Интервју со Punished

Интервју со Punished

Punished ги запознав некаде во 1998-ма година, слушајќи го нивниот втор албум “End?”. Почнавме да се допишуваме преку писма и токму на крајот на таа година дојдоа да свират во Скопје и во Прилеп. Пријателството остана до ден денешен, дури и во периодот кога Србија беше бомбардирана се слушавме постојано преку телефон, нешто што уште повеќе не врза, онака, другарски. Ги следев сите нивни албуми, уживав во жестокоста што ја нудат и искреноста во текстовите. Приказната продолжи и натаму, 2002-ра година свиревме со Panmixia заедно со нив во Скопје, пред две години повторно не посетија и почестија со одличен концерт. Сега го издаваат својот деветти албум “Minutes of pain” и повторно како DIY издание, секоја чест!
Затоа решив да направам интервју со нив и да ги приближам што повеќе до сите нас.

1. Да ги оставиме класичните прашања некаде настрана… Можеш ли некако да го заокружиш периодот од албумот “Powerful” па досега со “Minutes of pain”? D.I.Y бенд кој постои 19 години, мора да има полно работи да каже во врска со тоа.

Не знам како би можел тој период од 19 години постоење да го опишам во неколку реченици. Се и сешто се случуваше, многу нешта на кои ние не можевме да влијаеме, како што е бомбардирањето во 1999 г. Во целина, би сакал некој од страна да го гледа овој бенд како збир на луѓе кои пред се сакаат да свират и да се трудат да го дадат својот максимум, барем што се однесува до самото свирење.

2. Sick of all your… Дали се сеќаваш??? Колку сето тоа што е кажано пред 14 години стои и денес?

Стои и ден денес. Луѓето се менуваат тешко или воопшто не се менуваат. Поминаа многу години откога е снимена конкретната песна, се променија и курто и мурто на власт, што би се рекло, меѓутоа луѓето во принцип останаа исти. Кој не верува нека ја слушне песната па нека избере некој период од својот живот, проблемите со кои тогаш се соочувал во односите со други луѓе и нека го спореди со моменталната ситуација. Промените кај луѓето се случуваат одвнатре и многу се тешки.

3. „Is children’s life the price, That has to be paid, For society to become aware Of an increasing danger? “Monstrous Warning” е песна која ја опишуваше ситуацијата во Србија кон крајот на деведесетите? Кажи ни нешто за позадината на оваа песна.

Конкретно, станува збор за убиство на дете од ромска припадност, од страна на скинери. Во 2001 година од страна на истите е убиен легендарниот глумец Драган Максимовиќ. Истото се случува и денес. Личности кои своите фрустрации ги решаваат со насилство и убивање има и денес. Во принцип, станува збор за многу паметни поединци кои го злоупотребуваат своето знаење и ги заведуваат децата кои сеуште не се формирани како личности. Тоа се сериозно нарушени приоритети во животот. Крајност која не води кон ништо освен деградација на човекот како разумно суштество. Таквите ги опфаќа и споменатата песна во претходното прашање. Историјата не се повторува туку се преживува секој ден, одново и одново. Искуството покажува како треба со таквите.

4. Нема многу луѓе кај нас кои ја познаваат сцената од Краљево во деведесетите, па еве прилика со тоа да ги запознаеме оние кои сето тоа го пропуштиле. Се разбира дека тоа делува прилично импресивно за толку мал град кога јас го гледам од дистанца, како беше да се живее со тоа сите тие години? Имам многу изданија од деведесетите токму од сцената од Краљево, и морам да признаам дека и ден денес тоа за мене претставува одличен период за D.I.Y сцената, со оглед на тоа дека кај нас немаше толкава експанзија, можевме на прсти да набројуваме колку бендови имаа студиски снимки во деведесетите во Скопје.

Ќе набројам неколку бендови. Totalni Promasaj во кој свирев, Hocu? Necu!, Mortuus, Smudos и многу други. Сите имаа барем една снимка и редовно одржуваа концерти. Концертите беа со минимум 150-200 луѓе. Се свиреше во најголемите прчварници, по најлошо време, ужасна опрема. Луѓето тоа го следеа и ценеа. Од продажбата на касети ние снимавме и практично го издржувавме бендот. Во 2000-та сето тоа отиде “u tri lepe…”
Неколку битни ликови одлучија да се занимаваат со други работи во животот. Со оглед на тоа што се преживеаа, никој и не може да ги обвинува. Тоа беше крајот на некоја организирана приказна. Ете, останавме ние од тој период и уште по некои ентузијасти кои од време на време ќе се соберат.

5. Што има денес Краљево од бендови? Постои ли било каква сцена, дали се организираат концерти?

Знам за уште еден бенд од таа приказна, познат под името “Opasnost po drustvo”. Останатите се од некоја друга „планета“, немаат врска со таа приказна. Условите за свирење се грозни, не се исплаќа да се излезе од просторијата за проби. Премногу нервози и губење на време, што е неисплатливо за бенд од страна да дојде и да покаже што знае.

6. Како е можно, бенд како Punished и покрај девет студиски албуми никогаш да не издаде ништо за некој издавач? И не само тоа, зошто ниеден ваш албум не е издаден за некој мал независен издавач, сеедно дали домашен или странски?

Сите снимки ги реиздадовме за Buffalo records како цд изданија. Единствен албум за кој бевме подготвени да влеземе во целата приказна беше “Like blazes at full blast”. Тогаш тој не беше интересен за издавачите кои ги контактиравме. Потоа веќе не бркавме никого. Немавме одбивност кон издавачи а таа приказна не се случи сама од себе, а ние освен тој еден обид не вложувавме премногу труд во таа насока.

7. Како луѓето од бендот преживуваат денес, 19 години подоцна(од основањето на бендот)? Што се се промени? Албуми сеуште доаѓаат, концертите се натрупуваат, дали вашиот пристап кон музиката некако се променил и во кој правец?

Сите се снаоѓаме за егзистенција. Економската ситуација е многу тешка, меѓутоа се турка некако. Бранко(гитара) и Владо(вокал) имаат семејства. Сеуште сме истите луѓе кои сакаат да свират. Тоа не е променето.

8. Дали ти недостасува таа енергија од деведесетите, допишување со писма, размена на касети, читање/издавање на фанзини? Дали сметаш дека токму тој пристап изгради цврста основа за денешните генерации? Ова го зборувам со оглед на тоа дека денес речиси целата активност поврзана за некаква независна сцена стана некако мрзлива, социјалните мрежи на интернет ја вшмукаа целата можност за нормален човечки контакт и било какво делување во таа насока. Денес имаме бендови кои своите албуми веќе и не ги издаваат на таканаречен носач на звук(цд, плоча, или како и да е), туку се снима и се поставува на интернет и целата приказна се завршува после неколку дена. Во целата таа приказна останува мејнстримот, додека независната сцена (која во осумдесетите и деведесетите успеваше да преживее и да постави некакви темели и беше многу значаен фактор на андерграундот) е препуштена да го користи интернетот и само интернетот за да преживее.

Во една прилика, поточно кога го снимивме “Like blazes at full blast” ги контактирав сите луѓе кои беа некој фактор во деведесетите. Тогаш интернетот, фејсбук и останатите работи не земаа толкав замав како денес. Одговорија сите, но сите до еден ја оставија андерграунд сцената зад себе како еден убав период од животот во кој немаат намера да се враќаат. Кој за тоа може да го обвинува интернетот? Едноставно дојде до замор на материјалот. Кој денеска ќе нарачува распаднати фанзини кога му е достапен некој странски full-color магазин или некој домашен со ексклузивни интервјуа. Со концертите е исто, понудата е огромна, доаѓаат странски бендови, кому му е грижа за некој бенд од Краљево или сеедно од каде, кој нешто се курчи со своите песни. Луѓето се затрупани со сешто, меѓутоа тешко се определуваат да загазат по мочуриштето наречено андерграунд сцена. Никој за тоа не може да ги обвинува со оглед на тоа во каква состојба е сето тоа.

9. “Minutes of pain”. Текстуално и музички. Што тој им значи на луѓето кои го направија? Дали ова споро темпо значи дека Punished полека застанува? Се сеќавам на албумот “End?” кој дури и малку поспор (за тоа време во однос на Punished) носеше некаква експлозивна енергија. Дали “Minutes of pain” значи промена на она што досега го свиревте?

Албумот претставува збир на песни кои се собираа веќе петнаесет и повеќе години. Не се вклопуваа во претходните албуми и кога се собраа во доволен број, ги снимивме. Поспори се од порано, што е нетипично за нас, ама така е. Нема компромис. Тоа не е ништо помалку квалитетно во однос на претходните албуми. Стоиме зад овој албум како и за сите претходни. Луѓето очекуваат фуриозна музика, Punished е ова. Може да бидете казнети на безброј начини, ова е само еден од нив.

10. Можеш ли да издвоиш барем 5 албуми во последните 5 години за кои сметаш дека се вистински носители на андерграундот(без разлика од кој музички правец)? Како текстуално така и музички?

За мене, целата жестока музика е повеќе или помалку андерграунд. Лично, инспирација црпам од старите death metal бендови. Помалку афирмираните бендови ги следам колку можам, главно ги гледам во живо па потоа на интернет барам нешто за да ги слушнам. Не сум нашол нешто што навистина ме привлекува. Мене лично не ме привлекува се и сешто, ја почитувам сечија работа, одам на свирка кога ќе можам ако времето тоа ми го дозволи. И тогаш повеќе ме интересира разговорот со тие луѓе. Многу тешко дека мене таков некој бенд ќе ме освои со својот звук, со оглед на тоа каква музика сакам. Таков некој бенд не доаѓа во Краљево. Единствено во Белград може да се најде нешто такво. Меѓутоа, повторно ќе кажам, почитувам кога луѓето се трудат. Токму пред некој месец беа твоите земјаци ХАХАХА. Баш слатко се изнаприкажавме. Поздрав до екипата во оваа прилика.

11. Дали денес Punished се концертно активни како некогаш? Можеш ли да направиш разлика од тоа како беше да се свири на концерт пред 10 или 15 години а како е денес? Сметаш ли дека енергијата на концертите се менува?

Свириме, но многу ретко. Свирки има слабо, слабо не викаат но и кога некој ќе не повика условите се многу лоши така да ќе имаме само загуба носејќи разглас и целокупна бинска опрема. Едноставно, организаторите не можат да ни гарантираат патни трошоци и тука целата приказна се завршува. Интересот за свирки е слаб па затоа и се многу ретки. Што се однесува до атмосферата, се случувало да биде супер а има и случаи кога сме прекинувале со свирење пред да ја отсвириме целата сет листа затоа што во клубот нема никој. Нема правила.

12. Во Македонија свиревте 3 пати, можеме ли да сметаме на некоја нова средба? Што се ти остана во сеќавање од концертите кај нас?

Концертите во Македонија секогаш биле одлични. Покрај Скопје ги посетивме Прилеп и Куманово и секаде беше повеќе од одлично. Таму кај вас, ете, изгледа дека на луѓето им одговара нашиот звук. Се надевам дека повторно ќе има нешто, зошто да се прекинува нешто ако е добро. Само да е почесто, но времето поминува ненормално брзо. Додека се свртел човек веќе поминале две години од последното дружење а како да беше вчера.

13. Поздрав другар и се надевам дека ќе се видиме што побрзо. Последните зборови се твои!

Поздрав до читателите! Се надевам дека дознавте нешто корисно од оваа приказна, инаку сите сме потрошиле драгоцено време. Не е се толку црно. Нам не ни е да го бираме времето во кое живееме, туку како ќе го проживееме. И тоа е нешто. Само остро и „на прва“. Уште еден поздрав!

Интервјуирал: Алек

(На прашањата одговараше Vojin Ratkovic, нивниот тапанар)