Gorod, Пироценот и комплексната едноставност
Ерата на Пироценот во новата песна на Gorod. Французите ќе го издадат новиот албум The Ember Gone во август годинава. Во меѓувреме снимија одличен краток филм (во форма на спот) за песната Forgiveness, која слоевито е поврзана во цврсто дело. Текстот, спотот и музиката се одлично слеани во интересна поента за Пироценот (аналогија на епохата на Антропоценот), термин на американскиот историчар Стивен Пајн. Накратко, конститутивните елементи на епохата на Пироценот се: огнот (како деструктивна сила), фосилните горива (таканаречен литосферски оган) и меѓузависноста човек-оган. Во контекст на спотот, пак, малку проширена димензија на приказната се дава преку односот дете-родител, но во контекст на Пироценот, што им оставаме на нашите деца со нашите постапки. Не дека сево ова е нешто ново (Nevermore делумно го обработуваа на This Godless Endeavor - сетете се само на насловната на албумот и ќе ја најдете врската), но сепак е одлично доловено како концептуално метал-дело. На сево ова само ќе ја додадеме комплексната едноставност (или едноставната комплексност) на самата музика на новата песна. Доволно е... засега...