Интервју со Varg

Интервју со Varg

Знам дека поодамна го најавивме интервјуво, но бидејќи целата комуникација се одвиваше преку менаџерскиот тим на Napalm Records, работата малку се извлече. Воедно, ова е прво интервју кое сме го добиле преку менаџерски тим на издавачка куќа и морам да признаам дека луѓето беа крајно професионални, доследни и брзи. Имате еден лик преку кој комуницирате, друг кој испраќа промо материјали итн, итн. Како и да е, да не бидат техникалиите главниот збор од воведот, за оние што не ги знаат (како мене до пред извесно време) Varg се германски, начелно, блек метал бенд со еден куп други влијанија, а целата таа слика можете да ја видите ако им „прошетате“ низ албумите. И не зборувам само за музичкиот израз туку и за текстуалниот. Бендот еволуирал одлично, има мошне скромна дискографија, а последниот албум им е експлозивен. Интересни луѓе со интересни погледи на нештата. На прашањата одговараше Тимо Ротен, гитаристот на Varg

1. Здраво момци, претставете го Varg на нашите читатели.

Здраво! Varg е бенд со пет членови од Германија. Започнавме како чист викинг метал бенд во 2006 година, но во текот на нашите 4 албуми започнавме да инкорпорираме повеќе и повеќе модерни влијанија во нашиот звук. Денес, свириме многу моќна мешавина од викинг, дет и блек метал со вистинска доза тежина и привлечни мелодии.

2. Ова е 10-та година од вашето постоење со 5 албуми на вашиот грб. Тоа е многу плоден период. Како еволуираше и се менуваше бендот низ годините?

Па, веќе ти споменав за нашата музичка позадина. Ако сакаш да навлезеш подлабоко во нашата музика можеш да нè провериш на Spotify. Сите албуми се таму, освен новиот кој исто така ќе се најде таму, само за одредено време. Покрај тоа, можам да кажам дека досега стекнавме следбеници ширум светот со многу турнеи насекаде низ Европа и Северна Америка. Бендот имаше неколку промени во поставата, но сега имаме многу солидна постава која се чувствува перфектно. Бендот е посилен од кога било и мислам дека тоа може да се забележи на нашиот нов албум „The End of All Lies“, кој според моето мислење е најсилниот материјал што сме го издале.

3. Морам да признаам дека Varg ги слушнав првпат годинава. Потоа, ги поминав постарите албуми и забележав музички и текстуални промени, исто така. Но, она што за мене е важно е радикалната промена во темите на текстовите помеѓу вашиот нов албум и претходните албуми. Како ќе го објасните тоа?

Секогаш зборуваме за неколку различни теми. Се разбира, имаме викиншка позадина со приказни од северната митологија со која започнавме. Сè уште имаме неколку песни со таква тема на новиот албум (Einherjer, Winterstorm). Покрај тоа, секогаш се обидувавме да инкорпорираме лични и социо-критички текстови. Не сакаме да се затвориме во специфичен концепт, кога станува збор за Varg. Пееме за она што сметаме дека треба да пееме… едноставно, го правиме тоа.

4. Бидејќи Varg веќе не се непознат бенд, дали некогаш сте помислиле да го промените јазикот на кој се пишувани песните? Ја почитувам одлуката да се пее на мајчиниот јазик, но во исто време тоа ги оневозможува луѓето навистина да разберат за што се работи.

Затоа, новиот албум го издадовме во две верзии. Ако успееш да го најдеш дигипак изданието ќе видиш дека во него исто така има и бонус диск со англиски текстови. Навистина работевме многу за да преведеме сè, не само буквално туку и да се долови вистинската емоција и атмосферата. Резултатите се перфектни. Ги сакам двете верзии. Varg секогаш ќе биде германски. Англиските верзии се само подарок за нашите фанови!

5. Да бидам искрен, ве фатив на мојот радар преку вашиот последен спот за песните “Der große Diktator/Das Ende aller Lügen”. Песните имаат чиста и радикална порака и покрај германскиот јазик кој не го разбирам (значи визуелниот ефект го одработил своето). Па, кажете ми, дали светските лидери се најголемата закана за човештвото и хуманизмот?

Се плашам дека не е толку едноставно. Но, се разбира, корупцијата е голем проблем. Ако продлабочуваш во таа тема ќе мораш да дефинираш кои се навистина светските лидери. Дали нашите политички лидери, претседателите или слично. Или можеби сите оние големи корпорации кои навистина ги влечат конците од позадина. Лобирањето е голема работа. Навистина не го знам одговорот, но знам е дека нештата постојано треба да се преиспитуваат. За секое прашање секогаш има две страни.

6. Со оглед на тоа дека на албумот, веднаш по првите две песни доаѓа песната „Revolution“, претпоставувам дека тоа претставува еден вид концептуална трилогија? За што зборува песната? Ме интересира за каква револуција зборувате?

Така е, тоа е трилогија. Овие три песни на некој начин се изградени како целина. Свесни сме дека не можеме да го смениме начинот на кој фунционираат светот и општеството со издавање албум. И не сакаме луѓето да станат насилни или слично. Само сакам да ги охрабрам сите да ги преиспитуваат нештата, да не го прифаќаат сето она што им се кажува како ултимативна вистина. Нашето општество е осакатено и лажно. Луѓето се обидуваат да живеат преку лажни претстави за себеси кои ги промовираат преку социјалните мрежи. Но, не можат. Згора на сè, сите се излажани преку медиумите, политичарите и таканаречените лидери, без разлика дали се религиозни или не. Тоа е фрустрирачки и во нас создава омраза. Но, луѓето го насочуваат својот гнев во погрешна насока, бидејќи не знаат поинаку. Гневот секогаш е насочен кон оние под нив наместо кон оние кои се одговорни за нивните проблеми. Не ме сфаќај погрешно, не велам дека сите медиуми, сите новинари и сите политичари се корумпирани и лажат. Системот во кој живееме е комплициран и многу е тешко да се ѕирне зад завесите.

7. Ајде малку да се опуштиме. Дали во Varg се случија многу промени во поставата? Дали тоа влијаеше на музичката и текстуалната насока на бендот?

Да, секако. Главната промена беше откако го издадовме првиот албум Wolfszeit. Гери беше вокал и еден од главните текстописци на тој албум. Јас му се придружив на бендот потоа и ги преземав обврските околу пишувањето текстови. Јас воопшто немам паганска или фолк позадина. Дури откако станав член на Varg, за првпат слушнав за тој жанр.

8. На Metal-Archives забележав објаснување во кое се вели дека Varg е антифашистички и антирасистички бенд. Дали некои членови од бендот можеби се активни во такви организации, и кажи ни што мислиш за антифашистичките и антирасистичките организации од Германија. Денес ја имате Пегида, што мислиш за нив?

Проблемот, како што споменав претходно, е во тоа што луѓето се фрустрирани. Луѓето во Пегида се фрустрирани и се плашат од нешто што навистина не го разбираат. Па, се обидуваат да најдат жртвено јагне за нивните проблеми. Тоа е голем проблем кој го набљудувам со голема претпазливост, а можеби и со страв.

9. Има уште едно нешто што може да ја комплетира дискографијата на бендот, а тоа е ДВД издание. Дали сте размислувале за тоа?

Всушност, издадовме ДВД, но тоа беше многу одамна. Тоа беше во ерата на Wolfszeit албумот. Но, да, да се направи висококвалитетно ДВД во живо дефинитивно е идеја за иднината која може да ја реализираме еден ден.

10. Вашиот нов албум излезе на 15 јануари годинава. Какви се вашите очекувања? Можеби на повидок е турнеја за новиот албум?

Се разбира, се ближи Wolfsfest а тоа е првата хедлајнерска турнеја на Varg која ќе биде на тоа ниво. Многу голема продукција со шест бендови како учесници. Ќе биде одлично. За жал, ќе се одржи само на две места, во Германија и Швајцарија. Засега, не можам да потврдам ништо друго, но работиме на тоа да направиме уште неколку меѓународни турнеи и се надевам дека ќе го потврдиме тоа во блиска иднина.

11. Соработувате со Napalm Records. Како ги оценувате односите и соработката помеѓу двете страни?

Napalm Records засега се одличен партнер и мислам дека и ние и издавачот сме многу среќни со моменталната ситуација. Тие навистина работат одлично!

12. Ме интересираат две нешта и ќе ги вметнам во едно прашање. Каква метал и не-метал музика слушаат членовите на бендот?

Навистина слушаме различни нешта. На турнеја често го слушаме германскиот хип хоп бенд K.I.Z, на пример. Во моментов, се задлабочив во Yelawolf. Неговиот последен албум „Love Songs“ е убиствен албум. Широк е опсегот на не-метал музиката што ја слушаме додека сме на турнеја, од рок до рап и поп музика.

13. Дали планирате да снимите уште еден спот од новиот албум?

Веќе снимивме три спотови од новиот албум, а четвртиот е во изработка. Трите спотови се веќе издадени! Проверете ги на Youtube. Особено „Achtung“ кој е навистина гнасен, ха ха!

14. Тоа е сè засега, ви посакувам сè најдобро и се надевам дека повторно ќе разговараме во друга прилика. Последните зборови се ваши!

Благодарам за интервјуто и интересните прашања! Keep up the Wolfskult!

Интервјуирал: Алек