MKMETAL bootleg Сајтов уште не е официјално пуштен, така што, кој нашол нашол... ама не очекувајте све да работи

Интервју со Dormant Ordeal

ИНТЕРВЈУ 26.7.2026 од tribe
Интервју со Dormant Ordeal

Dormant Ordeal е дет метал бенд кој едноставно не треба да се пропушти. Сосема случајно ми налетаа минатата година, веројатно неколку месеци откако им излезе актуелниот албум Tooth and Nail и не престанав да ги слушам. Има нешто кај нив што ми ги штиклира сите коцкички, музички се феноменални, и брутални и мелодични и мрачни и амбиентални кога треба. Интелигентните текстови едноставно воведуваат во целата приказна. На сето тоа го додавам и феноменалниот буклет, дело на Морган Соренсен, кој просто „ја прочитал“ приказната на албумот и одлично ја докомплетирал целата приказна. Со големо задоволство ви ги претставувам Dormant Ordeal од Краков, Полска.

Здраво момци! Што се случува во таборот на Dormant Ordeal?

Здраво, благодариме за поканата. Нашата последна авантура поврзана со бендот беше настапот на фестивалот Into the Grave во Холандија. Добар прием, неверојатно гостопримство, а исто така и шанса да се видат Mastodon, The Gathering и многу други. Освен тоа, во моментов сме мошне зафатени со секојдневниот живот.

Кога започна приказната Dormant Ordeal?

Проектот Dormant Ordeal започна во 2005 година кога нашиот поранешен тапанар, Радек Ковал, го смисли името и самостојно сниме две демо-снимки. Бендот Dormant Ordeal го започна своето постоење во 2008 година кога Мачеј (вокал) и јас се приклучивме. Ја преземав должноста за пишување песни, ги одржавме нашите први концерти и еве не некако скоро 20 години подоцна.

Вашата музика често звучи како саундтрак на егзистенцијален колапс. Дали вашите песни произлегуваат од лични искуства, или создавате измислен свет што служи како огледало на реалноста?

До одреден степен, и двете. Мислам дека има автобиографски теми во моите текстови, секогаш сакав да гледам однадвор навнатре и да црпам од сопственото искуство. Меѓутоа, многу сум вљубен во создавањето измислени светови, како што го нарековте, што ми ја дава можноста да направам амбиент, да се обидам да ги опишам моите идеи на интересен начин.

Минатата година го издадовте Tooth and Nail, феноменален дет-метал албум од светска класа. Всушност, така го открив вашиот бенд – албумот ми се појави сосема случајно и едноставно не можев да престанам да го слушам. Можеби звучи како претерување, но за мене Tooth and Nail е еден од најдобрите дет-метал албуми од изминатата деценија. Колку време беше потребно за да се создаде овој монструозен албум и каков беше креативниот процес?

Мило ни е кога гледаме дека секој албум ни отвора врати кон поголема публика, дека сè повеќе луѓе нè слушаат, ни се обраќаат и ги споделуваат своите мислења. Што се однесува до креативниот процес за Tooth and Nail, малку е тешко да се каже колку време траеше. Не можам едноставно да си дозволам да пишувам нови песни кога и да посакам, животот и работата секогаш ќе најдат начин да ги искомплицираат нештата. Имајќи го тоа предвид, ми беа потребни околу 18 месеци за да ги напишам целата музика и текстовите. Тоа е првиот албум без тапанарот Радек Ковал, па затоа претходно ги испрограмирав тапаните користејќи плагин, ги снимив гитарите, басот и вокалите дома и ги испратив претходно снимените фајлови до сешн тапанарот Чејсон Вестморленд. Неколку месеци подоцна веќе ја имавме финалата верзија на тапаните и бевме подготвени да се упатиме кон студиото за да ги снимиме песните.

Би сакал да ја слушнам приказната зад текстовите на албумот. Понекогаш тие се директни, понекогаш конфронтирачки, а понекогаш длабоко интроспективни. Што се крие зад Tooth and Nail?

Генрална тема на албумот е борбата во многу аспекти. Па така, ги имаме директните Orphans, конфронтирачките Halo of Bones и навистина длабоко интроспективните Everything That isn’t Silence is Trivial. Човек може да се мачи во потрагата по смисла во овој студен и немилосрден космички простор, како и да се бори за сопствениот ум и да се обиде да ја надмине депресијата. Да се општа идеја што ги поврзува сите песни е корисно и инспиративно.

Колку труд и значење вложувате во текстовите, во споредба со музиката? Дали сметате дека текстовите се подеднакво важни како и музиката?

Вложувам многу труд во текстовите, но тие никогаш нема да бидат важни колку музиката. Мислам, ние сме бенд, а не поетски клуб, на крајот на краиштата. Важно ни е да имаме производ кој е темелно промислен; сè е важно, било да е тоа уметничкиот дизајн, фотографиите од бендот, текстовите, но сето тоа постои како додаток на музиката.

Вашите текстови оставаат многу простор за интерпретација. Дали намерно избегнувате да давате јасни пораки зашто верувате дека уметноста треба да поставува прашања наместо да дава одговори?

Она што го сакам кај текстовите на другите бендови е кога тие не ги објаснуваат. Најдобрите се оние што ме тераат да размислувам, кои можеби не ги разбирам целосно, но се напишани доволно интересно за да ме испровоцираат да имам сопствена интерпретација. Некој рече дека мислењето на некој фан за некоја песна е значењето на истата - и тоа навистина ми се допаѓа. Воопшто не ми пречи ако некој поинаку ги разбере моите намери, особено ако тоа е причина за да има сопствено мислење.

Во време кога многу екстремни метал бендови изгледаат сè пофокусирани на техничката виртуозност, дали мислите дека дет металот постепено ја жртвува емоционалната тежина во корист на беспрекорната изведба?

Мислам дека колку поголема е разновидноста, толку подобро. Секогаш сум имал широк интерес за музиката, но последниве години уште повеќе се отворив кон одредени жанрови и стекнав поголема почит кон бендови како Archspire, Beneath the Massacre, The Zenith Passage или Psycroptic. Сосема се согласувам доколку одлучат да продолжат да свират милион ноти пред воопшто да започне рефренот, тие го прават тоа на најдобар можен начин. Од друга страна, ако посакам да внесам малку емоционална тежина во моите уши, можам да ги слушам Hath или, можеби не баш дет метал, но сепак екстремни до одреден степен, Gaerea. Што се однесува до Dormant, никогаш не ми била целта да бидеме премногу технички потковани, тоа е само средство за постигнување цел, а таа цел би била најдобрата музика што сум способен да ја создадам во даден момент. И да бидам искрен, и онака не сум толку добар гитарист.

Денес музиката често се консумира преку кратки видеа и алгоритми. Дали сè уште е можно еден албум што бара целосно внимание од слушателот да го има истото влијание што го имал пред неколку децении?

Види, не сум млад, моето музичко образование го стекнав во деведесеттите, пораснав во мал град каде што за нова музика беа потребни 200 километри пат во два правци само за да се земе ново касетно или ЦД-издание. Тогаш го проучував секој сантиметар од секој албум што успевав да го земам во раце, ги меморирав текстовите, ги читав благодарниците, се трудев да ги научам песните на гитара, па затоа јас сум човек за албуми до крајот на животот. Сè уште верувам дека албумот од осум песни може да остави поголемо влијание отколку осум посебни синглови. Очигледно сум свесен дека денешниот музички модел е сменет или барем се менува, па веројатно ќе гледаме сè повеќе бендови што се префрлаат на синглови и мини-албуми само за да останат релевантни. Сепак, се сомневам дека тоа некогаш ќе биде случај со нас.

Вашата музика носи постојано чувство на тензија и неизбежност. Како човечки суштества, што ве плаши најмногу – сопствената смртност, колективниот колапс или нешто сосема друго?

Јас сум едноставен човек, па како и секој друг човек, се плашам од губење на моите блиски, на моето здравје, на моите извори на приходи. Би претпочитал да не доживеам вистинска војна овде во Полска, за среќа единствената земја што всушност ни се закануваше последниве времиња во моментов се соочува со сопствени значајни проблеми и се надевам дека така ќе остане. Искрено, никогаш не сум размислувал дека овие нешта би можеле да се преведат во музика, но којзнае.

Изминатава деценија радикалната десница е во подем во поголемиот дел од светот. За жал, војните и конфликтите не се ништо ново за човештвото, но дали мислите дека глобалниот подем на крајната десница дополнително ја интензивираше ситуацијата?

Проклетите политичари уништуваат сè. Тие се хранат со создавање поделби меѓу луѓето. Тековната политичка клима во Полска е смешна, тие ќе сторат сè за да не дозволат другата страна да изгледа добро во очите на јавноста, но јасно е дека имам подеднаков проблем и со радикалната десница и со левицата. Главно со луѓето кои сакаат да станат подвижни дефиниции, пристапот „јас одлучувам да се идентификувам со X, па затоа треба да се однесувам како X“, без прашања, без размислување. Па, можеби ова е одговорот на претходното прашање - она што ме плаши најмногу можеби е да бидам опкружен со опасни и глупави луѓе. Екстремноста ѝ одговара на музиката, а не на општествата.

Автентичноста е постојана тема во екстремниот метал. Според вас, што претставува поголема закана за сцената денес – комерцијализацијата или бесконечното рециклирање веќе воспоставени формули?

Не ми пречи комерцијализацијата, доколку таа остане во вистински контекст. Се сомневам дека некој со доза на критичко размислување ги смета таканаречените главни играчи за најчесни и највистински бендови наоколу. Секој бенд што во одреден момент ќе најде влез во мејнстримот, губи одреден кредибилитет во замена за успех, или барем ветување за успех. И тоа е во ред, тие бендови се таму со причина. Така што би застанал на страната на второто – рециклирањето старечки идеи е онаму каде што креативноста страда и тоа навистина е жално.

Колку е тешко денес да се создаде музика со трајно влијание кога публиката изгледа речиси целосно десензибилизирана на секаков вид содржина, и музички и текстуално? Светот е преплавен со извори на инспирација – војни, геноцид, екстремно богатство, екстремна сиромаштија, климатски промени и уште многу нешта. Сепак, често се чини дека голем дел од општеството стана емоционално десензибилизирано за сето тоа. Дали тоа значи дека и музичарите треба да се откажат или дури да го променат својот начин на изразување, или верувате дека борбата никогаш не треба да застане?

Јас навистина ценам кога некој го посветува своето време за да го слушне она што имаме да го кажеме, но кога пишувам, навистина не ме интересира дали некој се интерсира. Тоа го правам зашто ме прави подобар човек, ме валидира во моите сопствени очи, ми помага да останам фокусиран и инспириран. Дали музиката создадена на овој начин ќе има некакво влијание или не, е сосема друга приказна. Секој може да ни се придружи на ова патување, но слободно заминете во секој момент ако тоа ве прави да се чувствувате преоптоварено или недоволно фасцинирано, во тој случај. Но, да ти одговорам на прашањето, никогаш не треба да се откажувате ако сметате дека не е вистинско време за откажување. Не сакам да звучам како мотивациски говорник, но останувањето верен на себеси може да биде најдобрата одлука што некогаш ќе ја донесете.

Video Thumbnail

Ако мораш да ја сведеш целата своја дискографија на една единствена идеја или прашање што би сакале слушателите да си го постават, што би било тоа?

Тешко прашање. Би сакал да мислам дека сме нешто повеќе од една идеја, но во контекст на интервјуто: сите сме сложени суштества, но сè што не е тишина е тривијално.

Да се вратиме на Tooth and Nail. Особено ме интересира визуелниот израз. Насловната е извонредна. Кој ја креираше и каков е визуелниот концепт зад омотот? Дали уметничкото дело е продолжение на темите истражени во текстовите или раскажува сопствена приказна?

Не се сеќавам точно што дојде прво, идејата или уметникот. Мислам дека прво го смислив концептот, па потоа започнав да барам некој со посебен стил за да ја оживее. Сакав двосмислено прикажување на насилство и афекција, симболичен приказ на неискажлива борба. Затоа тие истовремено танцуваат и се борат, љубат и повредуваат. Ако сакате да знаете од каде дојде инспирацијата, побарајте ја „Mazur“ од Софија Стриенска. Насловната на албумот Tooth and Nail е наш искривен омаж на ова класично дело. Најдов неверојатен уметник, See Machine (Морган Соренсен), со портфолио што е истовремено и свежо и вознемирувачко, чиј стил длабоко го почитувам. Соработката беше продуктивна и лизгаше. Многу сме задоволни со крајниот резултат.

Иако можеби е прерано да се зборува за нов албум, дали веќе започнавте да работите на нов материјал? Ако е така, во која насока се движи?

Би сакал најпосле да седнам и да напишам неколку нови песни, но мојата здравствена состојба е малку комплицирана во последно време. Повеќе од една година се борам со тешко воспаление на мускулите кое намали мобилноста на мојата десна рака за најмалку 50 проценти. Тоа го прави многу тешко свирењето на гитара. Имам некои рифови, некои идеи за песни што ми се вртат низ глава, текстуални концепти, но ништо нема вистински да се случи додека не ја средам раката. Во моментов ја деконструирам болката со мојот физиотерапевт и тоа боли пеколно.

Едно нешто што сметам дека се истакнува е што Dormant Ordeal изгледа црпи од многу влијанија надвор од металот. Дали сум во право? Каков вид музичка инспирација земате од жанровите надвор од металот?

Точно е. Дет металот доминираше во моите тинејџерски години и ми помогна да станам личноста што сум денес. Затоа го сметам дека е најприродно да го зборувам јазикот на дет металот, меѓутоа, деновиве инспирацијата доаѓа отсекаде. Покрај разните гранки на металот, секогаш сум уживал во амбиенталната музика, IDM (Intelligent Dance Music), помалку комерцијализираниот EBM (Electronic body music), многу ја сакам и класичната музика. И покрај тоа, неодамна се отворив кон хип-хопот, некои од тие уметници имаат неверојатна способност за создавање лупови кои имаат совршен тек.

Кога би можеле да избришете една догма од современиот дет метал – без разлика дали е музичка, продукциска или идеолошка – која би била таа и зошто?

Не можам да се сетам ниту на една догма што работите ги прави полоши. Има толку многу бендови заглавени во минатото, како и оние што го кршат секое правило што постои и мислам дека тоа е убаво.

Ако луѓето престанат да зборуваат за Dormant Ordeal како бенд и наместо тоа започнат да зборуваат за идеите зад вашата музика, дали би го сметале тоа за успех? Да бидам искрен, некои од вашите текстови ми изгледаат како поезија што случајно е претворена во песни.

Благодарам, но... Овој бенд треба да биде креативен издувен вентил и музиката е суштинскиот дел. Како што кажав претходно, сè е важно, но сето тоа постои зашто во одреден момент сум напишал неколку рифови. Сепак, мило ми е кога слушам дека уживате во текстовите. Среќен сум кога луѓето се грижат за големата слика.

Ми се чини дека во текот на изминатата деценија – или можеби дури и подолго, иако не ја следев внимателно – полската метал сцена доживеа огромен раст. Што мислите дека ја поттикнува оваа експанзија?

Подобро да не одговорам на ова прашање, бидејќи да бидам сосема искрен, не ја следам ниту полската сцена. Некои од нејзините одлики се причина да не се интересирам за неа и ако пропуштам нешто одлично, можам да живеам со тоа.

Конечно, би сакал само да ви честитам за извонредниот албум и да ви се заблагодарам што го создадовте албумот што ме запозна со Dormant Ordeal!
Ако има нешто што не ве прашав, а за кое би сакале да зборувате, сцената е ваша.

Ако барате black-ish non-technical mostly-death metal, проверете го Tooth and Nail. Ви благодарам многу за интересот!