MKMETAL bootleg Сајтов уште не е официјално пуштен, така што, кој нашол нашол... ама не очекувајте све да работи

Интервју со Terrorvoid Promotions

ИНТЕРВЈУ 9.9.2026 од tribe
Интервју со Terrorvoid Promotions

Бидејќи остануваат само уште десет дена до фестивалот Скопје Фјури и гостувањето на шведските дет метал легенди The Crown, решивме да поразговараме со Зиле (Terrorvoid Promotions) за сите детали и пикантерии околу настанот. Интервјуто е пред вас и не заборавајте дека следно на скопската агенда е концертот на Marduk во октомври.

1. Да почнеме директно со The Crown. На 19 септември за првпат во Скопје доаѓа еден од најзначајните шведски death metal бендови. Како воопшто дојде до идејата да ги донесете The Crown во Скопје?

Здраво Алек. Ајде тогаш почнуваме веднаш.
Фактот што Скопје Фјури е во втората половина на Септември, малку е проблематично за нас. Фестивалите се веќе заршени и фестивалските турнеи исто така се завршени и пристапот до позвучни имиња, особено од САД или други континенти е речиси завршен.
Затоа, за ова издание бевме фокусирани на сериозен Европски хедлајнер, за кој логистиката ќе биде релативно поедноставна. Име кое има тежина, историја и кое не прави компромиси со својата музика. За мене The Crown се токму тоа.

2. The Crown се на последна турнеја, што значи дека овој концерт има и историска тежина. Дали токму фактот дека ова е нивната последна турнеја влијаеше врз одлуката да ги донесете во Скопје?

Прилично рано дознавме дека ова ќе им биде последна турнеја во кариерата и тоа беше мотив повеќе да направиме обиди да ги донесеме на Скопје Фјури. Секој што следел музика, знае за The Crown. Еден од столбовите на Шведскиот дет метал. Заедно со The Haunted, At the Gates…
Да имаш бенд од ваков калибар во твојот град е скапоцена работа.

3. Како изгледаше комуникацијата со The Crown и нивниот менаџмент? Дали вие ги контактиравте нив или понудата дојде од нивна страна?

Контактирам со нивниот менаџмент подолго време. Сме соработувале за други бендови и јас прв им испратив порака со понуда за соработка.
Како и со повеќето професионалци така и оваа комуникација одеше баш онака глатко. Се договоривме околу сите детали мошне лесно. Секогаш има малку натегања околу цената за настап, но тоа е најнормална работа.

4. Terrorvoid со години носи големи имиња од екстремната метал сцена во Македонија. Дали денес е полесно или потешко да убедите бенд од калибарот на The Crown дека Скопје вреди да биде дел од нивната турнеја?

Денес е дефинитивно полесно да убедиш бенд да дојде да свири во Македонија. Реално, нашата активност од две децении нè има поставено на мапата на водечките букинг агенции, а тука е секако и нивната потрага по нови пазари. Реално на крајот на денот големите бендови живеат од ова и колку повеќе концерти, толку веќе приходи.

5. Колкав е всушност ризикот кога се организира концерт од ваков тип во Македонија? Дали повеќе размислувавте како промотери или како фанови кои едноставно сакаат да го видат бендот тука?

Искрено, ризикот е огромен. Ако размислувавме само како промотери, не би организирале ни половина од нашите концерти.
Meѓутоа со Скопје Фјури сакаме да изградиме приказна во Скопје, зашто сметаме дека овој град го заслужува тоа. Затоа и преземаме малку поголем ризик за второто издание. Меѓутоа веруваме дека публиката ќе го препознае нашето вложување и дека ќе дојде на фестивал заедно да славиме Метал.

6. The Crown во Скопје доаѓаат со Disavowed и Yoth Iria. Нешто повеќе за останативе два бендови?

Освен овие што спомна ни доаѓаат и Game Over и Spoiled. Двата бенда се од Италија и се моментално во страшен подем. Особено Game Over кои свиреа во Италија пред Anthrax и Megadeth.
Disavowed се тешкаши во дет метал. На сцената се исто така со децении. Во живо тоа ќе биде сериозно мелење.
Yoth Iria е чудо од Грција. Стара гарда музичари собрани да рушат нови граници.
Фактот што бендот е собран од Jim Mutilator (оригиналниот басист на Rotting Christ) говори сам за себе.
Домашни претставници оваа година се Trendkill, Saidon I Gargoyles. Бендови кои и тоа како можат да се носат со предизвикот да свират со овој калибар на бендови.

7. Покрај нив, на концертот ќе настапат и локални бендови. Колку ви е важно големите странски имиња што ги носите да бидат поврзани со домашната сцена, наместо концертот да биде само настап на странски хедлајнер?

Секогаш кога има можност сакаме да имаме и домашен бенд во поставата. Тоа е една од најважните работи според мене. Поддршката на домашните бендови мора да е високо на агендата. Не е моментот само што ќе свират, туку и од прва рака ќе видат како работат професионалци, ќе остварат контакти кои можеби во иднина ќе им помогнат во кариерата...Така што, домашни бендови...секогаш кога може.

8. Кога веќе зборуваме за локалната сцена — како ги избирате македонските бендови што настапуваат пред странските гости? Што мора да има еден домашен бенд за да го ставите на иста сцена со The Crown?

Пред сè, бендот треба да свири. Не сакаме да воскреснуваме бендови. Значи активни бендови кои работат како што треба. Во суштина, секој може да свири на Скопје Фјури, да не бидам погрешно сфатен, меѓутоа мислам дека од круцијално значење е правилниот пристап што еден бенд го има кон самиот себе.

9. The Crown во Скопје доаѓаат во момент кога бендот се простува од публиката. Дали планирате концертот да има некаква посебна атмосфера или концепт што ќе го разликува од обичен клубски настап?

Бендот си има спремено сет за оваа турнеја.

10. Дали постои нешто што Terrorvoid би сакале The Crown да го направат во Скопје, нешто што можеби не би било дел од нивниот стандарден концертен сет?

Не. Сакаме да дојдат и да си отсвират како што си сакаат. Имавме идеја да направиме маици со некој заеднички дизајн, но тоа се покажа како прилично комплицирано околу одобрување на дизајнот и слично и баталивме.

11. The Crown имаат силна врска со шведската дет метал историја, а преку нивниот состав низ годините поминале луѓе поврзани со голем број значајни бендови. Дали за вас нивниот настап има и некаква симболична вредност — како доведување на дел од историјата на европскиот дет метал во Скопје?

Има симболика секако. После Entombed, Grave, At the Gates…The Crown некако логично доаѓа.

12. Ако го споредите овој концерт со некои од најголемите имиња што Terrorvoid ги имаат донесено во минатото — каде би го ставиле The Crown? По големина, значење и тежина за македонската метал публика.

Секако се вбројува со најголемите. Со толку дискографија зад себе и интегритет кој го имаат членовите на бендот, баш со најголемите.

13. Terrorvoid имаат историја со бендови како At The Gates, Cannibal Corpse, Kreator, Decapitated и други. Дали постои некој момент од тие концерти што ви покажал дека Скопје навистина може да биде релевантна точка на мапата на европскиот екстремен метал?

Моментот кога видовме дека можеме да ги исполнуваме и најзахтевните технички рајдери на големите бендови, значеше за нас баш тоа. Позиционирање на мапата и конечно момент кога на нас почнаа да ни стигаат барања за бендови да свират во Скопје. Нешто што сега е веќе рутина. Позитивнот фидбек што доаѓаше од бендовите и нивните менаџменти делуваше баш мотивирачки за нас.

14. Од перспектива на промотор, што е потешко: да донесете голем бенд или да ја убедите македонската публика дека треба да дојде на концертот?

Лесно е да се донесе кој било бенд. Тешко е да дојдат доволно луѓе за концертот да не е во минус. Ние сè уште се мачиме да дојдеме на нула, додека во остатокот на Европа секој втор концерт е распродаден.

15. Денес концертната индустрија е значително поинаква од времето кога почнувавте Terrorvoid. Социјалните мрежи, стримингот и промената на навиките на публиката целосно го променија начинот на промоција. Дали денес е потешко да се наполни сала за дет метал концерт или метал концерт воопшто?

Тешко доаѓаат луѓе на концерти кај нас. Буквално секој настан е во неизвесност до самиот крај. Луѓе доаѓаат само ако го слушаат бендот, ретко кој ќе дојде и онака да се види со некој и да испијат некое пиво и да направат муабет.

16. Кога би можеле да го погледнете концертот на The Crown од перспектива на метал фан, што би му кажале на човекот што се двоуми дали да дојде? Зошто овој концерт не треба да се пропушти?

Конкретно овој концерт не треба да се пропушти од повеќе причини. Прво затоа што е фестивалска приказна, која ако сакаме да опстане, луѓе треба да ја поддржат.
The Crown e момент сам по себе. Титани на Европскиот екстремен звук. Бенд кој во својот звук инкорпорира од дет метал до хардкор и рокенрол. И тоа го прави брилијантно. На крајот на денот ќе биде топ метал настан и тоа треба да стане доволно за да дојдат луѓе.

17. Што следува после The Crown?

Следно е Marduk на 8-ми Октомври. Можно е тоа да е последно за оваа година.

18. Дали веќе постојат планови за концерти следната, 2027-ма година?

Почнати сме со некои активности за 2027-ма. Меѓутоа сè е сè уште во фаза на преговори. Така што инфо за тоа кон крајот на годинава.

19. И за крај — ако на 19 септември, по последниот тон од сетот на The Crown, застанете во празната сала и погледнете наназад кон целиот концерт — што би сакале да си кажете себеси дека сте постигнале со овој концерт?

Сакаме да си кажеме дека сме направиле одличен настан. Дека сè уште можеме да се носиме со предизвиците што ги носат со себе ваковиот тип на евенти. Пред сè, сакаме задоволни фаци во публика. Сè друго е помалку важно.