Интервју со The Crown

Интервју со The Crown

Мислам дека за The Crown не треба посебна најава, зашто постојат неполни три децении. Башка, во бендот едно време рикаше Томас Линдберг (At The Gates) итн., итн. Неодамна го издадоа одличниот „Cobra Speed Venom“ и тоа беше една од причините да поразговараме со Јохан, вокалот на бендот.

1. Здраво момци! Што се случува?

Здраво! Сè е океј. Штотуку почнавме со проби за следните концерти. Животот е добар.

2. „Cobra Sweet Venom“ веќе излезе и освојува. Каков е иницијалниот фидбек за новиот албум?

Фидбекот е многу добар. Не можевме да бараме подобар почеток за новиот албум. Мислам, знаевме дека имаме многу добар материјал пред да влеземе во студио, но кога сите се собравме во студиото Fredman сè беше на свое место. Веројатно ова е најголемиот фидбек што сме го добиле досега.

3. Каков е концептот, идејата зад името на албумот? Или насловот беше замислен само за да го задржи музичкиот тек на изданието?

За мене, насловот се однесува на апокалиптична тема која ја следи џиновски убиствен бран кој брзо и брутално убива сè пред себе. Еден вид симболика за она што денес го гледаме во светот. Константна закана дека нешто мрачно и извртено може да нападне кого било, каде било и во секое време. Во моментов светот е многу нестабилен, па Cobra Speed Venom многу добро се вклопува во тоа заедно со артворкот на Кристијан Слоун. Концептот е на Магнус, па можеби тој има различен поглед, но апокалипсата е заедничка тема во поголемиот дел од текстовите, па насловот добро се вклопува во музиката.

4. Албумот излезе преку Metal Blade Records (издавач со кој работевте и претходно). Што се случи со Century Media?

Причината за соработката со Century Media на почетокот беше она што му е потребно на бендот како свеж почеток кога во бендот дојде Јонас и го снимивме Doomsday King. Тогаш не бев во бендот, но претпоставувам дека сакале промена или нешто поинакво, но сите промени не се добри. Продолжувањето на соработката со нив ќе беше слепа улица. Пред да почнеме со работа на новиот албум веќе размислувавме за Metal Blade и што тие значеа за бендот претходно. Им испративме неколку нови песни кои им се допаднаа и набрзо потоа потпишавме нов договор со нив. Многу сме среќни како се однесуваат кон бендот. Како повторно да се соединува големо семејство. Одлично!

5. Каква нова, или различна енергија носи Cobra Speed Venom, во споредба со претходниот албум Death Is Not Dead?

Мислам дека разликата е голема. Верувам дека Death Is Not Dead има одлични песни и вибрации, но му недостасува енергијата што ја има новиот албум. И во однос на звукот и во однос на песните. Работата е што за време на сесиите за Death Is Not Dead немавме комплетна постава, па Марко беше тапанар и продуцент на албумот. Не можевме да вежбаме како бенд. Беше хаотично, но сега имаме стабилна килер постава уште од 2015 година и работиме како тим, а сето тоа може да се забележи на Cobra Speed Venom. Бендот повторно е многу гладен и новите песни се рефлексија токму на татквата умствена состојба.

6. Што концептуализира албумот текстуално? Кои се почетните точки за да се добие слика што сакате да кажете преку текстовите?

Текстовите се занимаваат со сè, од фикција до мрачните нешта во светот. Но, како што реков. Заедничко на целиот албум е апокалиптичната тема која е мошне блиска до нашето секојдневие. Теророт е секогаш присутен во разни форми и е подготвен да нападне кога најмалку се очекува.

7. Каде го снимавте албумот и колку време бевте во студио?

Албумот е снимен во студиото Fredman во неколку етапи, но мислам дека вкупно поминавме околу 14 дена во студио.

8. Кој ја дизајнираше насловната? Како насловот на албумот се вклопува во бранот од насловната?

Насловната е дело на Кристијан Слоун. Тој и Магнус со години зборуваа дека треба да направат нешто заедно, но сè досега немаше прилика за тоа. Артворкот е навистина прекрасен и дефинитивно ќе соработуваме со него и за следниот албум. Cobra Sweet Venom се однесува на нешто навистина извртено, смртоносно и толку брзо што дури и ако не ја гледаш кобрата, бранот симболизира нешто подеднакво опасно кое ќе те убие без колебање ако си на погрешно место во погрешно време. Не се знае кога, но се знае дека постои и дека може да го уништи сето она што го сакаш за момент. Така се чувствувам кога ги гледам насловната и насловот на албумот.

9. Кои делови од светот планирате да ги посетите за да го промовирате новиот албум преку концерти?

Би сакале да ги посетиме сите делови од светот, но реално не можеме. Имаме семејства и работиме (освен бендот), па се обидуваме сиот тој хаотичен куп да го избалансираме, ха ха ха. Но, сигурен сум дека ќе има кул концерти.

10. Да прочепкаме малку во минатото на бендот. The Crown е дом на десет музичари (вкупно, се надевам бројкава е точка). Дали контактирате со сите луѓе кои поминале низ бендот?

Комуницираме малку со Janne и многу малку со Marcus кого го сретнав пред неколку недели. Беше кул. Фино беше што се сретнавме, зборувавме за минатото и иднината на нашите бендови. Не комуницираме со останатите.

11. Следната година е 20 годишнина на бендот? Сте размислувале да направите нешто по тој повод? Можеби неколку концерти со некои од поранешните членови?

Впрочем, присутни сме 28 години, а во 2020 година ќе биде 30 годишнината, па дефинитивно ќе направиме нешто посебно и веројатно тогаш ќе го издадеме десеттиот албум. Не верувам дека ќе поканиме некој од поранешните членови. Мислам, има причина зошто повеќе не се дел од бендот. Моменталната постава веројатно е најдобрата. Нема потреба да го оживуваме минатото.

12. Зошто одлучивте да направите пауза помеѓу Crowned Unholy и Doomsay King?

Во тој период ни се случуваа многу срања. Јас си заминав после Deathrace King, а следуваше турбулентен период со Томас. Потоа се вратив и направивме неколку срање турнеи заради кои се прашувавме дали да продолжиме или не. Possesed 13 е одличен албум, но откако го преснимивме Crowned in Terror, ни требаше пауза. Не сакавме повеќе да бидеме во бендов, па се откажавме и не размислувавме за повторно собирање во иднина. Сите свиревме во други бендови, ги полневме батериите и созревавме како индивидуи и полека станувавме она што сме денес. Едноставно, одличен дет метал бенд со голема историја и дискографија и стабилна постава што ќе ве растресе во годините што доаѓаат.

13. Поминаа речиси 13 години од вашето последно видео издание (14 Years Of No Tomorrow). Дали имате слични планови, можеби за ДВД издание?

Би сакал да направиме уште една ДВД компилација или барем ДВД издание во живо. Се надевам дека ќе има кул концерти на промоцијата на Cobra Speed Venom.

14. Веќе снимивте неколку спотови од новиот албум. Можеби имате план за уште некој?

Планираме уште еден спот. Ќе излезе во мај или јуни.

15. „World War Machine“. Дали може малку повеќе да ни ја објасните песнава?

Генерално се работи за постојаната борба кој ќе има поголема моќ. Луѓето не се грижат за другите сè додека имаат корист од војните и останатите слични мизерии. Таквите тенденции ги гледаме секојдневно ширум светот, иако песната е мешавина од фантастика и хорор.

16. Вашите омилени метал албуми од 2017 и што мислите кој бенд ќе издаде килер албум годинава?

Впрочем, не слушам музика често, но кога слушам тоа се претежно стари изданија. Повеќе сакам филмови. А кога станува збор за нови албуми, досега ги слушнав новите албуми на Saxon и Judas Priest и можам да кажам дека растураат. Особено Firepower.

17. Дали можеби имате нов материјал за следно издание?

Па, Магнус веќе има повеќе од 10 нови песни. Лудо е, но ова е одличен период за бендот. Инспирирани сме и работиме под полна пареа. Следниот албум сигурно ќе излезе во 2020 година и ќе растура! Единственото прашање е колку песни ќе има на десеттиот албум, зашто не можеме да запреме со правење нови песни., хе хе.

18. Ми беше задоволство Јохан, сè најдобро и keep on shredding!

Фала многу за интервјуто. Веројатно ова е првото интервју за македонски метал медиум. Поздрав!

Интервјуирал: Алек