Интервју со Thanatos

Интервју со Thanatos

Првата постава на Thanatos се собира во 1984г. и покрај демо материјалот, свири и обработки на Slayer и Hellhammer. Вие сте едни од првите кои звукот на овие бендови го пренсуваат во непознат правец, подоцна препознаван под името “дет метал”. Дали тогаш воопшто помислувавте колку екстремната метал сцена ќе се прошири, просторно и жанровски, во годините што доаѓаат?

Не, немавме никаква идеја… единствената наша намера беше да правиме музика што потешка и побрза можеме. Бевме навистина презаситени од сите бендови од тоа време кои тврдеа дека свират speed метал, а звучеа како холандска верзија на Saxon но со лоши вокали и текстови испеани на холандски јазик. Да не ме разберете погешно, Saxon се бенд кој ми се допаѓа но уште тогаш знаевме дека работите можат да се движат во поекстремен правец. Контактиравме со многу други бендови, сеуште млади во тоа време, како Carcass, Death, Possessed и Tormentor (Kreator) и разменувавме аудио касети од проби и демо снимки и меѓусебно се впуштавме кон нови граници на брзина и екстремност.

На почеткот на деведесетите Shark Records ги издава вашите први два студиски албуми. “Emerging from the Netherworlds” го презентира агресивниот дет/треш од вашите демоа, додека “Realm of Ecstasy” е позрел, подиректен дет метал. Двата албуми денес се сметаат за класични и Танатос е мошне познато име во андерграунд круговите, но, во тоа време, дали сметавте дека не го добивате заслуженото внимание?

Хаха, ние никогаш не наидовме на особено внимание, иако по вториот албум изгледаше дека работите сé движат во вистинскиот правец; имавме планирани турнеи со Cannibal Corpse и Exhorder кои беа откажани а потоа сé почна да оди во надолна линија, промоцијата за тој албум беше за никаде а постоеа и внатрешни проблеми во бендот. Сепак, сеуште го сметам “Realm of Ecstasy” за еднo од најсилните изданија што сме ги направиле. Звучеше по “дет метал”, беше покомплексен и потехнички албум во однос на претходниот, без да ја изгуби агресивноста и слушливоста.

Танатос се расформираат во 1993та година по серија најразлични проблеми. Додека ве нема, сите нешта земајќи го предвид екстремниот метал, одат по надолна линија – го снемува раниот ентузијазам, идеите се трошат. Дали продолжи да ја следиш сцената и во тој период?

Да, ја следев, но не нешто посебно. Ги следев големите бендови од типот на Slayer, Morbid Angel, Death, донекаде го загубив интересот за андерграундот во тие години. Тоа беа за мене исто така и години на лудување и забави, се додека не започнав нов бенд во 1995та (Church of Indulgence, заб.).

Дали реизданијата на првите два албуми ја засилија твојата одлука да внесеш нов живот во Thanatos?

Впрочем, конечно успеав да ги откупам правата за тие албуми на крајот од 90тите. Hammerheart Records сакаа да ги реиздадат, но, изразија желба и за евентуален нов Thanatos албум. Па така, решив да направам свеж почеток, но, со нови посветени членови, наместо незаинтересираната багра што остана по распадот на Thanatos во 1992 година.

Исто така интересно е дека го реформираше Thanatos доста пред да стане масивен тренд постари бендови од 80тите и 90тите да прават некој вид реобединување. Дали се согласуваш дека повеќето од овие реформирања беа избрзани и само го уништија угледот што бендовите го имале во зенитот од своето постоење?

Неодамна разговарав со Bobby Blitz од Overkill на оваа тема и ми рече дека е презаситен со сите овие реобединувања наоколу овие денови. И да, секој бенд , дури и оние кои направиле просечни и неинтересни албуми во 80тите и 90тите сега се реформираат. Не можеме да направиме ништо околу тоа, но факт е дека изминатиов период сето тоа станува премногу…

Во 1999та година наоѓаш нов соучесник во “злоделата”, со име Paul Baayens. Вашите гитарски надополнувања го прават “Angelic Encounters” одличен албум и покрај тоа што лично не си задоволен од целосниот исход. Вие двајца до денешен ден ја зачувавте гитарската акција на високо ниво, така што, мора да постои некое заедничко чувство за музицирање помеѓу вас?

Всушност Пол дојде во бендот кога веќе сите ритам гитари беа снимени од мене, па така тој отсвире само некои соло делници на тој албум. Но, веќе на следниот, “Undead. Unholy. Divine” почна да остава и своја трага. Но, точно е дека јас и Пол станавме добро функционирачки гитарски тим! Тоа се покажа покрај во Thanatos и на изданијата на Hail of Bullets… Може да се каже дека сме двоец од типот King/ Hanneman или можеби дури и Tipton/ Downing на дет металот, хаха.

Сите Thanatos изданија се до некоја мера различни, но, во исто време во нив може да се пронајде истот карактеристичен призвук. Последниот албум, “Justified Genocide”, можеби вашата најдобра работа досега, беше одложуван неколку години заради тоа што вашата тогашна издавачка етикета банкротираше. Дали мислиш дека сите тие непосакувани случувања, независно дали се работи за лоша промоција, откажани турнеи, членови на бендот кои изгубиле интерес, издаваштва кои пропаѓаат итн. само ве направи поистрајни да продолжите да го “веете знамето”?

Можеби нé направи поупорни, но, да бидеме искрени, повеќе би сакал да имам силен издавач, турнеи, добри промоции и повеќе среќа во работата, хаха. Тоа би нé мотивирало да го вееме знамето уште повисоко! Но ниe сме се уште тука без разлика на целиот баксуз и сите проблеми, така што сметам дека сме тешки гадови, да.

Текстовите на Thanatos се занимават најмногу со ужасите на војната, слабостите на модерното општество, организираните религии… Генерално прикажуваат критичен, изреволтиран, анти-моралистички поглед на нештата. Кој е твојот пристап кон пишувањето текстови, дали ги базираш на атмосферата на инструменталниот дел на извесна песна, или пак е обратниот случај? И колкаво значење имаат тие за тебе?

На текстовите им придавам големо значење, затоа што ги рефлектираат моите лични ставови и емоции. Понекогаш едноставно уживам во извртена хорор приказна, но исто така е можно да ме вознемират одредени срања што и се случуваат на нашава планета и тоа е добро гориво за пишување изреволтиран текст.

На неодамнешниот винил сплит со Asphyx, на вашата страна се наоѓа обработка на песна од канадските спид металци Sacrifice. Некои останати бендови од вашата генерација кои сеуште ги слушаш и почитуваш?

Да, секако, сеу ште слушам еден куп нешта од старите добри денови; Possessed, Death, Massacre, Venom, Celtic Frost, Dark Angel и уште многу други, кои се сеуште меѓу моите омилени, и бендови кои често ги слушам.

Ти беше идејниот творец зад Hail of Bullets, разорувачка дет метал машина со воена тематика. Започнат како бенд помеѓу пријатели и ентузијасти на старата школа, Hail of Bullets наиде на внимание од доста широка публика. Бидејќи е познато дека текстуалниот концепт за Втората Светска Војна е на Мартин (вокал, дел и од Asphyx и поранешен член на Pestilence и Bolt Thrower), како останатите членови придонесуваат кон музиката?

Да, јас дојдов со идејата за формирање на бендот, но на првиот албум главен придонес има Ed Warby (тапанар на веќе непостоечките Gorefest, заб.) кој воглавно ја имаше идејата за песните. Неколку песни беа напишани и од мене и Пол (Ordered Eastard, The Crucial Offensive, Berlin), но мнозинството дојдоа од умот на Г-дин. Ед. На последниот албум допринесов со 3 траки, имено Tokyo Napalm Holocaust, Kamikaze и On Coral Shores а Пол напиша една или две, додека останатите беа повторно на Ед. За следниот албум, наскоро јас и Пол ќе ги разгледаме идеите, и мислам дека овојпат уште повеќе ќе биде застапен наш материјал.

Со Hail of Bullets имате букирано некои летни фестивали, Пол ќе биде зафатен со Asphyx, дали во меѓувреме постојат некои планови во врска со Thanatos? Како тапанарот Yuri Rinkel се снаоѓа назад во бендот?

Ќе се фокусираме најпрво на новиот албум на Hail of Bullets, но, сепак ќе имаме неколку настапи со Thanatos во втората половина на 2012. Јури е повеќе во својство на привремен тапанар, но, очигледно најдобриот човек за таа позоција во моментов… На крајот на 2012 повторно ќе ги придобиеме сите издавачки и емитувачки права за музиката од предходните изданија , па планираме да реиздадеме некои. По наредниот Hail of Bullets албум, Пол и јас дефинитивно ќе започнеме со работа на нов Thanatos албум кој би требало да биде одговорот на Drakness Descends (албум на Dark Angel, заб.) за 2013 или 2014-та година. Во 2014-та година и официјално ќе бидат одбележани 30 години од работата на бендот така што тој повод сакаме да го дополниме со нов албум, евентуално наш најдобар и најагресивен досега!

Интервјуирал: Бојан(Bananaman)