други обврски, па затоа не би било можно да соработуваме со голем издавач а двете страни да бидат задоволени на долг рок, па затоа не ни баравме.

7. Каде и како го снимивте албумот и дали сте задоволни со звукот? Изгледа дека звукот е мошне важен денес?

Да, дефинитивно е важен и отсекогаш бил. По третпат бевме во студиото Игуана (на Кристоф Брандес) и секогаш е задоволство да се работи со него. Албумот сѐ уште го има нашиот препознатлив звук, но звучи многу подобро од претходните!

8. Која е главната инспирација за вашите текстови?

Вообичаено сѐ што потпаѓа под темата песимизам. Повеќето наши текстови ја прикажуваат војната од неутрална страна но со поисториска позадина.

9. Бидејќи немам можност да ги прочитам текстовите од новиот албум, ќе се фокусирам на текстовите од претходниот. Кои се „антисоцијалните копилиња“?

Ха ха, ова е смешно. Нашиот поранешен гитарист Ричард бил на железничка станица и таму имало некои ликови што ги навредувале луѓето што поминувале. Ричард се изнервирал и напиша текст за тоа.

10. Кој е „последниот бастион“?

Песната е за падот на Константинопол во 1453 година, последниот бастион на римското царство кое беше освоено од Отоманската империја. Пљачкосувале и убивале цели три дена.

11. Кои се „паднатите“?

Текстот го напишав јас, тоа е едно од првите нешта што го направив кога се придружив пред осум години. Не се однесува на некоја конкретна битка, тоа е приказна за група воници кои биле нападнати од заседа и ги дале животите за својата земја, но немале прилика да се вратат дома живи.

12. Претпоставувам дека насловната на „Death From Above“ е со тематика од Втората светска војна?

Да! Текстот за песната се однесува на бомбардирањата во Втората светска војна, затоа ја избравме таа слика, затоа што ја отсликува песната многу добро.

13. Десничарските движења се распространети насекаде во светот. Каква е ситуацијата во Германија во овој контекст?

И кај нас има десничарски политички партии кои тежнеат да станат посилни и секогаш има десничари кои ги следат. Но, генерално, не е толку лошо, има многу луѓе кои не се на екстремната страна и се надеваме дека така и ќе остане.

14. Што е „Feindfahrt“?

Тоа е германски збор кој се користи кога подморница (или брод) ќе исплива во напад. Песната е за битки со подморници.

15. Каков е текстуалниот концепт зад „Holdout“?

Албумот не е концептуален, но повеќето поесни се за вообичаените теми кои ги обработувавме на претходните албуми. Цврсто стоиме зад нашиот генерален текстуален концепт.

16. Активни сте околу 14 години и имате три демоа пред првиот студиски албум. Зошто чекавте толку долго?

Сакавме песни кои се доволно добри за на албум а сето тоа бараше многу вежбање. Кога дојде времето, во 2009 влеговме во студио и го снимивме првиот албум. Сметавме дека така треба, не сметаме дека сме задоцниле или пораниле.

17. Имавте турнеи изминатава декада?

Па не вистински турнеи, главно се фокусиравме на сингл свирки во Германија и земјите со кои граничиме. Би сакале да направиме вистинска турнеја еден ден, но тоа е екстремно тешко да се организира зашто сите работиме.

18. Каква е ситуацијата со пандемијата во Германија. Од бројките можеме да видиме дека Германија солидно ја совладува. Има шанси повторно да се организираат концерти?

Да, сметам навистина добро се соочуваме. Но според последните информации бројките повторно се зголемуваат. Не сум многу оптимистичен дека годинава повторно ќе има концерти, но да се надеваме на најдоброто!

19. Една занимливост. Во 2014 година година го контактиравте Пецо за концерт во Скопје. Се сеќавате на тоа? Да се надеваме дека пандемијата некако ќе заврши (не е ни важно како) и ќе ве видиме во Скопје.

Да, се сеќавам! Сакавме да направиме мала балканска турнеја и затоа го контактиравме Пецо. Мислам дека контактот го добивме од Зоран од бендот „Formless Terror“. Како и да е, би било прекрасно да свириме таму! Но претпоставувам дека ќе помине доста време додека се оствари…

20. Какви ви се плановите за промовирање на албумот, имајќи го предвид коронавирусот? Можностите се мошне ограничени. Можеби некој спот?

Сакавме да снимиме спот и организиравме речиси сѐ, но не успеавме зашто ни требаше пубилка за спотот а тоа е забранетот во моментов… Се обидуваме да стапиме во контакт со многу фанзини за да ни објават рецензии, активни сме и на социјалните мрежи.

21. Ви посакувам сѐ најдобро, лично и со бендот и да се надеваме на многу концерти во блиска иднина.

Фала, Алек! Ви посакуваме сѐ најдобро и се надеваме дека сте добро! И ние се надеваме дека повторно ќе можеме и да свириме и да посетуваме концерти!

Интервјуирал: Алек