Интервју со Triggered

Интервју со Triggered

Triggered ги слушнав неодамна, токму кога објавија неколку одлични песни. Веднаш потоа им се случи и првиот настап во живо, сето тоа збиено на мал временски простор. Повеќе за новата кумановска сила во редовите подолу.

1. Здраво, претставете го бендот.

Здраво. Бендот е квинтет од Куманово, обединети под името Triggered. Оформен во 2017, бендот твори во сферата на death и groove метал жанрот. Моментално има материјал колку за едно ЕП. Процесот на творење е долг, но квалитетен.

2. Чија беше идејата за името на бендот и зошто баш Triggered? Дали има некакво значење или е само обична ознака на бендот?

Додуше, што викаат кумановци, бендот поголемиот дел од своето постоење го помина без назив. Баравме кратко и звучно име, па гласавме, па после милион и триста шеесет и пет илјади предлози, се одлучивме за името Triggered. Репетирани, и спремни да испукаат јако хаха.

3. За оние што не ве слушнале досега, каде се движите жанровски?

На пресекот помеѓу death и groove. Остри дисторзии, growl и scream вокали, бенгерски рифови и грув ритам секција.

4. Кои се луѓето зад Triggered, кои не се непознати ликови на домашната сцена?

Во состав се членовите: Иван Алексовски вокал, Даре Симоновски и Филип Николовски на гитари, Мирослав Денковски на бас и Кристијан Стојановиќ на тапани. Даре свирел ритам гитара во Holocaust, Мирослав барабар со него бас во Holocaust како и во Victim Yield и Dedicated For Life. Иван и Филип доаѓаат од кумановската Madara, а Kристијан доаѓа од рокенрол позадина, од бендот Overload.

5. Неодамна издадовте три песни, каде ги снимавте?

Нè снимаше Кирк (Филип Тасевски) од Холокауст гитаристот, во неговото домашно студио Discordia. Супер излезе снименото, ај мала реклама – кој сака да снима полупрофесионално материјал за демо, ЕП па и албум, контактирајте го слободно на ФБ.

6. Дали освен овие три песни „во фиока“ чувате уште материјал?

Се разбира, имаме готов материјал од околу 50 минути и активно работиме на нов во меѓувреме.

7. Кога може да се очекува некакво издание и какви се плановите на тоа поле?

Како и секогаш, се работи на тоа материјалот да се дефинира, техниката да се доведе до завидно ниво, и да се влезе во студио на стабилни нозе. Датум се уште непознат.

8. Набрзо откако ги објавивте трите песни го имавте и првиот концерт со Counterignition од Србија, во Скопје. Кој го организираше тоа и како се случи толку брзо, од издавањето на песните до првиот концерт?

Бевме контактирани од Wade, основач на балканската бранша на Ride to rock организацијата, кој бараше бенд за поддршка на Counterignition. По кратки преговори, свирката беше организирана, за што мора да истакнеме дека сме многу задоволни од организацијата и сакаме да изразиме благодарност до Ride to rock организацијата, Counterignition, и секако до публиката која беше присутна на концертот.

9. Дали Triggered е бенд или проект?

Дефинитивно бенд. Ни се допаѓа она што излегува од просторијата за проби, и сходно на тоа, немаме намера, барем во догледно време, да престанеме да работиме.

10. Што се случува со кумановската сцена во моментов? Знаеме дека „порано“ имаше доста бендови и настани во Куманово, впрочем како и низ државава, арно ама работите некако спласнаа, што се случуваше изминативе години?

Кумановската сцена е во комплетна стагнација. Дали како комбинација на повеќе фактори, или едноставно промена на генерациите кои веќе не се пронаоѓаат во културата, евидентно е дека сцената стагнира со опаѓачка тенденција. Сва среќа, има уште неколку коња што ја влечат колата напред.

11. А, што се случува со подзаборавените Холокауст? Дали бендот некако живурка, дали има некакви планови или сето тоа е dusted?

Готово е, доста време помина од последната свирка и проба, сите по свој пат продолжија осим Мирослав и Дарко кои останаа на ист. Можда за 10 годишница од Ground Zero во 2019та ќе се собереме на една свирка во Куманово? Кој знае, живи здрави.

12. Какви се плановите на Triggered за наредниов период? Албум? Можеби спот? Уште свирки?

Бендот размислува проактивно. Си го разработуваме музичкиот опус, додека во меѓувреме ги разгледуваме опциите за експанзија на други полиња. Народски, отом потом. Имаме понуда за спот, понуда за студио, но не сакаме да избрзаме такви кардинални одлуки.

13. Какви теми обработувате во текстовите, за што се работи?

Во песните што ги имаме издадено: Venom – се работи за лажни пријатели и целата негативност што ја доведуваат во животот, Coming undone – борба со лични проблеми, кои што при обиди за нивно избегнување само стануваат полоши и полоши, Dementia – е направена како разговор измеѓу две лица, од кои едниот ја има болеста деменција. Во други песни обработуваме корупција, наместени војни, лични демони и победа врз нив.

14. Се надевам дека наскоро ќе изненадите со уште некоја нова песна, но исто така се надевам дека приказната нема да застане само на тоа. Поздрав!

Фала Алек на интервјуто, се гледаме на шипка! Stay Metal. \m/

Интервјуирал: Алек