Интервју со Skullcrush

Интервју со Skullcrush

1. Здраво момци, што ќе се пофалите?

Јове: Здраво Алек, па ново кај нас е што пред 2-3 недели свиревме во Скопје во Хавана како поддршка на Lothlöryen од Бразил и War-Head од Хрватска. Наредниот ден имавме настап на Aqua Park Fest во Пробиштип каде што бевме избрани како “демо-бенд” да го отвориме фестивалот. Исто така, пред некое време издадовме и маици со нашето лого и мотив од нашиот албум и морам да кажам дека сум изненаден од големиот интерес кој постои за нив.
Дејан Шизик (понатаму само Шизик): Алек, здраво и од мене! Што да се пофалиме… арни сме, по дома исто арни :) во врска со двата настапи на SKULLCRUSH само сакав да додадам дека со кола бевме до Скопје па потоа до Пробиштип, па таму спиевме во шатор, лудила по пат, глупирање до бесвест, си поминавме супер и тоа ни е вака последно за фалење.

2. Што се случува со бендот од 2009 година па наваму?

Шизик: Па после промоцијата на албумот која ја направимвме со настапи во живо во неколку градови започнавме да работиме на нови песни, тој процес оди бавно кај нас зошто во тој период, а и сега, не сме сите на едно место. Студиите, а и егзистенцијалните обврски си го направија своето, малку не закочија во процесот на работење на нов материјал но затоа пак ни помогнаа да станиме попаметни и позрели личности. Имавме доста свирки и настапи на фестивали и се останато што еден метал бенд би правел.

3. Досега имате само еден албум, зошто?

Јове: Причината за нашата пасивност се обврските, околу работата и студирањето. Јас и Никола студираме надвор од Битола, Дејан, Зоран и Кире работат, па ретко се наоѓа момент кога сме сите во можност за проба или да работиме на новиот материјал.
Шизик: Па во мојот претходен одговор мислам дека го одговорив и ова прашање, а и од друга страна главниот став на бендот во врска со вториот албум беше да биде поквалитетен, да обрниме повеќе внимание на аранжманскиот дел од песните без разлика колку време тоа ќе одземе.

4. Вашиот прв албум е издаден под етикетата Stay Pure, кажете ни малку повеќе околу тоа, кои се Stay Pure, од каде се и како сте задоволни од нив? Дали тие ќе бидат за вашето следно издание?

Јове: Stay Pure е DIY label на Борис Ѓероски од Тетово кој исто така е член на неколку underground бендови. Тој работеше и на своето дистро и zine Noise Gate, но сега не знам колку е активен. Албумот го издадовме сами, а Борис се понуди да го издаде истиот и на касета за што му сме премногу благодарни бидејќи последниот пат кога се видовме ми кажа дека албумот во тој формат стигна и до Германија, Јапонија…
Шизик: Значи, нашиот албум не е издаден под ниту една етикета, DIY e, а за наредното издание сеуште ништо немаме решено, сите опции се отворени.

5. Неодамна снимивте видео на кое може да се слушне нешто од вашиот нов материјал и морам да признаам дека ми се допаѓа идејата, затоа што треба да се користат сите креативни начини за промоција на бендовите. Чија беше идејата и реализацијата?

Шизик: Баш ми е мило што ти се допадна идејата, па видеото го снимивме есента 2012, позајмивме камера и Антонио Талевски – Мацик (поздрав до него) снимаше цело време како се спремаме за на проба, како влечкаме појачала и инструменти и скоро цела проба. Не е официјално видео како спот но сакавме да објавиме некој видео материјал за луѓето што не следат а да не биде од свирка, да има дел од новите песни и да содржи и други неформални моменти.
Јове: Идејата постоеше од многу порано. Првичната замисла беше да се направи
професионална снимка од проба на 3 бенда од Битола, меѓу кои и ние, чисто како материјал за промоција. Тој проект некако се заборави па ова што ти го виде е обична снимка од проба која ја направи Антонио Талевски – Мацик, кој можам да речам дека е нашиот 6ти член во бендот бидејќи е секаде со нас и ја поддржува нашата работа.

6. На истото видео, за време на пробата, на еден од ѕидовите во просторијата забележав плакат од „Реком“ (за оние што не знаат „Реком“ е иницијатива за за основање на Регионална и независна комисија со мандат да ги утврди и јавно изнесе фактите за воените злосторства и другите тешки кршења на човековите права, како и да придонесe кон расветлување на судбината на исчезнатите, во војните 1991 – 2001 година на подрачјето на некогашната СФРЈ). Како тој се најде на ѕидот од вашата просторија и зошто?

Шизик: Морам да признам дека имаш многу добро чувство за детали, но местото каде што правиме проби го изнајмуваме од МКЦ и тие си го уредуваат просторот како што сакаат, мислам дека таму стои повеќе од 5-6 години.
Јове: Искрено за значењето на плакатот и на Реком дознавам сега од тебе па би било навистина глупаво кога би искоментирал било што.

7. Кога сме веќе на оваа тема, што мислите за национализмот, дали постои „добар“ и „лош“ национализам?

Шизик: Национализмот не го делам на “добар” и “лош”, а од друга страна, да си ја сакаш и почитуваш својата земја не те прави националист.
Јове: Јас тука само би го цитирал Алберт Ками : “Ја сакам премногу својата земја за да бидам националист.”

8. Има едно прашање со кое постојано им досадувам на оние што ги интервјуирам, но многу повеќе ме интересира одговорот на луѓето кои доаѓаат од домашната сцена, а тоа е колкава е потребата од андерграунд медиуми (во секаква форма) и дали ги имаме доволно?

Јове: Потреба од андерграунд медиуми секако дека има. На публиката и треба средство преку кое ќе се запознава и информира за настани и изданија на домашни и странски бендови. На тие бендови пак им треба некој повратен сигнал, реакција на публиката и луѓето вмешани во цела таа приказна.Не знам дали уште го има “Вампир”.
Порано мкметал беше според мене главниот медиум околу тие воглавно метал настани.
“Влијанието” на мкметал беше толкаво што имаше и многу андерграунд групи од други
жанрови кои се промовираа таму. Во последните неколку години таа улога ја доби
facebook и некако се’ оди преку него.
Шизик: Мислам дека моментално сме слаби со андерграунд медиуми, ни требаат повеќе, а исто така тие треба да бидат поефективни и поефикасни во својата работа, знам дека нашиот пазар е мал, речиси и да го нема и дека тешко дека тие медиуми ќе бидат рентабилни но сепак треба да ни е јасно дека (сега за сега) од андерграунд во Македонија не се живее туку се прави “за душа”. Јас мислам дека работите ќе се сменат на подобро и нашата андерграунд (особено метал) сцена ќе биде на едно задоволително ниво а андерграунд медиумите ќе го следат тоа и исто така ќе придонесат за незјиниот развој.

9. Кои домашни музички изданија од последниве десетина години ви го привлекле
вниманието и зошто?

Јове: Би ги издвоил изданијата на Mortality, Arhont, Melissa, а последно го слушав албумот на Vandal . Исто така Furion ми оставија впечаток со новиот материјал, но не сум имал можност да го слушнам албумот…Hall of Sins имаа одлични песни исто така. Сигурно заборавам некои изданија и бендови па нека не ми се лутат.
Шизик: Јас мислам дека излегоа доста добри изданија во последниве десетина години а сигурен сум дека за брзо ќе излезат и уште подобри, ќе набројам некои иако знам дека ќе заборавам некои (нека не ми замеруваат во моментов на нив се сетив). Би ги издвоил изданијата на: Mortality, Vandal, Furion, Aeon Arcanum, Maras, Arhont, Formless Terror и Serpentine Fire. Кога би избрал едно издание што најмногу ми се допадна е албумот Моторни Песни на Верка затоа што подобар кам бек не можеа да направат, не знам што повеќе да кажам за албумот освен да го преслушате.

10. Каква музика се слуша во редовите на Skullcrush, освен метал?

Шизик: Одлично прашање, баш сакав да кажам дека јас, а и другите членови, слушаме доста различни стилови на музика освен метал. Кога не слушам метал, а сакам да сум фокусиран на работата, многу ми помагаат оперите на Вивалди, фугите на Бах, симфониите на Бетовен и Реквиемот од Моцарт. Често слушам рок бендови како Radiohead, The Muse, Pink Floyd и Led Zeppelin, чак-пат може некој добар D’N’B или помек транс, понекогаш рап (некомерцијален) а морам да напоменам дека Зоц(нашиот гитарист) во последно е навлечен на старите детски песнички од СИ-ДО и Здраво Генијалци.
Јове: Буквално секаква. Не се ограничуваме во тој поглед. Според мене, секој треба да слуша тоа што го сака и тоа што му прави ќеф. Ако човек самоволно се затвори во еден единствен жанр тогаш мислам дека губи премногу бидејќи “таму надвор” има премногу квалитетна музика вредна за внимание.

11. Како би ги објаснил идеите и ставовите што се инспирација за вашите текстови?

Јове: Идеи црпиме од секаде. Сум рекол и порано, не ни требаат борби со змејови и чудовишта за да не инспирираат. Секојдневието на луѓето е најтешка борба. Моќта за промена е во самите нас, во народот, но многу пати свесно или несвесно одбиваме да ја согледаме вистината.
Шизик: Најмногу сме инспирирани од секојдневниот живот и од работите што се случуваат кај нас, но понекогаш и добар филм или книга може да ни даде инспирација.Читајќи ги нашите текстови, може лесно да се согледа дека нашите ставови се револуционерни, бунтовнички, против погрешното општествено уредување, непокорот и неправдата, а многу често знаеме да ги потенцираме човечките недостатоци на луѓето што лажат, лицемерите и копачите на туѓи гробови.

12. „Пред мене насобрана толпа, Непокор насекаде гледам“, за каков непокор и за која толпа станува збор?

Шизик: Оваа песна е посветена за непокорот на нашиот народ, низ вековите сме трпеле многу неправди и тортури, но никогаш не сме се покориле и сме имале желба за слобода.Такви неправди се уште ни се случуваат, само во малку поинаков облик, а народот сеуште во својот генетски код го содржи тој непокор. Мотивот на непокор е често користен во поезијата на Конески, па затоа оваа песна завршува со рецитал од неговата поема “Тешкото”. Секогаш кога ја свириме оваа песна на нашите настапи “пред мене” има “насобрана толпа” и во публиката го гледам тој непокор и сфаќам дека се уште има луѓе кои се спремни јавно да го искажат својот гнев, а тоа нас многу ни значи, затоа што метал публиката ја сметаме како една од најмоќните револуционерни групи.

13. Која е пораката зад вашата песна „Последен крик“?

Шизик: Во “Последен крик” има неколку приказни кои во тој период ме погодија истовремено и решив да ги спојам сите во еден текст. Има приказна за луѓето што залудно копнеат да се врати времето на Тито – “Воскреснување на великанот”, приказна за “насмеаниот лицемер” што секогаш бара “нешто за возврат”, за недостатоците на правниот систем каде што “посилниот” секогаш успева да ја корумпира власта за сметка на другите кои ќе трпат неправда итн.

14. Што можеме да очекуваме од Skullcrush во наредниот период?

Јове: Па очекувајте втор албум. Лично сум оптимист за материјалот од новиот албум, очекувајте малку позрели SKULLCRUSH, но со истата енергија и револт. Ако ви се допадна нашиот прв албум тогаш сигурен сум дека ќе бидите пријатно изенадени и од вториот.
Шизик: SKULLCRUSH ветуваат дека ќе работат напорно за да го спремат новиот албум, за кој гарантираме дека ќе биде подобар од претходниот. Ќе продолжиме да бидеме активни на сцената и на било каков начин ќе се трудиме да ја крениме на повисоко ниво.

15. Традиционално, последните зборови се ваши, пукајте!

Јове: Ти благодариме на вниманието и поканата за интервјуто. Поздрав и голема благодарност до сите оние кои ја поддржуваат нашата работа, вие знаете кои сте. Се гледаме на некоја свирка!
Шизик: Апелирам до читателите на МкМетал да доаѓаат на свирки, да купуваат албуми, да не ја бојкотираат сцената доколку не се во можност да дадат поддршка, да ги слушаат тато и мама ама само ако имаат исто мислење со нив :) и да слушаат квалитетна музика. Сакам да искажам благодарност од името на целата група до МкМетал за ова интервју и за тоа што ги следи SKULLCRUSH и за крај: Борбата е тешка, ама ќе победиме!

Интервјуирал: Алек