(С)цената на спектаклот*

(С)цената на спектаклот*

*спектакл – „видлив одраз на владејачкиот економски поредок – целите се ништо, развојот е сѐ… Тоа е сонце кое никогаш не заоѓа над царството на модерната пасивност. Тоа го покрива целиот глобус, вечно капејќи се во сопствената светлина.“ – Ги Дебор, „Општеството на спектаклот“ (во текстот ќе користам цитати само од оваа книга).

Сцената, ако такво нешто постои (а, ако не постои и јас сум во тотална досегашно-животна заблуда), е или ќе стане спектакл. Можеби отсекогаш и била. Но, на самиот почеток да избегнам генерализации и да бидам конкретен… Растев со андерграунд сцена, се формирав како личност со нејзините анти-естаблишментски вредности кои подоцна ми беа еден вид отворена врата за некои други идеи. Во целиот тој период, а и денес, признавам, очигледно имам изградено амбивалентен-патолошко-романтичарски однос со сцената, односно што е сцена, поточно што е андерграунд. И не само „што е?“ туку и „зошто е?“

(Моето поимање на сцената е малку пошироко, т.е не ја ограничувам само на панк, анархо-панк, метал, хардкор, што и да е. Исто така, сцената ја сметам како дел од андерграундот, па на моменти дури и ја поистоветувам со него. Веројатно, афективно. Не сакам да се оправдувам, па, затоа, секоја критика во таа насока ја прифаќам однапред.)

Андерграундот како струја се појавува во шеесеттите години од минатиот век преку бендови (на пример Велвет андерграунд, Стуџис, Клеш итн) кои немаат мејнстрим корени (делумно точно, зашто подоцна ги пуштаат, но не во денешен контекст). Приказната се проширува и подоцна, во седумдесеттите, осумдесеттите, па и во деведесеттите, на пример, со бендови како Канибал Корпс (со експлицитни текстови) при што последниве „андерграундноста“ ја стекнуваат токму на тоа ниво, слобода на експлицитно „крваво“ изразување. Иако, можеби во одредена смисла и блузот може да се вброи во овој сегмент како начин на слободно изразување на борбата и емоциите на угнетеното црнечко население. Како и да е, андерграундот, или она што јас го поимам како такво, е мошне широка категорија. Можеби најблиска и најискрена контракултурна гранка на сето тоа е „направи сам“ анархо панкот, зашто во тој случај не се работи само за слобода на музичко и текстуално изразување, туку нешто повеќе, ангажирана борба во многу општествени сегменти. Но, да не го романтизирам и тоа, тука ќе запрам. Поентата беше да се добие некаков контекст.

Спектаклот, споменат во насловот, но и сфатен како видлив одраз на владејачкиот економски поредок според Дебор, некако логично ми се вплеткува во целата оваа приказна што ми се врти во глава веќе одамна. Ултра кусиот приказ на андерграундот (кој не мора да е точно прикажан како што наведов) егзистира во владејачкиот економски поредок, односно нешто на кое (како андерграунд или можеби како контракултура или антикултура или некаков антипод) треба да се противи. Зашто, ако не е така, тогаш што го прави да биде андерграунд? По што се разликува од мејнстримот? Дали андерграундот, всушност, станува дел од спектаклот, односно, дали андерграундот е спектакл сам по себе? Дали е само општествен однос посредуван со слики? Дали е афирмација на појавното и изедначување на целиот социјален живот на луѓето со таа појавност?

Дебор вели, модерното индустриско општество е суштински, а не случајно или вештачки спектакуларно. За потоа одлучно да заклучи дека спектаклот не тежнее кон ништо друго туку кон самиот себеси.

Малку ќе ја модифицирам следната мисла на Дебор и „работникот“ ќе го заменам со „творец“, па така, одвојувањето на творецот од неговата творба тежнее да ја елиминара секоја заокружена свест за остварената активност и секоја директна, лична комуникација помеѓу творците. Токму во ова се состои и заплетот на целата дилема за некаква сцена, некаков андерграунд, некаква (контра)(суб)(култура). Ако модерното индустриско општество (можете да му прилепите и други префикси, на пример, сајбериндустриско, итн., по желба, по ваше видување) е спектакуларно и на работникот му го одзема производот кој го направил со сопствениот труд, а потоа му го враќа и нуди како отуѓен производ кој треба дебело да го плати, истото се однесува и на музичката индустрија, како некогаш, така и денес, а особено денес. Музичката индустрија е лешинар, заедно со останатите грабливци и ловци на отуѓен труд. Луѓето тешко или воопшто не сфаќаат дека доколку го нема нивниот труд или доколку го има ама решат да го штитат по цена на својата автономија, грабливците и лешинарите нема толку лесно да стигнат до нивната основна движечка сила. …луѓето сепак го произведуваат секој детал од својот свет со сѐ поголема сила и на тој начин уште повеќе се одвојуваат од тој свет. Колку што нивниот живот станува нивно дело, толку тие повеќе се исклучени од својот живот.

Но, да се вратиме на сцената, андерграундот, (контра)(суб)(културата). И на музичката индустрија, секако. Она што се случува денес е мошне интересно од еден поинаков аспект. Постои мејнстрим, како корпоративен бизнис, а од другата страна наводно постои некаков андерграунд (не сум убеден дали е антипод, но исто така не сум ни убеден дека е андерграунд). Мејнстримот (корпоративниот бизнис) функционира според економските правила на модерното општество, односно, според капиталистички правила. Но андерграундот на кој наводно овие правила му се ограничувачки, експлоататорски, угнетувачки или како сакате кажете, не се бори против нив, туку, напротив, ги репродуцира. И не само тоа, туку и ги доразвива, отвора нови можности за корпоративен бизнис. Создава микро модели до кои ќе се дограбаат грабливците и лешинарите. Како и да е… Корпоративната музичка индустрија функционира молскавично со сета своја брзина, капацитет, капитал итн итн. Актерите на андерграундот соочени со таквиот огромен автоматон, не избираат да се спротивстават (да бидат контракултура или антипод), не избираат да создадат сопствени правила на игра како пандан на доминантните правила на игра (да бидат субкултура), туку се борат да станат дел од културата која јава на апокалиптичната корпоративна музичка индустрија која не е апсолутно никаква култура, туку само празен балон на индустријата за забава, еден од многуте спектакли. Во една таква ситуација, снеможениот андерграунд офка и лелека дека масовната мејнстрим култура воопшто нема културни (или какви било) вредности. Тоа, исто така, е друг проблем. И тоа сериозен. Каков е тој андерграунд кој се бори за некакви вредности или некаква култура? Кој е тој суверен кој одлучува што е вредност а што е култура во музиката? Зошто андерграундот (илити сцената) застапуваат некакви вредности и култура – естаблишмент? Создавањето вредност значи одредување и пазарен норматив за „нештото“ (делото). А давањето пазарен норматив значи отворена врата за капиталистичката музичка индустрија, односно покана за бизнис. Понуда. Во огромен број случаи, андерграундот е поставен на две опортунистички позиции. Да вложува во себеси додека не се направи конкурентен за мејнстримот (а во тој период божем е андерграунд) или да прави сѐ што е во негова моќ веднаш да стане дел од мејнстримот.

Дали можете да го согледате тоа во денешни услови? Ако не, тогаш можеби треба да престанете да го читате ова. Додуша, можеби не ни требало да почнете да го читате. Но, еве, ќе се обидам уште повеќе да ја поедноставам поентата. Големите корпоративни структури вложуваат огромен капитал во исплатливи музички потфати (отворање медиуми, издавање изданија, концерти, турнеи, разни настани) и сето тоа функционира зашто спектаклот веќе го создал својот автархичен свет и сега веќе може да паразитира, сѐ додека капиталот флуидира беспрекорно и е апсолутно неважно што е тоа што се нуди, продава, промовира, наметнува. Апсолутно неважно. Од друга страна, остануваат безброј индивидуи кои се надвор од сета оваа приказна, но сметаат дека се андерграунд, некаква алтернатива на мејстримот. Немаат капитал, ги немаат силите на спектаклот, но имаат можност за автономност (избираат да бидат пасивни, да не се борат за неа). Тоа веднаш го отуѓуваат зашто обидот (за нив, божем алтернативен) за андерграунд функционирање е практично клониран од мејнстримот. Веќе нема директна комуникација помеѓу поединци и музичари (нема директна човечка комуникација), зад настаните нема никаква позадина (која би претставувала некаква борба против мејнстримот). Зад трудот (отуѓен) се крие само самоприфаќањето на моделите на мејнстримот. Па така, кажано со најсекојдневен речник, бендовите се контактираат преку посредници (менаџерски агенции или тимови, условите се однапред документирани во договори, бендовите си ја одредуваат цената или тоа го делегираат на нивните претставници) и сето тоа станува дел од истиот мејнстрим бизнис, чиј наводен противник е андерграундот, или како што ние тука локално сакаме да си кажеме, сцената (иако, не знам ни дали тие што го употребуваат зборот знаат што значи тоа).

Тука доаѓам до самиот почеток од текстот каде наведов дека мојот однос кон сцената е патолошко-романтичарски. Оние што ме познаваат, слободно може да ме обвинуваат за тоа, и нема да згрешат. Во годините кога јас се запознавав со сцената, андерграундот, контракултурата…поентата на настаните (не апсолутно сите, се разбира) на кои сведочев, учествував итн., прво се состоеше во самата анти-естаблишментска идеја, во ставовите против авторитетите, структурите на моќта, дружењето, живеењето на приказната тука и сега итн., а некако во втор план (можеби тоа е мој впечаток) доаѓаа самите музички случувања. Некои настани имаа слоган, причина зошто се случуваат, некои бендови застануваа зад идејата која го покренала сето тоа. И, притоа, немаше (или барем беше сведен на минимум) отуѓениот труд. Немаше посредници, документации, исполнување услови, аванси, исполнување технички услови и слично. Далеку од тоа дека ова сведоштво е решение или дека така треба да биде. Апсолутно не, поентата беше да ја илустрира огромната разлика за краток временски период. Во таа насока тука ќе застанам за да поентирам. Денес сето тоа доаѓа пред она првото, а првото воопшто и го нема. Што значи дека сцената станала најобичен спектакл, најобичен економски модел, обрт на парични и технички средства. Денес е многу тешко (сепак, чест на исклучоците) да се случи некоја „привремена автономна зона“ (иако, сепак, се случува). Практично, ако некогаш се случувало само на тој начин, денес тоа е исклучок. Денес не можете да се надевате на настан ако не исполните сет услови. А кога ќе ги исполните тој ќе се случи, ќе заврши и тоа е сѐ. Можеме да се прашуваме до бескрај, зошто се случува тоа? Што е тоа што тој настан го носи со себе? Има ли нешто такво? Постои ли некаков став, некаква идеја? Или сето тоа е пресликано од мејнстрим настаните кај кои целта е забава (нормално, тоа се продава) и архивирање фотографии од настанот (собирање трофеи). Многу поединци кои се сметаат за дел од сцената, андерграундот, контракултурата не сфаќаат дека се само дел од спектаклот и истиот го репродуцираат со своите постапки. А спектаклот е капитал акумулиран до степен до кој станува слика. А споменатите настани се само слика, ништо повеќе. Или можеби еден вид стока. Бунтот и незадоволството се само привид, вештачка карактеристика која му се припишува на андерграундот, па така, незадоволството станува стока кога економијата на изобилството ќе развие капацитети за преработка на оваа особена суровина. Денес, бунтот е само провидна појавност, појавност без суштина. Клучното прашање би било, дали андерграундот знае што е бунт?

Она на што современиот андерграунд му даде најголемо значење и најголемо внимание е пакувањето. Со тоа, делото стана стока. А стоката е основа на корпоративниот капитализам. Во денешно време, делото (музичкото издание, на пример) мора да исполни серија технички норми за да биде релевантно и конкурентно за потребите на корпоративниот мејнстрим, но за жал и не само за него. Истите норми ги репродуцира и андерграунд музиката и тоа во голем дел. (Исклучоци има, секако.) Развојот на технологијата на преден план ја исфрли аудио продукцијата, а сѐ останато или остана во позадина или исчезна сосема. Важно е како ќе звучи производот, па затоа многу е важно какви технички средства ќе се употребат за тој да се создаде, а уште поважно е какви технички средства и вештини ќе се употребат за тој да звучи уште подобро и поприфатливо за економијата. Ако не исполни ништо од ова, производот останува маргинализиран и притоа, тоа станува норма која мораат да ја исполнат сите, за да бидат дел од спектаклот. Во таа смисла, на лажните потреби кои ги наметнува модерната потрошувачка не можат да им се спротивстават никакви изворни потреби или желби кои и самите не се обликувани од општеството и неговата историја. Но, производното изобилство на стоки претставува тотално раскинување со органскиот развој на општествените потреби. Нивната механичка акумулација создава безгранична извештаченост која ја победува секоја изворна желба. Кумулативната сила на оваа автономна извештаченост како последица го има фалсификувањето на целиот општествен живот.

Фетишизмот на стоката, доминацијата на „видливите и невидливите ствари“ над општеството, достигнува врв во спектаклот, во кој сиот реален свет бидува заменет со изборот на слики проектирани над него, но на кои сепак им успева да се наметнат како единствена реалност. Или, ако се спуштиме на претходното ниво на дискусија, денешниот (претежно, но не само денешниот) начин на функционирање на сцената се наметнува како единствена реалност. Во смисла, нема друг начин, мораме да му се потчиниме на спектаклот, односно капиталот. Токму во тоа се согледува и огледува празнината на самата сцена, непостоење никаков жар на борба или отпор токму против тоа. Апсолутно потчинување на спектаклот. Апсурд, спектаклот не го асимилира андерграундот директно, туку тој самиот се потчинува, без отпор, без борба. Во таа смисла, индивидуите кои сметаат дека се дел од тоа ги сметам за празни одвнатре токму затоа, зашто немаат дури ни замисла за некаква поинаква реалност. На крајот на краиштата, каква реалност? Не знам, реалност во која постоечката реалност клечи на колена пред некоја друга реалност која ѝ моча во уста. Тоа, за почеток би било доволно. Некако почнувам да се убедувам себеси дека и еден таков мал чекор е нешто големо.

Агентот на спектаклот кој стапнува на сцената во улога на ѕвезда е тотална спротивност на индивидуата; тој е исто толку непријател на сопствената индивидуалност како и на индивидуалноста на другите. Стапувајќи во спектаклот како модел со кој треба да се поистовети , тој се откажува од сите автономни одлики во намерата да се поистовети со општиот закон на послушноста кон постоечкиот поредок на нештата.

Тоа е цената на сцената кога сцената е спектакл…

Алек

Илустрација: Paulo Zerbato