Интервју со Sadist

Интервју со Sadist

Sadist се прогресивен дет метал бенд од Џенова, Италија. Оформени се во 1990 година и досега имаат импресивна дискографија составена од шест студиски албуми кои се различни еден од друг. Мојата препорака се четири од вкупните шест албуми, но ќе треба самите да ги откриете!

Да почнеме од почеток. Објасни ја разликата помеѓу „стариот“ и „новиот“ Sadist? Музичкиот пристап на првите четири албуми е поразличен кога ќе го споредиме со оној од последните два, постои ли логично или нелогично објаснување за тоа?

Томи: Со оглед на тоа дека имавме 5-6 годишна пауза, нормално е да постои разлика кај Sadist и тоа до и од 2001-та. Лично сум посреќен со новата ера затоа што сега бендот е позрел и поодговорен во сите аспекти, пишување на песни и настапи во живо.

Ќе ни ги откриеш ли причините за распадот на Sadist во 2001-та и повторното реоформување со албумот “Sadist” во 2007-та?

Томи: Не е тајна дека албумот “Lego” беше неуспешен во кариерата на бендот… Прекинувањето во 2001-та веројатно беше вистинската одлука. Потоа се вративме многу помоќни.

Кога го слушав “Crust”, а потоа “Sadist” си помислив дека ова е некој сосема друг бенд, но кога проверив поставата на бендот беше истата, но со многу поосвежувачка музика. Изгледа дека членовите на бендот слушаат различни музички правци?

Тревор: Мислам дека на сите албуми звучиме различно. Sadist е бенд кој сака да експериментира. Имаме сопствен звук, сопствен идентитет, но сакаме да наоѓаме нови правци. Албумот “Crust” беше агресивен, клаустрофобичен, инстинктивен, додека “Sadist” (2007) е прогресивен албум со етно референци заради користењето на необични инструменти како бузуки, ситар, мандолина итн. Сите наши албуми се разликуваат еден од друг, но сите го имаат препознатливиот знак на Sadist!


Твоето мислење за албумот “Lego”? Мислиш ли дека тој е чекор наназад или пак обид да се допре до поинаква публика?

Тревор: Фидбекот дефинитивно не беше добар, дури и тоа што беше многу одамна не значи дека беше добар за метал музиката. Можеби згрешивме со тој албум, но мислам дека тоа е нормално за кариерата на бендот. Станавме свесни за грешките и никој од нас не го негира тоа. Напротив, секогаш е добро да се согледа важноста на секоја одлука, секој чекор во кариерата на бендот. Да се погледне конструкцијата на секој албум, дизајнот и жртвите кои се направени не треба никогаш да се заборават. Важно е да бидеме присутнии и да продолжиме да ја свириме нашата музика со истата желба, страст и посветеност.

Кажи ни нешто повеќе за текстовите, нивната позадина и колку луѓе ги пишуваат? Дали сакате да постигнете нешто преку пораките во текстовите, некакви промени или пак можеби да го свртите вниманието кон нешто?

Тревор: На последниот албум, “Season in Silence”, темата е зимата, студот, тишината на снегот, студот во луѓето. Овој албум ми значи многу повеќе од музиката. Можеш да го согледаш значењето преку целиот концепт, текстовите и артворкот. Тишината е зимата, мразот, студот, такво е времето во селото каде живеам, на ридовите на Џенова каде снегот покрива речиси се. Местото каде што живеам е многу тивко и далеку од хаосот во големите градови. Ја мразам популацијата и непочитувањето на природата, животот без дрвја, животни и чисти реки. Концептот на албумот се роди кога бев опкружен од шумата во дивата придода. Секогаш велам дека ќе ми биде тешко да живеам подалеку од овие убавини. Ја сакам мојата долина и се обидувам да собирам мисли и приказни за вакви места.

Јас не знам ништо за италијанската метал сцена, освен еден албум од Graveworm(не се сеќавам на името на албумот). Кратко инфо за вашата сцена?

Тревор: Работиме речиси со целата италијанска метал сцена преку “Nadir Music”. Ги познавам најважните бендови од овде. Метал сцената во нашата земја расте, има многу добри бендови, како на пример: DARK LUNACY, FLESHGOD APOCALYPSE, HOUR OF PENANCE, ILLOGICIST, INFERNAL POETRY, BAD BONES, GORY BLISTER, CORAM LETHE, METHEDRAS и многу други, но не смееме да ги заборавиме историските бендови како RHAPSODY OF FIRE, EXTREMA, LABYRINTH, VISION DIVINE и моите пријатели LACUNA COIL. “Nadir Music” е студио (www.nadirmusic.net) и промотерска агенција (www.nadirpromotion.com) исто така, кои работат во музичкиот бизнис подолг период. Преку нашата прес канцеларија се грижиме за италијанските и за странските бендови. Мојот сон е да организирам турнеја со италијански бендови во твојата земја. Тоа би било прекрасно.

Дали можете да живеете свирејќи во Sadist или морате да работите нешто друго?

Томи: Јас и Тревор работиме во музичкиот бизнис. Јас работам како sound engineer/producer, а Тревор како промотер и прес агент.

Вие сте од Џенова, каде во 2001 година имаше масовни анти-глобалистички протести и тогаш беше убиен еден млад човек од страна на полицијата. Дали учествувавте во протестите и дали имате некаков став за анти-глобалистичкото движење? Какви се вашите политички гледишта?

Тревор: Тоа што се случи во Џенова во 2001-та беше неверојатно. Не смее да се умре за моќта. За жал, тоа се случи, но работите не се сменија. Моќниците секогаш победуваат и сами ги донесуваат одлуките. Не мислам дека живееме во демократија, но да бидам искрен, јас го мразам светот. Глобализацијата не е добар процес. Јас живеев низ осумдесетите каде лужето не беа глобализирани, секој размислуваше со своја глава, а не со глупавите мозоци на политичарите и медиумите.

Што правите друго, освен што свирите во Sadist? Некој друг бенд или можеби некое хоби?

Томи: Јас работам како sound engineer/producer во “Nadir Music Studio”. Заедно со Тревор започнуваме нов проект заедно со Jeroen Paul Thesseling(ex-Obscura, ex-Pestilence) и Goulon(Necrophagist). Во моментов пишуваме tricky материјал… Нема да бидеш разочаран!!!

Колку сте концертно активни? Дали имате турнеи?

Тревор: Откога излезе “Season in Silence” постојано свириме концерти. Имавме две европски турнеи, бевме хедлајнери на Истокот(Русија, Белорусија, Украина, Молдавија, Литванија, Латвија, Естонија, Полска, Чешка, Словачка), потоа со Suffocation(Англија, Велс, Ирска, Шкотска и Франција), а потоа бевме на италијанска турнеја со Slayer и Megadeth. Исто така свиревме на сите големи фестивали во Европа, Hellfest(Франција), Metal Camp(Словенија), Brutal Assault(Чешка), Gods of Metal(Италија), Metal Fest(Унгарија, Германија, Австрија), Metal Mean(Белгија), Metal Heads Mission(Крим), Helvation Fest(Финска). За летоска имаме закажано концерти и фестивали, иако мислиме околу снимањето на новиот албум.

Материјал за нов албум? Во која музичка насока да го очекуваме следниот албум?

Томи: Ние сме мрзливи италијански момчиња и секогаш сакаме да искористиме колку што е можно повеќе време за нов албум. Но, јас мислам дека е подобро да се има еден добар албум на секои две до три години отколку да се има просечен албум секоја година!

Последните зборови се твои!

Тревор: Ти благодарам за интервјуто и се најдобро на сите метал клинци. Се надевам дека ќе се видиме во Македонија. STAY BRUTAL, Тревор & Sadist!!!
Томи: Не престанувајте да слушате метал… и Sadist, се разбира!

Интервјуирал: Алек