Светла точка во темнината
После ветувачкото сирово ЕП од 1990 година насловено Toxic Death, српските (југословенските) деттреш пионери се определија за покомплексен звук инкорпориран во нивниот дебитантски албум. Веќе присутните хаотични и комплексни солажи во стилот на Мамели и Кисер биваат збогатени со брзи и вознемирувачки прецизни истрзувања инспирирани од раните дела на Чак Шилднер, како и со сосема новиот освежувачки звук на клавијатурите. Иако недоволно добрата продукција ја затскрива ритам секцијата до ниво на незабележливост на местимичната дупла педала (што е особено приметно во спорите и тешки делници), ништо не може да фрли сенка врз ингениозноста на Бладбет, кои и во услови на војна и санкции (Југославија, 1992) успеаја да состават албум во чекор со тогашната светска метал сцена. Вокалот кој неодоливо потсеќа на Друнен од периодот во Пестиленс е супериорна движечка сила на бендот. Омотот е извадок од Некрономикон на Х.Р. Гигер, а лириката воглавно конципирана околу егзистенцијално страдање и омраза. Албумот се состои од 8 песни, сите подолги од 5 минути и трае речиси цел час. Во првите две траки кои започнуваат со интра на клавијатури, веќе се забележува одличната техника, сировата енергија, па и оригиналноста со која албумот плени до самиот свој крај. Стандардниот штим им дозволува на гитаристите брз прелет преку жиците, а следствено и еластичност при склопување мелодии и рифови. Третата нумера (Monstrous Childhood) е и главниот адут на албумот - комплексна градба во која се солидизирани сите елементи кои се раствораат во остатокот на албумот. Четвртата песна е веќе јасен показател дека се работи за сериозен бенд - темпото во брзите како и инвентивноста во поспорите делови се задржани, иако на моменти потсеќаат на мешап од Together As One и на Inner Self. На петтата песна темпото се смирува, а моќните рифови се перфектно надополнети со клавијатури. Во шестата трака е забележливо влијание на Креатор, а важен момент е и брилјантната солажа при крајот на истата. Најпосле, завршните две нумери индицираат дека растот на комплексноста на албумот е пропорционален со ближењето на неговиот крај. Сериозниот пристап на членовите е фрапирачки, како и нивната желба за докажување и оплеменување на уметноста. Ова ремек-дело не може да биде ништо освен инспирација во овие времиња на креативна безнадежност.
FINAL VERDICT