Интервју со Manifest

ИНТЕРВЈУ • 5.10.2026 • од tribe
Интервју со Manifest

Преслушувајќи нови и нови изданија, сосема случајно налетав на Manifest. Постапката речиси секогаш е иста, ако бендот ми го задржи вниманието за да преслушам барем една песна, тогаш на ред доаѓа целиот албум. А, за понатаму, се знае... Nothing Left to Kill беше тазе излезен од фурна и имаше примамлив наслов, кој ме натера да ги прочитам текстовите, бидејќи музички веќе бев уловен. Вообичаено многумина од нас го прескокнуваат текстуалниот дел, небаре тоа е само за украс на песните. Сликата што си ја формирав за Manifest беше доволна причина за да ги истражам, прочитав неколку интервјуа и на крајот ги контактирав. Одговорија веднаш и интервјуто веќе беше договорено. Резултатот е пред нас. Бидејќи не ги интересираат музичките етикети, мислам дека е доволно да се каже дека во основа станува збор за метал, но со многу, многу други напливи и токму затоа топло ги препорачувам. Особено ја ценам драматичноста на вокалот, онаму каде нешто треба да се потенцира, иронизира, истакне итн., итн.

1. Здраво, момци! Претставете се.

Здраво, јас сум Стијан Лекнес, пејач во Manifest од 2001 година.

2. Постoите од 1999 година, првото демо го издадовте во 2000 година, но првиот студиски албум излезе дури во 2005 година. Што се случуваше во тие шест години?

На почетокот на 2000-тите времињата беа поинакви. Не можеше едноставно да снимите албум и да го миксате во својата спална соба. Соработувавме со студиото Godt Selskap, што доведе до првиот албум. Процесот беше долг и комплициран, имаше некои технички проблеми, а тоа што повеќето од нас беа млади и привремено луди исто така не помогна многу со времето што го имавме на располагање.

3. Во едно интервју што го читав неодамна велите дека со текот на годините сте станале помалку опседнати со деталите и повеќе фокусирани на пошироката слика. Што подразбирате под „пошироката слика“ кога станува збор за музиката на Manifest?

Главно се обидуваме да се фокусираме на создавање цврсти песни, без толку да се оптоваруваме секој мал детал да биде совршен. Добрите песни често се раѓаат токму од несовршеностите. Имавме вкупно 14 песни, но за овој албум од нив избравме песни што се слични. Идејата беше да направиме песни што ќе нè вратат кон металот што почнавме да го слушаме како тинејџери, мислам дека тоа се забележува кај многу од нив. А неколку од нив, пак, го претставуваат она поради што и понатаму уживаме во овој жанр.

4. Гледајќи ја вашата дискографија, забележав еден интересен детал. Речиси секое издание е објавено од различна издавачка куќа. Зошто е тоа така?

Издавачките куќи се како боксерки — треба да се менуваат, инаку ќе почнат да смрдат.

5. Особено интересна ми е трансформацијата од Half Past Violence до Nothing Left to Kill. Од она што можев да го слушнам, секој албум изгледа како природна еволуција од претходниот, иако морам да кажам дека новиот албум мене ми звучи најдобро. Како би ја објасниле таа еволуција од ваша перспектива?

Отсекогаш сме се обидувале да се развиваме. Мислам дека ако престанеш да се развиваш, тогаш можеш слободно да престанеш и да се занимаваш со музика. Секој член на бендот има своја инспирација, па правиме компромиси меѓу себе и се обидуваме да најдеме нешто со што сите во бендот можат да се согласат. Накратко, само се обидуваме да ја правиме музиката што најмногу ни се допаѓа. На овој албум заедничкиот именител беше интензитетот. Се обидовме да се фокусираме на тој збор и да внесеме што е можно повеќе интензитет во секоја песна.

6. Nothing Left to Kill е наслов што звучи како крајна точка — како последниот извор на насилство веќе да е исцрпен или можеби сме уништиле сè и буквално нема ништо повеќе за уништување. Дали насловот повеќе е иронија, апокалиптична визија или коментар на реалноста во која живееме?

За мене тоа е коментар на реалноста во која ќе живееме ако продолжиме да им се поклонуваме на лидери што се мегаломани, расисти, воени поттикнувачи и, почесто отколку не, имаат интелектуална и емоционална зрелост на дете со проблеми во однесувањето. Трамп, Нетанјаху, Ердоган и други се примери за трагичните луѓе што им дозволуваме да нè уништуваат. Ако продолжиме по овој пат, се плашам дека наскоро нема да остане ништо за убивање.

7. Албумот содржи песни како „Praying for Armageddon“, „Agent of Chaos“, „World Is for Sale“ и „Scum“. Колку свесно користите екстремни слики и мотиви за да зборувате за реалните општествени услови?

Како што споменав, мислам дека живееме во свет со кој сè повеќе управуваат екстремисти, па екстремните слики и мотиви изгледаат соодветно. Но, светот на луѓето отсекогаш бил мошне екстремен, така што, на некој начин, отсекогаш сме се движеле со мали чекори по патот кон уништувањето на нашиот вид. Планетата сигурно ќе преживее без нас, само што пред да заминеме ќе ѝ нанесеме темелно и брутално силување. Тоа е, се разбира, само мое мислење.

Video Thumbnail

8. „World Is for Sale“ особено звучи како наслов што може да се чита и политички. Што е тоа што денес, според вас, е „на продажба“ — ресурсите, природата, политичкото влијание, човечкото достоинство или нешто друго?

Мислам дека во ултракапиталистичкиот свет сè е на продажба. Постојано се продаваме себеси како поединци на социјалните мрежи, ги продаваме човечкото и животинското страдање во масовните медиуми, постојано и без дискриминација земаме сè што можеме од природните ресурси и го продаваме на оној што ќе понуди најмногу. Така што, мислам дека, според луѓето, во светот дефинитивно сè е на продажба.

9. Во време кога и самата реалност станува сè поапокалиптична, дали мислите дека металот сè уште треба да измислува екстремни светови или треба да биде медиум преку кој се критикува постоечкиот свет?

Мислам дека секој што создава музика, без разлика дали е метал, рок, поп, блуз, џез или нешто помеѓу, треба да пишува за што сака и да измислува што сака. Музиката воопшто не мора да биде политичка за да биде добра. За мене, често е подобро кога сум ослободен од политиката и актуелните настани додека слушам музика, но не мислам дека постои правилно или погрешно нешто за што треба да се пишува.

10. Nothing Left to Kill намерно е снимен со помалку испеглана, „совршена“ продукција. Што мислите дека се губи во модерната метал продукција кога совршенството станува поважно од човечката енергија, идеите и грешките?

Мислам дека се губат нервите и чувството дека музиката навистина е реална. Животот и луѓето се полни со несовршености и мислам дека музиката, како и секоја друга уметност, треба да го рефлектира тоа ако сака да биде релевантна. Ми паѓа на ум еден стих од песна на Леонард Коен: „Во сè има пукнатина, таму влегува светлината“.

11. Сведоци сме на огромни промени во начинот на кој луѓето слушаат музика — од ЦД-а и физички албуми до стриминг, алгоритми и кратки дигитални формати. Може ли албумот како формат сè уште да функционира како уметничка целина, наместо едноставно како збир од песни?

Секако дека може. За луѓето што навистина се заинтересирани за музика, мислам дека форматот на албумот не може да се надмине. Не можеш да раскажеш вистинска приказна или да ја покажеш својата вистинска визија за само неколку минути, потребно е време. Искрено, не сум премногу загрижен за тоа. Музичката индустрија отсекогаш била хаос на еден или друг начин, а ние главно се занимаваме со тоа да правиме музика што ни се допаѓа.

12. Изгледа дека вашиот пристап кон пишувањето песни е колективен — песната може да започне со риф, тапани или некоја друга идеја. Во кој момент знаете дека една песна навистина станала „Manifest“, а не само добар метал риф?

Отсекогаш сме го правеле материјалот колективно, да. Всушност, тешко е да се каже. Понекогаш знаеш веднаш, другпат не знаеш сè додека навистина не ја снимиш песната. Тоа е само чувство, претпоставувам. Дали звучи како што треба? Одлично, ја задржуваме! Дали звучи погрешно? Ја отфрламе и продолжуваме со следната или се враќаме на почеток.

13. Во 2022 година зборувавте за желбата да создавате музика што самите би сакале да ја слушате, без премногу да се грижите за жанровите, трендовите или очекувањата. Дали оваа слобода станува поголема со возраста или, парадоксално, станува потешко да се изненадите себеси?

Мислам дека колку повеќе старееш, толку помалку ти е гајле за сè, воопшто. Така што, накратко, мислам дека станува полесно.

14. Вашиот музички стил се наоѓа некаде помеѓу треш, дет и грув метал, па дури и хардкор. Дали денес воопшто ви значи да го дефинирате Manifest жанровски или жанровите едноставно се јазикот што слушателите го користат за да ве категоризираат?

Лично, воопшто не ми е гајле за жанровите. Ако некој сака да ја нарекува нашата музика кул џез, слободно нека повели. Јас не би се согласил, но тоа воопшто не би ми пречело.

15. Една од најинтересните работи кај бенд што трае толку долго е односот помеѓу носталгијата и сегашноста. Кога во 2026 година свирите постари песни, дали тие ви звучат како музика од некоја друга ера или сè уште можете да препознаете делови од себеси во нив?

Сè уште уживаме во свирењето на дел од стариот материјал. Некои песни ги надраснуваш, додека во други сè уште можеш да се пронајдеш, до одреден степен. Добро е што успеавме да истраеме толку долго без некогаш навистина да имаме албум што направил голем пробив. На многу начини тоа е ослободувачки, што се надоврзува на едно од твоите претходни прашања. Навистина не мораме премногу да се грижиме за тоа што луѓето очекуваат од нас, туку едноставно можеме да работиме по свое, што и да е тоа во дадениот момент. Исто така, бендот сега многу наликува на ебано дисфункционално семејство, бидејќи се познаваме толку долго, а сите ние ја сакаме ебаната дисфункционалност!

16. Нешто што можеби ги поврзува Македонците и Manifest е Entombed. Пејачот Ларс-Горан Петров беше со македонско потекло, а Manifest во 2006 година настапуваше на турнеја со Entombed. Дали таа турнеја можеби помогна да се зголеми препознатливоста на Manifest надвор од Скандинавија? И кога денес ќе погледнете наназад, што научивте од Entombed што никогаш не би можеле да го научите од албум, интервју или проба?

Сите ги сакаме Entombed, а лично Л. Г. Петров (RIP) отсекогаш ми бил огромна инспирација. Всушност, двапати бевме на турнеја со Entombed и двата пати беше одлично забавно, бидејќи сите беа вистински луѓе. Не знам дали тоа многу нè изведе надвор од скандинавската сцена, бидејќи и двете турнеи беа во Скандинавија. Повеќе од сè, од тие момци научив дека секогаш треба да се обидуваш да бидеш добар кон луѓето со кои си на турнеја, а Л. Г., особено, само уште повеќе го зацврсти моето уверување дека најважно кога свириш во живо е да уживаш и да се забавуваш — а потоа, се разбира, да испиеш ебено многу вотка!

17. Во текот на кариерата сте биле на сцена со Meshuggah, Napalm Death, Behemoth, The Haunted и многу други големи имиња. Дали таквите средби некогаш ве натерале да преиспитате нешто во вашиот сопствен пристап кон музиката?

Не, навистина. Мислам дека отсекогаш сме биле фокусирани на тоа да приредиме што е можно подобар настап за публиката и да останеме верни на нашата музика. Свирењето со бендови како овие само нè тера да сакаме да го правиме тоа што го правиме што е можно подобро, мислам.

18. Во едно друго интервју, исто така прочитав дека еден од најголемите проблеми со одржувањето на Manifest низ годините е недостигот од пари. Колкав дел од денешната андерграунд метал сцена всушност го одржуваат луѓе што финансиски губат пари едноставно затоа што одбиваат да се откажат од музиката?

Хехехе, веројатно 96 проценти од сцената се одржува на тој начин. Ние веќе не губиме пари, но сигурно и не се ни збогатуваме од ова.

19. Почетоците на Manifest се во Трондхајм, град со огромна метал историја, но Норвешка најчесто се поврзува со блек металот. Дали некогаш сте почувствувале дека треба да го објаснувате или браните своето место во норвешката метал приказна затоа што не припаѓате на нејзиниот најпознат жанр?

Метал сцената во Норвешка отсекогаш била разновидна, така што не знам дали некогаш сме го чувствувале тоа. Мислам дека отсекогаш сме биле малку помеѓу пукнатините, бидејќи никогаш вистински не сме се придржувале до еден конкретен жанр, но што можеш да направиш? Не планираме да се ограничуваме себеси за да постигнеме некаков финансиски успех.

20. Вашиот нов албум зборува за свет во кој сè изгледа како да се движи кон некаков колапс. Но дали на другата страна од таа визија постои нешто — надеж, отпор или можност за промена?

Лично, надеж и среќа наоѓам во природата, во поединците и во луѓето што ги сакам. Не гледам многу надеж за човештвото како целина, но ако се појави некој со брилијантна и остварлива идеја, би застанал покрај него во револуција, колку и да мислам дека тоа во моментов е малку веројатно.

21. По 25 години, што е потешко: да направите добра нова песна или да најдете причина повторно да се качите на сцената и да ја отсвирите?

Мислам дека и двете се полесни од кога било!

22. Ако Manifest од 1999 година би можел да го слушне Nothing Left to Kill, што мислите дека би препознал како свое — а што би му звучело целосно неочекувано?

Хаха, мислам дека веднаш би ни се допаднал овој албум, бидејќи се обидовме да го напишеме во чест на нашите млади и незрели личности.

23. Со оглед на тоа што Nothing Left to Kill беше објавен пред само десетина дена, дали веќе имате планирано некои настапи надвор од Норвешка или можеби турнеја?

Сè уште ништо не е договорено за настапи во странство, но постојано работиме на тоа и многу сме отворени и подготвени за турнеи каде и да ни се укаже можност.

24. Written in Blood, кој го објавивте во 2010 година, излезе преку Violent Media. Потоа објавивте два албуми преку ViciSolum Productions, за сега повторно да се вратите кај Violent Media со новиот албум. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?

Violent Media е наша издавачка куќа и едноставно одлучивме дека сакаме самите да работиме. ViciSolum сè уште е вклучен во дистрибуцијата и дел од промоцијата, така што нема никаква лоша крв меѓу нас и за нив можеме да кажеме само убави нешта.

25. Ви благодарам за интервјуто и ви посакувам сè најдобро.

Ви благодариме за вниманието, а до сите металци во Македонија — останете ебано откачени!