Интервју со Dave Ingram

Интервју со Dave Ingram

Направивме уште едно интервју (додуша, овојпат пократко) со Dave Ingram, а повод за тоа беше неговото враќање во Benediction. Во првото интервју од 2016 година си изнаправивме доста муабети, но сегашново е пократко, најверојатно заради здравствената состојба на Дејв (кој и покрај тоа прифати да одговори на прашањата).

1. Здраво пријателе, како си?

Сѐ е како што треба, фала. Во последно време станува лудо со вирусот, но да се надеваме дека наскоро ќе почне да попушта за да можеме летово повторно да правиме музика.

2. Изгледа дека ти се случија многу нешта од последното интервју во октовмри 2016 година?

Така е! Минатата година – речиси пред една година – ме прашаа дали сакам повторно да им се придружам на Benediction. Ми се јавин Дарен Брукс и на почетокот стануваше збор само за привремено решение, но потоа стана трајно, зашто Дејв Хант сакаше да се фокусира на студиите. Тоа е за почитување.

3. Дали Metal Breakfast Radio сѐ уште е во етерот? Колку години досега?

Да, сѐ уште е во етерот. Но не толку често заради социјалната дистанца која е актуелна. Во иднина ќе има повеќе емисии. Можеби ќе снимам неколку и сам во меѓувреме. Емисијата постои веќе 12 години. Годишнината беше на почетокот на април.

4. Што се случува со Down Among The Dead Men и Echelon?

Двата бендови се активни и барем еден од нив ќе почне со продукција на албум, а потоа може да ги оставиме на мира…освен ако луѓето не посакаат да слушнат нешто ново, во тој случај ќе работиме повторно. Тоа се однесува на DATDM. Договорот со Echelon беше за три албуми.

5. Активен си во некои други бендови?

Да, многу. Покрај Benediction – повеќе за тоа подоцна – тука е деби албумот на Hellfrost And Fire. Наскоро ќе има најава за тоа. Исто така работам на албумот на Troikadon (заедно со Кам Ли и Карл Вилетс на вокали, Рога Јохансон, Џони Питерсон и Тревис Руво). Има и уште неколку помали проекти на кои работам. Прилично сум зафатен.

6. Се сеќавам дека кога зборувавме минатиот пат, спомена дека ќе пишуваш биографија. Рече „се ближи“. Колку блиску си до тоа?

Всушност, престанав веднаш после изјавата. Бев зафатен со бендовите, а сега се враќам во Benediction така што мојата приказна ќе има уште поглавја. Претпоставувам дека ќе запишувам белешки кога ќе можам.

7. Речиси заборавив, што се случува со Ursinne?

Работиме на вториот албум во моментов. Како што гледаш, ќе бидам зафатен некое време.

8. Едно од централните прашања мора да биде фокусирано на Benediction и твоето враќање. Како се случи тоа?

Па, како што кажав почна со телефонски повик минатата година. Разговаравме некое време и се согласивме за привремено решение. Но недолго потоа ме прашаа дали сакам да продолжам како постојан член. Жена ми и син ми се изјаснија позитивно, па затоа ми беше лесно да кажам да. Изминатава година имаше подеми и падови, но сепак беше фантастична.

9. Ми рече дека сте закажале концерти, но…

Да, сето тоа пропадна заради коронавирусот. Има неколку договорени концерти за ноември но речиси сме сигурни дека или ќе бидат откажани или поместени. Можеби е добро да се почека до 2021 година. Исто така, во јануари требаше да одиме во Јужна Америка но заради мојата операција ставање вештачки колк, пропадна и тоа. Сега сѐ е во ред – но мислам дека и другиот треба да се замени!

10. Дали има нов материјал на повидок? Во која насока ќе се движи? Дали ќе нѐ врати на стариот материјал на Benediction или можеби ќе биде нешто ново и ќе звучи поинаку?

Можам само да кажам дека албумот е завршен и во моментов се микса. Дефинитивно е Benediction, нема сомнежи, и мислам дека ќе им се допадне на сите фанови. Дефинитивно има старошколски филинг и ќе има место во историјата на бендот.

11. Дејв, читаш книги? Кои ти се омилени области? Која е последната книга што си ја прочитал?

Обожавам книги! Повеќе сакам книги отколку луѓе, генерално. Тие се најголемите оружја во светот, а библиотеките се арсенал. Па…вооружете се! Многу читам стара научна фантастика, отсекогаш го сакав тоа. Се разбира, една од моите најомилени книги е Сатанистичката Библија од Антон Шандор Ла-Веи.

12. Претпоставувам дека повеќето луѓе знаат некои основни нешта за тебе, како на пример дека ја обожаваш серијата Doctor Who. Дали може да ни препорачаш нешто во тој контекст?

Секако! Погледнете ја англиската серија Blake’s 7. Научна фантастика, но малку е помрачна од Doctor Who. Многу добра серија која ме маѓепсуваше секоја недела. Има и римејк но во аудио формат, каде глумците читаат нови приказни и авантури. Ви ја препорачувам.

13. Знаеме дека сакаш и имаш кучиња. Дали тоа е целоживотно пријателство или се појави во одреден период од твојот живот?

Отсекогаш имаше кучиња во мојот живот, откако знам за себеси. И кај мене дома и додека живеев со родителите или роднините. Кучињата се интегрален дел од нашето семејство, па дефинитивно се целоживотно друштво. Ги сакам моите девојки, Бела и Клара.

14. Тоа е сѐ засега. Не сакам да ти додевам повеќе (имајќи ја предвид твојата здравствена состојба). Се надевам дека си подобро и којзнае, можеби некој ден ќе поминете на турнеја со Benediction. Знам дека си голем фан на пиво, па можеби ќе најдеш некои интересни пива тука…

Всушност, здравјето не ми е баш најдобро па ќе престанам да пијам пиво некое време за да ја вратам контролата над сопственото тело. Треба малку и да ослабам и да го намалам крвниот притисок – не се подмладувам па треба да бидам здрав за да можам да се вратам на сцена. Сето тоа ќе ми користи за да бидам во оптимална форма за следните концерти.

П.С: Дејв ни остави некои линкови од бендовите со кои свири, па ако некој го интересира, нека клика.

www.facebook.com/DownAmongTheDeadMen
www.facebook.com/MetalBreakfastRadio
www.facebook.com/DaveIngramOfficial
www.facebook.com/LambertsBasement
www.facebook.com/HellfrostAndFire
www.facebook.com/EchelonOfficial
www.facebook.com/UrsinneBand
www.facebook.com/Troikadon
www.metalbreakfastradio.com
www.darksentinel.dk

Интервјуирал: Алек