Интервју со Unending Fury

Интервју со Unending Fury

Unending Fury се релативно нов треш бенд од Скопје. На 9 март го издаваат својот прв албум, „Negative Peace“ преку Diehard Records. Еве што имаа да кажат пред излегувањето на албумот.

1. Дечки здраво! Претставете го бендот.

Здраво Алек! Првин фала ти за можноста да кажеме по некој збор пред посетителите на Мкметал. Бендот следи една ако можам така да се изразам, типична македонска металска ситуација на постоење со години, без официјално издание, по некоја локална свирка, и многу ентузијазам. Во сериозна форма бендот е формиран во 2011, првин како четиричлен состав, а некаде во 2012 ни се приклучува уште еден гитарист и од тогаш па наваму функционираме во истиот состав, без никакви промени, што е реткост и за што сме навистина среќни. Идејата за бендот е на вокалот Христијан и гитаристот Дамјан, тогаш млади металци, и првичната замисла е да се свири треш метал. Со текот на времето, како созреваше материјалот полека бендот го доби моменталниот speed/thrash метал звук.

2. Кои се луѓето зад Unending Fury?

Христијан Трајчевски – вокал
Дамјан Николовски – гитара
Александар Саздовски – тапани
Јане Миладиновски – гитара
Никола Велевски – бас гитара

3. Зошто баш Unending Fury како име за бенд?

Името Unending Fury може да е препознатливо за гејмери, затоа што е преземено од познатата игра World of Warcraft. Инаку, избрано е затоа што звучи моќно, оригинално, а воедно и совршено ја опишува музиката што бендот ја свири.

4. Наскоро изглегува вашиот прв албум „Negative Peace“. Какво музичко издание да очекуваме?

Во кратки црти, околу 42 минути агресивен, брз, едноставен и бескомпромисен, speed/thrash метал. За фанови на рани Slayer, рани Sepultura, Dark Angel, како и на понови бендови како Toxic Holocaust и Havok, и се разбира на Германската треш сцена од 80тите (рани Kreator, Sodom, Violent Force).

5. Што опфаќа „Negative Peace“ во текстуална смисла и зошто баш ова име за албум?

Negative Peace како концепт се однесува на ситуација на привиден мир, односно сите елементи на конфликт постојат, освен елементот на насилство или отворена војна. Нас тука во Македонија ни е многу добро позната ваквата состојба, но изминативе години целокупната глобална политика добива една ваква димензија на негативен мир, каде државите се навидум мирни, а општествата вријат и гнијат одвнатре. Во таа смисла, Negative Peace текстуално е политички албум, односно наши политички ставови и позиции за политичката ситуација во изминативе неколку години, најпрвин кај нас во Македонија, но и пошироко во светот. Можеби делува по малку клише, “уште еден треш метал бенд со политички текстови”, но се наоѓаме во време каде што банални работи како смисла за хумор или музички преференци, итн, но и многу посериозни работи како концептите за правда, праведност, слобода, мир, прераснаа во политички чин, а уште полошо, чија вредност се менува во зависност од потребите на криминалци во фенси костуми. Оттука, некако природно дојде незадоволството да се изрази во таа форма. Се разбира, останува на слушателите како ќе ги интерпретираат нашите стихови и кои елементи од нашата реалност ќе ги препознаат.

6. Албумот излегува со етикетата Diehard. Кажете ни нешто повеќе за тоа? Како воопшто дојде токму Diehard да бидат издавач за вашиот прв албум? Дали имаше потрага по издавач или веднаш се знаеше дека ќе бидат токму тие?

Уште од самите почетоци на бендот имавме огромна поддршка од Диме (Hardfaced) и неговиот label Diehard Records. Нашата сцена е мала, и колку и да е тоа клетва, знае да биде и благослов, особено во нашиот случај, во смисла што покрај професионалната соработка со Диме, лично се познаваме со години и сме многу добри другари, така што соработката дојде многу природно. Уште откако почнавме со снимање на албумот го искомунициравме Диме кој ни кажа дека е заинтересиран да излезе албумот преку Diehard Records, така што останатото беше помалку или повеќе договарање околку деталите. Diehard Records беше наш прв и единствен избор 

7. Каде го позиционирате Unending Fury на домашната сцена?

Ние сме веројатно еден од најнепознатите бендови на домашната сцена или во најмала рака бенд за кој најголемиот дел од луѓето можеби имаат слушнато, но никогаш го немаат чуено . Шега на страна, се трудиме да бидеме поактивни на домашната сцена, се разбира колку ни дозволуваат можностите и околностите. За жал, во нашето 7-годишно постоење бројот на настапи може да се изброи на прсти, (што по наша вина, што не), немавме снимен материјал пред албумот и тоа си носи свои последици. Од друга страна, се надеваме дека со Negative Peace ќе успееме малку подобро да се промовираме пред домашната публика, особено ако се има предвид дека стилот што го негуваме speed/thrash метал како да замре во последниве години.

8. Дали освен слушачка промоција за албумот ќе има и концертна и, ако има, какви се плановите во врска со тоа?

Концертна промоција дефинитивно ќе има, во моментов разгледуваме различни можности заедно со Diehard Records кога и како да се изведе, а во игра е и можност за интересно изненадување. Во оваа прилика, толку би споделиле на оваа тема. Сите останати информации ќе бидат објавувани преку нашата фејсбук страна.

9. Дали можеби планирате спот од првиот албум?

Дали сме размислувале за тоа, секако да. Дали планираме, не . Сепак, за добар спот е потребен малку поголем буџет, нешто што во моментов го немаме. Останува сепак надежта дека во некоја наредна прилика (можеби веќе со следното издание), ќе успееме и тоа да го изведеме. Она што во моментов имаме да го понудиме е lyric видео за нашиот прв сингл “In This Madness” кое е закачено на Youtube.

10. Некакви контакти надвор од државава? Можеби планови за концерти или турнеја? Како стоите на тоа поле?

Постојат иницијални идеи да се организираат концертни промоции во неколку од околните држави, меѓутоа засега, нема ништо конкретно. За жал, концертно не сме премногу активни дури ни на домашната сцена, што поради други обврски, што поради рандом околности, па поради тоа како што кажав и погоре и покрај тоа што бендот постои веќе 7 години, сè уште сме релативно непознат бенд за голем дел од домашната публика, а да не збориме па за надвор од Македонија.

11. Каде и како го снимавте албумот? Како течеше процесот?

Снимањето на албумот е “интересно” патешествие само за себе. Албумот е сниман во Polarity Studio Recordings (ex-Almost Famous Studio), од страна на Горан Ристевски (Smut). Бубњеви, гитари и бас се снимаа летото 2015 година, а вокалите дури една година подоцна, некаде летото 2016 година. Причина за тоа е што одлучивме малку посериозно да ги преработиме текстовите на целиот албум што ни одзема доста време. Наредните неколку месеци следеа микс и мастер, и конечно некаде на средина од 2017 година албумот беше комплетиран.

12. Кој е задолжен за артворкот?

Артворкот е изработен од Ема Стаматовска, наша добра другарка и одличен уметник, која што го нацрта омотот, а потоа дигиталната обработка е од Дамјан Клинчаревски (Ambroz) кој исто така совршено ја долови нашата замисла.

13. Тоа е сè засега, па се надевам ќе позборуваме повеќе во некоја следна прилика. Последните зборови се ваши!

Огромна благодарност до тебе Алек и до Мкметал за одвоениот простор! За сите љубители на метал музиката – дојдете на 9-ти март во Браво на промоција да се подружиме, да испиеме некое пиво и се разбира да слушаме метал! И, се разбира, набавете го Negative Peace!