Интервју со Пол Спекман

Интервју со Пол Спекман

Поминаа неколку години од последното интервју со Пол, па решив да го побарам за да си помуабетиме. Не сакав интервјуто да биде за Master, зашто поентата беше да поразговараме за (не)актуелните случувања. Со пандемијата светот подзастана, што не значи дека треба да застане и сè останато. Интервјуто е интересно, а за следниот пат се договоривме да направиме видео интервју, за да можеме да опфатиме повеќе нешта на долго и широко.

1. Здраво пријателе. Одамна не сме зборувале, што се случува?

Искрено, се обидувам да се средам зашто локдаунов ме убива. Ова е најдолг период во кој сум бил дома во Чешка, откако се преселив пред 21 година! На пример, минатата среда требаше со автомобил да одам до студио за да снимам нова песна за проектот со Алекс Боукс од Immolation, па за среќа ѝ кажав на жена ми и ја прашав дали ќе имам проблеми ако ме запре граничната полиција. Набрзина симна смешен формулар од интернет и го пополни со неколку лаги дека наводно имам проект во Културниот дом во Бженец со студио инженерот Павел! Полицијата ме запре на 3 километри од дома. Замисли да живееш во општество со полициски и воени контроли во земјата! Во ред, набрзина ми го проверија пасошот, зелената карта, возачката дозвола и меѓународната возачка дозвола и ме пуштија за десетина минути.

2. Како го поминуваш времето во пандемијава?

За среќа имав работа со новото издание Јохансон-Спекман, што ме одвлекуваше во студио еднаш неделно пред последниот локдаун, па заради пишувањето текстови и снимањето бев зафатен некое време. Инаку, илегално посетувам теретана трипати неделно, па тоа ме држи нормален. Двапати неделно пазарувам со пријателот Ренди, па и тоа ми помага! Но задолжителното носење маски е за никаде! Дома редовно свирам бас за да се подготвам за неизвесна иднина, се надевам тоа ќе биде во 2022 година! Можам само да се надевам!

3. Каква е ситуацијата со пандемијата во Чешка? Прочитав дека здравствениот систем е на работ и дека Чешка испраќа пациенти во останатите европски земји.

Да бидам искрен, не знам кому да верувам, зашто вестите се полни со лаги во цел свет! Минатата недела еден пријател имаше операција на ногата и рече дека целиот оддел за операции бил сосема празен. Рече дека било како во гробница. Така што не знам дали болниците се полни со болни!

4. Што се случува со Master периодов?

Во моментов, Master е мртов. Имам околу 12 песни кои се подготвени за снимање, но во моментов членовите од бендот се во САД. Работат на разни проекти обидувајќи се да останат активни! Тапанарот Растон работи на соло албум, а гитаристот Пат свири тапани во легендарниот калифорниски бенд Pessimist! Двајцата се мултиталентирани музичари! Така што, иднината е мрачна! Чекам вишата сила, ебените влади, повторно да го отворат светот за Master да може да продолжи со свирење! Инаку, ќе бидам принуден да соберам друга постава за Европа и да свириме на турнеи само тука, ако и кога Европа повторно ќе се отвори! Периодов е срање! Да ги покориме политичарите!

5. Во 2018 го издадовте „Vindictive Miscrean“ и уште неколку демоа и ЕР-ја, еден албум во живо… Некакви планови за нов албум? Дали пандемијата ќе влијае на тоа?

Нема можност за такво нешто, освен ако не се снима онлајн, но одбивам да го правам тоа со Master! Луѓето ќе мора да почекаат. Мислам дека тоа не е важно во моментов, имаме огромна дискографија!

6. Претпоставувам дека ќе помине некое време додека повторно бидеме во можност да посетуваме концерти, но дали си размислувал за лајв стриминг концерт? Што мислиш за овој формат?

Мислам дека е смешно, но можам да ги разберам бендовите што сакаат да свират во живо, но тоа не е за мене!

7. Дали мислиш дека турнеите долгорочно се загрозени заради коронавирусот? Изгледа дека го живееме судирот на старото и новото нормално.

Се разбира, редовно имам многу понуди за турнеи и концерти и фестивали за 2022 година, но ќе видиме дали светот ќе го дозволи тоа.

8. Дали успеа да извлечеш некаква инспирација за текстови од ситуацијава со коронавирусот?

Сè што се случува во светот има некакво влијание на текстовите во многу проекти во кои свирам. Како и секогаш, проблемите, подемите и падовите на обичниот човек и општеството диктираат за што пишувам. Мислам дека е најдобро да се каже дека тоа е храна за мислата! Germs of Circumstance е убиствено издание на Јохансон-Спекман кое излезе пред неколку месеци. Не знам дали успеа да слушнеш зашто промоцијата од издавачот беше никаква! Завршивме со Soulseller Records!

9. Едно од најинтригантните нешта во пандемијава се ковид пасошите (и сличната документација). Изгледа како уште еден начин за ограничување на слободата. Знам дека некои земји се обидуваат тоа да го оправдаат со заштита од увезени случаи ама имајќи предвид дека дури и вакцинираните луѓе исто така можат да го шират вирусот, тогаш е многу чудно. Што мислиш за ова?

Секако не сум заинтересиран за ковид пасош, но ако тоа е единствениот начин за да може да се патува, секој музичар ќе мора да го направи тоа или ќе мора да се откаже! Изгледа како уште еден проект за следење на движењето! Доаѓаат страшни времиња! Мислам дека ќе има многу самоубиства!

10. Како го поминуваш времето во изолација? Сè уште собираш печурки? Се сеќавам дека исто така сакаш риболов? Каков риболов сакаш повеќе, речен или езерски?

Наближува пролетта, но сè уште има снег. Наутро е смрзнувачка, а напладне топло! Така што засега нема ни печурки ни риболов. Сакам и речен и езерски риболов ама повеќе ме привлекува речниот зашто таму се речните чудовишта. Исто така тука имаме и фини вештачки езерца.

11. Сигурен сум дека периодов читаш многу книги. Некоја препорака?

Хм, читам многу книги на разни теми, но преферирам детективски новели, мистерии со убиства и биографии. На пример, интересно ми е да ги читам книгите за Пит Таунсенд, или Black Sabbath, Иан Гилан итн. Сакам да читам за животите на моите современици! Очигледно, тие се богати, а јас не сум, но во музиката честопати споделуваме слични или исти искуства! Исто така, нема ништо подобро од убиство или откривање коска во шумата!

12. Дали периодов откри некој нов добар метал бенд?

Искрено, не, и не истражувам многу нови бендови. Се извинувам, но периодов ретко се наоѓа нешто ново и невообичаено. Живееме во општество на клонови, без разлика дали се работи за уметност или музика. Ми недостасуваат старите добри денови кога нештата беа нови и уникатни!

13. Како се одржуваш ментално периодов? Знам дека локдаунот е проблем за многу луѓе.

Готвам, шетам со кучињата, свирам сам, читам, спијам, јадам, пишувам песни итн. Што може да се прави друго?

14. Како се справуваш финансиски? Дали се намали продажбата на изданија и сè останато?

Не, напротив, продажбата се зголеми откако почна локдаунот. Сè уште одам во пошта трипати неделно, речиси секоја недела. Чешката пошта се богати од фановите на Спекман, но и од мене! Редовно издавам нови нешта на неколку месеци и благодарен сум што сè уште имам фанови што ме поддржуваат, така што добро сум финансиски, но и продажбата од концертите секогаш е добредојдена.

15. Знам дека помина некое време откако ја издаде книгата, но тоа е книга, безвременско издание. Па, како беше прифатена ширум светот? Нешто интересно во врска со тоа?

Се работи за фото монографија и да бидам искрен продадов многу примероци, но издавачот не знаеше како се промовира книга, па илјадници копии останаа во канцеларија. Печатењето чинеше многу, но сопственикот на печатницата рече дека тиражот нема да ја смени цената. Па, ако има заинтересирани, нарачав уште 50 копии пред неколку месеци, достапни се на вебсајтот speckmetal.net со автограм, доколку некој сака. Многу луѓе ја сакаат книгата, но исто така многумина ја чекаат мојата автобиографија која ќе ја издадам во иднина, се разбира. Не се брзам во моментов, сè уште сум жив и здрав!

16. Имам впечаток дека метал изданијата се намалуваат за време на пандемијата, што некако е нормално, за жал, но тоа ми отвора една дилема. Знаеме дека интернетот и глобализацијата имаа влијание на музичката индустрија (подобри можности за профит) и бендовите (подобар начин за промоција, контакти итн.). Тогаш зошто кога светот се затвори овој сегмент не можеше да продолжи нормално да опстојува? Сè уште имаме интернет, изданијата можат да циркулираат, можностите се исти (освен физичкиот контакт). Дали можеби ова е момент кога сите треба одновно да размислиме како функционираме? За мене ова претставува класичен пример кога средствата стануваат цел. Дали ќе се соочиме со сцена која во иднина ќе престане да функционира затоа што условите не се исти или ќе го надминеме тоа? Сметаш дека имаме капацитет за такво нешто?

Ова ќе го надминеме кога на луѓето најпосле ќе им дојде преку глава! Во Чешка веќе почнаа протести. Нештата наскоро ќе почнат да се менуваат тука, на луѓето им е доста! Изгледа дека САД паѓаат во рацете на новата влада и некои чудни групи, па се плашам дека таму ќе биде полошо. Никогаш не можев да замислам дека нештата таму ќе се сменат. Изгледа дека никогаш нема да се вратам таму. За Европејците турнеите во САД ќе бидат невозможни со новата администрација. Тажно но вистинито! Ковид пасош?

17. Нема да ја откријам твојата возраст (иако на Википедија е достапна), но дали некогаш ти паднало на ум „да ги пензионираш басот и гласот“ и да правиш нешто друго?

Зошто да се менува нешто што сè уште функционира? Леми свиреше до смрт, значи можно е! Нормално, ако почувствувам дека веќе не можам да свирам ќе престанам, но засега се чувствувам добро.

18. Пол, ова е наше четврто интервју (за МкМетал) и убеден сум дека сè уште има за што да се дискутира. Мислам дека интервјуата не треба секогаш да бидат поттикнати од некое ново издание на некој бенд. Мислам дека на метал сцената на светско ниво ѝ недостасува токму тоа, иако секогаш има нешто за читање но тоа секогаш е поврзано со нови изданија или слично. Она што е потребно е погласно да се зборува за многу други нешта, зашто не е сè во музиката. Така што, ќе си дадам слобода да кажам дека интервјуата со Спекман се еден вид придонес во таа насока.

Апсолутно, затоа читам интервјуа и книги за музичари, зашто често се прашувам што им се врти во главите на моите херои! Не е сè во музиката, како што велиш, туку во умовите зад музиката и тоа е она што за мене е најинтересно! Секогаш е добро да се одговара на интересни прашања и да се разговара за интересни теми, фала ти за тоа братче!

19. Како дополнување на претходното прашање, те предупредувам дека следното интервју ќе дојде од никаде. Можеби следниот пат треба да направиме видео интервју и сигурен сум дека ќе ја прошириме дискусијата. Ти се допаѓа идејата?

Ако нема турнеи и концерти, тоа не значи дека сè останато треба да запре. Беше фино што муабетевме повторно, сè најдобро и биди жив и здрав!

Видео интервјуата се одлични и интересни, и не можеш да го повлечеш тоа што си го кажал.

Интервјуирал: Алек