Интервју со Pestilence

Интервју со Pestilence

Она што го направија Pestilence во периодот помеѓу 1988-1993 е монументално. Важно е од метал аспект (ако збориме за првите два албуми Malleus Maleficarum и Consuming Impuls), но и од не-метал аспект (Spheres). Потоа имаа огромна пауза, но откако се вратија снимија три албуми, а четвртиот е пред породување и изгледа дека ќе биде најинтересен од албумите од поновата ера. Ако сè уште има луѓе кои би копале и истражувале по стари музики, ова е вистинска авантура. На прашањата одговараше Патрик Мамели, односно „бендот – тоа сум јас“.

1. Здраво пријатели, што се случува?

Возбудливи времиња пред да го издадеме HADEON и да ја започнеме светската турнеја во 2018. Па, мошне сум зафатен со подготовките и секако, интервјуата како ова.

2. Вистинско задоволство е да се разговара со еден од најважните метал бендови кои практично доаѓаат од различна ера на метал (д)еволуцијата. Накратко, кажи ни нешто за метал сцената тогаш и денес?

Имам чудно чувство дека генерално ништо не е сменето. Да, има нови стилови, хибриди, но во нашиот мал свет дет металот останува основа. Остаревме (и ние и фановите) и ги гледаме истите луѓе на концерти, само постари.

3. Ако Pestilence ги претставиме во поширока перспектива што прво ти доаѓа на ум? Вие сте бенд што еволуираше, се развиваше, инспирираше… Во контекст на прашањето, прошетавте низ неколку жанрови, но преку нив и со нив еволуиравте. Потоа, промени во поставата, но и промени во позициите на членовите на бендот (на пример, Патрик Мамели свиреше бас, гитари, вокали). Дали можеш да ни ја раскажеш пократката приказна имајќи го сето ова на ум?

Па, отсекогаш се обидував да бидам доследен на она што претставува бендот. Никогаш не дозволувам други метал бендови да ми влијаат премногу, како порано… Промените во поставата се случуваат зашто се менуваат луѓето и нивните животи. Животот е динамичен и луѓето се менуваат заедно со музичките ограничувања. Отсекогаш се обидував да еволуирам и на фановите да им пружам не само иста енергија туку и поинакви аспекти, но во согласност со стилот на бендот.

4. Да се вратиме во 1988-1991… Три албуми за три години. Проклетство. Како се случи тоа? И тоа зборуваме за пеколно добри албуми.

Тогаш акцентот беше поинаков. Бевме фокусирани само на снимање албуми, а одењето на турнеи ни беше секундарно. Работев нормални работи и немаше потреба да се принудувам да одам на турнеи како што тоа мораа да го прават другите. Немаше притисок да се плаќаат сметки и станарини.

5. Првите три албуми го зацементираа вашето место на светската метал сцена, музичка ера која беше сосема различна од денешната. Како се случи тоа? Дали ЕмТиВи и вашиот прв спот беа отскочна даска?

Само бевме присутни во вистинско време на вистинско место. Дет металот цветаше и го искористивме тоа. Имаше малку бендови од Европа кои можеа да бидат компетитивни и имаа сопствен стил. Pestilence беше еден од нив. Бевме европскиот одговор за Death, нашиот главен музички ривал, така да се изразам.

6. И полека доаѓаме до најважната точка… „Spheres“… Мастерпис, но во погрешен век. Се сложуваш?

Култниот статус на тој албум за нас дојде предоцна. Сакавме да се извлечеме од договорот со Roadrunner. Ни ја убија музикалноста. Требаше да направиме албум кој нема да сакаат да го промовираат и така нè откачија. Ако направев уште еден Testimony of the ancients ќе бевме голем бенд, но Roadrunner ќе нè исцедеа. Едноставен факт. Нема ништо мистериозно. Не направивме пари од тоа. Впрочем, сè уште ни должат многу од пред 25 години.

7. Како беше прифатен „Spheres“ во тоа време (1993)? Што се случи потоа? После албумот исчезнавте, па, логично, прашањето би било, дали вашето отсуство се должеше на (не)прифаќањето на албумот кај публиката?

Дет метал сцената нè отфрли како цигла. Тоа е морбидната вистина која нè исплаши. Се почувствуваме напуштени од сите и престанавме со свирење.

8. Потоа, 16 години подоцна се вративте со „Resurrection Macabre“, дет метал албум. Мора да признаам, не очекував дека ќе се вратите и згора на тоа, со таков албум. Дали беше тешко да се средат нештата и 16 години подоцна повторно да се почне од почеток?

За мене тоа беше најлесното нешто. Отсекогаш бев дет метал момче во срцето и после авантурата со „Spheres“ на хардкор фановите им должев враќање на сцената. Но, многу нешта веќе беа променети. Бендовите како Hate Eternal веќе беа големи и на површина изби нов музички стил со многу бластови. Но, отсекогаш сметав дека сè уште можам да придонесувам за дет метал заедницата. И, исто така, можевме да свириме бластови, можеби дури и подобро. Отсекогаш имав прекрасни музичари околу мене.

9. Две години подоцна (и две потоа) дојдоа „Doctrine“ и „Obsideo“. Ме интересираат две нешта. Прво, како публиката го прифати вашето враќање од мртвите? Второ, дали беше тешко повторно да го пробиете патот до издавач, знаеме дека во моментов е тешко и дека старата слава не им помага секогаш на постарите бендови?

Повторно, проширувањето на музичкиот вокабулар на Pestilence преку 8 жичаните инструменти, но на начинот на Мамели, ја направи вистинската разлика. Отсекогаш сакав нештата да бидат свежи за да не ги изгубам музичките интереси. Наоѓањето издавач кој навистина се грижи секогаш е најтешкиот дел.

10. И, повторно… Тишина… 5 години подоцна го најавувате „Hadeon“. Големи промени во поставата. Зошто? Дали успеа да структурираш стабилна постава?

Заради некои причини луѓето/фановите се држат до стабилноста на бендот. Мене ми е возбудливо да работам со различни музичари. Како што се случува сега во џезот. Некои комбинации функционираат, а некои функционираат помалку. Исто така, личната поставеност во однос на финансиската страна од работата може да биде пречка. Pestilence никогаш не играл на сигурно и затоа никогаш не сме биле машина за правење пари. Да видиме што ни носи иднината, но морам да кажам дека сум среќен со оваа постава.

11. Додека го правиме интервјуво ја стримувавме „Multi Dimensional“ од новиот албум. Морам да признаам дека песната ми направи бајпас во однос на “Resurrection Macabre”, “Doctrine” и “Obsideo” и најпосле успеа да ме поврзе со постариот материјал. Честитки! (Морам да објаснам дека немам ништо против споменатите албуми но сакав да кажам дека новата песна успеа да ме телепортира во деведесеттите за само 3 минути). Најпосле, дали „Hadeon“ е како „Multi Dimensional“ и обратно, или ќе биде хетероген албум?

Па, таков е мојот начин на создавање композиции. Речиси ништо не е променето. Само подобро разбирање со инструментот и способноста за изразување и извршување на истото. Но, понекогаш луѓето чувствуваат потреба да го споредат тоа со постариот материјал и особено со нивните омилени албуми. Отсекогаш се следев себеси. Од првиот до последниов алвум. Но, можеби ѕвездите се поставени подобро и повторно дојде моето време.

12. Тоа е сè за оваа фаза од испрашувањето. Сега, кажи ни нешто за текстуалниот аспект на Pestilence. На што се темелат текстовите? Од каде доаѓа инспирацијата?

Имам огромен интерес за реалноста и нејзината перцепција. Никогаш нема само една вистина. Има повеќе агли од истата приказна. Прочитај ја Seth Speaks од R. Monroe и ќе разбереш што зборувам.

13. Уште нешто околу текстовите и за да не ја цепкаме приказнава на делови и да зборуваме за секој албумо одделно, дали може да ни кажеш нешто за еволуцијата на текстуалниот пристап на Pestilence во деведесеттите и сега, после камбекот? Дали нешто е променето?

Никогаш не бев во онаа gore приказна на дет металот. Како на пример, пристапот на Cannibal Corpse. Отсекогаш сакав да одам подлабоко од тоа и да имам поинаков поглед на нештата. Марко Фодис беше исто така одличен во тоа. Но, после „Spheres“ само јас ги пишував текстовите. Тие се движат од духовниот свет до природата на реалноста.

14. До која мера религијата е инспирација за вашите текстови?

Не сум голем љубител на таквиот вид системи на размислување. Премногу богови и премногу лажни богови и изгледа дека човештвото заборава за што станува збор. „Doctrine“ е добар пример за моето незадоволство. Печат-симболот на Pestilence, IN MANIPULATION WE TRUST, е она што го мислам за човештвото. Сакаме да веруваме во лажни зборови и лаги. Сакаме другите да манипулираат со нас и да размислуваат во наше име. Сето тоа без преиспитување. Им веруваме на телевизијата, политичарите и парите.

15. Интервјуто би било нецелосно ако не прашам каква не-метал музика слушате и колку истата е инспирација? Ми мириса на интересна приказна.

Ја сакам едноставноста на поп и денс музиката генерално, но воопшто не слушам музика. Можеби е лудо, но освен Pestilence и малку џез речиси и да не слушам ништо друго што би можело да ми влијае и да го контаминира бендот.

16. Што мислиш за денешната метал сцена, нормално, во споредба со онаа од деведесеттите? Морав да те праша зашто со Pestilence сте присутни од 1987 година (кога излезе првото демо). Што ќе кажеш за триесетгодишнината на бендот? Претпоставувам има многу да се зборува (без оглед на 16 годишниот прекин)?

Иако, долго не бевме присутни, никогаш не сметавме дека треба да бидеме дел од некоја сцена. Мислам дека тоа нè ограничува премногу – да се биде дел од група луѓе. Дури и во либералната дет метал сцена има сет од правила, да се припаѓа на таа група. На пример, не беше кул да се биде гологлав. Мораше да имаш долга коса. Холандската метал сцена беше исполнета со љубомора уште од времето кога ние бевме првиот бенд што потпиша за голема издавачка куќа. Се обидувавме да се држиме настрана од лошите вибрации. Нормално, исто така имаше и многу кул луѓе околу нас кои нè мотивираа. Но, им должиме многу на лојалните и посветени фанови од целиот свет.

17. Какви се интересите надвор од бендот? Што правите кога сте отпуштени од ланците на бендот?

Нештата што ме интересираат се мојата прекрасна жена, семејството, децата и неколкуте блиски пријатели. Вежбам секојдневно откако ми дијагностицираа дијабетес од прв степен пред неколку години. Па, одам да вежбам секојдневно за да зајакнам и да бидам поздрав.

18. Дали сте размислувале за ДВД издание? Мислам дека не е лоша идеја со оглед на стажот на бендот.

Сме размислувале за тоа одамна кога беше популарно да се издаваат ДВД изданија. Но, времињата се сменија и сметаме дека тоа веќе не е популарен медиум. Да видиме што мислат од Hammerheart за тоа.

19. Пред да завршиме… Што е „Hadeon“ и зошто го избравте како наслов за албумот?

Многу сакам да си играм со зборови или да наоѓам нови значења со комбинирање на зборовите. Hadeon е комбинација од Hades и Eons. Според тоа, Eons of Hades (Hell) Hadeon. Живееме во мрачни времиња каде технологијата владее со нас луѓето. Децата веќе не си играат надвор и само зјапаат во мобилните телефони. Инфицирани сме со лажни информации и верувања.

20. Планови за турнеја по издавањето на „Hadeon“? Можеби ќе го посетите регионов? Или можеби ќе пиеме пиво во Скопје?

Hadeon ќе биде многу важен албум за нас и ќе биде интегриран во нашиот сет. Прво планираме да отсвириме неколку концерти на кои ќе доминира материјал од Hadeon, а потоа ќе видиме што ќе се случува следно. Наречи ме досаден, но веќе не пијам алкохол. Тоа е отров за моето тело. Но, ќе уживам во некој друг пијалок, сигурно.

21. Тоа е сè засега, огромна благодарност за интервјуто. Сè најдобро!

Ти благодарам многу за интересот и се надевам дека моите зборови ќе стигнат до фановите насекаде. Се надевам дека беше забавно и информативно. Чувај се и имај многу успеси.

Интервјуирал: Алек