Интервју со Shock Troopers

Интервју со Shock Troopers

На 2 март Shock Troopers го промовираат својот нов албум „Глуво доба“ и тоа на плоча. Изданието е под закрила на Diehard, и воедно беше и причина за ова интервју.

1. Здраво дечки што се случува под темните облаци?

Здраво, под темните облаци има огромен притисок коj нѐ демне низ годиниве, ни го зема раатот, но ни дава инспирација да твориме.

2. Што се случуваше со Shock Troopers во последниве 5 години, откако во 2014 година излезе „Лешинари“?

Имавме една поголема пауза од творење бидејќи беше преоден период за сите нас, но за брзо време се вративме во форма и работевме на нов материјал.

3. Свиревте и надвор од државава, каде поточно и како поминувавте?

Со Лешинари во 2014 имавме турнеја низ Централна Европа, супер провод и прилика за прoмовирање на албумот надвор oд земјава.

4. „Глуво доба“ излегува во март, но овојпат на плоча? Чија беше идејата албумот да се појави на плоча, а не на диск, на пример?

Да, Глуво Доба излегува на 2-ри Март и воедно ќе биде прва плоча издадена на DieHard Records. Идејата беше наша, а Димо улета во вистинско време и работите природно тргнаа по свој тек и еве излезе сѐ како што треба. Издавањето плоча прави целиот производ да добие поголемо значење и вредност, исто така ова е прв албум кој го издаваме на плоча па беше посериозен подвиг и предизвик кој се надеваме ќе помине супер со публиката. Имаме во план да извадиме и CD, но понатаму бидејќи плочата си зема данок.

5. На издавачки план сѐ уште сте со Diehard. Дали низ годиниве се обидувавте можеби да најдете странски издавач?

Не сме барале странски издавач, со Diehard некако природно се склопуваат работите.

6. Каде, како и кој го снимаше „Глуво доба“ и како сте задоволни од крајниот исход?

Албумот го снимивме заедно со Ненад Трифуновски-Трипе кај нас во студио во Макотекс во Април 2018. Со оглед на тоа што бевме ограничени со простор, финансии, време и опрема презадоволни сме од финалниот производ.

7. Каде е „Глуво доба“ во однос на „Лешинари“ и музички и текстуално?

На Глуво Доба пристапот ни беше многу посериозен и албумот го изработивме тематски и во пократок период, додека пак Лешинари беше составен од песни кои ги имавме направено во рок од 5-6 години. Низ годините прогресираат идеите, ставовите, звукот, мотивите и желбите, па може да се каже дека Глуво Доба во споредба со Лешинари е доста по созреан на музички план. На текстуален план нема некои промени бидејќи сѐ уште црпиме инспирација од секојдневието.

8. Кој го работеше артворкот за „Глуво доба“?

Артворкот е дело на Pig hands наш долгогодишен пријател и соработник. Проверете ги неговите мастер дела на : https://www.facebook.com/pighands/ https://www.instagram.com/pighands/

9. За „Соништа/сеништа“ снимивте и одличен спот. Кои сѐ луѓе работеа на спотот и како сте задоволни?

Режија и монтажа е Кирил Манчевски кој воедно и свири гитара во Шок Труперс, а директор на фотографија и камера е Стефан Дамјаноски, наш близок пријател. Тоа беше интересен и нов процес за нас кој сигурно ќе го повториме. Со самото тоа што спотот е направен со никаков буџет и ја користевме опцијата повикај пријател, сме презадоволни. Еве во оваа прилика и да им се заблагодариме на нашите другари кои ни ја позајмија опремата и ни помогнаа видеото да изгледа поквалитетно.

10. Дали може да се очекува уште некое спотче од „Глуво доба“?

Да.

11. Со што приватно се бафтаат членовите на Shock Troopers? Можеби некои други „сценски“ активности надвор од бендот?

Приватно сите си имаат свои обврски, различни интереси, 3/5 од бендот се фудбалски фанови, а на музички план Паки се занимава со музички програми и рап продукција, Кирил со видео програми и видео монтажа, Владо е VFX артист, Иван се занимава со пренесување и местење на фудбалски натпревари, а сценски настапи надвор од ST има само Драган кој се занимава со Џез музика.

12. Дали „Глуво доба“ планирате да го прошетате надвор од државава?

Да, тргаме на Европска турнеја на 25 Април годинава.

13. Позадината на текстовите и позадината на луѓето од Shock Troopers? Некаков идеолошко/филозофски пристап кон нештата?

Текстовите се инспирирани од нашите лични битки со самите себе и окoлината, која најчесто не ја гледаме како противник туку како огледало на тоа што самите ние сме, тоа всушност е и позадината на сите членови во Шок Труперс, анти-демонската војна длабоко во сопствената свест и потсвест. Тоа што ќе го чуете и прочитате од нас е директна последица на таа борба.

14. Кои се соништата и сеништата со кои сте опкружени? Каде се формира оловната волја?

Соништата се оние работи по кои копнееме секојдневно, а сеништата се шамарот кој не враќа во реалноста. Оловната волја се формира буквално секаде и во секој миг од денот, а на крајот ние одлучуваме дали ќе нѐ однесе на дното и ќе скапуваме таму или ќе ни биде само причина да се разбудиме посилни.

15. Бидејќи на сцена сте повеќе од десет години, па ме интересира што мислите, дали имаме издржана сцена, дали зад сите настани, настапи, изданија има нешто повеќе? Некаков темел, некаква основа за идеи, ставови, принципи или станавме уште еден спектакл?

Да бидамe реални, немамe некој посебен став околу тоа како прогресира нашава сцена, некако годините како да не ни дозволуваат да трошиме нерви и време на тоа колку и како другите функционираат. Има неколку фракции кои функционираат до ден денес и мило ни е што ги имаме тие луѓе околу нас.

16. Како изгледа индивидуалецот кој недостасува на фронталните линии и за што се бори талогот на општеството? Дали тоа е борба чии актери се во инверзија?

За жал во речиси секое општество доаѓа до конфликт и насилна пресметка помеѓу најчесто две закрвени маси. Причините се различни (политика, религија, националност), но луѓето во жариштето се некогаш и оние кои немаат избор и мораат да се борат за својот живот иако каузата не им е важна. Прашањето – Каде си?, се однесува на тие кои што ги поттикнуваат тие конфликти, а во моментот на кулимнација се далеку од првите борбени линии, некаде на сигурно, заедно со своите синови и ќерки и мирно посматраат.

17. Дали на 2 март да очекуваме концертна промоција?

На 2 март ќе имаме слушачка промоција во МКЦ, ќе врти албумот и ќе има комбо пакети кои ќе бидат достапни само тогаш. За концертната промоција наскоро ќе има информации.

18. Последни зборови пред да се затегне јажето околу вратот?

Фала на одвоеното време Алек, се гледаме само за убави работи.

Интервјуирал: Алек