Интервју со SMF

Интервју со SMF

Малку се разочарав од големината на интервјуто, чекајќи го речиси два месеци, ама тоа е тоа, што е тука е.

Што се случи во 1989 година? Sick Mother Fucker или Samo Mozak Fali?

Не се случи ништо посебно. Имавме желба да се забавуваме и да свириме нешто навистина жестоко (покрај бендовите во кои свиревме тогаш). Беше прифатено супер од страна на публиката, а ние тоа навистина сакавме да го правиме, продолживме како full time бенд.

Што се случува со SMF денес? Ја видов најавата за нов албум на вашиот веб сајт. Ќе биде ли наскоро и што можеме да очекуваме од него?

Албумот е готов. Подготвен е за издавање, но ситуацијата со издавачките куќи е лоша и веројатно ќе мораме да го издадеме сами. Ќе видиме, наскоро.

Што се случуваше со членовите на бендот за време на големата пауза од 1998-2007 година? Како воената состојба влијаеше на вас?

Вистинска пауза немаше. Имено, работевме нешто постојано, но концертните активности беа намалени. Не е во ред да се војува, а ние да се заебаваме, зарем не?

Панк, хардкор, метал или се заедно?

Се заедно или SMF бре!

Последниот албум го снимавте сами. Зошто се одлучивте на таков чекор?

Ех… Затоа што знаеме што сакаме. И тоа го знаеме подобро од другите. Немаше компромис и тоа е голема предност. Така ќе биде и во иднина, сигурно.

Ми изгледа дека на вашиот последен албум наместо тапани има ритам машина. Ако е точно, зошто не снимавте тапани?

Не е точно. Снимени се тапаните, но преку електронец. Единствено на тој начин имавме можност дополнително да го промениме звукот. За жал, тоа на многу луѓе им звучи синтетички, па дури и ние го забележуваме тоа. Сепак, тапаните звучат помодерно и тоа ни отвори можност и продукцијата да ја сработиме на помодерен начин, односно поинаку. Се надеваме дека звучи пожестоко.

Со оглед на тоа дека долго време сте присутни на сцената, што се се промени од деведесетите до денес?

За жал, многу малку. Сите песни се актуелни и денес. Истите работи ги исполнуваат нашите животи и повторно ни се случуваат после толку години (на просторите на бивша Ју). Не сме научиле ништо.

URGH! Се повторно активни, дали го слушавте нивниот последен албум „Pozoriste Surovosti”?

URGH! ни се многу драг бенд и мило ни е што повторно се активни. Албумот е солиден, но им недостасуваат живи свирки.

Да позборуваме малку за вашите текстови. Колку се SMF сериозни кога се зафркаваат или колку SMF се зафркаваат кога се сериозни?

Целиот живот е SMF. Некогаш тој те зафркава тебе, а некогаш ти него. Сите наши текстови се реални и ги опишуваат работите кои навистина се случиле. Тоа се настани од животот на обичните луѓе, од нашите животи и нашата околина. Тоа што звучи смешно, тажно или трагично е нашиот најголем проблем, затоа што тоа сме ние самите.

Дали сте ги слушале Pero Defformero и останатите проекти околу овој бенд? Што мислите за нив?

Тоа ми делува малку вештачки и на сила, но нека продолжат, можеби ќе се поправат.

Кои бендови од вашата сцена би ни ги препорачал?

Мислиш, освен SMF? Навистина не можам да издвојам некој посебно. Има добри бендови на сцената, но им недостасува оригиналност и текстовите им се на англиски јазик, што е голем минус.

Веќе свиревте кај нас. Какви се впечатоците? Испивте ли некое пиво со овдешните луѓе?

Се разбира. Беше одлично. Инаку, сите ние сме наши. Тоа што некои би сакале да не поделат е нивен проблем. Ние го немаме тој проблем.

Каде сте свиреле, надвор од Србија?

По целата територија на бившата СФРЈ, односно во сите нејзини републики.

Имате ли планови да снимите ДВД од некој концерт, тоа би било интересно издание. Ќе си пуштиш SMF на ТВ, ќе си земеш пивце, а „Милисав ќе ја мести антената“, ха ха ха!

Не размислуваме за тоа. Луѓето можат се уште да не гледаат во живо. Ако сакаат, се разбира.

Каква музика слушате? Ме интересира што слушате освен, панк, хардкор и метал?

Поголемиот дел од нас слуша само таква музика. Додуша, некој мора да ја слуша и жена си, но тоа е веќе друга приказна, зар не?

Дали сте запознаени со нашата сцена? Можеби сте слушнале некои наши бендови?

Само оние со кои свиревме и морам да признаам дека звучеа добро. Тоа ми е особено драго.

Колку алкохол се пие на една проба на SMF?

Колку што ќе се донесе, не повеќе.

Тоа би било се, не сакам да ве давам, можеби ќе направиме интервју во живо кога ќе го издадете новиот албум и кога повторно ќе го посетите Скопје! Ајде заврши го ова интервју! Се најдобро!

Се најдобро и на вас и се гледаме наскоро. Ова го мислам најсериозно. Поздрав!