Интервју со Yovel

Интервју со Yovel

Yovel ги запознав сосема случајно. Пред некоја година ни испратија материјал за прилог, а пред некоја недела нѐ известија дека имаат нов албум. Почнав муабет со Стефанос (тапанарот) и тоа прерасна во подолга дискусија до разденување. Сето тоа ме „боцна“ да направам интервју со нив. Иако не сум многу по блек металот, имав „привилегија“ „Forthcoming Humanity“ да го преслушам пред да излезе. Не сум доволно блекерски поткован за критика, но албумот ми дојде супер. „Forthcoming Humanity“ е пример за тоа како треба да изгледа концептуален албум, „напукан“ со сите потребни состојки. Не е класично металствување туку албум што раскажува приказна на повеќе начини. Да скратам, зашто во прилог следи големко интервју (за оние што сакаат да читаат). А оние што не сакаат, во самото интервју е албумот кој официјално излезе завчера.

1. Здраво момци, мило ми е што се запознавме. Претставете им се на нашите читатели.

Поздрав од Атина, Грција! Задоволство е да ги споделиме нашите мисли со тебе и читателите. Yovel започна како потреба за изразување после период на индивидуални и колективни слепи улички. Но заради искуството низ годините и фидбекот што го добивавме, Yovel стана нешто повеќе: начин за наоѓање заеднички нешта со луѓе од цел свет. Наш начин на отпор, начин за изнаоѓање нови начини на отпор. Yovel стана наш начин на живот, а не само начин на преживување. Сега. Ние. На планетава.

2. Досега имате три изданија, ЕР во 2017, првиот албум „Hide tu“ во 2018 и вториот албум годинава (2020). Дали сте задоволни со трудот досега?

Издадовме два албуми, во 2018 и годинава „“Forthcoming Humanity“ кој излезе на 2 октомври. Нашиот прв сингл „Centennial“ излезе во 2017 година и „познатата“ преработка на песната „Silence“ од класичната песна „Kemal“ од композиторот Манос Хаѕиакис во 2019 година. Видео клипот беше тргнат од интернет, но можете да го видите и слушнете тука. Посветен е на жените од Блискиот Исток.

Се чувствуваме комплетни благодарение на нашите избори. Сѐ што направивме беше неопходно во дадениот период, нашите избори нѐ опишуваат нас, како се чувствуваме и што сакаме. Сето тоа не се менува низ годините. Пораката е иста. Спротивстави се. Преиспитај. Бори се за сопствените права. Нека платат богатите. Да го откриеме животот на Земјата одново.

3. Свирите блек метал но во вашата музика има и други фини елементи. Од каде доаѓа тоа?

Повеќе сме музичари аматери, она што ни недостасува како вештина го надоместуваме со нашите срца, нашите умови, нашата страст. За нас, музиката претставува здружување на емоции и „аудио претстава“. А не само нормалност и „правила“ од минатото.

4. Кажете ни нешто повеќе за грчката сцена. Не во смисла на набројување бендови и жанрови, туку генерално, што е она што е карактеристичко за грчката сцена?

Изобилува со добра музика, добри бендови и добар став. Среќни сме што грчката метал сцена има бендови кои гледаат на музиката како на нешто повеќе од тонови (поздрав до нашиот другар Аилос од Spectral Lore). Не се работи „само за музика“. Веруваме дека барем малку помогнавме во насока на овој став.

5. Вие сте независен бенд, и тоа го почитувам, но дали тоа е моментална состојба или став, избор? Дали сте отворени за соработка со издавач и под какви услови?

Сакаме да ја шириме нашата порака. Тоа е нашата цел, нашата мисија. Нашиот избор произлегува од околностите. Но, да појасниме: пораката е цел, без воздржување, без компромис. Овој факт нема да се смени без разлика на сѐ.

6. Да се фокусираме на „Forthcoming Humanity“. Прво, какво човештво очекувате да дојде?

‘’We decided to live
We find haven in all the lands of the poor
We will endure / this world we will cure
[because] We decided to live / breath / retrieve
We find guidance in(side) the hearts of the poor
we will blossom into the dream of a fool
It is us – it is We
[we’ll] Reclaim our Future from Commodity
It is us – it is We
We are the Forthcoming Humanity
And so it shall be’’

Борбите од сегашноста нѐ потсетуваат дека сѐ уште сме живи, сѐ уште се надеваме. Од имигрантската окупација на Парискиот Пантеон, до антифашистичката борба во Грција и Шпанската граѓанска војна, од улиците на Портланд до Запатистите, гледаме одлучноста и надеж. Желба за живот. Желба да се заштити планетата од капитализмот и истребувањето. Сите оние што разбираат, избираат страни и се борат, сите тие се носители на „Човештвото што надоаѓа“.

Текстот на песната „Forthcoming Humanity“ ја објаснува нашата визија. Преживеавме многу. Живееме во Грција, земјата на вечна криза. Пандемијата е нова шанса за капиталистите и корпорациите да го зголемат своето богатство. Расизмот насекаде станува официјална државна политика. Платформите на социјалните мрежи ги контролираат нашите животи, речиси во секој аспект. Изгледа дека сѐ се распаѓа. Но имаме верба во нашата борба. Го знаеме сопствениот пат низ вековите. Знаеме дека ништо не завршува, ниеден пораз не е последен. Знаеме дека ја зборуваме вистината и имаме (нов) здрав разум. Веруваме дека ќе победиме. И тогаш ќе изградиме ново општество, заедно со „новото“ човештво. Ние. Но мора да побрзаме зашто времето истекува…

7. Каде и како го снимивме новиот албум? И многу ме интересира артворкот, кој работеше на тоа? Раскажете ја приказната зад артворкот.

Албумот го снимавме последниве 5 месеци, со многу потешкотии заради пандемијата. Но сѐ е во ред и горди сме со финалниот резултат. Едвај чекаме да го слушнете и да кажете што мислите.

Артворкот се темели на советската слика „Нова планета“ од Константин Јуон. Како што претпоставуваш, концептот на „новата планета“ се темели на новото општество, стравопочитта, стравот и очајот како и копнежот што произлегуваат од сето тоа. Тоа е нашата централна мисла. Редизајнот за омотот го работеше Аргирис Атанасиадис и сметаме дека е одличен, му се заблагодаруваме за тоа. Навистина сме горди со артворкот и особено со буклетот кој има 32 страни и е неопходен водич за преводи, за историските инспирации и главната тема на албумот.

Веруваме дека оние што ќе го набават дискот ќе го почитуваат нашиот труд.

8. Дали новиот албум донесува нешто ново музички и текстуално, во споредба со неговиот претходник? Или само продолжувате онаму каде што застанавте?

„Forthcoming Humanity“ се темели на поезијата на Тасос Левиадитис, кој живееше и пишуваше за надежта, борбата и загубите на грчкиот народ и грчкото левичарско движење, особено во повоените години. Но преку албумот се поврзуваме со денешниот свет, со сличните движења ширум светот, со „бунтовниот“ 20 век, со нашите погледи на нашата маглива иднина. Така што ова не е само признание за нашето регионално минато, туку потврда за бунтот и револтот на сиромашните – насекаде. Изданието е врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината. Ги претставуваме загубите од минатото, кои се дел од минатото на нашата земја, но и дел од секоја земја. Оваа приказна нѐ води кон сегашноста и служи како ода за оние што ќе дојдат.

Нека биде така.

Како што кажав претходно, албумот го содржи (и става точка на) тажењето за загубите од минатото, содржи силна верба во борбите од сегашноста и мал зрак надеж за нашите животи во иднината. На некој начин, албумот е логично продолжување на неговиот претходник, но не е само тоа туку нешто повеќе. Не е фикција, туку историја. Не е молитва. Се однесува на денешната борба. Албумот е насока за акција.

Музички, веруваме дека ги содржи сите елементи од нашиот прв албум и ги носи во екстреми. Агресијата, мелодиите, генералниот став.

9. Темите на вашите текстови се вртат околу антикапитализмот, корупцијата, угнетувањето. Кажете нешто повеќе за ова за да можеме повеќе да ја отвориме „пандорината кутија“.

Капитализмот е константна пандемија на човештвото. Капитализмот ја уништува нашата планета, дозволува да умираат луѓе, го деградира јавниот здравствен систем, продава оружје ширум светот, додека се соочуваме со енормна економска криза и невработеност и додека работиме за трошки. Веруваме дека капитализмот е „клетва“ на западната цивилизација. Создава нееднаквости, ги храни фашизмот и расизмот и создава угнетувачки свет. Живееме во системско угнетување. Нашиот бенд е „повик за борба“ против угнетувањето и причините кои стојат зад него.

10. Свесни сме за идентитетскиот конфликт помеѓу нашите држави и затоа сметам дека не треба некое поголемо објаснување. Каков е вашиот став за овој политички и идентитетски проблем?

Не се идентификуваме со ниедна нација. За нас, „нашата татковина се сите патишта на кои спијат мртвите од нашата борба“.

Веруваме дека секоја земја има право на самоопределување, во согласност со нејзината приказна, социо-историските референци итн. Свесни дека имаме многу повеќе заеднички нешта со македонските работници отколку со грчките буржуи. Всушност, се бориме против вториве, а солидарни сме со првите.

Знаеме дека сиве овие години „спорот за името“ беше поволен услов за подемот на фашистичките групи и идеологиите од радикалната десница во нашите општества. Особено тука во Грција, спорот за името беше главна политичка шпекулација за фашистите и ѓубрињата од радикалната десница речиси 30 години. Ние, грчкиот и македонскиот народ, треба да се бориме против тоа до крај.

Како соседни народи, долгите години коегзистирање направија нашата историја да биде поврзана. На пример, за време на грчката „граѓанска“ војна од 1946 до 1949 година, кога Американците фрлаа напалм на планинските села и отвораа концентрациони кампови за цивилното население, помошта од Народна Република Македонија која згрижуваше илјадници бегалци и ѝ помагаше на Демократската армија на Грција е непроценлива. Сакаме да знаете дека ние не забораваме и дека никаков спор околу името нема да биде причина да заборавиме дека сме исти! Ви изразуваме солидарност.

11. Тоа нѐ води до десничарската експанзија во светот денес. Што ќе кажете за тоа? Колкава е штетата за човечката слобода која ја причинија десничарските политичари и десничарските движења?

Тоа е комплексна ситуација. Глобалната економска криза креира системска недоверба. Тоа беше шанса за сите што се борат против капитализмот, но исто така и шанса за фашистите и алт-рајт гомнарите. Засега е добро, нема шанса да изгубиме ни на полето на идеите, ни на улица. Но ние имаме поинаков непријател. Скриен непријател. Џиновите од силиконската долина, Јутјуб и Фејсбук, се главните причини за десничарските срања како што се теориите на заговор, од теориите дека земјата е рамна, теориите за 5Г мрежата и негирањето на пандемијата. Овие гиганти имаат јавен простор за сите десничарски лудаци, тие се делумно виновни за Трамп и создавањето пост-факти, пост-вистини за популацијата кои во најголем дел од случаите не заслужуваат дијалог или умствена промена. Фиксирани се на теории на заговор кои се однесуваат на коренот на проблемите во нивните животи, генерално обвинувајќи ги посиромашните за нивната несреќа. Така што оваа борба е тешка, но неопходна. Мора да победиме во борбата против глупоста и омразата на празните мозочни клетки кои немаат проблем (или уште полошо, им се восхитуваат) со милионерите, но ги прогонуваат бегалците.

12. Исто така знаеме дека во источна Европа (но и други места во светот) блек металот (не целиот жанр, се разбира) е носител на фашизмот, расизмот, нацизмот. Но имам впечаток (кој се темели на она што го знам за грчката сцена, најмногу за Солун и Атина) дека многу блек метал бендови имаат антифашистички пристап, што е спротивно на она што го споменав. Кажете ни повеќе за антифашизмот на грчката метал сцена и какво е вашето мислење, зошто оваа разлика е толку изразена (источна Европа и Грција)?

Да речеме дека денес нештата се малку подобри во однос на екстремната грчка сцена, но тоа не значи дека сѐ е како што треба. Се обидуваме да се спротивставиме на востановеното „музиката пред сѐ“ и „само музиката е важна“. Не, другари. Тоа е наивно. Музиката е начин на живот, музиката е верување, став, мисла, визија за светот и општеството. Во источна Европа, фашистите веруваа дека комунизмот е зло, а капитализмот значи слобода. Блек металот и неговата потреба за екстремна експресија стана лесна дестинација за нацистичката идеологија, како тотална спротивност на она за кое сметале дека е „зло“. Па, веројатно во источна Европа тоа е резултат на политичкиот и културниот контекст. За останатите тоа е последица на индивидуалната омраза која е содржана во блек металот. Ако сакаш да го мразиш светот, ќе се чувствуваш супериорен, ако ги мразиш Евреите за уништувањето на викиншката култура, имаш само еден правец: да станеш нацист.

Во Грција имаме долга историја на отпор. Нашето партизанско движење (како и вашето) беше едно од најсилните во Европа за време на нацистичката окупација. Тоа создаде силно антифашистичко социјално верување кое исто така се одржа по граѓанската војна и победата на радикалната десница, но и за време на декадите егзил и секојдневни малтретирања на левичарите, комунистите и анархистите. Во Грција сѐ уште има силно антифашистичко движење кое ги сопре нападите на Златна Зора, со паднатите другари како Павлос Фисас и многу други. На 7 октомври завршува 5-годишното судење на нацистичката банда. Очекувајте стотици и илјадници демонстранти во Атина – кои не прифаќаат ништо друго освен доживотен затвор за убијците и нивните шефови.

Ваквата реалност многу влијае на културните аспекти, но и на метал музиката, се разбира. Веројатно ова е голема разлика. Но во деведесеттите нацистите се обидоа блек металот да го направат нивен дом, но не успеаја во тоа.

13. Дали можеби сте вклучени во други активности освен бендот? Не мислам од што живеете туку можеби други активности кои не се поврзани со сцената?

Yovel е нешто поголемо од нас. Ние сме музичари аматери. Сакаме да ја шириме нашата порака. Така што Yovel е единствениот двигател во таа смисла.

14. Да се вратиме на металот. Каков метал слушате?

Блек метал, секако, особено андерграунд бендови (Spectral Lore, Dawn Ray’d), Death и наследството на Чак (Death) и сѐ друго што екстремно ги „провоцира“ нашите уши.

15. Дали слушате не-метал музика?

Да. Во музиката може да се најдат феноменални уметнички сегменти, со силна порака и посебен културен вкус. Сѐ што треба да направите е да имате отворен ум и отворени уши.

16. Имам впечаток дека последнава декада (а можеби и две) светската метал сцена направи неколку пресврти, големи структурални промени кои можеби ги поткопуваат нејзините темели. Ако зборуваме за металот (пред 2000-те) имам впечаток дека луѓето и бендовите глобално имаа поборбен пристап не посветувајќи премногу внимание на музичкиот и продукцискиот процес. Во периодот после 2000-те се појавија многу луѓе и бендови кои немаат никаква поврзаност со металот или андерграундот генерално, освен поврзаноста со опремата за свирење и опремата за музичка продукција. Сѐ што прават, сиот нивен интерес е каква опрема и техника користел некој бенд за снимање или за концерти. Искрено, тоа го гледам како гангрена. Сѐ повеќе луѓе сакаат да ја „видат“ музиката, алатите кои се користат зад неа, отколку да слушнат што има да каже или отсвири некој бенд. Што мислите за ова?

Има поента во сето ова. Пораснавме со „War Pigs“, „Refuse – Resist“, „For Whom The Bell Tolls“. Анти-воени и прогресивни песни кои продреа насекаде. Во меѓувреме, металот и екстремниот метал станаа мејнстрим. Тој успех ѝ донесе големо внимание на сцената. Многу млади металци почнаа да вежбаат замислувајќи дека можат да свират на големи фестивали и слично. Тоа не е премногу лошо. Секој треба да има сон и да го следи. Но кога нема инспирација и значење се појавуваат тешки ситуации. Можеш да вежбаш и да бидеш добар како кој било, но поентата не е во тоа колку комплексни делови свириш, или колку си техничар. Поентата е во чувството. Во пораката. Во можноста да успееш да ги натераш слушателите да се чувствуваат уникатно. Поентата е во креирањето имагинарен пејзаж, „ментална слика“ во нивните умови. Тоа е значењето на уметноста и се случува и денес. Но суровата бунтовна природа на металот ја нема повеќе, но мора да ја вратиме.

17. Вашиот став за светската корпоративна метал музичка индустрија? Дали мислите дека музичката индустрија ја деформираше андерграунд метал сцената или можеби проблемот лежи во андерграундот кој се обидува да ги следи стапките на музичката индустрија? Дали на андерграунд металот му треба рецептот на мејнстримот за да функционира или можеби треба да функционира на сопствен начин?

Сѐ почнува и завршува со пораката. Не ни е гајле за музичката индустрија. Тоа е завршена работа. Сите корпорации ќе се адаптираат на новата ситуација на пост-пандемискиот свет. Тие имаат сопствени правила кои никогаш не се позитивни за андерграундот или илјадниците бендови. Знаеме дека музичката индустрија не се грижи ниту за уметничкиот израз, ниту за пораката. Се надеваме дека посредниците во музиката ќе бидат уништени.

18. Дали сте свиреле надвор од Грција? Можеби некоја турнеја?

Требаше да ја доживееме првата турнеја во Германија пролетва, но Ковид-19 имаше поинакви планови. Се надеваме дека тоа ќе се случи следната пролет. Сакаме да свириме во живо. Тоа е начинот на кој треба да се шири и доживее пораката.

19. Какви ви се плановите за промоција на новиот албум, имајќи ги предвид рестрикциите заради коронавирусот?

Интервјуа, комуникација преку мејл, писма, дискусии, сѐ што може да помогне.

Сите што сакаат да нѐ контактираат и да бидат солидарни, тоа може да го сторат на следниот начин:

Facebook
Bandcamp
Youtube Channel
Mail | Subscribe
BandCamp

20. Тоа е сѐ засега. Да не пропуштивме нешто?

Фала за разговорот. Фала за проникливите прашања и убавите зборови. Ни беше задоволство. Се надеваме дека ќе се сретнеме на некој концерт наскоро!

Stay safe – Stay solidary

Интервјуирал: Алек