Интервју со Shell Shock

Интервју со Shell Shock

Shell Shock досега ги немам слушнато, но поводот за ова интервју е нивниот настап на Д Фестивалот во Дојран, заедно со легендарните Sinister. Се надевам дека Shell Shock во иднина повеќе ќе ги гледаме во живо и дека наскоро ќе имаме можност да слушнеме нивно издание, па и да направиме подолго интервју.

1. Здраво дечки, претставете ги Shell Shock на оние што уште ве немаат слушнато и видено.

Здраво здраво, ние сме Шел Шок, thrash метал бенд од Источна Македонија. Бендот настана во Скопје, јануари 2015, една прекрасна студентска вечер со пиво и олд скул треш (Тестамент ако не се лажам), од страна на Коста Петрески (гитара) и Костадин Костадинов (гитара). Удираш два рифа на гитарата и моментално ти доаѓа – еј, а да формираме бенд? Токму така настана SxSx (како што обожаваме да се нарекуваме), преку ноќ, без никакви очекувања и планови. Единствено нешто што беше присутно и уште е, е љубовта кон метал музиката особено треш металот. Зошто се претставуваме од Источна Македонија, а не име на град од каде што потекнуваме? Ќе одговориме на прашањево, но прво уште малку околу ,,историјатот’’. За само неколку дена склопивме неколку песни и мотивирани продолживме понатаму со надеж да се пријавиме на Лузерфестот 2015. Но, поради неможноста да се најдат членови и наши музички истомисленици, бендот остана како еден ,,фиктивен’’ проект со слаба веројатност за реализација. Така остана сè до летото 2016, кога за многу кратко време во редовите се приклучија Јован ,,Вучко’’ Вучков (бас гитара), Славчо Митров (вокал) и Блаже Атанасов (тапани). Веднаш се фативме за работа и покрај студентските обврски на секој поединец, се пријавивме на Лузерфестот. Да се навратиме на прашањето, ние сме од три различни градови: Струмица, Радовиш и Делчево. А, како функционираме ? Одговорот би го оставиле за некоја наредна прилика.

2. Од каде доаѓа имево на бендов?

Од неколку идеи за име, ова некако најмногу одговараше на жанрот на музиката и ја отсликуваше главната идеја на бендот. Shell Shock е жаргонски назив за да се опише т.н. војничка болест која се појавила кај војниците во Првата светска војна, која се манифестирала како еден вид на лудило и сеќавање на грозоморни слики од минатото кај ветераните, причинета од секојдневното бомбардирање, звуци на истрели од огнено оружје и бесмислено крвопролевање. Замислете остатокот од животот после војната да го поминете во психијатриска болница, секојдневно живеејќи во делириум и измачувани од сопствениот мозок кој ви враќа болни слики од минатото. Морбидно, зар не?

3. Засега сте без издание, но не и без настапи во живо. Каде сте свиреле досега?

Зад нас имаме само еден настап – на Лузерфестот 2016. И покрај тоа што бевме аутсајдери со нашата музика, беше едно одлично искуство и убав начин да се дебитира на домашната сцена. Тоа што влеговме во 8-те финалисти од толку многу квалитетни бендови и артисти е голем подвиг за нас и огромна мотивација за понатаму.

4. Ако добро ве разбрав во наредниов период би требало да очекуваме ваше издание? Нешто повеќе околу тоа? Кој, како, каде…?

Да, сме разговарале на таа тема честопати, но не сме разговарале сè уште за тоа кај кого и каде. Планираме, а и воедно се надеваме дека ќе се сними и дебитира со EP пред албумот. Сепак не гарантираме ништо дека ќе е така бидејќи многу работи можат да се случат неочекувано.

5. Бидејќи немаме прилика да ги прочитаме вашите текстови би било добро да прочитаме една поопширна елаборација за што станува збор? Од каде инспирација?

Нашите текстови се одраз на гнилото неморално општество во кое живееме каде алчноста е на врвот, а парите се величаат како цел во животот. Самата суровост на човечката природа и неизмерната љубов кон материјалното заради кое страдаат невините, е нашата инспирација. Главен мотив е војната, како олицетворение на човечката желба за власт и доминација над другите и нејзиниот хорор и последиците од неа. Големи фанови сме на историјата, која, како што велат треба да укажува на грешките на нашите предци за ние да не ги повторуваме. Но, за жал таа се повторува одново и одново и човештвото, после толку многу крвопролевања, не е ни блиску до мир. Исто така имаме многу текстови за неправедниот однос човек – природа, експлотација и уништување на екосистемот, зачинети со апокалиптични и постапокалиптични лирики, каде што даваме до знаење дека нашите постапки ќе бидат причина за нашата пропаст, дека кога и да е ќе нè стигне тој катаклизмичен ден кога природата ќе ни суди нам за сите гревови. Понатаму ќе го прошириме нашиот текстуален фонд и со други, подлабоки тематики, но сега за сега тоа е примарната идеја.

6. Во јули свирите во Дојран со Sinister. Како се случи тоа ете баш вие да свирите со Sinister?

Како се случи? Како гром од ведро небо! Никој не ни помислуваше дека еден ден токму ние ќе делиме иста бина со Sinister – едно од најголемите имиња на death metal сцената во светот. За луѓе што уживаат во агресивниот звук на треш-от и бенд без никакви очекувања, ова е ,,нок аут’’ за нас во позитивна смисла на зборот. Вечно ќе сме благодарни на организаторите за оваа прилика.

7. Некакви очекувања?

Како што веќе рековме, не дека сакаме да звучиме скромно, но ние сме бенд без никакви очекувања. Едноставно уживаме во тоа што го правиме и така ќе остане. Целата оваа сага што се случува, започна спонтано и така оставаме, спонтаноста да нè води понатаму.

8. Имате ли планови за годинава? Можеби некој концерт надвор од Македонија?

Па, планови немаме освен да го довршиме она што е предвидено за првото издание. Би било супер искрено кажано, за настап надвор од нашава држава. Но, моментално сме фокусирани на престојниот Д Фестивал и се надеваме дека ќе се претставиме пред публиката во вистинско светло.

9. Сте размислувале за спот пред албум?

Спот? Не. Сега засега не сме размислувале на таа тема. Останува да видиме како ќе се одвиваат работите.

10. Се надевам дека наскоро ќе направиме пообемно интервју, а тоа значи се надевам дека повод за тоа ќе биде вашето прво издание. Последните зборови се ваши.

Ти благодариме Алек. Се надеваме и ние на истото и дека ќе се случи што е можно побргу. Ќе ја искористиме оваа прилика да ги поздравиме Password Production и воедно да им се заблагодариме за пружената прилика. Се гледаме во Дојран. Thrash or die. Cheers!

Интервјуирал: Алек