Интервју со Sinister

Интервју со Sinister

Мислам дека за Sinister нема потреба од каква било најава… Ако некој не ги слушнал, нека се обиде. Ако некој сака да доживее малку поинакво искуство нека оди во Дојран на 14 јули (петок) на Д Фестивал. Поарно, здравје! Еве што имаа да кажат пред концертот…

1. Здраво! Чест е да се разговара со еден од најстарите живи и преживеани дет метал бендови. Па, да почнеме полека, како сте?

Мошне добро. Годинава бевме зафатени бидејќи издадовме нов албум (Syncretism) и сега го промовираме, свириме на фестивали и концерти, досадниот дел, знаете? :P

2. Следната година е 20 годишнина (мој лапсуз) на бендот и тоа претставува „здрав“ стаж за дет метал бенд. Дали можете да ги сумирате 20-те години дет метал во денешниов свет? Што беше Sinister и што мислите дека стана денес?

20? Речиси се 30 години (лапсузот корегиран, фала Рикардо), колку што сум возрасен, а тоа не е мошне здраво. Исполнето со воспаленија, лумбални болки и така натаму, ха ха ха.

Многу е тешко толку долго да се одржи бенд и мислам дека токму затоа Sinister заслужува почит, покрај добрите албуми во кариерата.

Јас не сум толку стар и не сум тука од почетокот на дет металот, но можам да кажам дека од моментот кога почнав да слушам и свирам дет метал суштината не е сменета. Некои слушатели исчезнуваат и потоа доаѓаат нови, некои бендови и музичари се откажуваат… Мошне сигурен сум дека нашата суштина е иста, веројатно тоа доаѓа со искуството и техниката, подобрата опрема, свирењето подобри концерти итн… Како внатрешното дете никогаш да не умира.

Средината се менуваше често, особено со интернетот, но, суштината е иста: Треба да снимиш албуми за да имаш турнеи и концерти, да промовираш, да продаваш, да се справуваш со издавачките куќи, менаџерите, букинг агенциите итн…

3. Има делови од сложувалката кои на некој начин, сосема случајно, нè поврзуваат. Ќе ги гледаме Sinister на фестивал во Дојран летово. Како се случи тоа? Дали имате некакви очекувања, со оглед на тоа што првпат сте во Македонија. Другото нешто што нè поврзува е Рикардо Фалкон, кого го запознавме во Скопје кога свиреше со Itself. Како се случи Рикардо да свири во Sinister?

Секако дека сме возбудени што ќе свириме за првпат во Македонија и очекувањата се да ги видиме сите како уживаат, се шутктаат, пијат пиво и се забавуваат.

Во 2015 година видов дека Sinister бараат басист, па одлучив да се пријавам. Лесно, нели? Не баш, зашто првиот пат ме игнорираа. Потоа ја видов истата порака и после една година и решив да ги спамирам сè додека не им го привлечам вниманието (ха ха ха). Тогаш живеев во Полска, Бразилец кој се обидуваше да свири во холандски бенд… Морав да им докажам дека навистина сакам да бидам дел од бендот и дека нема да се откажам. Секако, откако ќе докажам дека можам добро да ги свирам песните, да компонирам итн.

Сè се одвиваше мошне добро и во јули 2016, се преселив од Вроцлав (Полска) во Амстердам само заради Sinister.

4. Колку ја познавате метал сцената во регионов (источниот дел од Европа)? Дали сте слушнале некој македонски бенд?

Ги знам Demency со кои свиревме со мојот поранешен бенд itSelf во 2012. Одличен гитарски бенд и се надевам дека ќе слушнам нешто повеќе од нив.

Според мене, источна Европа дише за металот. Има многу добри и професионални бендови.

5. Вашето последно дело е „Syncretism“ кое излезе зимоска. Кажете ни нешто повеќе за новиот албум.

Ова беше тежок албум за правење. Вложивме многу страст и напори. Кога влегов во бендот (април 2016) веќе имаше 7 песни од Бастијан Брусар. Требаше да направам уште 3 на гитара и да ги компонирам сите бас линии. Времето беше многу кратко особено за мене зашто откако го научив целиот лајв сет на бас, Бастијан го напушти бендот и морав да го заменам на гитара. Да се запаметат околу 25 песни за неколку месеци не беше толку лесно, но успеав.

Откако искомпонирав сè моравме да му ги испратиме песните на Карстен Алтена од „Monolith Deathcult“ кој ги направи клавијатурите и дури тогаш бевме подготвени за во Soundlodge studios во Германија.

Не зашто јас сум на овој албум, но зборувајќи како фан, ова е мојот омилен албум од Sinister. Технички е, брутален, брз, мелодичен… Ад пее како ѕвер, Теп истропа одлично, сè е совршено на албумов.

6. Имајќи ги предвид трите децении на Sinister, дали има текстуална област која е подвлечена со текстовите на бендот? И колку промените во поставата влијаеле на сето тоа?

Прашањево ме тера да се потсетам на едно интервју со Чак (Death) во кое вели дека ако звукот е повеќе или помалку агресивен тие нема да пејат за цвеќиња и мачки и името на бендот исто така нема да биде симпатично. Во основа е така. Се вклопува во нашиот филм, типично: болка, страдање, религија, крв и смрт, ха ха.

7. Колкаво влијание имаа промените во поставата во однос на музиката? На пример, помелодичните албуми како „Afterburner“ и „The Silent Howling“ (кои многу ми се допаѓаат) некако отстапуваат од основниот дет метал звук на Sinister.

Нормално е дека секој музичар има различни влијанија и дека ќе звучат поинаку еден од друг и тоа директно се рефлектира на композициите, но мора да се има предвид дека сè уште звучи како Sinister.

Исто така, состојбата на умот и духот на бендот во даден момент влијаат на музиката. Ако музичарите не се 100 проценти поврзани албумот нема да биде премногу технички и нема да има смисла.

8. Што ќе кажете за металот во денешно време? Имаме повеќе технолошки/софтверски можности и повеќе опрема, имаме пошироки дет метал поджанрови, имаме поинаков пристап во однос на почетоците на метал сцената. Нешто да додадете во однос на ова?

Па, тоа не се однесува само на дет металот туку на сите музичари генерално. Стана полесно да се снима и компонира. Порано имав портабл Boss студио кое звучеше ужасно. Понекогаш сакав да го фрлам низ прозор, но тоа беше единствената алтернатива, а денес можам да кликнам на телефонот да снимам видео од она што го свирам, да го стримувам во живо, да отворам Protools и да симулирам еден куп појачала и ефекти… Секако, тоа ги прави нештата полесни.

Исто така, денес повеќе ги проучуваме инструментите. Порано беше поинаку, еден куп рифови кои беше доволно само да се направат да звучат потешко. Денес, повеќе посветуваме внимание на хармонииите, чистината и дефиницијата на звукот, структурите на песните итн. Мислам дека тоа е природен развој.

9. Дали мислите дека е редно време да издадете ДВД издание? Можеби за 30 годишнината?

Сме зборувале за тоа. Ќе има неколку изненадувања следната година!

10. Можеби планови за уште некој спот од албумов, покрај „Neurophobic“?

Да, размислуваме за тоа, но сè уште не знаеме за која песна.

11. Колку земји се „на тапет“ за промовирање на новиот албум?

Онолку колку што ќе нè поканат, ха ха ха. Оваа година потврдени се Холандија, Германија, Италија, Швајцарија, Полска, Финска, Бугарија, Македонија, Малта, Португалија, Чешка и Словенија. Сè уште преговараме и за други настапи и се надеваме дека ќе има повеќе.

За следната година веќе го потврдивме ексклузивното учество на Мериленд ДетФест во САД и ја анализираме можноста за азиска и/или јужноамериканска турнеја.

12. Корегирајте ме ако грешам, но околу 20 луѓе беа дел од Sinister. Тоа се многу промени, ќе ни кажете зошто? Дали сè уште се дружите со некои од нив?

Работа, семејства, тешки одлуки, патувања, премногу енергија потрошена на бендот, промени во животната насока? Мислам дека е мешавина од сето тоа. Повеќето луѓе мислат дека е лесно, дека е само грабнување на гитарата и качување на сцена, но ги забораваат безбројните часови анализирање, компонирање, проби, справување со бирократски работи и патувања. Сето тоа носи лузни и солзи во животот и, сакале или не, некои луѓе се откажуваат.

13. Што можеме да очекуваме од вашиот концерт во Македонија? Дали ќе свирите постари песни?

Да, се обидуваме да ги задоволиме сите фанови, старите и новите, па ќе има за сите по нешто.

14. Знам дека има многу луѓе што би сакале да знаат, па затоа ќе ве прашам… Дали можат да сметаат на дружба и пиво со вас пред и по концертот? Ќе свирите на летен фестивал до езеро, можеби ќе се направите лом и ќе мораат да ве фрлат во вода за да ве освежат?

Не, мразиме пиво. Само Мартини и Просеко, ха ха ха. Се шегувам, дајте пиво!

15. Тоа е сè засега, слободно дофрлете нешто! Фала за интервјуто и се гледаме наскоро!

Фала многу, се гледаме во Македонија!

Интервјуирал: Алек