Интервју со Trendkill

Интервју со Trendkill

Trendkill веќе одамна се присутни на сцената и ги знаеме доволно добро. Она што е новост е дека ќе свират со Sinister на Д Фестивалот во Дојран и дека подготвуваат нов албум…

1. Здраво дечки, што се случува со Trendkill во моментов?

Trendkill во моментов работат на вториот студиски албум, неколку свирки и фестивали летово, решение за проблемот со името, како и глобална доминација!

Шега на страна, го подготвуваме вториот албум, се надеваме на спотче, па и некоја турнеичка кратка на крајот на 2017та.

2. Пет години – три изданија. Како сте задоволни од сработеното?

Сега за сега одлично. Има што да се каже, има доста музика преку која да се каже истото, добивме позитивни критики, особено за последното ЕР, како од публиката, така и од луѓе кои ги почитуваме, постари батковци и дадички од сцената. Нашиот звук во последно време подрзок, а тоа ни се допаѓа и нам и на публиката.

3. „Colors of Self“ излезе 2015 преку „Мрак“, а ЕР-то „Приградски хардкор“ годинава како независно издание. Што се случи со соработката меѓу вас и „Мрак“?

Имавме албум за издавање, и луѓето ни излегоа во пресрет. Тоа е тоа, супер екипа, за соработката нема збор. Имаат и пар други компилации и изданија. Си работат на underground-от, а тоа секако ни оди и нам и на сите кои се дел од сцената во прилог.

4. Имавте неколку промени во составот, зошто? Или членовите што си заминаа не можеа да го живеат приградскиот хардкор?

Обврски, брак, селење во друга држава, директорисување и слично. Секоја чест на Мише и Даме за сработеното. Мише имаше премногу обврски и не можеше да постигне веќе, додека пак Даме се пресели постојано во Русија. Тие се голем дел од звукот на Trendkill, но
приказната продолжува. Бенд е жива материја, работите се менуваат, звук, членови, опрема…

5. Задолжително сакам подлабока елаборација околу текстовите, односно она што генерално е ставот на Trendkill. Од каде инспирација, кон кого се насочени лиричните истрели?

Живеење во Македонија, корумпирани говна на сите страни, плавите свињи. Фактот што сме дел од underground сцена си доаѓа со мета со на грбот, особено од полицијата. Фактот што регресот стана стандард, фактот што луѓе на позиции повикуваат на војни, фактот што, во зборовите на Флукс, секој би убил секого. НО не е се така црно, сепак сме млади и витални, дел од песните ни се забава, а и затоа го правиме ова. Од нашето искуство, луѓето од сцената имаат различни ставови и мислења за многу работи, но секогаш сме имале единство во однос на тоа што е важно.

6. Дали има некакви планови за нов албум?

О, ДА!

7. Дали сте размислувале за спот? Некако спотот стана, условно кажано, „задолжителен“ формат?

Дефинитивно! Да собереме одредени финансии и се надеваме ќе го оствариме наскоро, по можност летово. Жени, дрога, автобуси од ЈСП, каци со кисел купус во кадар. Знаете, стандардот.

8. Како се случи дилот за Sinister? Некакви очекувања (сепак се легендарен бенд)?

Нашиот човек Зиле, познат металец, а во последно време и докажан планинар нè повика на Д Фест. Секако прифативме, особено затоа што ќе свириме на фестивал, и да ќе свириме со легенди како Синистер, како и Shock Troopers, што секако ќе додае на мајкоебачката атмосфера на настанот. Што велат Американците – ТОА Е БЕЗМОЗОЧЕ (IT’s a no brainer)!

9. Кога сме веќе „кај темата“, дали одамна е дојдено време домашните метал бендови да бидат хедлајнери на вакви поголеми настани? Некако како да владее „мораториум“ на таквата мисла кај нас, иако (да не ги споменувам земјите, нема потреба) во регионот уште од поодамна има некоја таква традиција на настани исклучиво со домашни бендови. Дали сметате дека некоја таква промена би била од полза за домашната сцена (иако, и тоа е нож со две острици зашто дел од публиката воопшто нема ни да дојде ако нема странски бенд)?

Најважно е нашите бендови да творат, и да свират. Ако си лепиме етикети како хедлајнери на фестивали, немаме некој ќар. Да свириме пред сцената, да се трудиме повеќе и да ебеваме матер на бина. А ако доволно газиме, сами ќе си правиме фестивали. Таков фестивал впрочем и имавме, се викаше Дојди Веслај, каде што три дена се ебаваше матер од метал, СО ДОМАШНИ БЕНДОВИ, имаше луѓе од цела Македонија, и имаше невидена дружба и одлична органзиција. За жал, Стефан, човекот кој го правеше сето ова, нè напушти пре пре преебено рано, и фестивалот умре со него. Што не значи дека не треба сами да превземе инцијативи во иднина.

10. Некакви планови, најави за свирки надвор од државава?

Од септември па натаму. МОРА!

11. Последните зборови се ваши, ако нешто не прашав, а сакавте да ги кажете, бујрум!

Фала ти на интервјуто Алек! Драга публико, следете на социјалните медиуми – конкретно Facebook и Youtube. Доаѓајте на свирки, дружете се, коитус редовен и дрзок, проследен со добро информирање за вашето репродуктивно здравје. Држете го срањето приградско!

Интервјуирал: Алек