MKMETAL
Master во Скопје
Минат настан

Master во Скопје

📅 12.12.2013 @ 06:30 PM
📍 Хавана

TerrorVoid на 12 декември во Скопје ги носат Master, име кое е доста прочуено а уште повеќе и значајно во подземните дет метал и грајндкор движења.

Иако доаѓаат во постава која е најстабилна досега во историјата на бендот, сепак значајно е да се потенцира дека зад него стои воглавно басистот и вокал Пол Спекман.

Во 1984 година, по едно успешно демо и појавување на Metal Blade компилацијата Metal Massacre 4, Пол Спекман го напушта хеви метал бендот War Cry. Жеден за поагресивна музика, налик на онаа на Venom, Slayer и хардкор панк бендовите од тоа време, заедно со тапанарот Бил Шмит интензивно пробуваат во магацин на перифиеријата на Чикаго. Иако во состав од само бас и тапани, понесени од ентузијазмот почнуваат да ги создаваат песните кои подоцна ќе станат класици меѓу фановите. Нивен пријател и член на бендот Witchslayerим го дава името Master, инспириран од песната ’Lord Of This World’на Black Sabbath.

Дури и по 26 (!) аудиции не успеваат да најдат гитарист соодветен за нивната екстремна музика. Продолжуваат и понатаму да компонираат како дуо, а Бил Шмит се покажува како идеален партнер кој сосема ги разбира идеите на Спекман. Со зеднички сили за кратко време создаваат материјал кој ќе претставува темел за понатамошната работа. Уште од тој период датираат песни како Pay To Die, The Truth, Terrorizer и Pledge Of Allegiance, денес неизбежен дел од настапите на Master.

!http://www.metalmusicarchives.com/images/artists/abomination-20111209172410.jpg!

Во екстремниот метал, заради генерално негативниот став кон состојбата на денешната цивилизација типични се текстови кои таквиот пристап го прикажуваат преку мрачна естетика (хорор, окултизам) наједноставно пренесена преку максимата на Hellhammer: “Only Death Is Real”.

Спекман прави еден исклучок и пишува со панк енергија, па од самите почетоци до ден денес зборува за политчки и социјални теми; војни, религија, злоупотребата на медиумите. Тоа прави Master лесно да се издвојат меѓу бендовите-пионери од нивната генерација – Possesed, Death, Sepultura, Celtic Frost, Necrovore…

По одредено време помнато со бендот Death Strike, Спекман и Шмит повторно се враќаат како Master, овојпат заедно со гитаристот Крис Митлбрн, со кого влегуваат во студио за да го снимат првиот албум. Некои сирови и необработени верзии на песните ќе завршат во подземните тејп-трејдинг кругови и тоа е моментот кога бендот ќе го зацементира статусот на еден од водечките. Во подоцнежните години, бендови како Benediction, Napalm Death, Carcass, Entombed и Terrorizer ќе ги посочат токму овие снимки како една од главните причини што творат.

Лошиот избор на соработници ќе ги доведе до тоа да ја пропуштат можноста која им ја нудат Combat Records (Posssessed, Death, Dark Angel, Nuclear Assault) што продолжува да се манифестира низ серија проблеми, за во есента 1986 година бендот да престане со работа.
Неколку години подоцна, во 1990 година, дет металот е веќе во силен подем како во Европа така и во САД. Со помош на Righteous Pigs, Спекман потпишува со Nuclear Blast кои инсистираат да се собере оригиналната постава на Master и пет години по првиот обид, повторно е снимен и издаден материјалот за деби албумот, кој го носи името на бендот. Сепак, поставата собрана по барање на издавачот нема никаква иднина, па следната година со нов тапанар и со Пол Масвидал (Death, Cynic) на гитара, Спекман го снима “On The Seventh Day God Created…” на кој претставува нов, побрутален звук кој слободно може да се носи со тогаш актуелните дет метал бендови.

!https://fbcdn-sphotos-c-a.akamaihd.net/hphotos-ak-ash2/s720x720/383551_10151095258039065_186218140_n.jpg!

Тука некаде, веројатно истоштен од сите перипетии кои го следат, Спекман свесно се тргнува настрана од главната струја издавајќи го Collection Of Souls, доста смирен материјал со хибридни влијанија од постари хеви и панк бендови.

По албумот Faith Is In Season, кон крајот на деведесетите Спекман се сели во Храдиште, Чешка. Првото издание од европскиот континент, Let’s Start A War, го снима сосема сам а веќе од наредниот Spirit Of The West функционира денешната постава Спекман/Зденек Прадловски/Алекс Нејезчебла.

Four More Years Of Terror е последен албумво експерименталната фаза. Од 2007 година со Slaves Of Society започнува серија изданија која се уште трае и со која Спекман му се враќа на стариот звук. Последниот од овие албуми насловен The Witchhunt се појави пред само два месеци а веќе има статус на едно од најсилните дет метал изданија годинава. Како дел од нивната источноевропска турнеја по повод излегувањето на The Witchhunt, Master на 12 декември ќе настапат во скопска Хавана.

Бидете таму!

Автор на прилогот: Бојан (BANANAMAN)