MKMETAL
Review
28.9.2009

Alice in Chains - Black Gives Way to Blue

Black Gives Way to Blue

Reviewing Album:

Black Gives Way to Blue

2009

Џери Кантрел, гитаристот и еден од вокалистите на Alice in Chains, четвртиот албум на бендот, Black Gives Way to Blue, го почнува со зборот “Надеж”, за миг остава ѕидот од дисторзија да одѕвонува и продолжува со стихот: “Нов почеток. Време. Време е да почнеме да живееме – како пред нашата смрт”. Кога ова ќе се спои со насловот на оваа песна, All Secrets Known, се добива слика (во висока резолуција) за пораката на авторот – ги знаете сите тајни на нашата група, ајде сега да се посветиме исклучиво на музиката. Иако никогаш официјално не се распадна, Alice in Chains за мнозинството почиваше во гроб уште од 1996 година, кога ги одржа последните настапи. Крајната шајка во ковчегот јавноста ја стави во 2002 година, кога харизматичниот фронтмен со продорен крик, Лејн Стејли, беше пронајден мртов во својот стан во Сиетл. По 14 години студиска пауза, составот се враќа со Black Gives Way to Blue, морничаво, моќно, масивно издание, напишано и снимено со душа.

Со оглед на уникатноста на Стејли во исто толку специфичниот звук на квартетот, тврдокорните фанови имаа право да бидат резервирани и скептични, но никако бесни. Причината е проста: Џери Кантрел, Шон Кини и Мајк Инез, поставата на бендот од ремек-делото Dirt наваму, со човечност и почит се однесуваше кон големината на својот пријател и водечки вокалист. Ниту еднаш не ја омаловажи неговата ролја. На камбекот му пријде внимателно и трпеливо, седум години по загубата на незаменливиот вриштач во нивните редови. А со тоа што го одбра Вилијам Дувал, прво, пријател, а потоа, талентиран вокалист на анонимците со четири диска зад себе, Comes with the Fall, тројката укажа оти иконскиот статус на Стејли ќе остане негибнат. Black Gives Way to Blue воопшто не го брише сеќавањето за него, можеби и непатетично го поттикнува, но не е албум заробен во минатото. Не е опседнат со искупување за старите гревови или со грижа на совест оти постои кога клучна алка од групата одамна е скината од синџирот. Едноставно, ова цеде има свој живот, свој дух, своја енергија. Затоа и не потфрла.

Музички, материјалот ја продолжува традиција на Alice in Chains. Убоит хардрок со силни блуз-влијанија, гранџ-меланхолија и мелодии што се прикраднуваат до умот. Тие што сакаат да го плукаат албумот, веднаш ќе се залепат на “застареноста” на стилот, но тоа држи вода доколку се работи за нов состав, а не за име со речиси патентиран пристап. Сите останати, пак, што се ложеле на најморничавиот припадник на големата сиетловска четворка од 90-тите, Black Gives Way to Blue ќе видат убаво, искрено и внимателно потпишано издание. Многу групи, што по долга пауза и нервозни конфликти, објавуваат нови албуми, често се губат во стравот да не создадат нешто што никој нема да го слуша. Членовите на Alice in Chains, очигледно, однапред решиле да креираат збирка од теми во кои самите ќе се чувстуваат релаксирано, а не изнасилено, без гајле дали ќе бидат “современи”.

А нивна најприродна средина се долгите, “ползечки”, композиции, што се вовлекуваат во потсвеста. Албумите што најславните групи од Сиетл ги издадоа за време на кулминацијата на гранџот повеќе се чувствуваа отколку што се слушаа. Alice in Chains беа најспособни за да ве вовлечат во личниот свет на падови, порази и разочарувања. Иако ова е симбол на целата таа сцена, двојниот вокален напад на Кантрел и Стејли беше морничаво најубедлив. Во таа насока продолжува и Black Gives Way to Blue. Гитаристот и автор на повеќето песни, го хармонизира својот глас со тој на Дувал, кој звучи беспрекорно. Наликува на Стејли, распонот и бојата му се отприлика на исто ниво, но тоа е стилот на бендот и затоа комбинацијата воопшто не делува бизарно, вулгарно или – смешно како караоке. Со други зборови, звучи како што Alice in Chains отсекогаш звучеле: болно, бавно, измачено.

Black Gives Way to Blue не е најдоброто издание на Alice in Chains, Dirt никогаш нема да ја загуби таа титула, но е материјал што дува силен ветер во едрата на една од најбитните групи на 90-тите. Четворката им недостасуваше на многу луѓе, а со албумов оствари две цели – успеа да не ги разочара и да ги израдува убаво појаснуваќи им оти талентот за создавање добра музика го одржале во витална, ветувачка, форма.

FINAL VERDICT

1/10