Интервју со The Crown
Во ера кога читањето е напуштен концепт, особено кај помладите генерации и особено кај субкултурата (за жал, апсурдно), ќе налетате на нешто вакво. Ќе налетате на интервју кое веројатно малкумина (оние кои сè уште читаат) ќе го прочитаат. Но, тоа не ме разочарува, напротив, ми дава уште поголема мотивација. Во ера во која и металот (меѓу другото) ги губи острината, сензибилитетот, интегритетот, ставот, па и борбата, со особено задоволство можам да кажам дека пред нас не се наоѓа одлично интервју, туку одлична приказна, одличен топол разговор. Тоа и му дава тежина на настанот кој ќе се случи на 19 септември во Скопје. Со Марко (Тервонен, гитаристот на The Crown) имавме одличен, пријателски разговор, кој не очекував дека ќе прерасне во одлично интервју, бидејќи знаев дека се на турнеја и претпоставував дека нема да имаат време за опсежно интервју. И, се излажав. Во неформалниот разговор со Марко по интервјуто, ми кажа дека иако приказната со The Crown завршува, неговата приказна продолжува. Марко има студио, но и уште неколку музички проекти. И бидејќи станува збор за исклучителен човек, му предложив по завршувањето на турнејата да направиме уште едно интервју во кое ќе ги опфатиме нештата со кои ќе продолжи по згаснувањето на The Crown. Им посакувам сè најдобро во приказните што допрва треба да ги раскажуваат, а вам ви посакувам пријатно читање. Се разбира, на оние кои сè уште читаат...
1. Што се случува со The Crown во моментов?
Работите со The Crown во моментов се добри. Може да се каже дека сега сме при самиот крај на нашата проштална турнеја низ светот и дека целта ни е сè поблиску. Пред нас сè уште имаме неколку возбудливи земји. На само неколку дена сме од патувањето во Полска, каде што ќе го одржиме нашиот последен концерт таму, а потоа следниот викенд имаме два последователни концерти, во Србија и Македонија, каде што ќе настапиме прв и последен пат. Така што сè уште ни остануваат неколку возбудливи земји што треба да ги пречкртаме од списокот пред конечно да завршиме во Гетеборг, Шведска, на 19 декември. Дефинитивно мешавина од емоции низ целиот овој период.
2. Како што е најавено, No Tomorrow – Farewell 2026 е вашата последна турнеја. Тоа го означува крајот на една 28-годишна ера. Како дојде до тоа?
Всушност, ова е крајот на едно 36-годишно патување. Можеби сте почнале да броите од Hell Is Here, но ги издадовме и The Burning и Eternal Death, првично под името Crown of Thorns. Оттогаш и тие се реиздадени како албуми на The Crown. Така што, како и да гледате на тоа, ова е крајот на една многу, многу долга ера. Што се однесува до тоа како стигнавме до оваа точка, би рекол дека се работи за многу мали нешта што постепено се насобрале. Но некаде попат, додека работевме на последниот албум, Crown of Thorns, почнав да добивам чувство дека можеби тоа навистина ќе биде нашиот последен албум. Тоа ми го направи албумот неверојатно важен, да го дадеме својот максимум, така да се каже. Да ги изнесеме сите наши идеи и да вложиме сè што имавме, целиот наш дет метал, во тој албум. Но тоа исто така почна да отвора некои мисли што можеби звучат малку наивно, но на крајот сфаќаш дека порано или подоцна ова ќе заврши. И тогаш се поставува едно едноставно прашање: ако заврши, како сакаме да заврши? Дали само да продолжиме додека целосно не станеме ирелевантни и никому повеќе да не му биде гајле? Или, всушност, да имаме храброст да направиме нешто уникатно и да се осмелиме да застанеме додека сè уште сме во точката на кулминација? Затоа што мислам дека Crown of Thorns е многу, многу моќен албум и покажува колку сè уште сме моќни по повеќе од 30 години. Така што мислам дека е одличен крај на едно многу, многу долго патување. И како што реков, потребна е одредена доза храброст за да донесеш таква одлука. Зашто секогаш си мислиш: „Уште еден албум. Уште еден албум. Уште еден албум.“ И одеднаш имаш 60 години и се прашуваш колку долго треба да продолжиш да го правиш ова. И што всушност има смисла од металска перспектива? Во моментов имаме 50 години, најстарите од нас во бендот, и мислам дека тоа е респектабилна возраст, особено ако се земе предвид дека почнавме кога имавме 14 години. Така што, ова е навистина долго патување. Го почитувам тоа и горд сум на него. Но беше време да ја преземеме контролата на крајот и да се погрижиме да заврши достоинствено.
3. Со оглед на тоа што последниот албум Crown of Thorns беше објавен во 2024 година, а актуелната турнеја е последна, зошто не снимивте проштален албум?
Па, Crown of Thorns на некој начин е проштален албум, зашто додека го снимавме, бев прилично сигурен дека ќе биде последниот. Го направивме имајќи го тоа предвид. Тоа е и причината зошто целосно се вложив во правењето на песните. Направив веројатно 16 или 17 песни, кои потоа ги сведовме на апсолутно најмоќните девет или десет. Матијас исто така придонесе со две песни. Така што во него беше вложен огроментруд, а јас само сакав да имам чувство дека, ако ова е последниот албум, треба да бидеме проклето горди на него. Што се однесува до снимањето уште еден проштален албум, не знам. Ако бидам сосема искрен, во заднината на умот имав мал глас што се грижеше дека можеби нема да можеме да го надминеме Crown of Thorns. Но и самиот се познавам. Всушност, тоа чувство сум го имал по секој албум: „Како, по ѓаволите, ќе го надминеме ова? Во страшна форма сме!“ Така што не е ништо сосема ново. Но не, Crown of Thorns е проштален албум и мислам дека испадна навистина добар, особено ако се земе предвид и насловот на албумот. Тој се навраќа сè до нашите почетоци како бенд, кога се викавме Crown of Thorns. Исто така, многу ми се допаѓа визуелното решение и начинот на кој ја осмисливме целата визуелна приказна. Насловната фотографија всушност го претставува познатиот мост од нашиот роден град Тролхетан, кој ние, во основа, малку го „дет метализиравме“. Така што на некој начин се чувствува како сè да враќаме дома. А за мене, ова е совршен последен албум.

4. Томас Линдберг беше важен дел од историјата на бендот. Што значеше тој за The Crown и како гледате на тој период?
Хаха. Не мислам дека баш сме имале врата низ која постојано влегувале и излегувале членови, како што сугерирате, но апсолутно, низ годините имавме неколку гости, а секако имаше и неколку промени во составот. Но наједноставно кажано, Томас Линдберг беше човек на кој неизмерно му се восхитувавме. Има некои прилично смешни приказни од времето кога бевме помлади, пред воопшто да го запознаеме. Веќе бевме огромни фанови на стариот Grotesque. EP-то Incantation веројатно постојано се пушташе секој викенд кога се собиравме, пиевме пиво и го обожувавме металот. Всушност, има една смешна приказна за тоа кога дознавме дека Томпа (прекарот на Линдберг, заб. прев.) работи во продавница за плочи во Гетеборг, наречена Dolores Records. Па решивме да одиме таму и, во основа, да се преправаме дека разгледуваме плочи, само за да можеме да го видиме. Зашто тој секогаш беше многу мистериозна фигура на сцената. Не беше баш типичен човек што пишува текстови за убиства, смрт и убивање. Неговите текстови беа многу поетски и имаше многу необичен пристап кон дет металот. За нас, тој беше речиси како некаков мистериозен Гандалф некаде на хоризонтот. Многу е смешно кога ќе го забрзате времето неколку години нанапред и одеднаш тој е во нашиот бенд и работиме на Crowned in Terror. Беше фантастично. Имавме навистина одлична соработка на тој албум. Тој придонесе со текстови, идеи и многу нешта, а потоа заедно отидовме и на турнеја. Подоцна тргнавме по одделни патишта зашто, од различни причини, не функциониравме баш најдобро заедно. Но мислам дека сите на сцената имаат најголема можна почит кон Томас и неговиот придонес. А кога подоцна ги слушав сите приказни од гетеборшките бендови кои практично пораснале со него, секогаш разбиравав дека тој навистина им бил како татко. Ние сме малку надвор од Гетеборг, на околу еден час, и тоа можеби не звучи многу, но тогаш беше речиси како друга планета. Но тој беше фантастичен човек кој нè напушти прерано.
5. Дали на прошталната турнеја ќе свирите песни од Crowned in Terror или можеби некои песни поврзани со Томас или At The Gates?
Апсолутно. Crowned in Terror е дел од нашето минато и е моќен албум. Отсекогаш уживавме да ги свириме песните од него и сè уште уживаме. Но нема да свириме преработки од At The Gates. Забележав дека други бендови го прават тоа, но за нас посоодветно е да ги свириме песните што Томас всушност ги создаде со нас. И секако, ќе ги свириме сè до нашиот последен концерт. Не гледам причина да не ги свириме тие песни. Тоа е комбинација од моќни песни и мошне силни емоции, со оглед на учеството на Томас во нив.
6. Каква е текстуалната позадина на Crown of Thorns?
Во голема мера, продолжува во ист дух како начинот на кој работиме последниве 10 до 15 години. Не постои само еден човек што ги пишува сите текстови. Тоа е комбинација од повеќе луѓе. Во случајов, повеќето текстови ги напиша Јохан. Јас напишав неколку, а и Мике придонесе со еден текст. Во основа, така работиме. Неколкупати сме разговарале за тоа дека можеби навистина треба да направиме вистински концептуален албум, каде што ќе планираме сè од почеток до крај и целосно ќе ја поврземе приказната. Но никогаш не ни доаѓало природно да работиме на тој начин. Обично, тоа повеќе е патување во кое се концентрираш на една песна и се обидуваш да најдеш текст што ќе се поврзе со музиката. Понекогаш е мошне очигледно дека една супербрутална песна бара побрутален пристап во текстот. Ако песната е помеланхолична, како Gone to Hell, тогаш текстот треба да биде напишан така што ќе се усогласи со музиката. А во случајот со Gone to Hell, текстот стана малку повеќе личен. Го напишав јас. Во основа, така функционираме. На крајот се обидуваме сè да поврземе преку насловот на албумот, визуелното решение и слично. Но во најголем дел, би рекол дека текстовите се повеќе како индивидуални патувања.
7. Во вашата музика често постои тензија помеѓу нихилизмот и интензитетот што го афирмира животот. Ако сè завршува со смрт, што му дава смисла на животот?
Ветојатно тоа е прашање на кое не би можеле да му посветиме многу внимание за само неколку минути. Очигледно, тоа е едно од најголемите прашања на човековото постоење: што всушност му дава смисла на животот? Но накратко, мислам дека постојат индивидуални идеи за тоа што сакаш да постигнеш во животот, се надевам во текот на 70 или 80 години. Но потоа постои и пошироката слика, смислата на животот надвор од нашето индивидуално време и начинот на кој нашето постоење се вклопува во пошироката шема на нештата. А потоа можеш да го внесеш и целиот космос во тоа, што е огромна област на личен интерес за мене. Сакам астрономија и сакам да го следам развојот на космосот. Но не, тоа секако не е лесно прашање со лесен одговор. Ако треба да дадам еден одговор, веројатно би рекол дека поврзаноста, нештата што сите нè поврзуваат, би можела да биде голем дел од одговорот. И не мислам нужно само на човечките суштества, туку на сите форми на живот. Чувството на поврзаност и меѓусебно зајакнување би можело да биде многу важен дел од она што му дава смисла и цел на животот.
8. Вашиот визуелен израз може да биде крајно провокативен, како во Total Satan, Under the Whip и Death Metal Holocaust. Дали таквата провокација сè уште ги предизвикува луѓето или општеството стана премногу десензибилизирано?
Тоа е навистина добро прашање. А потоа треба да се запрашаш: дали овие нешта сè уште ме провоцираат на 50 години на истиот начин како кога имав 20? Тоа се две сосема различни нешта. Како што велиш, луѓето денес се целосно десензибилизирани. А јас, барем лично, повеќе немам желба да провоцирам. Немам што да докажувам. Не треба да провоцирам луѓе за некако да докажам дека сум чуден или различен. Знам точно кој сум. Сосема сум задоволен со себеси. Но во основа, некои видови текстови и одредени стилови едноставно доаѓаат со музиката. Тоа би било речиси како да прашаш блуз бенд: „Зошто не пишувате весели текстови?“ Па, зашто тогаш тоа не би бил блуз. Дет металот е дет метал на одреден начин и понекогаш мораш да навлезеш подлабоко во себе за да ги доловиш тие поекстремни теми. Но лично, повеќе не ми е особено инспиративно само да пишувам директни текстови за убивање, смрт и убиство. Мора да има малку повеќе размислување зад нив, без разлика дали станува збор за приказна, некаква рефлексија или нешто друго. Секогаш мора да има нешто повеќе од обичен шаблон за слешерски шаблон. И мислам дека низ годините имавме мошне добра комбинација од тие нешта. Понекогаш ќе видиш наслов на песна и твојата прва реакција ќе биде: „Да, да, знам каков текст ќе има ова.“ Но обично не е толку едноставно. Магнус беше многу, многу добар во тоа да ги изврти нештата и да им даде поголема содржина. Кога ќе помислиш дека песна со толку едноставен наслов како Total Satan е токму за тоа, всушност може да има нешто подлабоко зад текстот, можеби повеќе да се однесува на слободата и на можноста да го живееш животот на свој начин.

9. Death Is Not Dead речиси би можела да биде изјава за самиот The Crown. По распадите, повторните оформувања, промените во составот и децениите постоење, што е она што никогаш не умира?
Всушност, мислам дека токму тоа беше идејата зад песната. Death Is Not Dead се однесува на фактот дека моќната дет метал основа што е вградена во нашата ДНК никогаш нема да умре. Очигледно, може да ја промени својата форма, својот израз и така натаму, но тие корени во дет металот се неверојатно силни во нас. Би отишол дури дотаму да кажам дека целата сцена од 90-тите создаде огромен дел од мојата личност и мојот став.
10. Се спротивставувавте да бидете ставени во специфичната рамка на шведскиот дет метал. Дали тоа е уметничка слобода или и ограничување?
Уште едно добро прашање. И тоа е нешто што малку се менуваше низ годините. На крајот на краиштата, ова го правиме 36 години. Ако гледаш на тоа на едноставен начин, во раните години е многу вообичаено да бидеш инспириран и под влијание на твоите херои. На извесен начин сакаш да ги копираш. Сакаш да го постигнеш истото нешто, истиот ефект што си го добил од твоите херои или од нивната музика. За нас, тоа значеше многу флоридски дет метал, а потоа и шведски дет метал. Особено шведскиот мелодичен дет метал имаше огромно влијание врз мене. Но како што минуваат годините, стануваш посигурен во себе и, во основа, само сакаш да ја правиш музиката што ја чувствуваш одвнатре. „Ова ми звучи добро. Ова ми е тоа.“ Никогаш немавме особена желба да им угодуваме на луѓето. Не дека ја скенираме сцената и се прашуваме: „Што им треба на луѓето? Што сакаат да слушаат сега?“ Во таа смисла, бевме малку себични. Ако најдеме интересен пристап кон некоја песна што навистина не се вклопува во вообичаената дет метал рамка, никогаш не сме се двоумеле да го направиме тоа. И тоа е и добро и лошо. Знам дека еден недостаток за нас низ годините беше тоа што луѓето навистина не можеа да нè стават во некоја категорија. Не звучевме како типичен гетеборшки бенд, ниту како типичен стокхолмски шведски дет метал бенд. Бевме некаде помеѓу, обидувајќи се да го најдеме сопствениот пат. И апсолутно за ништо не жалам во врска со тоа, зашто од моја перспектива, тоа е единствениот начин на кој можам да се чувствувам креативно слободен. Сакам да можам да ја создавам музиката што излегува од мене, а потоа како бенд да ја обликуваме во она што ќе стане. Тоа мора да биде почетна точка за мене. Не можам да се присилам да создадам уште една Deathexplosion или уште една слична песна. Постојано морам да наоѓам нови патишта што ми изгледаат инспиративни. И мислам дека успеавме да го правиме тоа сите овие години. Секако, со секој албум станува сè потешко. Но отсекогаш мојата почетна точка била да не се повторувам и секогаш сакам да придонесам со нешто што е малку надвор од рамката.
11. The Crown отсекогаш го имаше елементот на контролиран хаос. Колку конфликтот му е потребен на уметничкото творештво и дали премногу хармонија може да ја ослаби креативноста?
Во основа, единствените вистински конфликти, или како и да ги наречеме, што се појавуваат се околу едно многу едноставно прашање секогаш кога има нова песна: дали е добра или лоша? Можеби мислиш дека тоа е едноставно прашање, но на крајот на краиштата музиката мора да резонира со луѓето што ја создаваат. Сите ние мораме да чувствуваме дека ова е добра песна, дека заслужува да биде на следниот албум. И само за да го ставиме тоа во перспектива, кога си на осмиот, деветтиот, десеттиот, единаесеттиот или некој следен албум, имаш толку многу нешта зад себе на кои можеш да се навратиш. А кој е твојот критериум за тоа што е добро, а што лошо? Дали е добро затоа што звучи како нешто што сме го направиле во минатото? Или е добро зашто звучи сосема уникатно? Така што дефинитивно може да има дискусија околу тоа. Не би го нарекол баш конфликт. Но секако, низ годините имало песни за кои половина од бендот велела: „Што е ова, по ѓаволите?“ Но мислам дека на крајот секогаш успевавме да ја „Краунизираме“ секоја песна, така што сите да бидеме задоволни со неа. И мислам дека е толку едноставно: ако петмината од нас мислат дека песната е добра, тогаш сигурно има повеќе од пет луѓе во светот што исто така можат да се поврзат со неа. Така што мислам дека одредена доза конфликт е неопходна. Но тој конфликт не мора секогаш да биде негативен. Тој едноставно може да биде фрикција или дискусија што на крајот води до нешто уште подобро.
12. Често велевте дека музиката ја правите за себе, а не за публиката. Дали тоа стануваше потешко со историјата, очекувањата и наследството на бендот, особено сега кога се приближува крајот?
Искрено можам да кажам дека веројатно тоа е една од најголемите разлики помеѓу тогаш и сега. Морам да го признаам тоа. А веројатно јас сум најголемата причина за некои од потешките дискусии што ги имаме. Ха ха. Сакам да наоѓам нови патишта и да се обидувам да размислувам надвор од рамката. Тоа не е секогаш популарно, но секогаш води до конструктивна дискусија во бендот. Но мислам дека длабоко во себе постои еден аутсајдерски дел од мене кој секогаш сака да се бори за да се пробие одоздола кон врвот. Не сакам на луѓето да им го давам она што мислат дека го сакаат. Повеќе сакам да ги изненадам и, како што реков, да се обидам да најдам нови патишта. Очигледно, сите го сакаме тоа во бендот, но сите имаме различни критериуми за тоа што, повторно, е добро, а што лошо. Но сега кога се приближува крајот, многу сум горд на сè што успеавме да постигнеме со нашите албуми. Постои едно старо клише дека никогаш не си подобар од последниот албум што си го направил. Во таа смисла, се чувствувам многу комфорно, зашто ја завршуваме приказната со многу моќен албум.
13. Дали Iron Crown е и наследство и проклетство или на тоа гледате сосема поинаку?
Мислам дека она што го кажа е токму тоа. Тоа е наследство, но може да биде и проклетство. И мислам дека спотот што го направивме беше навистина интересен зашто, покрај снимките од настапот, гледаме ковач кој всушност изработува Железна круна. На крајот ковачот ја става круната на дете, девојче, што значи дека таа го презема наследството и/или проклетството. Зависи како гледаш на тоа. Текстот е вкоренет во светот на Толкин, па апсолутно може да се толкува на различни начини. Толкин беше мајстор во пишувањето со дополнителен слој на мисла зад своите зборови и реченици. И мислам дека тоа прилично добро го доловивме со Iron Crown.
14. Вашите текстови често ги отфрлаат моралот, религијата и општествените конвенции. Дали мислите дека треба да ги преиспитуваме, па дури и да ги отфрламе моралните правила што општеството ги зема здраво за готово?
Интересно прашање. Што точно се моралните правила? Дали тие се твојот сопствен внатрешен компас? Или се нешто на што значење им даваат државата или религијата? Денес имаме толку голем пристап до информации, очигледно преку социјалните мрежи и сè останато. А понекогаш е малку застрашувачки кога ги слушаш дискусиите за религијата и кога некој ќе каже дека целта на, на пример, Десетте заповеди е тоа што без нив луѓето би се убивале едни со други. Мислам, каков став е тоа, по ѓаволите? Зарем немаш внатрешен компас? Така што мислам дека тој внатрешен компас, или моралот, ако така сакаш да го наречеш, е исклучително важен и треба да го следиш него. А сега, дали државата или религијата треба да се мешаат во твојот живот е сосема друго прашање. Но истовремено, зошто имаме знак за ограничување на брзината на автопат? Па, зашто луѓето се идиоти. Не разбираат дека можеш да го намалиш ризикот да убиеш некого ако не возиш пребрзо. Така што законите и прописите постојат зашто што ние, човечките суштества, сме идиоти и не секогаш разбираме како самостојно да го користиме здравиот разум. Ако сите разбираа дека возењето со 50 километри на час низ градот е разумно, тогаш сите би го правеле тоа без да имаат потреба од закон што ќе им каже да го прават токму тоа. Немаше да има потреба од тој конкретен закон. Така што тоа е малку незгодно прашање. Секако, не е нешто што навистина можеме да го опфатиме за неколку минути. Веројатно ќе ни треба цела вечер да разговараме за ова.

15. Во доцните 90-ти, екстремната музика се доживуваше како нешто навистина опасно и заканувачко за мејнстримот. Денес екстремната иконографија и шокантните изрази се насекаде. Дали екстремната музика ја изгуби својата бунтовничка моќ или таа едноставно се пресели на некое друго место?
Не знам кога си роден (1981, заб. прев.), но јас сум роден во 1976 година и за мене, во 90-тите, тоа беше нешто реално, нешто сериозно. Имаше бендови од кои можеше да се посереш од страв, бендови што навистина ги сфаќавме сериозно. Но очигледно, колку повеќе старееш, толку поголема дистанца добиваш од сето тоа. Ги гледаш нештата на сосема поинаков начин. Така што за мене таа бунтовничка моќ дефинитивно исчезна. Веќе не ме шокираат многу нешта. Но истовремено, како 50-годишник, повеќе немам потреба да бидам бунтовник. Имам свои основни вредности, повторно враќајќи се на она што го споменав претходно. Отсекогаш сум се гледал себеси како аутсајдер во таа смисла. Но апсолутно немам никаква потреба повеќе да се бунтувам или да му докажувам на светот: „Јас не сум како вас, нормалните. Јас сум различен.“ Повеќе немам никаква потреба за тоа. Сепак, она што е интересно е прашањето дали таа бунтовничка моќ замина на некое друго место. Зашто, искрено, не знам каде исчезна. Кога го слушам денешниот нов дет метал или што и да е, воопшто не ми звучи бунтовнички. Ми звучи како повторно џвакање на старите дет метал текстови, со сите тие ретро дет метал бендови што пеат за убивање, смрт и убиства. Тоа воопшто не ме провоцира или возбудува. Така што се надевам дека сè уште има метал бендови што го имаат истото влијание врз луѓето, како некогаш. Мислам дека тоа е важен дел од растењето. Многу важен дел од личниот развој. Но искрено не знам каде е тоа денес.
16. Кога денес гледате наназад на Deathrace King, дали сè уште станува збор за млади луѓе што сакаат да уништат сè или, всушност, повеќе се работи за слобода, идентитет и пронаоѓање смисла преку уништувањето?
Идејата дека станува збор за млади луѓе кои сакаат да уништат сè, воопшто не можам да ја поврзам со себе. Повеќе станува збор за слободата. Да го правиш она што го сакаш и да бидеш помалку зависен од надворешни влијанија. Да бидеш повеќе свој. Да го следиш сопствениот пат.
17. Кога екстремноста станува чист спектакл? Дали постои линија што вие како бенд, уметнички, одбивате да ја преминете?
Повторно, навистина се сведува на личниот компас. Што мислам дека е исправно, а што погрешно? Никогаш не би се занимавал со теми што мене лично ми изгледаат погрешни. Секогаш ќе тргнувам од сопственото сфаќање на она што е исправно. Но она што е исправно за еден човек очигледно може да биде погрешно за друг, така што тоа е многу индивидуално. Но ако алудираш на тоа да бидеш екстремен само заради екстремноста, само за да припаѓаш на одредена група луѓе или што и да е, тогаш тоа воопшто не ме интересира. Не се сметам себеси за екстремен во која било смисла. Секако, под влијание сум на сè – од воспитувањето, преку музиката, филмовите, културата, па сè до останатото. Но никогаш не би се нарекол себеси екстремен.

18. Имате многу моќни, а понекогаш и речиси иконски наслови на песни. Колку е важен самиот наслов? Дали насловот доаѓа прв и ја создава идејата за песната или прво доаѓаат музиката или текстот, па насловот се појавува подоцна?
Зависи. Знам дека Магнус вообичаено многу брзо доаѓа до насловите на песните, додека јас можеби ќе дојдам до мојот наслов откако ќе го напишам текстот. А кај Јохан, претпоставувам дека насловот доаѓа додека работи на текстот. Така што за секого е различно. Но што се однесува до мене, музиката секогаш е на прво место. Имаме мошне интересен начин на работа во The Crown, барем со моите песни. Дури и ако на крајот некој како Јохан или порано Магнус го пишува текстот, додека ја правам музиката, веќе можам во главата да слушнам како треба да функционира вокалот. Размислувам за ритамот, за тоа каде треба да има подолги зборови, пократки зборови и така натаму. Така што нешто што многупати сме го правеле е јас да напишам нешто што го нарекуваме „срање текст“. Во основа, тоа е текст, но не мора да значи дека ќе го има истото значење како конечниот текст. Она што е важно во таа фаза е да се вклопи во фразирањето, темпото, структурата, сè што го прави вокалот функционален во дет металот. Зашто дет метал вокалите се многу перкусивни, важно е сè да тече добро. Така што текот на песната секогаш ми е поважен од самата поента на текстот. Тоа не значи дека не ми е гајле за значењето на текстот. Но ако ме ставиш пред свршен чин и ме натераш да изберам меѓу вокална структура што тече подобро и совршената поента на текстот, но на сметка на тој тек, секогаш ќе изберам зборовите да течат подобро.
19. На 19 септември ќе се одржи вашиот прв концерт во Скопје. Како дојде до соработката со Terrorvoid Promotions и што ве натера да кажете „да“ за овој концерт?
Краткиот одговор е дека секогаш им даваме приоритет на регионите и земјите каде што никогаш претходно не сме настапувале. Тој викенд имаме два последователни концерт, во Србија и во Македонија, така што за нас тоа беше сосема логична одлука. Секогаш им даваме приоритет на ваквите концерти. Годинава имаме само ограничен број денови во кои можеме да ги одржиме овие проштални концерти и секогаш ќе им дадеме приоритет на новите земји. Така што ова е нашата апсолутно последна шанса да им кажеме благодарам и збогум на луѓето кои можеби никогаш немале можност да нè видат во живо.
20. Со вас како поддршка настапуваат Disavowed и Yoth Iria. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за бендовите и зошто се вклопуваат во оваа турнеја со The Crown?
Бидејќи ова е нова територија за нас, не ја познаваме локалната сцена баш најдобро. Така што му веруваме на промоторот дека знае што прави и дека Disavowed и Yoth Iria добро се вклопуваат во пакетот. Ќе биде возбудливо и да ги видиме и да ги слушнеме во живо.
21. Дали сте запознаени со некои од локалните бендови што настапуваат во Скопје? Дали сте ги слушнале?
За жал, не ми се познати. Затоа ќе биде особено возбудливо да се запознаеме со локалната сцена. Тоа е нова територија за нас, се надевам со нови впечатоци и нови искуства. А тоа може да доведе до позитивни нешта.
22. Дали претходно сте го посетиле овој дел од Европа и какви се вашите очекувања од концертот и од регионот?
Ова е нова територија за нас. Прилично сум сигурен дека сме настапувале во Словенија, а можеби и во Словачка, не сум сосема сигурен. Но ова дефинитивно е нова територија за нас и токму затоа сме возбудени.
23. Ова всушност е нашето второ интервју заедно, а првото беше во 2018 година. Имате ли некои последни зборови за фановите во Македонија пред вашата прва посета на Скопје?
Се надевам дека сите вие во Македонија кои отсекогаш сте биле љубопитни да нè видите во живо ќе одвоите време да дојдете на концертот. Би било апсолутно фантастично да ја споделиме оваа вечер што се случува еднаш во животот со сите вас. Генерално, мислам дека е неверојатно достигнување за нас како бенд што имаме луѓе ширум планетата кои навистина ја ценат нашата музика. И повторно, влегуваме на нова територија. Затоа, дојдете на концертот и да имаме една проклето одлична, брутална вечер заедно. Ќе ни биде апсолутно задоволство.