Интервју со Terrifier

Интервју со Terrifier

Terrifier се релативно млад треш метал бенд од Британска Колумбија, Канада. Постојат од 2012 година, имаат два албуми (музички различни) и едно ЕР издание. И овојпат детектор за бендов беше Пецо, па решивме да направиме интервју и да ги претставиме. Велат дека по издавањето на нивниот втор албум „Weapons of Thrash Destruction“ работите почнале да се движат во добра насока. Но, за тоа повеќе во интервјуто…

1. Здраво момци, мило ми е! Претставете го бендот на читателите!

Здраво, јас сум Рене Вилкинсон, свирам гитара и сум еден од основачите на бендот. Останатите грди копилиња се: Чејс Тибидо (вокал), Кајл Шепард (тапани), Брент Галант (гитара) и Алекс Гилс (бас).

2. Зошто го избравте името Terrifier?

Па, да бидам искрен тоа не беше наш прв избор, но денес е речиси невозможно да се најде име кое звучи кул зашто речиси сите се зафатени. Првин се викавме Skull Hammer, но имавме проблеми околу правата за името со бенд од САД и веднаш моравме да најдеме друго име. Баравме привлечно име кое ќе се памти лесно.

3. Кажете ни нешто повеќе за вашите текстови. За какви теми пишувате?

Во основа, Чејс е текстописец и изгледа дека влече кон хаосот и деструкцијата како главни теми. Кога почнавме пишувавме за викинзи/мечови кои се судираат на бојно поле и такви срања , но со текот на годините тоа се смени. Нашиот последен албум е микс од теми од филмови и рандом идеи како „Nuclear Demolisher“, текст во кој се работи за непознати видови кои доаѓаат на земјата за да го поробат и уништат човештвото. Како и да е, поголемиот дел е фикција… реалноста смрди, доста ни е од тоа на дневно ниво.

4. Големи фанови сме на вашиот последен албум „Weapons of Thrash Destruction“. Каков беше приемот на албумот?

Па, сè уште не помина еден месец од неговото излегување, а веќе добиваме одличен фидбек од луѓе ширум планетата! Да бидам искрен албумот добива повеќе реакции отколку што очекував, па не можам да се жалам! Очекував да нè критикуваат дека сме „ретро“ треш бенд, но излезе дека не е така.

5. Каков е текстуалниот концепт или, подобро кажано, идејата која е основа на вашиот последен албум?

Да бидам искрен, се движи насекаде, темите варираат од акциските/хорор филмови од осумдесеттите до инвазии на вонземјани. Името на албумот беше кул игра на зборови од изреката „weapons of mass destruction“, менувајќи го зборот масовна во треш деструкција. Може да се каже дека целта ни е да го освоиме светот со нашите оружја за треш деструкција!

6. Кој ја работеше насловната на албумот и дали се обидувате да го поврзете уметничкиот израз со текстуалниот концепт?

Името на уметникот е Андреј Бузиков, кој има направено и други насловни за многу добри бендови. Насловната се темели на песната што ја спомнав претходно „Nuclear Demoilisher“, но не е тема на албумот, туку само беше кул идеја за артворкот.

7. Кога ја откривте екстремната музика и каков беше патот од таа точка до одлуката да се направи бенд или да се биде член на бенд?

Па, морам да кажам дека сè почна со Metallica кога бев дете. Очигледно моите вкусови пораснаа за потешки бендови низ годините, но тие дефинитивно беа првиот вистински метал заради кој посакав да свирам гитара. Чејс и јас сме пријатели уште од деца и кога бевме тинејџери заедно џемавме, свиревме Metallica, Slayer, Megadeth итн., а потоа почнавме да правиме наши рифови.

8. Кои бендови се вашето најголемо влијание?

Срање, листата е огромна, но ќе се задржам само на некои, Metallica, Slayer, Megadeth, Testament, Sepultura, Kreator, Annihilator, Iron Maiden, Judas Priest, Iced Earth. Не можам да кажам дека сите сме сложни околу ова, но овие бендови се најголемото влијание, мое и на Чејс.

9. Какво е подобрувањето на новиот албум во однос на неговиот претходник „Destroyers of the Faith“?

Во однос на звукот разликата е голема, повеќе се истакнува и е – in your face. Исто така, музички е повеќе thrash/death во споредба со претходниот на кој имавме и power metal влијанија во некои од песните. Имаме и ЕР издание од пред неколку години, кое излезе меѓу албумите, а звучи како новиот албум. Мислам дека сме бенд кој прогресира и се обидува да си даде нови насоки без да застранува, но може да се каже дека со овој албум си го најдовме звукот.

10. Што мислите за религијата?

Науката е кул… ах, да, и Нордиската митологија. Слава на Один!

11. Што мислите за Џастин Тридо?

Пичка.

12. Колку сте активни во однос на концерти/фестивали?

Не бевме многу активни во последниве години. Како да бевме во исчекување да излезе албумот. Свиревме на некои луди свирки, отворавме за одлични бендови и постојано сме дел од „Armstrong Metal Fest“ во Британска Колумбија кој станува сè поголем и поголем со текот на годините. Но, откако излезе албумот букирана ни е речиси цела година со свирки и подоцна годинава ќе имаме турнеја низ САД.

13. На metal-archives забележав (во инфото за бендот) дека ваш издавач е Test Your Metal Records, но на двата студиски албуми пишува дека се независни изданија. Грешам или се работи за некакво недоразбирање?

Да, тоа е затоа што неодамна потпишавме за „Test Your Metal“ за новиот албум. Првиот албум и ЕР изданието беа независни изданија.

14. Дали мислиш дека андерграунд треш металот денес се ревитализира и е исркен и доволно моќен како во осумдесеттите, на пример? Те прашувам зашто понекогаш ја доживувам оваа треш експанзија како еден вид тренд на метал сцената, или подобро кажано, тренд кој е добро балансиран од музичката индустрија.

Да, мислам дека дефинитивно имаше оживување во последните 10 години (приближно) и има бендови кои дефинитивно се пооригинални од другите. Очигледно е тешко да се каже дека некои од нив ги надминуваат оригиналните бендови со оглед на тоа дека многу од нив издаваат албуми кои пак ги надминуваат новите бендови. Искрено, забележувам дека луѓето велат „тоа е само рип оф и веќе е направено“ или „тоа е само ретро треш“, но, да бидам искрен, што не е направено досега? Мислам дека треба да се даде сопствена димензија на сè, без разлика за каков поджанр се работи.

15. Иако новиот албум е тазе, какви се плановите за во иднина? Спотови, можеби ДВД?

Турнеите и фестивалите ни се главен приоритет во моментов и сакаме да снимиме еден или неколку спотови годинава. Иако, Северна Америка е нашиот главен фокус, дефинитивно отсекогаш сакавме да свириме во Европа и се надеваме дека ќе букираме турнеја најбрзо што можеме.

16. Тоа е тоа пријатели. Последни зборови?

Фала за интервјуто! Порака до нашите фанови во Македонија: keep on thrashing!

Интервјуирале: Алек, Пецо