Повод: иницијативата за собирање на  фанзини/независни весници (некаква си „архива“) на Тошо Филиповски

Повод: иницијативата за собирање на фанзини/независни весници (некаква си „архива“) на Тошо Филиповски

Протерај го мракот! Смачкај ги штеточинките!
-Лорен Тајад

Поимите како ‘андерграунд’ секогаш се повеќезначни. Андерграунд, на пример, може да се однесува на движење насочено кон поткопување на институциите, а може и да се однесува на спектаклот на маргините од меинстримот наменет за одреден слој на конзументи, како што е тоа случај денес. Но некаде во нишите под тој андерграунд, честопати може да се најде раздвижена неконформистичка, контракултурна и слободарска сцена. Така било, да се надеваме дека и сѐ уште е, и на нашиве простори. Во одреден период и авторите на долунаведените фанзини активно учествуваа во една таква сцена.

Покрај индивидуалноста, еднаквоста, интегритетот, децентрализацијата, солидарноста, можеби најзначајни одлики на таа сцена се неконформизмот и антиавторитарноста, или најопшто кажано слободарството. А слободарството е еден непрекинат однос, изразувајќи се низ најразлични облици и конкретизирајќи се во искуствените моменти на напад врз конвенциите, врз симболите како и врз реалните механизми на репресивноста. „Направи сам“ фанзините се еден од тие облици на изразување.

Обидите за своевидно институционализирање на слободарски „направи сам“ панк/хардкор/анархо фанзини во „музеј“ или „центар“, или обидот тие да бидат киднапирани и насила вметнати во некаква си стерилна конструкција наречена „урбана култура“ е во најмала рака травестија на сите идеи на независната „направи сам“ сцена и обид за нејзино девитализирање. А особено на идеите промовирани во нашите фанзини.

При барањето материјали некаде беше споменато: „доколку немате идеолошка предлошка“. Никогаш не сме криеле дека имаме мошне изразена „идеолошка предлошка“ (иако не ригидна и хомогена), што најчесто и е случај кај независната „направи сам“ сцена. Отсекогаш отворено сме биле против промоцијата на националистички, шовинистички, ксенофобни, сексистички идеи. Така е и сега. Впрочем, доказ за тоа е и бендот од Прилеп кој одби да даде материјали за Рок енциклопедијата [sic] и на тој начин да ја поддржи, затоа што во неа беа вклучени наци бендови.

Она што ти го промовираш се односи кои се во судир со вредностите кои ние ги изразуваме и негуваме. Се чини бесмислено од тебе (Тошо Филиповски) да се бара да се понесеш во согласност со „направи сам“ етичноста и да не нѐ бараш, споменуваш или воопшто на кој било начин да ги користиш нашите фанзини и сите наши останати „направи сам“ креации за кој било од твоите проекти и обиди за себепромоција и институционализација на суб- и контракултурата. Тоа веќе еднаш го побаравме од тебе пред 20 и кусур години… без никаков ефект. Па затоа останува, исто како и тогаш, да ти кажеме само едно панкерско FUCK OFF!

авторите на фанзините:

Бабарога
И бол и бес
К.У.К.М.О.
Our Future
Со глава низ ѕид
(Адипсо психодефекационен простор на искуствената анархија)
S.O.S.
Субверзија