Интервју со itSELF

Интервју со itSELF

itSELF е релативно тазе бенд од Бразил (постојат од 2005-та) и неодамна решија да тргнат на европска турнеја со која ќе не посетат и нас на 16ти Април. По тој повод решивме да направиме интервју со нив.

1. Претстави го бендот на нашите читатели. Претходни искуства во музиката?

Здраво! На почетокот сакам да се заблагодарам на можноста и просторот даден на itSELF. Во денешно време станува се потешко и потешко да покажеш што работиш(да, може да биде дефинирано како работа, не само уметност, затоа што треба да букираш турнеи, контакти бла бла бла) затоа што многу бендови се појавуваат и одат на турнеи, добар дел од нив имаат квалитет, техника и добар менаџмент… Па, ви благодарам. Помалку бла бла бла, да одиме директно на поентата.
Јас сум Рикардо Фалкон, гитарист и басист на itSELF, бенд кој се појавува во 2005 година, формиран од мене и Естеван Фурлан, тапанар и вокал(не можам да разберам како може да пее и да тропа во исто време. Мислам дека е во пакт со сатаната ха ха ха). Идејата беше да се меша дет метал музиката со треш метал вокали и да се додаде бас, но не како позадински инструмент туку како водечки со комплексни соло делови и бриџови, но во тоа време јас не можев да свирам бас а Естеван не можеше да пее(го откривме неговиот талент на многу смешен начин, но тоа е друга приказна), па затоа бевме пет членови вкупно(двајца гитаристи, басист, вокал и тапанар).
Зошто денес сме само двајца во бендот? Едноставен одговори: интересот на музичарите да бидат професионалци. Повеќето од нив сакаат да свират, да имаат соништа, да бидат славни но кога почнав да договарам европски турнеи, снимања, концерти, интервјуа и уште многу работи кои ги планиравме, тие отстапија. Почнаа да се жалат не наоѓајќи решенија – мојата работа, мојата кориера, моите родители, мојата девојка, моите мадиња… Тоа почна да го ограничува бендот затоа што со секое откажување на еден музичар, бендот требаше да запре со проби, па потоа да се најде нов, истиот да ги научи песните и се така одново и одново. Почнавме да се нервираме и знаеш што? Ајде да го направиме тоа самите – ете добро објаснување за името на бендот! Затоа велам дека бендот навистина започна некаде во 2007-2008 година, кога ги правевме снимките за “Make my suffer short”, кога свиревме со бендови од цел свет во Сао Паоло – Бразил, кога ја „прочистивме“ нашата техника. Околу претходните музички искуства: ги немам. Претходно не сум имал бенд. Естеван да, тој свиреше неколку години во Pantera tribute бенд и даваше часови (за тапани). Бевме многу млади кога заедно почнавме со свирење, јас 17 а Естеван 18. (Дури и кога имав 9 години и свирев гитара немав интерес за свирење во кавер бенд затоа што сакав да имам сопствен проект). Потоа учев за изработка на жичани инструменти, аудио инженерство (исто и Естеван), училиште за бас, музичка продукција итн.

2. Набрзинка за метал сцената во Сао Паоло?

Па мислам дека сцената во Сао Паоло има моќен пазар кој треба да се истражува но има многу нешта кои тоа го опструираат. Најважното нешто е односот на вредности помеѓу бендовите и промотерите. Тие се серат на бендовите и мислат дека можат да ти платат само со неколку пива кога влезот за концертот чини 10 евра. Комплицираната култура која доаѓа од слушањето кавер бендови, мислам дека може да се објасни со тоа што познатите бендови не доаѓаат кај нас често, па станува тешко луѓето да го прифатат тоа и да им оддадат почит на настаните на кои бендовите свират сопствена музика, знаеш, секогаш од соседството се е подобро, како Sepultura и многу други бендови кои станаа познати во Бразил после неколку турнеи и изданија во Европа и Северна Америка. Постојат и други причини но мислам дека сцената расте. Европските промотери се фокусираат повеќе на европскиот пазар… Се надевам дека ќе има некакви промени за некоја година.

3. Кажи ни нешто повеќе за “Make my suffer short” . (каде е снимен, колку време потрошивте на тој процес и дали сте задоволни со исходот?)

Ни требаа околу две и пол години за овој процес затоа што немавме доволно пари а сакавме да направиме добро издание, не демо или EP кои ќе бидат едвај перцепирани на метал сцената. Тапаните беа снимени во студио кое почнуваше со работа во Сао Паоло во 2007 година па речиси и да ја изнајмивме просторијата и тапаните. Опремата за снимање беше моја. Имавме и неколку микрофони и тригери кои ги позајмивме ха ха ха. Се вративме повторно во студио (studio Pucci) на почетокот на 2009 година, студио со многу добра опрема, protools HD, одлични лампашки претпојачала и еден куп глави и кабинети…
Во меѓувреме ја подобрувавме нашата свиречка техника, учев бас, аудио инженерство и музичка продукција исто како и Естеван кој пак учеше и едитирање тапани и работеше на артворкот заедно со Bjorn Gosses од Killustrations од Германија. Потоа, работите одеа брзо, ни требаа осум месеци за да ги снимиме гитарите, басот и вокалите, да го едитираме целиот албум до финален микс и мастер, кој беше направен во студиото Hertz во Полска. Навистина сум задоволен со исходот, особено кога ќе го споредам со нашето демо. Се подобривме во однос на знаењето и техниката. (Имаме уште многу да учиме, ова беше само споредба со тоа што во моментов сме станале.

4. Кога слушаш музика, дали подеднакво посветуваш внимание на текстовите на бендот колку и на неговата музика?

Кај повеќето дет метал бендови навистина е тешко да се слуша што пее или „лае“ вокалот(ха ха ха), но навистина им оддавам признание кога текстовите се дефинирани, прв бенд кој ми падна на ум е Vader. Текстовите се многу важни и во повеќето случаи се поврзани со зрелоста на бендот. 95 % од бендовите кои пеат за крв, сатана, запали ги црквите, зло и клише термини кои се повторуваат по 15 пати во песна, немаат добра музика. Ако твојот мозок е ограничен на овој детски вокабулар, тогаш и твоето музичко знаење ќе биде исто така ограничено.

5. Забележав двостран пристап во вашите текстови, едниот е повеќе “in your face full of anger” а другиот е повеќе интроспективен. Дали тоа значи дека двајца ги пишуваат текстовите? Кажи ни нешто повеќе за позадината на вашите текстови.

Да, така е! “In your face full of anger” со повеќе директни и објективни стихови доаѓа од Естеван, тој има повеќе љубов за давање (ха ха ха). Јас сакам да гористам повеќе фигуративен говор во моите текстови за да му овозможам на читателот да има повеќе значења. Субјективно е. Пишуваме за психијатриски/психолошки болести. Однесувањето, она што се случува во еден психотичен ум, причините, чувствата, тагата, депресијата, биполарната и кататонична состојба, агресивноста итн.

6. Метал албуми кои ти ја одбележаа 2011 година, и зошто?

Abysmal Dawn – Leveling the plane of existance. Ништо „ново “ но е одличен и многу технички албум. Многу „лепливи“ рифови кои не ми излегуваат лесно од глава.
Septic Flesh – The great mass. Се шокирав кога првпат го слушнав овој албум. Тоа е masterwork! Фантастично е и тоа што нивниот вокал го работи артворкот, концептот, текстовите, музичката комплексност, дури имаат интегрирано и оркестар (не трили ли ли делови како кај мелодичните метал бендови) кој создава различни елементи кај бендот. Кога го слушам овој албум, секој нареден пат наоѓам нови значења, слушам едни елементи повеќе од другите. Тоа е патување низ мојот ум.
Fleshgod Apocalypse – Agony. Брутално, брзо, добро дефинирано, добро снимено, уште еден masterwork! Нивниот тапанар е октопод (ха ха ха).

7. Штo милсиш за национализмот и расизмот на метал сцената?

FAKE AND GAY.
Да зборуваме сериозно, секој има право да се изрази, слободни сме да го правиме тоа но не сакам вакви појави како на музичката сцена така и надвор од неа. Не ги одобрувам.

8. Немате издавач, зошто?

Големите издавачки куќи денес, кои можат да овозможат добра поддршка и јавност за еден бенд, потпишуваат само со познати бендови, освен во некои случаи. Досега го немавме „среќниот удар“. Се надевам дека тоа ќе се случи во блиска иднина.

9. Не сум многу по музичкиот стил кој го свирите но сепак наоѓам интересни моменти, old school и некои многу, многу интересни технички делови. Кажи ни ја твојата страна од приказната за вашиот музички израз.

Објаснувањето за old school деловите е едноставно. Некои рифови, како на песната Psychotic Domination на албумот, се компонирани уште во 2004 година. Тогаш сеуште не го познавав Естеван и не бевме навикнати да свириме дет метал. Првиот blast beat од Естеван се појави на нашаат втора проба! „Најновите“ песни (и тоа е она што може да се очекува на нашиот втор албум) се Haloperidol, I can’t stop и Inner Emaciation of the flesh. Другото објаснување доаѓа од влијанијата на Естеван кои се повеќе old school или дури и класични како Pantera, Slayer, Sepultura, Metallica, додека јас сум поблиску до технички дет метал што резултира со добра мешавина.

10. Кажи ни некои кратки информации за вашата турнеја. Доаѓате во Македонија, дали некогаш сте биле во овој дел од светот? Какви се вашите очекувања?

Ова е наша трета турнеја која поминува низ 17 земји. Ќе трае 2 месеци. Изгорени сме од желба да свириме во некои земји каде претходно не сме биле, како Македонија, Русија, Финска итн. Сум бил во близина како тур менаџер но никогаш во Македонија. Мислам дека ќе отсвириме добар концерт на 16-ти април во клубот Хавана. Како што слушнав, македонската публика е „болна“ па се надевам дека ќе видам многу луѓе кои ќе бенгаати ќе се шуткаат. Мислам дека ќе биде хектична свирка.

11. Ти исто така работиш за Insano Bookings, може ли да ни кажеш нешто повеќе околу тоа?

Работев во Insano точно една година. Работите не излегоа како што беа планирани. Голем недостаток на комуникација и многу други проблеми кои дури влијаеја на мојот приватен живот, затоа решив да се откажам. Тоа не значи дека ќе се откажам од тоа да бидам тур/букинг менаџер. Работам на тоа да оформам нова агенција која ќе биде специјализирана само на европски турнеи. Ќе набројам неколку бендови кои ќе ги донесам во Европа како Cardiac, Kamala, Blue Barrel итн.

12. Препорака за некои бразилски бендови?

Навистина ми се допаѓа еден бенд кој се вика AYIN. Свират многу креативен технички дет метал. Тие се како бомба и многу е тешко да се најдат нови бендови со таков квалитет, особено во Бразил, што не е наша силна страна во креирањето екстремна музика. Во моментов го снимаат нивниот прв албум(можете да ги најдете на youtube, промо видео клип). Многу бргу ќе го слушнете ова име во целиот свет!
Уште еден многу добар бенд е KHROPHUS. Со нив бевме на турнеја во 2010 година. Свират добар брутален и технички дет метал.

13. Порака за нашите читатели?

Ако стигнавте до последното прашање, читајќи се досега, ви благодарам за вашето време и трпеливост. Се надевам дека ќе се видиме во Македонија на добра забава!!!
Сакајте не, обожувајте не… хахаха НЕ, само поддржете не на Facebook: www.facebook.com/itselfdeath
Ви благодарам на сите!!!

Интервјуирале: Алек, Пецо