Интервју со Scattered

Интервју со Scattered

Верувам дека повеќето од вас ги знаат/познаваат Scattered од Струга, па така секаков вовед во ова мини интервју би бил непотребен. Главната поента на ова мини интервју е тоа што „намирисав“ дека снимаат албум, па ги „уловив“ за повеќе детали. Се надевам дека по излегувањето на албумот ќе направиме едно исцрпно интервју.

1. Здраво Пеце, што се случува?

Здраво Алек! Пред сè, за ова интервју сакам да ти се заблагодарам во името на цела Scattered екипа и вoедно да ја поздравам твојата константна и несебична поддршка кон домашната метал сцена. Инаку, се случуваат и се плетат разни приказни. Главната приказна се создава кога секојдневието, со сите негови доблести и гадости, го проектираме низ креативното дејствување.

2. Да не биде дека јас откривам оти снимате нов албум, еве ајде, отвори си ја душичката и кажи ни што се случува на тоа поле?

Точно така, го завршивме снимањето на нашиот втор албум. Снимањето на албумот траеше малку подолго од очекуваното, но сепак, конечно и официјално: сè е снимено. Сега ни преостанува другата фаза од финиширањето на албумот: микс, мастеринг и издавање.

3. Каде се снима албумот, како звучи, дали сте задоволни од тој, условно кажано, технички дел во создавањето на еден метал албум?

Албумот се снимаше во „Кречо Саунд Студио“ во Охрид, истото студио каде што го снимивме и првиот албум. Што се однесува до вториот дел од прашањето, во моментов се работи на тој технички дел, во чиј склоп ќе имаме најконкретна претстава за тоа како албумот ќе звучи во блиска иднина. Сите наши напори и стремежи се сконцентрирани на тоа албумот да го добие вистинскиот звук кој сметаме дека му е потребен.

4. Зошто не бевте поактивни во последниве години? Не само концертно, еве, последниот албум излезе пред цели 5 години.

Мислам дека самото име на бендот најдобро и во еден збор ја опишува нашата ситуација: сите бевме расфрлени на различни места на живеење; еден дел од членовите ги исполнуваа своите обврски кон семејството и работата, а другиот дел (во кој спаѓам и јас) се занимаваше со други активности во сфери неповрзани со музиката, па со самото тоа пробите стануваа сосема ретки, па скоро и да ги немаше. И покрај сето тоа, духот на Scattered живееше низ сите овие години, а недостатокот од проби го надоместувавме со разменување на новите идеи и материјали преку индивидуално разработување на истите. Мора да споменам дека нашиот гитарист – Миланчо Павлески, непрекинето компонираше и ни ги праќаше своите рифови, секој од нас самостојно ги обработуваше, за да на крај го селектираме најдоброто и ги отфрлиме недостатоците.

5. Дали имате некакви контакти или планови околу издавач?

Моменталниот фокус е највеќе насочен кон преостанатата обврска, односно околу миксот и мастерингот на албумот, така што сè уште немаме сериозна визија околу издаваштвото. Секако дека сме отворени за соработка со домашните издавачи, но сметам дека сè уште е рано да дадам конкретен одговор околу ова прашање. Како и да е, дури и да не постигнеме договор со издавач, ние сме подготвени и сами да го издадеме албумот, каков што впрочем беше случајот и со првиот албум.

6. Дали ќе ни откриеш како се вика албумот и што ќе им донесе на оние кои од претходно ги знаат Scattered, па и на оние кои допрва ќе ве запознаат?

Постојат повеќе идеи околу името на новиот албум, но во интерес на крајната одлука не би можел да дадам конкретна информација околу ова прашање. Може да се каже дека моментално најважно ни е тоа што новиот албум ќе изобилува со сосема иновативни елементи во споредба со Introspection, првиот албум.

7. Некакви жанровски промени?

Па, не би рекол дека имаме премногу промени во однос на жанрот, едноставно го прошируваме патот кој го започнавме во однос на аранжманите, текстовите, концептуалноста и новите начини на инструментална изведба. Можам да кажам дека сè уште ја негуваме онаа музичка основа комбинирана од прогресив метал, брзи треш делници и сето тоа зачинето со повисок степен на театралност и емоционална нестабилност.

8. Со каква тематика се занимава новиот албум?

Текстуалната тематика обработува многу аспекти од денешницата и нешто помалку од историјата. Политичките и социјалните теми се неисцрпна инспирација, но сето тоа е преточено во една потрага по неразјаснетиот поим „слобода“, односно како човекот се приспособува кон правилата кои ги наметнува средината. Текстовите говорат и за социјалните мрежи, секојдневното бомбардирање од страна на медиумите, заробеноста во еден комфорна зона, која егзистира врз грбот на обесправените и угнетени работници од таканаречениот „трет свет“. Тука се и траумите, како последица од блиската крвава историја на Балканот, секојдневните самоубиства и човечки животни приказни обоени со црн крај. Сето тоа отвора една дистописка димензија до самиот крај на албумот.

9. Дали планирате можеби спот пред да излезе албумот? Некаква промоција?

Секако дека промоцијата на албумот е неизбежна, но сè уште имаме простор за размислување како ќе се развива тој концепт. Досега не сме снимиле спот, но би можело се случи во блиска иднина… зошто да не…

10. Кога сме веќе тука, што се случи со Agni Kai и Titanium? Баш би сакал поопширно да ни раскажеш.

Работењето со Titanium беше мошне позитивен и креативен дел од мојот живот и сметам дека е голема штета тоа што никогаш не го снимивме речиси завршениот материјал за албум. Целиот процес остана нерешен, со неколку демо материјали и само една студиска снимка зад нас. Сите членови на Titanium запливаа во најразлични сфери, некои продолжија со музиката во друг правец, а некои и со животот воопшто. Искрено, се надевам дека еден ден ќе собереме сили да го обновиме Titanium, зашто мислам дека самата музика на Titanium го заслужува тоа, таа беше интересна приказна која остана недораскажана. Што се однесува на Agni Kai , тоа ми е една болна тема, за која не сакам многу да должам. Би споменал само дека бендот имаше одлична шанса за работење и надвор од државава, имаше некоја светла иднина, но за жал, во истиот период кога се случија недоразбирања и нетрпеливост во внатрешноста на бендот.

11. Што се случува низ Струга, кога ќе се спомне сцената?

До пред неколку години со гордост можев да кажам дека Струга беше едно малечко гнездо во кое интензивно се твореше музика, каде музичарите живееја поради креативната мисла, и секако, тука не зборувам само за метал музиката. Потоа фестивалите „Дојди Веслај“ и „Оди вежбај“ кои беа во организација на Дејан Јанкоски и нашиот, за жал, покоен другар Стефан Голабоски, кои драстично придонесоа за надополнување на таа златна доба за андерграунд музиката во Струга. Тогаш ова мало гратче беше прочуено како водечка сила која практикува вистински рокенрол, но одеднаш сето тоа тргна по надолна насока, креативноста исчезна, а ентузијазмот се сведе на нула. Помладите генерации пак, се префрлија кон стерилно „тезгарење“ со музиката. Чудно, но вистинито: смртта на Стефан ја означуваше и смртта на струшката рокенрол сцена. Како позитивни исклучоци би ги издвоил камбекот на култниот струшки бенд Телонаука Совршена, чии членови со нови сили се вратија на сцената по цели дваесет години, а со голема љубов би ги поздравил и членовите на ДримОн фестивалот, во организација на здружението ИНКА, кои активно ја пропагираат независната културно-уметничка сцена.

12. Се надевам дека албумот ќе излезе наскоро, па ќе направиме едно поопширно интервју. Поздрав!

Многу ми е драго што вака убаво си поприкажавме, ние секогаш сме отворени за разговори, а особено задоволство ни претставува кога тие се однесуваат на музиката и творењето на истата. Голема благодарност за ова интервју, срдечен поздрав до тебе и Мкметал!

Интервјуирал: Алек